Преку координираност и меѓусекторска соработка до зголемување на свесноста за имунизација и справување со дезинформациите

Се чита за 0 мин.

Потребна е стратешка комуникација на здравствените институции со јавноста и новинарите, подобра меѓуинституционална поврзаност и меѓусекторска соработка со цел да се подигне свесноста и информираноста за имунизација и за адресирање на дезинформациите. Неопходно е да се поттикне поголема вклученост на медиумите во едукативни активности за значењето на имунизацијата кај децата и кај општата популација и континуирано да се зајакнуваат капацитетите и информираноста на новинарите и на уредниците од оваа област. Ова се некои од препораките кои произлегоа од дискусијата во рамки на настанот „Справување со дезинформациите околу вакцинацијата – потреби и предизвици“, што го организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а со финансиска поддршка од УСАИД.

Овој настан го означува почетокот на повеќе активности преку кои новинарите и претставниците на здравствените институции и други релевантни чинители треба да ја унапредат комуникацијата и да разменуваат искуства со цел зголемување на свесноста и мотивираноста на граѓаните за потребата од имунизација, како и за справување со дезинформациите од областа на здравството.

Активностите ќе траат до ноември 2022 година и во нив ќе бидат вклучени новинари од најрелевантните медиуми во земјава, како и претставници од Министерството за здравство, Националната комисија за имунизација, Комисијата за заразни болести, педијатри, експерти за вакцини и експерти за медиуми и комуникации.