Над 100 наставници од основните училишта го завршија првиот дел од обуката за медиумска писменост

Се чита за 1 мин.

Повеќе од 100 наставници од основните училишта од целата држава на 12 и 13 мај 2022 учествуваа на првата обука за наставници-обучувачи за медиумска писменост, што ја организираа МИМ и ИРЕКС во соработка со  Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.  

web f2

Обуката за наставници-обучувачи ја водеа 25 предавачи-експерти за медиумска писменост кои работат како наставници, новинари и советници во Бирото за развој на образованието. Учесниците на обуката се запознаа со концептот „Учиме да распознаваме“, со методолошките пристапи и различни содржини поврзани со медиумската писменост, како што се промените во медиумската сфера, дезинформации, проверка на информации, анализа на медиумска содржина, говор на омраза, и конструирање претстави преку медиумите. Вториот дел од обуката ќе се одржи кон крајот на август 2022, при што низ практични активности наставниците ќе добијат конкретни знаења и вештини за имплементирање на медиумската писменост во наставните содржини.

web f8Почнувајќи од наставната 2022/2023 година наставниците-обучувачи ќе имаат можност да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Обуката на наставниците е во насока на тековните планови на БРО, МОН и на Проектот „Младите размислуваат“ со цел воведување на медиумската писменост во наставните програми за основно образование.

web f1

Проектот „Младите размислуваат“ е финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), а го спроведуваат ИРЕКС во соработка со локалните партнери - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).