Partnership Md 003

Завршува проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите”

Се чита за 1 мин.

Проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите” завршува по четири години напорна, но многу значајна работа од страна на нашите партнери во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија, Бугарија и Романија. Проектот обедини многу новинари, претставници на медиумски центри и институции, синдикати, граѓански организации, академици и креатори на политики, чии заеднички напори беа насочени кон развој на независни и одговорни медиуми на Западен Балкан.

"Тоа беше огромно патување. Ги анализиравме условите во кои работат новинарите и се соочувавме со предизвиците со кои и тие се соочуваат насекаде низ регионот. Влеговме со позитивна енергија, но ги адресиравме и препреките кои беа повеќе или помалку видливи. Би сакале да можеме да кажеме дека го наоѓаме регионот во подобра состојба отколку пред четири години. Но, тоа не е така. Заканите за слободата и независноста на медиумите се сé посериозни и потребата за добро, одговорно новинарство е поголема од кога и да е. Доброто новинарство не само што има потреба од добри професионалци и работодавци, туку и од добра јавност, образована и подготвена да ја консумира и поддржува вистината и транспарентноста", изјави Јоана Авадани, директорка на Центарот за независно новинарство во Букурешт и раководител на проектот.

Во рамките на проектот, партнерите произведоа две сеопфатни регионални анализи: една за работните односи во медиумите во регионот, а втората со фокус на медиумската писменост и новинарското образование. Анализите беа дискутирани на национално и регионално ниво од страна на стотици новинари и претставници на академската јавност и резултираа со препораки за политики. Партнерите исто така, ја набљудуваа слободата на изразување во регионот и изработија серија студии за теми, како што се говорот на омраза на религиозни основи, дигитализацијата на медиумите или улогата на социјалните медиуми во поставувањето на јавната агенда.

"Проектот може да заврши, но ќе продолжи да дава резултати. Ја подигнавме свеста за помалку адресирани прашања, ги зголемивме капацитетите за застапување на медиумските организации, инициравме теми на јавните агенди во земјите во кои работевме. Важно е нашата работа да биде продолжена, а сé повеќе засегнати страни да ги здружат напорите во заштитата на слободата на изразување, во сите негови форми ", заклучи Авадани.

Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите беше имплементиран од конзорциум координиран од Центарот за независно новинарство (Романија), составен од: Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар за медиумски развој и развој на граѓанското општество (БиХ), Медиумски иницијативи - Здружение за развој на медиумите и унапредување на професионално новинарство (БиХ), Македонскиот институт за медиуми (Македонија), Медиумски институт Црна Гора (Црна Гора), Фондацијата Медиа центар (Србија), Центарот за медиумски реформи Ниш (Србија) и Центарот за развој на медиуми (Бугарија). Исто така беа вклучени професионалци од медиумите од Косово и од Турција. Повеќе информации за проектот се достапни на: https://seemediapartnership.cji.ro/

Проектот беше кофинансиран од Европската комисија, Програмата за граѓанско општество, Програмата за слобода на медиумите и одговорност, Europe Aid / 134613 / C / ACT / MULTI.