Соопштение од МИМ по повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите

Се чита за 1 мин.

По повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) упатува честитки до сите медиумски професионалци, кои и во вонредните услови предизвикани од кризата со Ковид-19 продолжија навремено да ги информираат граѓаните.  

Пандемијата покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации, базирани на факти кои се обезбедени од кредибилни извори. Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност.

Од друга страна, кризата уште повеќе  ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот.

За успешно справување со рапидното ширење лаги, манипулаци и говор на омраза, потребен е проактивен ангажман на сите општествени чинители, пред сè на властите и на државните институции, политичките партии, претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор, академската сфера и сите граѓани како корисници на медиумските услуги.

Во исто време, сите мерки и активности што (ќе) се преземаат мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и принципите на слободата на изразувањето како основно човеково право, независноста на медиумите, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на приватноста на граѓаните.

Скопје, 3 мај, 2020