Граѓаните можат да го заштитат јавниот сервис само доколку имаат доверба во него

Се чита за 2 мин.

Неопходно е да се отвори јавна дискусија за темелна реформа на сите аспекти на функционирањето на јавниот сервис Македонска радио-телевизија и за натамошниот развој на Куќата, со цел таа да стане современ европски јавен сервис. Изборот на членови на Програмскиот совет на јавниот сервис треба да се спроведува преку јавен конкурс со цел да се намалат директните политички влијанија, а сите засегнати страни треба да ги разгледаат можностите за евентуално зголемување на бројот на членови на ова тело со цел тоа посоодветно да ги претставува различните сегменти и интереси во македонското општество, потоа за директен влез на членови, за ревидирање на забраната за учество на вработени од јавниот сервис, како и за воведување на т.н. скалест мандат на членовите. МРТ треба да ја унапреди транспарентноста за својата работа и да ги развива каналите и механизмите за комуникација со публиката.

Ова се главните препораките од компаративна анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на Македонија, Хрватска и Словенија, што ја подготви м-р Љиљана Митевска, која беше претставена на јавната дебата „Деполитизација на програмскиот совет на МРТ – предуслов за независност на јавниот сервис”, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На настанот како говорници учествуваа актуелни и поранешни членови на програмските совети на јавните сервиси во Македонија, Словенија и Хрватска.

Снежана Клинчарова, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, истакна дека со укинувањето на радиодифузната такса, што е спротивно на препораките на ЕБУ, ќе се стави во залог независноста на МРТ. Според неа Куќата, со новиот начин на финансирање од 0,5 проценти кои ќе се издвојат од државниот Буџет за 2017 година ќе има помалку средства од 2016 година, што ќе се одрази и на програмскиот квалитет. Дополнително, Клинчарова го истакна проблемот што произлезе од договорот меѓу политичките партии „Пржино 2“, со кој Вториот канал на МТВ треба да се трансформира целосно во програмски сервис на албански јазик, за чие стартување, според изработениот елаборат, се потребни 5 милиони Евра.

За Бранкица Петковиќ, претставничка од Програмскиот совет на РТВ Словенија, „апсолутно неприфатлива е нетранспарентноста“ во работењето на ова тело. „Седниците на Програмскиот совет на РТВ Словенија се најавуваат, а седницата се пренесува јавно. Наша задача е да реагираме доколку нешто не е во ред и доколку биле прекршени етичките стандарди во работењето. Не може да им се испраќа на граѓаните сигнал дека може се' да се емитува, затоа што на тој начин се руши угледот на јавниот сервис, а со тоа и довербата во него,“ истакна Петковиќ. Според неа, многу е важно претседателот на ова тело да биде личност со интегритет, високи етички и морални вредности и висок интелектуален потенцијал.

Според искуството и во Словенија и во Хрватска, укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на јавниот сервис од државниот Буџет не е добро решение. „Доколку е нужно, ова може да биде привремено, се додека не се најде стабилно и трајно решение. И Словенија и Хрватска сведочат дека 90% од граѓаните плаќаат такса. Плаќањето радиодифузна такса е исто како да плаќаш придонеси за образование или за здравство, така плаќаш и за заштита на новинарите во јавниот сервис. РТВ Словенија има своја служба за собирање на таксата. Но, јавниот сервис не смее да шири ‘отров’“, предупредува Петковиќ.

Учесничката од Хрватска, Мирјана Ракиќ, која е поранешна претседателка на тамошното регулаторно тело, како и поранешна директорка и уредничка на ХРТ смета дека „треба да се воспостави врска меѓу граѓаните и јавниот сервис“, за тие да го чувствуваат како свој, да имаат доверба во него и на тој начин ќе можат да го заштитат. Таа информира дека Програмскиот совет на ХРТ нема влијание врз програмата, туку може само да дебатира, а омбудсманот има само советодавна улога. И Петковиќ и Ракиќ се согласија дека решението - генералниот директор да го избира Собранието, како што е случајот во Хрватска - не е добар модел што соодветствува со европските стандарди.

Анализата и дебатата се дел од проектот #РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана, а го финансира Европската Унија.

Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука.

pdfАнализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на МК, ХРВ и СЛО2.31 MB