Едукација

Clen 14 Cover

Новинарството во политичко - партиска недистанца

Појавата на голем број медиуми кои се поврзани со политички субјекти ја потврдува тезата дека тие, првенствено, се средство за постигнување политички цели и артикулирање политички интереси. Кај комерцијални телевизии и голем број портали постои извесна тивка, а во дел и јавна благонаклонетост кон одредени политички опции. Преку својата работа, СЕММ се залага за заштита на независноста на медиумите, истовремено потсетувајќи ги на големата одговорност што ја имаат во заштитата и исполнувањето на јавниот интерес. Што пропишува Кодексот на новинарите? Саморегулаторен акт во земјата е Кодексот на Здружението на новинарите. Во него, во делот за Принципите на однесување, се истакнува:  „Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите. Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“.   Сега, кога се наоѓаме во изборен период, мошне е важно да се знае како треба медиумот да се постави во однос на политиката и влијанието на политичките партии. Во членот 14 на Кодексот се вели: „Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.   Во Прирачникот за етика во новинарството се нагласува дека медиумите имаат обврска критички да ги следат политичките процеси, што самото по себе подразбира дека тие мора да постават граница или дистанца во комуникацијата со политичките субјекти и да оневозможат какво било нивно влијание. Исто така, се нагласува и дека постои суштинска разлика и неспоивост меѓу новинарската професија и политичката пропаганда и, во таа смисла, новинарите се обврзани да прават јасна разлика меѓу новинарското известување и политичката пропаганда и односи со јавноста на политичките партии. Во завршните одредби на Кодексот на Здружението на новинарите се истакнува и дека: „...новинарите ќе го прифатат судот во однос на професијата само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание“.  Но, во практиката вестите на одредени медиуми често, од содржински аспект, личат едни на други. Пропагандистички текстови, со слична содржина, можат да се следат во многу портали, кои ја поддржуваат власта или, пак, опозицијата. Одлуки на Комисијата за жалби Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите често решавала за предмети во кои се констатира дека е прекршен Кодексот на новинарите, по основа на политичка неизбалансираност. До Комисијата стигнале голем број на жалби на граѓани или политичари кои се жалат на медиуми што известувале еднострано или, пак, неосновано навредувале или обвинувале политичари или новинари. Во периодот од 2014 до 2017, статистичкиот преглед на Советот за етика во медиумите  покажува дека од 175 донесени одлуки 32 се однесуваат на прекршувањето на членот 14, односно за пристрасно и неизбалансирано известување за политичките и изборните процеси. Најчести подносители на жалби се политичките партии или политичари, односно носители на јавни функции. Најчести прекршители во медиумската сфера се онлајн-медиумите, потоа следуваат телевизиите и весниците. Статистичките прегледи за 2018 и за 2019 година потврдуваат дека не е усвоена жалба во која некоја странка се жали по основ на политичка неизбалансираност и како резултат на ова констатирано е дека медиумите во земјата во овој двегодишен период не го прекршиле членот 14. Ова се должи и на фактот дека Комисијата во неколку наврати расправала за овој член и заклучила дека членот се однесува конкретно на политичка неутралност (со посебно нагласување во предизборниот период и денот на изборите) и прекршувањата во одредени медиумски текстови ги констатирала по основ на други членови. Освен тоа станува збор и за период во кој немало избори, кога се случуваат најмногу нарушувања на членот 14. Комисијата за жалби при СЕММ кога постоела фактичка состојба донела и одлуки за прекршување на членот 14. Во 2020 е забележано дека овој член е прекршен од страна на одредени медиуми кои пишувале дека две министерства за четири дена среде криза (пандемијата на вирусот Ковид 19) потрошиле 2,5 милиони денари за патување во странство. Комисијата во оспорениот текст препозна елементи со политичка заднина, кои се косат со начелата од членот 14 од Кодексот на новинарите. Ваквото прекршување е забележително во следните неколку реченици од текстот: „Според листата институциите потрошиле 50.053 евра во период кога лидерот на партијата на власт, Зоран Заев предлага кратење на платите на администрацијата поради кризата во која се наоѓа земјата со корона вирусот... Повторно на врвот е Министерството предводено од Димитров – 1.100.058 денари, а потоа Одбрана на Шекеринска со 361.183 денари. За ова вечерва во своето гостување во МТВ зборуваше и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.“ Решенија за надминување на политичката контрола врз медиумите За жал, не само комерцијалните медиуми (традиционални или нови/ онлајн), туку и јавниот радиодифузен сервис често не ги почитува професионалните стандарди, кои пропишуваат дека професионалното новинарство мора критички да ги следи политиките на власта и да обезбеди рамнотежа во известувањето за различните политички актери и групации. Декларативно имавме заложби од власта дека приоритет ќе ѝ бидат реформите во медиумите (укинувањето на радиодифузната такса, иако има дилеми за таквиот чекор, укинувањето на владините реклами, кои ги „корумпираа“ дел од медиумите, новите законски решенија за реформи во јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за медиуми), со тоа што формално - правно се обезбедува транспарентен процес за избор на новите членови на Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата на медиуми како регулаторно тело. Покрај дијалогот со медиумите и граѓанскиот сектор, покрај фактот што се земени предвид барањата на ЗНМ и медиумската заедница, сведоци сме дека реформите тешко се реализираа во мандатот на владината коалиција (2017 - 2020). Се уште имаме јавен сервис кој функционира како државен медиум, кој многу малку е отворен форум за различни општествени групации и кој се задоволува со површно известување, редовно пренесувајќи го дневниот развој на настаните. Имено, јавниот сервис како врвен приоритет треба да го има јавниот интерес, а не да биде само трансмитер, односно продолжена рака на политиката. Темите и актерите кои се дел од информативните изданија покажуваат дека доминира политиката и политичарите, а во доволен процент се застапени изјави и протоколарни билатерални средби, во кои има сувопарен дипломатски речник, наместо истиот информативен простор да се надополни со третирање на теми од јавен интерес. Без разлика што власта се смени, медиумите не успеваа да стануваат портпароли на јавноста или самите да покренуваат јавни прашања, туку продолжуваат да бидат ако не директни гласноговорници на власта, на политиката сигурно. Секако, ова се должи на фактот што политичкиот систем сè уште е надреден над медиумскиот, а авторитетите имаат големо влијание врз уредувачката политика на телевизиите. Затоа во Прирачникот за новинарство од јавен интерес, чиј издавач е Високата школа за новинарство и односи со јавноста и Институтот за комуникациски студиии се истакнува „Неретко, разни субјекти во општеството, државните институции и политичките партии им забележуваат на медиумите објавување, односно необјавување на некоја информација. Притоа се истакнува дека, „медиумите останале неми“ за некој настан или акција. Забораваат дека медиумите не се ниту гласило на државните институции, ниту портпароли на партиите. Улогата на медиумите не е да информираат за сето она за што некој проценил дека би требало да се информира. Улогата на медиумите е да ја информираат јавноста за прашања од јавен интерес, за она што е од интерес и што влијае врз животот на повеќето граѓани. За да му служат на единствениот етички прифатлив господар – јавниот интерес, медиумите мора да се занимаваат со сите важни прашања во општеството и да отворат простор за различни коментари и мислења на публиката“. Што може да биде гарант за уредувачката независност на медиумите, односно таа да биде на повисоко професионално ниво? Секако дека во оваа насока голем придонес може да даде саморегулацијата. Таа има за цел да ги поставува и да ги брани принципите на етичкото, точното, објективното новинарство кое ги почитува човековите права, при што целосно се запазува слободата на уредувачката политика што и како ќе биде презентирано од страна на медиумот. Одговорното и етичко новинарство никогаш не е резултат само на законски решенија и државни прописи, туку на доброволно почитување на кодексот, кој е создаден од самата медиумска заедница. Само целосно слободни медиуми можат да бидат целосно одговорни и политички неутрални. Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Coveri Sm

Социјалните мрежи извори на вести, но и на неетичност

Социјалните мрежи полека го заземаат медиумскиот простор. Младите сè повеќе се информираат од нив. Ширењето на вести од овие мрежи ја шири и неетичноста. Многу медиуми „препишуваат“ од нив. Сè и сешто. И квалитет и ѓубре. Земјите преземаат напори медиумски да го описменат населението. Но, губат здив зашто не можат да го добијат натпреварот со непрофесионализмот што извира од социјалните мрежи. Една анкета на Институтот за дигитални студии на Ројтерс, направена да се види како се известува на социјалните мрежи за коронавирусот, покажува дека користењето на Инстаграм за вести е двојно поголемо во споредба со 2018 година. Се очекува наскоро да го надмине Твитер. Според анкетата, овој тренд е најприсутен кај младите. Се наведува дека речиси четвртина Британци меѓу 18 и 24 години го користат Инстаграм како извор за вести за коронавирусот. Но, истовремено, како извор на информации на социјалните мрежи најмалку им се верува. Им веруваат околу 26 проценти од испитаниците. За разлика од нив, околу 59 проценти од испитаниците им веруваат на националните влади и на „старите“ медиуми кога станува збор за вести за коронавирусот. Во САД се отвори „војна“ меѓу претседателот Доналд Трамп и сооцијалните мрежи, кои ги „цензурираат“ неговите пораки, поради постоење говор на омраза, дискриминација и др. Преземањето на пораките на Трамп од медиуми, без критички приод кон нив, веќе зборува за нарушување на етички стандарди. Социјалните мрежи на тој начин стануваат уредници, што значи и за нив можеби ќе важат истите правила на однесување кон содржините, како и за традиционалните медиуми. Но, тоа е посебна тема.И медиумите кај нас не се имуни на преземањето на информации од социјалните мрежи. Но, притоа се прават по неколку прекршувања на Кодексот на новинарите. Самото преземање содржини од социјалните мрежи не се третира во Кодексот. Понекогаш се санкционира како плагијат. Но, многу повеќе се санкционираат случаите на ширење невистини, коментирање на таквите содржини, дискриминацијата и говорот на омраза, нарушување на приватноста...Вести поврзани директно или индиректно со коронавирусот кај нас се преземаат без око да му трепне на медиумот. Комисијата доби претставка за текст без автор чија содржина се базира единствено на документ/инфографик, наводно објавен на социјалните мрежи, а кој го прикажува процентот на граѓани според етничката припадност кои добиле владини ваучери за помош поради коронавирусот. Текстот е од јавен интерес, но не и на начинот на кој е обработена информацијата. Со оглед дека социјалните мрежи се чест извор на лажни и непроверени вести, авторот на текстот морал да ја провери веродостојноста на инфографикот од „релевантен извор“, во случајов, од Владата. Ова уште повеќе што во самата содржина се наведува дека документот потекнува од владината електронска дата база, но без да се обезбеди каква било официјална потврда за тоа. Комисијата утврди нарушување на два члена (1 и 10) од Кодексот. Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, во отсуство на официјална потврда на информацијата, авторот морал да изрази резерва, воздржаност и сомнеж кон изворот на документот. „Близу две третини или 64% од добитниците на владините ваучери за помош поради коронавирусот се етнички Албанци, ова го покажува докуменот кој се појави на социјалните мрежи, а потекнува од владината електронска дата база“, вели непознатиот автор. А, потоа тврди: „Според изворот на инфографиката, со овој план се прави обид за изборен поткуп преку идентификација на гласачи кои за возврат за добиен ваучер ќе го дадат својот глас за СДСМ“. На една телевизија имаше издание на емисија посветено на модата. Водителот јавно го коментираше изгледот и начинот на облекување на повеќе девојки, вклучувајќи и некои кои поднесоа жалби до Комисијата за жалби при СЕММ. Авторот на емисијата користеше фотографии преземени од нивните профили на Фејсбук или Инстаграм, а потоа коментира, честопати со потсмев. Медиумот ги отфрли сите наводи на жалителките, вклучително и за нарушување на приватноста. Велат дека фотографиите, кои се предмет на коментар на водителот, се преземени од Инстаграм и оти правилата на социјалните мрежи налагале дека, со објавувањето на приватните фотографии, жалителката прифатила тие да станат јавна информација која може секој да ја види. Во еден одговор се вели: „Со тоа, жалителката потврдила дека разбира и се согласува дека (Фејсбук и Инстаграм) се платформи за објавување на содржини, вклучувајќи фотографии, коментари и други материјали, кои јавно ги споделуваат овие содржини и дека другите корисници можат да бараат, да гледаат, да користат или да споделат некоја од нејзините кориснички содржини“, појаснуваа од телевизијата. Комисијата констатира дека авторот воопшто не добил дозвола за објавување на фотографиите од засегнатите страни, ниту, пак, ги контактирал да побара дозвола, што била негова професионална должност. Комисијата најде дека со таквата постапка е нарушен Законот за заштита на личните податоци, во кој се вели дека обработката на личните податоци може да се врши по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци. А, и фотографиите се сметаат за личен податок. Комисијата, воедно, утврди и дека личниот живот на жалителките, кои не се ниту избрани, ниту именувани функционери, ниту политички личности, не може да се смета за јавен интерес за да преовладува над приватниот интерес, кој е заштитен со чл.4-а од истиот Закон. Оттука, беше донесена одлука за нарушување на неколку членови (7 и 16) на Кодексот на новинарите. Може ли во информација од две реченици да се наруши Кодексот? Кога се преземаат информации од социјалните мрежи сè е можно. До Комисијата за жалби беше доставена претставка за неточна информација, непроверена и фалсификувани документи. Како и кај многу други преземања на информации од социјалните мрежи, и овде текстот е без автор. Медиумот-портал текстот го базира единствено на објава на корисник на социјалната мрежа Твитер, кој објавил документи од набавка, кои наводно потврдуваат дека државен секретар на МВР нарачал два мобилни телефона „Ајфон“. Несомнено е дека јавните функционери треба да подлежат под силен јавен надзор и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста има право да биде информирана. Затоа, текстот произлегува од јавниот интерес, но не на начинот на кој е обработена информацијата. Новинарскиот производ е едностран, зашто авторот воопшто не се потрудил да обезбеди целосно објективна и проверена информација и да ги согледа сите значајни аспекти на темата за која се говори. Во содржината е изоставено основното новинарско правило да се побара став од засегнатите страни. Згора на тоа, објавата во социјалните мрежи се користи и за политичка пресметка. Тоа е видно од цитатот: „Откако во провладините медиуми беше објавена лажна вест дека министерот за внатрешни работи набавил „Ајфон“ мобилни телефони, што излезе дека е целосна дезинформација за политички цели, на социјалните мрежи излезе дека такви набавки прави кадар на СДСМ и на техничкиот премиер“ Комисијата и овде утврди нарушувања на Кодексот (член1). Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
Clen 10 2 Cover

Говор на омраза - да се известува или не?

После инцидентот на Скопското кале кој се случи на 13 февруари 2011 година Комитетот за односи меѓу заедниците одржа седница на која дел од пратениците ги обвинија медиумите дека тие, со нивниот начин на известување, придонеле да се случи овој немил настан. Реакцијата на дел од моите колеги новинари со кои ја следев седницата беше дека политичарите давале провокативни изјави, а тие само известувале за нив. Во овој случај и двете страни беа во право. Политичарите понекогаш користат говор на омраза, а новинарите не мора секогаш да ги пренесуваат ваквите изјави, затоа што, во тој случај, придонесуваат ваквите пораки да добијат поширока публика. Во сензитивни периоди медиумите можат да одлучат и да не пренесуваат изјави кои содржат говор на омраза. Сепак, тоа не треба да биде правило бидејќи би било протолкувано дека медиумите ги прикриваат информациите од јавноста. Затоа е најдобро новинарите да научат како се известува за појави поврзани со говор на омраза. Тест од пет точки Мрежата на етички новинари предлага тест од 5 точки при покривање на настани поврзани со говор на омраза: Ако говорникот не е јавна личност, можеби е најдобро да се игнорира. Ако говорникот често го користи говорот на омраза треба да се запрашаме дали тоа е вест. Која е целта на говорникот кој користи говор на омраза, кои се неговите жртви и какви последици ќе имаат од ваквиот говор? Медиумот треба да внимава дали конкретниот  говор би можел да предизвика насилство и дали со пренесувањето на ваков говор би имал правни последици. Треба да се внимава на социјалната, економската и политичката клима во која се дадени тие изјави. За време на избори говорите можат да бидат многу провокативни. Медиумот треба да одлучи дали ќе ги цитира или ќе ги парафразира овие говори. Член 10  од Кодексот на новинарите на Македонија пропишува дека новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа. Медиумите треба да го осудат говорот на омраза Текст на еден портал содржеше сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите во Македонија ја разгледа претставката во врска со овој текст и утврди дека е прекршен член 10 од Кодексот на новинарите. Комисијата констатира дека во текстот не се дава експлицитна поддршка на една навивачка група и на нивниот говор на омраза, но сепак медиумот  на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Според Комисијата, пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање. И новинарите жртви на говор на омраза Последна жртва на говор на омраза беше една наша колешка која беше нападната од интернет портал. Комисијата за жалби по добиената претставка одлучи дека се прекршени повеќе членови, меѓу кои и член 10. Комисијата констатираше дека и во двата текста објавени од страна на порталот има говор на омраза и дискриминација по полова основа и по изглед. Како да се препознае говорот на омраза? Hе постои единствена и конечна дефиниција за тоа што е говор на омраза. Во Препораката (бр. R /97/ 20) на Советот на Европа за „говор на омраза“ се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло. Европскиот суд за човекови права во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор кој ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција.“ Автор: Ердем Ахмет, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen1 Cover

Дел од медиумите ги уриваат темелите на новинарската професија

Џозеф Пулицер, врвен американски новинар, на неговиот тим му наложил едноставно правило, кое е едно од основите во новинарската професија: точност, Според Етичкиот кодекс на новинарите, „основна задача на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана“. Иако треба да се избегнуваат неосновани искази или шпекулации, за жал, дел од медиумите, особено во онлајн-сферата, се потпираат токму на шпекулации, озборувања, полуинформации од типот „во чаршијата се зборува“, неосновани претпоставки, произволни предвидувања итн. Во членот 1 од Кодексот на новинарите се нагласува дека потребата да се известува во кус временски период не смее да ги загрози точноста, кредибилитетот и професионалноста на текстот/ прилогот. Интерпретирањето на членот 1 од Кодексот е базирано врз Прирачникот за етика во новинарството. Една статистика, илјада зборови! Од 404 одлуки на Комисијата за жалби при Советот за етика, врз основа на жалби поднесени од граѓани и правни субјекти од 2014 година, откога постои  Советот за етика во медиумите, дури 267 (66 %) се однесуваат на неточно или невистинито известување. Анализата на случаите што биле предмет на разгледување покажува дека во поголем број текстови „втората страна“ речиси и да ја нема. Според статистичкиот преглед на Советот за етика на медиумите за 2014- 2017 година, од 175 одлуки од 214 жалби, 138 (45 %) се однесуваат на неточни и нeпроверени информации, немање „втора страна“ и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Најчести прекршители се интернет порталите и тоа 79 %, телевизиите 12.6 %, весниците 8 % и новинските агенции 0.5 %. Според статистичкиот преглед за 2018 година од 68 одлуки од 86 жалби, 23 (60.5 %) се однесуваат на членот 1. 52 (76.5 %) се однесуваат на портали, 12 (17.6 %) на телевизии, 3 (4.4 %) на весници и само 1 односно 1.5 % на новински агенции. Според статистичкиот преглед за 2019 година, од 77 донесени одлуки од 83 жалби, 41 (68 %) се однесуваат на членот 1. Трендот е ист,  бидејќи поголеми прекршители се порталите, и тоа во 69 одлуки (83.1 %), а 13 (15.7 %) се однесуваат на телевизиите и 1 (1.2 %) на весниците. Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 36 се за интернет-портали кои го прекршиле членот 1. Овие податоци се должат на фактот дека голем број портали го злоупотребуваат јавниот простор и тоа го покриваат со фактот дека онлајн медиумите не се регулирани (со законот за медиуми).   Но, ако некоја сфера не е регулирана со конкретен закон, не значи дека има неограничена слобода, односно дека слободата на изразувањето е апсолутна, бидејќи слободата треба да се балансира со одговорноста. Таа може да биде ограничена кога некој ќе ја злоупотреби за да ги повреди правата на другите во општеството или ќе загрози некои утврдени легитимни цели од јавен интерес Додека еден добар дел од расположливите информации им помагаат на луѓето да ги прошируваат своите хоризонти на информираност и знаења, голем дел од новинарите, што работат во домашните медиуми, пласираат неточни информации, конструкции, па дури и лаги со цел да ја манипулираат јавноста заради политички и други интереси. „Втора страна“ - што беше тоа? Општ заклучок е дека опаѓањето на квалитетот на медиумското известување се должи пред сè на необезбедувањето на втората страна. Тоа е причина и за неизбалансираност. Во текст објавен во слична или иста форма од повеќе портали Комисијата за жалби констатира дека медиумот го прекршил членот 1. Имено, во жалбата против порталите се наведуваше дека еден аналитичар од Бугарија од сферата на антикорупцијата, бил ставен во понижувачка позиција пред македонската публика. На настан во Скопје, како учесник на  конференција за антикорупција, бил прашан за спорот за македонскиот јазик со Бугарската академија на науките и уметностите, иако тој не се занимава со историја, ниту со лингвистика. Фактот дека работи во институт при БАН не го обврзува по ниту еден основ да даде изјава, ниту пак му дава право на новинарот да очекува изјава на тема што не е дел од неговата работа. Медиумите не одговорија на наводите на жалбата. Комисијата одлучи дека е направен пропуст, бидејќи е побаран став од лице, кое не е ниту надлежно, ниту релевантно да зборува за теми од сферата на лингвистиката. Ова уште повеќе што авторот на прилогот упорно истакнува дека аналитичарот имал обврска, но одбил да даде мислење во однос на ставот на БАН за македонскиот јазик. Земањето на информации од социјалните мрежи со себе носи опасност од нарушувања на Кодексот на новинарите. Подносител на жалба појаснува дека негова лична објава на Фејсбук била искористена за спинување на дневно - политички теми и дека била целосно извадена од контекст. Медиумот не се изјасни за наводите во жалбата. Комисијата утврди дека се работи за текст без автор, чија содржина се сведува на статус на корисник на социјалната мрежа Фејсбук, кој споделува свое искуство за наводен проблем при преминувањето на границата меѓу Јордан и Египет. Исто така, Комисијата констатира дека медиумот не се обидел да обезбеди проверена информација, притоа не контактирајќи со ниту една релевантна институција, за да се добие потврда дали информацијата е точна или веродостојна за споделување со јавноста. Порталот не се обидел ниту да го контактира лицето - сопственик на содржината и да ја провери кредибилноста на статусот, како и неговата точност. Оттука и одлуката дека е прекршен членот 1 од Кодексот. Непочитувањето на основното правило да се обезбеди став од институција, во случајот од гимназија, каде наводно се случил инцидент, во кој според медиумот-портал, директорот им оневозможувал на учениците да протестираат против загадувањето на воздухот. И тука е нарушен членот 1. Не само граѓаните, туку и високи државни функционери го почувствувале недостигот на „втора страна“. Еден министер, неколку пати реагираше кон одредени медиуми за прекршување на член 1. За наводите, во дел од медиумите, дека се „уапсени високи полициски службеници од екипата на министерот“ и дека „министерот гласал против одлуката за првомајските празници, а граѓаните ги нарекол агресивни“, не е прашан ниту тој лично, ниту неговиот кабинет. Истата судбина ја има и друг министер. Во дел од медиумите беше пласирано дека „министерот по референдумот за името дал оставка“, но таквиот навод беше заснован само на Фејсбук статус на поранешна министерка, која имала критичен став кон министерот.  Ниту од министерот, ниту од неговиот кабинет не бил побаран став. Подносител на жалба од институција од Охрид, меѓу другото потенцира дека од него, како втора страна, не била побарана изјава или став во врска со еден настан, со што му било скратено човековото и демократско право да се произнесе. Во друг текст, кај истиот портал, објавен во рок од неколку денови, изнесено е тврдење за кое Комисијата се согласи дека медиумот отстапил од основното новинарско правило и не се обидел навремено да добие став од засегнатите страни во новинарскиот производ. Ваквиот однос на медиумот доведува до заклучок дека новинарите во него или не знаат, или, пак, намерно ги нарушуваат професионализмот и етиката. Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen 13 1

Нема факти, нема вести, ама има мислења и коментари

Во Кодексот на новинарите на Македонија ако сите други членови се од по неколку реченици, членот 13 е најкраткиот. Краток и јасен: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“. Мешањето на веста и коментарот е еден од најчестите и најголеми проблеми во новинарството. Исто како неправењето разлика меѓу фактите и мислењето. По својата штетност тоа е блиско со лажењето, премолчувањето, дезинформацијата и манипулацијата. Со нив се нарушуваат сите професионални и етички норми пропишани во новинарските кодекси. Денес, нарушувањето на овој член е доминантно кај онлајн медиумите, или вообичаено кажано, кај порталите. Таму најчесто се вработуваат млади новинари кои понекогаш имаат порив да се зафатат да коментираат без вести и без факти, а тоа како да е добредојдено за уредниците. Па, ја потхрануваат суетата на тие новинари кои на тој начин завршуваат нарачана работа. Затоа таму често има коментари без вести за кои се чини дека се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции. Претпоставка е дека во Македонија најголемиот број новинари се образувани на студии по новинарство. И дека знаат каде завршува веста, а каде почнува коментарот. А, ако не знаат тогаш е професионален дефект. Па, лесно се потпаѓа под влијание на сопственици, уредници, политичари, соговорници. И уште полесно се раѓа пристрасност, едностраност, тенденциозност. Една невладина организација, до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, поднесе претставка за портал во кој бил публикуван текст дека таа организација и една странска амбасада ги „дискриминираат Албанците и албанските медиуми во Македонија“. Жалителот укажа дека се изнесени невистини и неточности. При разгледувањето на жалбата, Комисијата утврди дека порталот пишува:„ Оваа амбасада, која промовира високи вредности на европската демократија не најде за сходно да ги направи проектите што се финансираат за доброто за граѓаните на Македонија, достапни и за публиката, албанскиот читател и гледач“. Потоа, се пишува дека последната кампања на организацијата „е јасен доказ дека се случува крајна дискриминација кон граѓаните Албанци“. Комисијата утврди дека погоре искажаното е дезинформација и манипулирање на политиката. Медиумите и новинарите имаат право на свое мислење, но претпоставките и ставот на авторот треба да ги спречат манипулациите. Новинарите, како и секој поединец, имаат право на мислење. Имаат право да искажат вредносен суд, но не треба да се обидуваат своето мислење да го камуфлираат како факт. Проблемот кај нашите новинари и медиуми, како што покажува искуството од работата на Комисијата за жалби, најчесто е што искажуваат мислења непоткрепени со факти или, пак, се искажуваат туѓи „нарачани“ мислења кои се „продаваат“ како свои, но и тука се повторува грешката – непоткрепеност со факти. До Комисијата за жалби беше поднесена претставка од еден жалител против неколку портали. Се работеше за ист или малку изменет текст објавен во сите нив. Во жалбата се наведуваше дека текстот содржи неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, дискриминација и клевета. Ниту еден од медиумите не одговори на жалбата. Комисијата утврди дека се работи за текст кој пренесува информација од обраќањето на јавна личност од невладина организација на јавната дебата за Законот за јавно обвинителство во Собранието. Начинот на кој е обработен текстот не нуди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која што се говори. Содржината е тенденциозна и со елементи со политичка заднина. Независно што содржината на текстот е преземена од еден портал, па друг од него, па трет од вториот, текстот изобилува со исти коментари во сите портали и исти непоткрепени тврдења, кои во еден дел се базираат и на фотографија. Па, се тврди дека фотографијата покажува како граѓанскиот активист е инструиран од политичарот. Небаре од фотографијата се слуша што разговараат! Комисијата најде дека во текстот е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите. Тоа е особено нагласено во следните реченици: „Омилениот невладино-владин претставник испрати директна закана до македонските пратеници дека доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, тој со неговата „шарена“ тајфа ќе излегле на улица. Она што министерката не можеше да го каже го кажа граѓанскиот активист, па наместо експертско мислење тој ширеше политичка пропаганда на експертската расправа“. Коментарите често пати се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции. Таков беше впечатокот на Комисијата за жалби кога ги виде текстовите  за кои беа поднесени претставки. И тоа две претставки за два медиума, независно еден од друг, а на иста тема. Приватна болница станала цел на отворен напад од министерот за здравство од аспект на валидноста на тестовите што ги прави таа клиничка болница. Членовите на Комисијата во текстовите препознаа извесна тенденциозност во насока да се одбрани нечиј став или интерес. Се работеше за текстови понудени како осврти, ама без автори. Комисијата се согласи дека, и покрај тоа што новинарот има право да отвора дилеми и да изразува сопствени мислења и сомнежи, новинарската форма коментар не смее да биде ослободена од фактичката точност и објективно информирање.  Комисијата утврди дека е нарушен членот 13. Тоа се гледа и од ставот на непознатиот автор: „Дека во овој субјективен напад од страна на министерот врз приватната болница има политика посочува и моделот по кој тоа се случува. Како што секогаш бива, партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат од нивните невладини организации и портали, медиуми, а потоа следува егзекуција од партијата и власта. Така се случува и со приватната болница“. Или пак: „За упатените во бизнисот, нападот врз приватната болница се случува затоа што болницата со резултатите од тестирањата ќе покаже дека тактиката на властите е со мал број на тестирани да се скрие вистинскиот број на заболени или носители на вирусот за да не се создава паника ниту простор за критика на институциите“. Во освртите, колку и да имаат авторите слобода, мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар и мислење, претпоставка или став на авторот за да се избегнат дезинформирање и манипулирање со публиката. Во овој случај со ништо не се поткрепени тврдењата од типот: „субјективен напад“, „партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат...“ Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen7cover Op

Нарушувања на принципот на почитување на приватноста

Судирот меѓу правото на приватност и правото на слобода на изразување и информирање е честа појава. Во такви ситуации секогаш се прави баланс меѓу правото на заштита и приватноста и правото на јавноста да знае. Сепак, доколку надвладее правото на јавноста да биде информирана, односно се утврди висок јавен интерес за прашањето во кое одредена личност е инволвирана, тогаш ограничувањето на правото на приватност треба да биде во разумни рамки и до одреден степен. Затоа нема едно исто решение за секоја ситуација, тука сите случаи мора да се разгледуваат посебно. Ниту правото на приватност, ниту правото на слобода на изразување се апсолутни права. Ограничувањата се ценат во согласност со контекстот, степенот на јавен интерес и субјектот за кого станува збор. Што  вели Кодексот на новинарите? Правото на приватност во медиумите, во рамки на Кодексот на новинарите на Македонија, го разгледуваме низ призмата на јавниот интерес. Член 7 „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Принципот на почитување на приватноста во професионалното новинарско известување, во согласност со Кодексот, опфаќа повеќе потточки. Овој член го посочува правото на јавноста да знае за луѓето кои се избрани да му служат на јавниот интерес, како носители на јавни функции, политичари, итн. Истовремено, посочува да се земат предвид повеќе ситуации во кои новинарите би требало да посветат повеќе внимание при одредување на границата и ограничувањето на правото на приватност. Дополнително, ја истакнува и должноста на новинарите „да ја почитуваат личната болка и жалост“, истакнувајќи ја на тој начин сензитивната природа на информациите кои задираат во приватноста кога се известува во вакви случаи. Па, така „информации за приватниот живот на одредена личност можат да бидат објавени само доколку однесувањето на таа личност во приватниот живот има влијание врз јавниот интерес. Во такви ситуации треба да се провери дали објавувањето на информацијата би можело да загрози некоја друга личност“. Имајќи го предвид интересот на јавноста за јавните личности, честопати се прибегнува кон објавување на информации за нив кои не се релевантни за општата јавност. Овој член ја предвидел и таа ситуација, исклучувајќи ги како оправдани известувањата заради сензационализам, атрактивност, манипулација со емоции, итн. Правото на приватност не е исклучено и да се разгледа делумно преку член 8, во ситуации кога се известува во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки, да се почитува пресумпција на невиност и да не се сугерира пресуда“. Овој член повеќе е во насока на заштита на приватноста преку обработката на податоци за субјектите (имиња, фотографии, фотографии или снимки од настан, снимки од лице место, судски постапки, итн.) кои се дел од новинарските известувања во ситуациите кога се жртви на злосторства, несреќи, сторители, и др. И во двата члена кои го третираат правото на приватност од различен аспект, новинарите се должни да прават баланс. Што вели праксата? Праксата покажува дека медиумите не прават соодветен баланс меѓу правото на приватност и јавниот интерес. Па така, се среќаваат примери кога за неименувано лице, кое не е ниту функционер ниту политичка личност, се објавуваат податоци за неговиот приватен живот, информации од приватниот живот и фотографии кои задираат во личниот живот на субјектот. Во оваа ситуација нема никаков интерес јавноста да ги знае тие информации. При заштитата на поединците се прави разлика меѓу заштитата на „обичниот“ граѓанин и заштитата на јавната личност. Во овој случај, се работи за поединец којшто не е дел од јавниот живот, ниту, пак, има овластувања над заштитени интереси во државата. Во друг случај, пак, иако се работи за позната јавна личност и секоја нејзина постапка беше следена во јавноста со висок интерес, поради функцијата која ја обавуваше, Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите одлучи дека во новинарското известување за погребот на нејзината мајка постои нарушување на член 7. Содржината на прилогот недвосмислено произлегува од јавниот интерес, но токму поради чувствителноста на темата, личната болка и жалост, новинарот мора да внимава на изборот на зборови, наместо да користи јазик кој содржи елементи на сензационализам. Правото на јавноста да знае не може да биде оправдување за потребата од сензација. Во друг случај, пак, правото на приватност беше прекршено не водејќи сметка за правото на презумпција на невиност, односно никој не е виновен доколку не се докаже спротивното. Во овој пример, гаранциите се во насока на балансирање меѓу она што е од јавен интерес (судската постапка, инволвирани правни субјекти, поврзаноста на субјектите итн.), она што може да задира во високи јавни интереси заради заштитени државни интереси и спроведување на правдата, но никако не смее новинарското известување да претполага пресуда пред тоа да биде утврдено со правосилна судска пресуда. Во таа насока, новинарите мора да се залагаат за објавување на помал обем на податоци со кои би дошло до целосно идентификување на жртвите/извршителите и да се пристапи кон минимизација на личните податоци. Освен новинарските текстови, тука се и фотографиите, но и видео снимките. Еден таков случај, лицата за кои веќе во текстот имаше доволно информации за нивната здравствена состојба, беа препознатливи и можеше да се направи физичко идентификување. Анонимизација на видео материјалот е техничка мерка која мора да се направи, во спротивно станува збор за прекршување на правото на заштита на податоци и правото на приватност. Уште еден пример каде правото на приватност е прекршено, е објавата на фотографија, сликана на јавно место, на која физички може да се идентификува одредено лице, но не може да се поврза со насловот („Лето, сонце, забава на плажи“ ), ниту, пак, со содржината на новинарскиот текст. Овде има неколку прекршувања: Преземање на фотографија без согласност од субјектот, кој не е јавна личност, ниту задира во општествениот живот од висок јавен интерес Преземање на податоци, односно реобјава на податоци (фотографија од интернет, од друг портал) без негова/нејзина согласност Неизвршена анонимизација на фотографијата.   Иако се работи за фотографирање на јавно место, сепак можноста да се идентификува за кое лице станува збор и ставањето во одреден контекст и тоа како ја нарушува приватноста и угледот на споменатото лице. Истите стандарди важат дури и кога има ситуации на преземање фотографии од социјалните мрежи. Балансот со јавниот интерес и правото на јавноста да знае и да прима информации не смее да биде злоупотребено во насока на тоа, медиумот да презема и објавува лични фотографии од личен профил на Фејсбук. Правото на приватност некогаш може да биде прекршено и за оние кои не се главна цел на новинарскиот напис, туку се дел од објавената информација (случајно или намерно). Праксата во однос на проценката за прекршување на член 7 покажа дека медиумите ретко, речиси никогаш, не прават проценка на влијание на нарушување на приватноста на останатите кои се дел од текстот, видеото или фотографијата. Овој случај конкретно ја имаше ситуацијата кога е прикажана фотографија со сите вработени на Универзитетот, иако текстот беше насочен само кон носителот на јавната функција, ректорот. Во оваа насока, а и во контекст на горенаведените случаи, мора да се разбере дека правото на приватност е неприкосновено право, уставно загарантирано за секој поединец. Но, иако интересот на поединецот и на јавноста се секогаш во корелација со правото на јавноста да знае и се во постојана конкуренција, сепак новинарот е должен да го почитува правото на приватност на субјектите за кои пишува и за оние кои индиректно би можеле да бидат загрозени. Неспорно и недвојбено, мора да прави проценка на влијанието, тест на штетноста и целите на јавниот интерес, а не да се раководи од тоа што би било интересно за јавноста. Автор: м-р Лилјана Пецова – Илиеска, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen 10 Coveri

Говорот на омразата - јазик на дел од медиумите

Една позната изрека вели: „Нема слобода за непријателите на слободата“. Имајќи предвид дека говорот на омразата е многу штетен, потребата од негово ограничување е оправдана за да се оневозможи злоупотреба на слободата на изразување и повредата на правата на другиот. Во минатите три децении беа забележани голем број примери на невнимателно или намерно известување во кое отсуствува чувствителност за меѓуетничките, меѓукултурните и меѓуверските односи во општеството, бидејќи медиумите можат да бидат канал за ширење говор на омраза и дискриминација. Што пропишува Кодексот на новинарите? Според членот 10 од Кодексот на новинарите, новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа. Во Прирачникот за етика во новинарството се вели, дури, дека новинарите треба да внимаваат кога директниот говор на омраза доаѓа од јавни личности или претставниците на јавни институции и во таквите ситуации треба да го оспорат или да го критикуваат таквиот говор, а не само да го пренесуваат. Медиумите треба да се воздржуваат од објавување каква било форма на говор на омраза, односно новинарите и уредниците не смеат самите да се автори на такви пораки. Тие не смеат ниту да го репродуцираат говорот на омраза, што не значи дека воопшто не треба да известуваат за ситуациите кога ваквиот говор доаѓа од устата на различни општествени актери. Во таквите ситуации е особено важно да го идентификуваат говорот на омраза и да ѝ ги предочат на публиката можните импликации од користењето таков говор. Освен тоа, медиумите имаат одговорност да не објавуваат коментари што ги надминуваат границите на јавната критика и што содржат експлицитни пораки со говор на омраза.  Голем број граѓани и субјекти се жалат на присуството на говор на омраза во медиумските содржини. Најчесто станува збор за говор на омраза врз етничка, верска или политичка основа. Најчесто говор на омраза се користи од онлајн-медиумите и од некои новинари што се и автори на емисии. Според статистичкиот преглед на одлуки на Комисијата за жалби за 2014 - 2017 од 175 одлуки, донесени од 214 примени жалби, 49 (28.8 %) се однесуваат на јазикот на омразата и потикнувањето на насилството или дискриминација врз која било основа. Советот за етика во медиумите подготви статистика за 2018 и 2019 година. Во статистичкиот преглед во 2018 година од 68 одлуки на Комисијата, 9 (23.7) се однесуваат на членот 10. Во статистичкиот преглед за 2019 година, од 83 донесени одлуки, 12 (20 %) се однесуваат на јазикот на омразата и на дискриминацијата. Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 4 се за портали кои го прекршиле членот 10.   Одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ За текстот на еден портал Комисијата за жалби констатираше дека Кодексот на новинарите е прекршен во членот 10. Порталот ја отфрли жалбата како неоснована и сметаше дека во оспорената содржина нема прекршување на новинарските стандарди. Но, Комисијата по разгледување на случајот констатира дека се работи за текст без автор, чија содржина се заснова на објава на навивачка група, поставена на Фејсбук, која содржи сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Понатаму, Комисијата констатира дека пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање. Во одлуката на Комисијата се истакнува дека медиумот не смее да покаже рамнодушност и резерва кон говорот на омразата, зашто таквите содржини можат да се протолкуваат како чин на одобрување и охрабрување. Иако во текстот анонимниот автор директно не зазема страна, ниту дава експлицитна поддршка на навредливите и дискриминаторски пораки на навивачката група, сепак на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Оттука Комисијата за жалби најде дека текстот го прекршил Кодексот. Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар), кој има за цел да штити непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал предизвикува непријателство или омраза кон некого поради неговата етничка припадност. Ставовите на новинарите се важни во обликувањето на јавното мислење поради што јазикот на омразата е неспоив со новинарската етика. Во друг текст, Комисијата констатира дека тој е без автор, а содржината се заснова на тврдење на корисник на социјалната мрежа Фејсбук. Порталот пренесува статус на мајка, чие дете наводно било сведок на тепачка меѓу две групи деца од различна етничка припадност, за време на училишна екскурзија во Сарај. Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Комисијата заклучи декa во текстот е прекршен и член 1. Во последно време, јазикот на омразата е намален, иако сè уште е присутен во дел од медиумите. Во блиското минато, Комисијата со одлука го осуди јазикот на омразата на еден новинар кој истакна: „Ќе им порачам дека оваа финална битка на македонскиот народ со предавниците во своите редови треба да се заврши на начин што треба сите тие предавници, гниди македонски, за жал македонски, да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела силна, армирана, тешка бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, со што  ја надмина црвената линија во говорот на омраза, што е дејство што не смее да се толерира. Затоа многу е битно во неутрализирањето на јазикот на омразата да учествуваат повеќе општествени чинители, а секако дека и во иднина ова ќе биде една од главните заложби на Советот за етика во медиумите. Говорот на омраза може да се потисне само ако повеќе се зборува дека таквиот говор е неприфатлив. Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen3 Cover

Новинарските стандарди под лупа: Тешко е да се признае грешката

„Ние сме комерцијален, а не приватен медиум“. „Одбивам медијација“. Игнорирање на барања за објавување демант и јавно извинување за навреда и клевета. Демант објавен, ама со полемички коментари. Отстранување на текст за „бегање“ од одговорност. Ова се некои ставови и потези на одделни медиуми сè со цел да се избегне признавањето на грешката – нарушување на член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија, кој зборува за правото на одговор. Накусо, членот 3 е принципот кој треба да го почитуваат новинарите. Тој гласи: Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Но, објавувањето демант како да е болка за медиумите. Да, тоа е морална казна за оној медиум што ги нарушил професионалните и етичките норми. Но, од друга страна е и доблест. Признавање дека при обработката на темата се згрешило. Нарушувањето на овој член од Кодексот обично оди заедно со други нарушувања, едно или повеќе.  Барањето за демант најмногу е последица на објавување на неточни информации. Според податоците на СЕММ, објавувањето неточни информации е водечко нарушување на Кодексот на новинарите во 2019 година. Членот 3, според бројот на нарушувањата, е на шесто место.  Освен Кодексот на новинари, со правото на одговор се занимава и Уставот на државата. Во член 16 од Уставот се вели:„Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање“. Оваа материја, правото на одговор, е опфатена и со Законот за медиуми и Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда. Во нив се уредени и правото на барање демант, исправка, извинување... А, медиумите како да забораваат дека онаму каде што има законско регулирање има и казни. Тие се парични, но не се мали. Се бројат во илјадници евра. Доволно дури и за затворање на некој помал медиум. Токму затоа, медиумите треба да водат сметка кога се бара демант или исправка. На тој начин, тие се штитат себеси, но и својот интегритет. Со едноставното признавање дека згрешиле. Практиката на СЕММ покажува дека медиумите водат малку грижа за нивниот интегритет. Па, затоа адвокатите „трчаат“ да ги земат одлуките на Комисијата за жалби и да состават тужби за клевета или навреда против некој медиум. Според Здружението на новинари на Македонија, во земјава се водат триесетина судски постапки против новинари за клевета и навреда. Кога веќе се спомена практиката на Комисијата за жалби при СЕММ, таа е разнородна. Како според барањата за деманти, така и според одговорите на нив. Некои медиуми се лутат, некои се гневни, па ги коментираат демантите, трети, пак, се согласуваат и се помируваат со жалителите, објавувајќи извинување и демант. Една државна институција поднесе жалба за необјавено нејзино реагирање на неточно, според нив, тврдење. Комисијата за жалби побара одговор од телевизијата, како што е предвидено со Правилникот за работа. Националната телевизија против која беше поднесена претставката до Комисијата за жалби ја отфрли жалбата. Од медиумот тврдеа дека оспорената содржина е нивен прилог, но станува збор за пренесен извадок од прес- конференција на една политичка партија, а не за став на телевизијата. Оттука, тие како комерцијална телевизија сметаат дека жалителот сака да им наметне уредувачка политика, користејќи го СЕММ. Според телевизијата „Вакви реакции Советот за етика може да процесуира за Македонската радио и телевизија, која е јавен радиодифузер, а не на приватен медиум“. Очигледно, се заборава дека барањето објавување реакција од институцијата, која се смета за засегната со објавеното на телевизијата е гарантирано и со устав и со закони, независно од видот на медиумот, јавен или комерцијален. Комисијата најде дека, со необјавувањето на писмената реакција од институцијата, телевизијата го прекршила Кодексот на новинарите во членот 3, според кој новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информација Има жалители кои се повикуваат на законите, кога станува збор за објавувањето на демант или извинување. Па, така еден жалител вели: „Во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, упатено е барање за извинување и јавно повлекување на текст. Побарано е извинувањето и повлекувањето да се сторат во рок од 48 часа од моментот на примањето, по што медиумот и сопственикот се известени дека против нив ќе биде поднесена тужба пред надлежниот суд“. Комисијата ја почна постапката и понуди медијација, која беше прифатена од медиумот, но жалителот беше категорично против. На крајот, Комисијата најде дека медиумот, интернет–портал, не го објавил барањето за извинување и јавно повлекување на текстот упатено од жалителот. Наместо тоа, барањето е објавено со полемичен и навредлив коментар, што се коси со членот 3 од Кодексот на новинарите. Еден портал имаше безобразна храброст, па вест стара три години, објавена во друг медиум, ја пласираше како своја и нова. Откако се крена врева во медиумите, порталот целосно го повлече текстот што, недвосмислено, упатува на тоа дека медиумот бил свесен за грешката и свесно се обидел да „побегне“ од одговорност. Членовите на Комисијата за жалби при СЕММ најдоа дека со повлекувањето на содржината медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. Генерално, треба да се избегнува повлекување на еднаш објавениот материјал на интернет, а доколку тој се измени или тргне тоа мора да биде јасно назначено. Но, безобразието беше мултиплицирано. Многу други портали ја објавија истата вест. Жалител поднесе претставка до Комисијата за жалби со образложение дека медиумот, портал, објавил невистини, а потоа и неговиот демант, ама со сопствени коментари. Комисијата за жалби констатира дека демантот е објавен, но не на начин како што наметнува новинарската професија. Комисијата заклучи дека објавениот демант изобилува со полемични коментари и повеќе наликува на критички новинарски текст. Па, меѓу другото, во одговорот може да се прочита: „Скандалозен демант...“, „Директорот на... не престанува да изненадува“, „Демантот на... ги потврдува нашите наводи…“, „Повторно не е јасно која лага сме ја изнеле во текстот... за волја на вистината, искуството покажа дека не сме ние тие што изнесуваат невистини“. Очигледно, уредниците во порталот не знаат дека исправка се објавува, без измени и дополнувања, на исто или соодветно место во содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на оној на кој била објавена информацијата. Исправката може да се објави во изменета форма само доколку на тоа се согласи подносителот на барањето на исправката. Исправката мора да биде објавена на начин што од самиот наслов може да се види дека се работи за исправка. Исправка без согласност на подносителот на барањето не смее да се објавува меѓу реакции или писма на читателите, гледачите или слушателите. Конечно, и една жалба повторно за портал, за неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Жалителот, меѓу другото, потенцира и дека се обидел, но не успеал да оствари средба со уредникот на интернет-порталот за да ги надминат недоразбирањата околу спорниот текст. Тој наведува и дека од медиумот побарал и објавување демант, како и јавно извинување за навреда и клевета. Во таа жалба се потврдува дека барањата за демант се поврзани и со други прекршувања на Кодексот на новинарите. Жалителот бараше од Комисијата за жалби при СЕММ да утврди и неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Комисијата, меѓу другото, констатира дека интернет–порталот не го објавил и демантот што до редакцијата го испратил жалителот. Со тоа, медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. При одлучувањето Комисијата го зеде предвид и членот 17 од Законот за медиуми (Право на исправка на објавена информација), во делот во кој се вели: „Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавената информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и другите организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси“. Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Online Sesija Covid19

Повик за новинари за учество во онлајн-сесија за справување со дезинформации во време на пандемијата со „КОВИД-19“

Македонскиот институт за медиуми објавува повик за новинари за учество во 90 минутна онлајн-сесија посветена на справување со дезинформациите во време на пандемијата со „КОВИД-19“, која ќе се одржи на 7 мај (четврток) 2020 година, од 15:00 до 16:30 часот, преку онлајн-сервисот „Jitsi“. Сесијата е одложена за 12 мај (вторник) 2020 година, од 15:00 до 16:30 часот. Сесијата ќе ја води Јарослав Валух од организацијата „Transition Online“ од Прага, кој има долгогодишно искуство во областа на медиумската писменост, активизмот на социјалните медиуми, справувањето со дезинформации и говорот на омраза. За време на сесијата ќе бидат опфатени следните теми: како да се следат, анализираат и разобличуваат дезинформациите поврзани со коронавирусот; алатки и постапки за верификација на информациите; како новинарите може да соработуваат со другите актери – волонтери, студенти и ИТ-заедницата; и како да им се помогне на граѓаните да се снајдат во хаосот од информации во време на криза и која е улогата на медиумската писменост. Последните 20-тина минути од сесијата ќе бидат посветени на прашања и дискусија со учесниците. Сесијата ќе се реализира на англиски јазик со учество на новинари и претставници на медиумски организации од БиХ, Албанија, Србија, Црна Гора и С. Македонија. Сите заинтересирани активни новинари од земјава може да се пријават за учество најдоцна до вторник, 5 мај 2020, преку е-пошта на: slavco@mim.org.mk Учесниците кои ќе се пријават во предвидениот рок ќе добијат пристап за следење на сесијата преку онлајн-сервисот „Jitsi“. Повеќе информации за предавачот Јарослав Валух може да прочитате тука.