Отворена изложбата „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

Се чита за 1 мин.

Во Европска куќа“-Скопје/Europe House Skopje, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, синоќа ја отвори изложбата „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата претставува атрактивна и едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, коишто може да се постават во изложбени простори и да се посетат онлајн. Настанот го организираа Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

web iz 6

Изложбата им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и корисничките навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување. Како дел од поставката подготвено е и Упатство за детоксикација од податоци, вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата.

web iz 2

Како надополнување на изложбата ќе бидат организирани и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои ќе бидат опфатени теми поврзани со Упатството за детоксикација. Поставката во Скопје ќе биде достапна за посетителите во следните три месеци, а во текот на 2023 година ќе биде поставена и во просториите на „Европска куќа“/Europe House во Крива Паланка и во Струмица.

web iz 4

Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн.

web iz 7

Отворањето на изложбата беше завршен настан на Деновите на медиумска писменост 2022, во организација на Мрежата за медиумска писменост. На овој начин, нашата земја четврта година по ред се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, оваа година под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“.

Детални информации за тимот и изложбата може да најдете на следниот линк.