Едукација

S T5 3

Проверка на информации и вести

Од оние што се борат против некоја вистина, поопасни се само оние што лажно ја бранат. Во секојдневната комуникација често велиме дека информациите се храна за нашиот ум, или на пример дека „консумираме“ премногу информации и медиумски содржини. Оваа метафора на информациите како храна можеме малку да ја прошириме и за нивна проверка.  Кога купуваме некој прехранбен производ и сакаме да го провериме, кои можности ни се на располагање? Често во маркетите можеме да ја видиме глетката како купувачите ги потфаќаат артиклите во рака, ќе се загледаат во нив, ќе ги превртат неколкупати и потоа ќе ги стават во својата корпа или ќе ги вратат назад на полица. Од ваквите навики за внимателност што купуваме, можеме нешто да научиме и да примениме и за информациите. БРЕНД? Кај храната првин проверуваме кој е производителот, односно кој е „брендот“. Какво е нашето искуство со овој производител, дали му веруваме, дали некогаш сме имале негативно искуство со него? Овој начин на проверка можеме да го примениме и со информациите и вестите. Дали медиумот, или брендот, е некој кому му веруваме? Дали работел професионално, дали ги почитувал етичките стандарди, дали фаворизирал некоја страна, дали користел манипулации во информирањето? Пред да ја вложиме својата доверба во некој медиум, треба да бидеме сигурни дека таа е заслужена токму низ овие принципи за професионално и етичко работење. За да медиумот ја заслужи нашата доверба, не е доволно само да ни се допаѓа тоа што тој го објавува, туку и да води сметка за јавниот интерес и да ја почитува својата публика така што нема да ја подложува на манипулации.  Ако станува збор за нам непознат медиум, треба да провериме дали тој има информации за контакт, сопствеништво, уредници, редакција и сл. АВТОРСТВО? Покрај брендот, за медиумскиот производ многу е важно дали е наведен автор. Една од првите проверки што треба да ја направиме е да видиме дали написот, прилогот или објавата се потпишани. Во изразено голем број на објавите на медиумите од Македонија, може да се забележи дека нема автор, дури ни на значителен дел од веб-објавите на националните медиуми што имаат редакции и уредници. Наведувањето на авторството е уште поретко кај онлајн медиумите, кај кои често отсуствуваат и основни информации од импресумот. Колку и да ни се допаѓаат содржините од вакви медиуми, едноставно треба да се запрашаме зошто не се објавува и авторството?  Отсуството на авторството во објавите на домашните медиуми може да се толкува и како одбегнување одговорност за тоа што е напишано. Понекогаш „срамежливо“ се наведуваат иницијали, или, на пример, во потпис стои редакција и слично. Непотпишувањето на медиумските содржини е сериозен недостаток, на кој не треба тукутака да му се прогледува низ прсти. Ако тој што го напишал текстот не сака да преземе одговорност за него, дали ова навистина ја заслужува вашата доверба? Размислете внимателно колку вреди да се верува на некоја вест за која авторот не сака ниту да се потпише.  НАСЛОВ? Насловот е клучен дел на секоја вест, кој може да пресуди дали ќе ја прочитате или не веста. Во изобилството од вести и информации, насловот е вашиот прв контакт со медиумските објави. Утврдете дали насловот користи таблоидни техники за привлекување внимание (Неверојатно! Нема да ви се верува! Скандалозно! Невидено! Нема да зажалите ако ова го прочитате!). Ако насловите се предолги, веројатно во остатокот на текстот нема да најдете важна дополнителна информација, затоа што насловот е, всушност, веста. Споредете дали насловот соодветствува и одговара на содржината. Манипулативните наслови се мошне честа појава во домашните медиуми. ИЗВОРИ? Една од главните причини е што многу често во овие објави без автори речиси и да нема вистинско авторство, но ни новинарство, за жал. Голем дел од содржините се пренесени од други извори на информации и се објавуваат како копирана содржина. Некогаш тие извори се прес-агенции, странски медиуми, соопштенија за јавноста или, пак, содржини од социјалните мрежи. Медиумите и новинарите добиваат готови содржини од политичките партии или од маркетинг агенциите, кои преферираат нивните содржини да се пренесат без дополнителни измени. Новинарскиот удел често се сведува само на фрази какви што се: се наведува во, како што објавува, стои во соопштението и сл. Во овие случаи на голо трансмисиско новинарство, каде што медиумот само ја пренесува, но не ја обработува информацијата, потпишувањето на авторството ја губи смислата поради ваквата автоматска редистрибуција на информации.  Во делот на изворите многу е важно да увидиме каков тип извори се користат. Дали се наведени извори од различни засегнати страни, дали изворите на информации се компетентни и кредибилни, дали недостасува некој важен извор, дали информациите од изворите се квалитетно пренесени и контекстуализирани и така натаму. Ако станува збор за онлајн содржина што има линкови, проверете ги и линковите, тие можат да индицираат за каков тип вест се работи. Како во изреката „Со кого си, таков си“, за манипулативните намери на вестите понекогаш можеме да дознаеме и од тоа какви линкови користат новинарите и медиумите. www.freepik.com ВРЕМЕ И ДАТУМ? За артиклот што го купувате, многу важен е датумот на производство. Заедно со информацијата за рокот на употреба, тој ни кажува за безбедноста да се консумира производот. За информациите, исто така, важно е да знаеме кога се објавени за да можеме да ги разбереме во својот вистински смисловен и хронолошки контекст. Дополнително, со автоматизираната дистрибуција на вестите преку социјалните мрежи и агрегаторите на вести, на пример, може да се случи постари вести да бидат преобјавени помеѓу нови вести и со тоа да се внесе конфузија кај читателите дали нешто повторно се случило. Во трката што побргу да се објават информации за некоја тема или настан, не се води доволно грижа за проверка на информациите и се избегнува да се наведе времето на објава кога првичните информации се надополнети. За разлика од содржините во традиционалните медиуми, кои се временски фиксни во однос на тоа кога се објавени, новите дигитални медиуми оперираат со поинаков формат на т.н. хипертекст, кој може постојано да се менува и да се надополнува. Информацијата дека текстот е изменет, надополнет или можеби коригиран, е суштински важна. МИРИС И БОЈА? Пред да купиме некој производ, особено на пазар, поискусните домаќини и домаќинки го подложуваат производот на тест со мирисање. И вестите можат да имаат свој мирис. Понекогаш нешто при првиот контакт со веста ни делува чудно, сомнително, невообичаено. Оваа првична реакција често се потпира на нашето искуство од читање вести и информации и тоа не треба да го потцениме. Повнимателно проверете ги вестите што чудно ви „мирисаат“ или ви сигнализираат дека нешто не е во ред со нив. Исто така, провери дали веста е обоена, можеби лично, политички, идеолошки, партиски, економски и слично. За да се спротивставиме на обоените вести, понекогаш е потребно и ние да бидеме помалку премачкани со сите бои. НЕ ВЕРУВАЈ ИМ СЛЕПО НИТУ НА СВОИТЕ ОЧИ Реалноста често ја поистоветуваме со она што го гледаме. Дигиталните медиуми имаат различни начини за обработка на фотографии и видеоматеријали, така што она што го гледаме многу лесно може да биде визуелна манипулација. Како што Инстаграм може со своите филтри да ви помогне да изгледате поубаво на вашите фотографии, така и вестите можат лесно да го разубават имиџот на некоја јавна личност, организација или општествена група. Затоа, првин провери и... СПОРЕДИ! Златното правило за вакви пригоди е, што поскандалозно звучи некоја вест, повнимателно провери ја. Еден од наједноставните начини за проверка е да споредиме како одреден настан е покриен во другите објави и медиуми. Дали има факти и информации што се повторуваат и се потврдени од други извори? Дали информациите се потврдени и од официјални извори или институции? Ако одредена навидум скандалозна вест е покриена од еден или само неколку извори, тогаш веројатно станува збор за објава што има некоја прикриена агенда. ПРОБАЈ, ПА СПОДЕЛИ! Пред да споделиш нешто со твоите блиски контакти, првин пробај го. Прочитај ја веста до крај, провери внимателно дали е навистина тоа нешто што сакаш да го споделиш, дали вреди да биде споделено, провери дали според очекуваните реакции на тој со кого го споделуваш е во ред да ја пренесеш веста, процени дали станува збор за нешто корисно, забавно или е можеби нешто што може да ги вознемири другите. Автор: Сеад Џигал   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Hate Sp 1

Употреби на говорот на омраза во медиумите

Во романот „Војна и мир“ за првпат објавен интегрално во 1869 година, Лав Толстој пишува за француската окупација на Русија од 1812 година. Овој историски настан Толстој го пренесува низ раскажувањата на неколку руски благороднички семејства, за тоа како окупацијата на Наполеон била доживеана во Русија. За пишувањето на овој роман, Толстој користел многу историски документи, хроники, сведоштва и други материјали, со намера да внесе во него што е можно повеќе реализам. Но, интересно е што и покрај оваа нагласена тенденција за автентичност и реализам, во „Војна и мир“ нема делови во кои Толстој пишува изразено негативно за окупаторот на неговата земја. Во оваа книга, која долго време служела како основно четиво на голем број читатели за француско-руската војна од 1812 година, не можеме да најдеме ниту говор на омраза кон непријателот, ниту, пак, дехуманизирачки ословувања на непријателот. Толстој учествувал во Кримската војна (1853 – 1856) и окупацијата на Севастопољ (1854 – 1855), така што одблиску можел да ги посведочи сите ужаси на војната и ѕверствата што таа ги предизвикува. Сепак, војната од Толстој направила пацифист, хуманист и духовен анархист, што тој го пресликал во пишувањето за војната од ракурс на своите ликови во потрага за љубов и човечност во околности кога тоа е веројатно и најтешко. За разлика од Толстој, кој не сакал во своите книги да ја овековечува омразата, медиумите денес далеку повеќе се посветени на експлоатацијата на негативните чувства во документирањето на секојдневните настани и конфликти. Во времето на Толстој пишувањето за хуманоста и за љубовта во време на војна продавало огромни тиражи, додека работите сега се прилично поинакви. Денес стравот и омразата се далеку поефикасни средства за продавање тиражи и за висока гледаност. Во медиумите денес доминираат негативните вести, информациите за човечките страдања, а темите за девијантните и социопатските однесувања се редовно присутни во ударните вести. На социјалните мрежи, пак, провокативните пораки и говорот на омраза лесно стануваат вирални објави и широко дисперзирани содржини со висок број реакции, коментари и споделувања. Омразата, за жал, денес е „поисплатлива“ за објавување во медиумите, отколку позитивните теми и вести. Комуникациски функции на говорот на омраза Постојат многу различни и подробни дефиниции за тоа што е говор на омраза и во какви форми тој може да се појави. Во комуникациска смисла, говорот на омраза се користи да го маркира референтот (оној на кого се однесува пораката) или адресатот (оној на кого се упатува пораката) врз кого треба да се насочат искази на омраза и нетрпеливост. Идентификувањето на поединците или групите кон кои се „нормализира“ комуникациско напаѓање е една од примарните функции на говорот на омраза. Откако ќе ги идентификува поединците и групите кон кои тој се насочува, говорот на омраза преку своите различни форми настојува да го конвенционализира односот на омраза, односно да го направи прифатлив за обраќање и однесување за што поголем број луѓе. Најчести начини за да се конвенционализира и широко да се  прифати говорот на омраза се: тврдења дека поединци и групи треба да се исклучат од заедницата на која ѝ припаѓаат (предавници, изроди, платеници, квислинзи и сл.), дека не заслужуваат да бидат третирани како нормални луѓе (идиоти, кретени, малоумни и сл.) или, пак, да се споредат со животни или инсекти (стока, говеда, овци, змии, гниди, штетници и др.). Фото: freepik.com Говорот на омраза има важна улога во дефинирање на т.н. симболички поредок на општеството, односно ги проширува пораките од комуникаторот кон јавноста за тоа кои се големите опасности за заедницата, кој е отворениот или прикриениот непријател на народот/заедницата, кои вредности треба да се бранат и така натаму. По двете фази на идентификација (маркирање) и конвенционализација (ширење) на говорот на омраза, трета фаза е развивање стратегии за операционализација на говорот на омраза, односно утврдување начини како да се употребува говорот на омраза за да тој ги предизвика посакуваните ефекти, какви што се заплашување, подредување, маргинализација, нормализирање на дискриминацијата, сѐ до поттикнување физичко насилство или елиминација. На тој начин се развиваат приспособени и своевидни функционални стилови на говорот на омраза, така што се оформува говор на омраза за јавни протести, говор на омраза на социјални мрежи, говор на омраза во политичката комуникација, колоквијален говор на омраза итн. Зачестеното користење на овие варијации на говорот на омраза, постапно го оформува јазикот на омраза и ја зацврстува културата на омраза во општеството. Степенувања на говорот на омраза Во фазата на операционализација на говорот на омраза постојат различни степени на примена на говорот на омраза во обраќањето и во однесувањето. Ова може да варира од исмевање, до закани со смрт. Во истражувањата често се користи методологијата развиена од Универзитетот Вашингтон, која со одредени приспособувања, дефинира шест нивоа на говорот на омраза: 1. НЕСОГЛАСУВАЊЕ, односно изразување на спротивставување, одрекување, порекнување, револт и слично. 2. НЕГАТИВНО КАРАКТЕРИЗИРАЊЕ, или именување негативни одлики и карактеристики, потсмевање, потценување, етикетирање и стигматизација (жигосување). 3. НЕНАСИЛНИ НАПАДИ, односно вербално напаѓање, навреди, пцости, плукање, заканување и сл. 4. ДЕМОНИЗИРАЊЕ И ДЕХУМАНИЗИРАЊЕ, или карактеризација на поединци и групи како дијаболични, опасни, штетни субјекти, кои не заслужуваат да се третираат како луѓе и кон кои можеме да се обраќаме и да се однесуваме како кон ентитети што се подолу од луѓето. 5. ПОВИЦИ ЗА ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО, т.е. директно вербално повикување на насилно однесување, напади, пресметки, претепување и други форми на физичко насилство. 6. ПОВИЦИ ЗА ФИЗИЧКА ЕЛИМИНАЦИЈА, како врвна форма на говорот на омраза што директно повикува на убивање или елиминирање на оној на кој се однесува омразата. Помеѓу овие шест нивоа на говорот на омраза, понекогаш, во зависност од културните специфики и околности, можат да се појават преодни форми или „латентни форми на говор на омраза“, кои лесно можат да преминат во некој од веќе наведените шест типа. На пример, во комуникацијата често да се користат негативни стереотипи, кои можат да послужат да се оформи изразен говор на омраза преку нивно преобликување и надградување со наративи на омраза. Од многубројните примери можат да се наведат стереотипите за „скржавиот Евреин“ што нацистите го користеле во медиумите во предвоениот период, или, пак, стереотипите за одредени етнички групи на Балканот како примитивни и нецивилизирани, кои потоа беа трансформирани во дехуманизирачки говор на омраза. Според истражувањето за говорот на омраза на Западниот Балкан во 2021 година, кое е во подготовка и беше изведено и преку Институтот за комуникациски студии, за 2021 година во земјава биле регистрирани следните најчести типови говор на омраза: Говор на омраза против политички и идеолошки опоненти (30 %) Говор на омраза на етничка основа (29 %) Говор на омраза во врска со мерките против пандемијата (13 %) Говор на омраза против припадници на сексуалните малцинства (8 %) Говор на омраза на родова основа (7 %) Говор на омраза на верска основа (3 %) Остатокот од регистрираните случаи за 2021 година се однесува на случаи на расизам, ксенофобија и напади на новинари. Како извори на говор на омраза во јавната медиумска сфера најчесто се јавуваат: поединци граѓани (45 %), политичари (17 %), новинари (11 %) и онлајн инфлуенсери (9 %). Мутации на говорот на омраза Говорот на омраза може да се појави во различни форми во медиумите, но и да биде користен од различни субјекти и актери во општеството за различни цели. Во политичката комуникација, но и во други јавни области, општествените елити ретко го користат директно говорот на омраза, но можат да го охрабрат или да го поттикнат индиректно. Преку различни јазични техники, наративи или фалични аргументи, тие можат да им сигнализираат на своите поддржувачи и симпатизери дека тие можат директно преку говорот на омраза да го кажат тоа што нивните политички водачи и заштитници го мислат. Овој вид хиерархиско прелевање и поттикнување на говорот на омраза е честа појава во современата политика. Фото: freepik.com Една од мутациите на говорот на омраза може да се јави во индиректна форма на политички или историографски наративи за непризнавање или непостоење други народи или јазици. Овој вид испреплетеност на политички наративи и говор на омраза е доста проширен на Балканот, а имаше своја пројава пред почетокот на воениот конфликт во Украина оваа година. Непризнавањето на постоењето друг етнички или јазичен идентитет од позиција на политички или научни елити, лесно се прелева во другите сфери на општеството и се манифестира во секојдневната комуникација во различни форми на потценување, исмевање, деградирање, и секако при поларизација на односите во говор на омраза. Ваквата комплементарност на политички или историографски наративи за непризнавање нечиј идентитет со говор на омраза, креира своевидна мутација на говорот на омраза, која може да се нарече културоубиствен или културоциден говор. Непризнавањето на идентитетот на другиот во услови на поларизација, лесно се трансформира во негово дехуманизирање во обид не само да се негира и оспори, туку често и да се елиминира одредена култура, со тоа што ќе се тврди за неа дека е непостоечка. Ваквите културоцидни говори во редица случаи се користени да го оправдаат насилството врз „оние што разнебитуваат еден народ“ и го оневозможуваат неговото замислено единство или величество. На пример, на руските војници што беа праќани во Украина им беше повторувана слична културоцидна реторика, дека тие се борат за Украина, против „бранителите на измислена нација“ и „предавниците“ што го спречуваат единството на големиот заеднички народ. Толерирањето и нормализирањето на културоцидниот говор, особено ако тој се користи од позиција на високи политички претставници, научници или институции, може да биде експлоатирано за креирање долгорочни конфликти и омраза со несогледливи последици. Автор: Сеад Џигал   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
S T2 1

Сѐ повеќе информации, сѐ помалку време

Во поновите лифтови покрај другите копчиња има и едно за затворање на вратата. Обично се користи кога брзаме или немаме трпение да почекаме лифтот автоматски да се затвори, па со притискање на ова копче, сакаме да го забрзаме затворањето на вратите. Ако го измериме времето на автоматското затворање со она кога ќе го притиснеме копчето, заштедата во време е речиси минимална. Но, ова копче има многу важна психолошка функција, барем така утврдиле компаниите за лифтови. Тоа на корисниците им дава(ло) поголемо чувство на контрола врз сопственото движење и време. Постапно ова копче стана стандард во производството на лифтови и дел на една веќе проширена култура дека можеме времето да го контролираме на обично копче. На сличен начин, кога чекате со вашиот автомобил на семафор, ако не тргнете на жолто, луѓето инстантно ќе ви дадат на знаење каков идиот сте затоа што сте им одземале 0,5 секунди од нивните животи. КОПЧИЊАТА ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ЛИФТОВИТЕ СЕ ИЗМАМА! Технологијата сѐ почесто нѐ поттикнува да брзаме. Многу технолошки уреди ја менаџираат или ја поттикнуваат потребата за забрзување на нашите дневни активности. Така е и со технологиите за комуникација. Уредите и телефоните се побрзи со секоја нова генерација производи, а тоа колку се брзи е значаен дел од нивната продажна вредност. Сѐ поголем е бројот на уреди и апликации за брза комуникација, пишување, трансфер на податоци, материјали и слично. Стриминг-платформите и програмите за преглед на аудио и видео содржини имаат опции за премотување и забрзување на содржините, а на апликацијата за слушање музика и поткасти Спотифај за да ја задоволите оваа потреба за забрзување и прескокнување на песните, ќе мора да платите за премиум пакет. ЗОШТО БРЗАМЕ? Покрај умножувањето на изворите на информации и нашата поголема изложеност на нив, забрзувањето на информирањето е еден од најважните фактори во тоа како медиумите и комуникациските технологии влијаат врз нас. Големиот број информации со кои сме опкружени постојано и различните методи што нивните креатори ги користат за да го привлечат нашето внимание, нѐ поттикнува да консумираме сѐ повеќе информации и медиумски содржини. Овој наплив на информации на кој сме изложени, директно влијае врз брзината со која ги консумираме информациите во обид да проследиме што е можно повеќе од содржините за кои сме заинтересирани.  Според истражувањето на Универзитетот Калифорнија – Сан Диего од 2009 година, човековиот мозок во просек дневно бил „бомбардиран“ со приближно 34 гигабајти информации. Десетина години подоцна оваа „дневна доза“ од информации е повеќе од двојно зголемена, така што според последните достапни истражувања, денес нашите мозоци дневно восприемаат околу 75 гигабајти информации во форма на видео, текст и звук. Годишно овој просек се зголемува за 5%, а се проценува и дека пред 500 години човекот примал толкаво количество информации во текот на целиот свој живот.  Кои се најважните последици на забрзувањето на информациите? Намалување на вниманието  Сѐ повеќе кликбејтови, сѐ помалку внимание. Забрзувањето на информациите влијае врз тоа да се намалува нашето внимание генерално, но и способноста да се задржи вниманието врз одредена содржина или активност. Брзината на протокот на информациите го забрзува заморот на нашите сетила, а со тоа постапно се забрзува и опаѓањето на концентрацијата и на вниманието.  Информациски замор Во текот на пандемијата со зголеменото користење на програмите за онлајн состаноци, се појави и нов проблем, т.н. замор од виртуелни состаноци (на пр. Zoom fatigue). Заморот од слушање онлајн предавање, на пример, се појавува речиси двојно побргу од заморот од следење на предавање во училница. Една од причините за ова е неможноста директно да се фокусираме на еден извор на информации, на пример предавачот, па поради дисперзирање на нашата концентрација и активности (т.н. мултитаскинг) далеку побрзо се заморуваме. Во овој случај, технологијата ја олеснува нашата расеаност.  Шаблонизација на информациите  Тешко е да се дојде до вистинската информација. Корисната информација станува игла во пласт сено. За да се справиме со големиот број информациски импулси, нашиот мозок вообичаено развива шаблони или модели за нивно групирање, но со поголемото забрзување на протокот на информации, тие стануваат сѐ помалку ефикасни и помалку точни затоа што не ги пренесуваат деталите што внесуваат варијации во значењата. Нашето шаблонизирање на информациите често нѐ води кон погрешни симплификации и информациска заслепеност. Манипулативните медиуми сметаат на навиките на читателите за брзо и површно читање и често ги користат за подметнување дезинформации и селективни факти. Минимизација на информациите Замислете како се движите по автопат со брзина над 100 км/ч и се обидувате да ги читате пораките на билбордите или таблите поставени покрај автопатот. Реално, колку информации можете да забележите при таква брзина на движење? Веројатно, не многу. Денес, креаторите на информации и содржини се свесни за огромното количество информации што нѐ опкружува и континуирано работат на минимизирање на информациите. Тие стануваат сѐ покуси и повизуелни (една слика е илјада зборови, нели?). Фото: freepik.com Насловот на веста често е целата информација што ја добиваме и која мислиме дека ни е доволна за да се информираме. Според достапните истражувања, повеќе од 60% од корисниците од објавените статии онлајн читаат само наслови. Минимизацијата на информациите стана таков тренд што врз него „профитира“ цела низа нови комуникациски сервиси, какви што се Твитер  и Тик-ток, каде што брзите и куси содржини станаа нова норма. Твитер претходно беше ограничен на 140 знаци и ги наведуваше корисниците да развиваат способности што покусо и побрзо да комуницираат. На сличен начин и ТикТок со своите куси видеа, кои беа првично беа ограничени на 15 секунди, ги смени стандардите на тоа колку време треба да посветиме за следење некоја содржина.  Нарушувања во филтрирањето на информациите Според научниците, нашите мозоци имаат капацитет да процесираат и поголеми количества информации, но по одредена цена. Со забрзувањето на протокот на информациите, се намалува нашата способност правилно да ги филтрираме информациите, односно точно да процениме кои содржини се важни, а кои неважни, кои информации се веродостојни, а кои не, и конечно, кои од нив се точни, а кои се погрешни. Филтрирањето на информациите и фокусирањето на нив според важноста е една од клучните вештини за преживување. Да препознаете некој звук или визуелен детаљ што може да сигнализира опасност е критична егзистенцијална способност. Технологијата, за жал, често ја намалува нашата способност правилно да ги филтрираме информациите, а за тоа да бараме излез во автоматизираните алатки, како што се алгоритмите на пример. Барање на познато Еден од поинтересните наоди за тоа како забрзувањето влијае врз нашето информирање е фактот што брзото барање нови информации нѐ наведува да избираме содржини што ни се претходно познати. Со ова, всушност, побрзото информирање ја поттикнува нашата наклоност кон потврдување (confirmation bias, англ.) и го олеснува нашето процесирање големи количества информации. На тој начин, се поттикнува еден вид информациски парадокс и нашата навика да ги игнорираме информациите што не се вклопуваат во нашите ставови и погледи на реалноста. КАДЕ НЀ ВОДИ БРЗАЊЕТО? Ниту една голема технолошка промена не донела резултати како што планирале нејзините пронаоѓачи и креатори. Новите технологии при својата употреба влегуваат во сложена интеракција со општеството и културата и често водат кон непредвидливи употреби и последици. „Реалноста е сложена, а историјата не покажува само еден правец“ (T. H. Eriksen, 2001, стр. 35). При забрзувањето на информирањето базирано на претпоставката дека повеќе информации значи подобро информирање, мораме да внимаваме и на фактот дека во комуникацијата вишокот информации лесно може да премине во комуникациски шум. Забрзувањето на информациите ја видоизменува структурата на информациите, нивната форма, но често и значењето и употребата во комуникацијата. Забрзувањето може да го дестабилизира значењето, да ги искриви интерпретациите, но и да ја загрози смислата на комуницирањето. Ова се некои од поизразените опасности за кои треба да се грижиме кога собираме информации, но и кога ги креираме и ги објавуваме. Фото: freepik.com Пол Вирилио, еден од најзначајните мислители и писатели на постмодернизмот, бил познат по тоа што при пишувањето на своите книги, не сакал да користи машина за пишување. Инсистирал тоа да го прави во ракопис затоа што, според него, така пишувал побавно и можел подобро да ги усогласи брзината на своите мисли со брзината на пишувањето. Ова за него навистина функционирало одлично затоа што Вирилио оставил зад себе некои од најважните книги за технологијата и за нашето живеење со неа. Во некоја поширока смисла, неговиот пример може да ни послужи за тоа дека не треба секогаш да подлегнуваме на притисокот од технологијата да ги живееме своите животи побрзо. Автор: Сеад Џигал   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Yt 1

Пет начини како медиумите можат да го користат Јутјуб

На Запад, без разлика дали станува збор за локален, регионален или национален медиум, печат, радио или телевизија, речиси сите почнаа да креираат видеа за социјални медиуми. Овде ќе се фокусираме на употребата на Јутјуб-каналот за дистрибуција на видеа креирани од медиумските куќи.  Кога последен пат сте гледале некое интересно видео? Дали го гледавте на некој телевизиски канал или, пак, на социјалните мрежи? Девет од десет одговори на овие прашања веројатно ќе бидат дека видеото сте го гледале во претходните неколку часови и тоа на некоја од социјалните мрежи – Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток или, пак, на Јутјуб. Во најголем дел од случаите, повеќе од 80%, тоа сте го сториле користејќи го вашиот мобилен телефон.  Едноставно е, сè помалку публика има пред телевизиските канали, а сè повеќе на социјалните мрежи и сите гледаат видеа на своите мобилни телефони. Медиумите низ целиот свет не ги гледаат социјалните мрежи како закана за нивниот опстанок туку ги прифатија овие платформи како сојузници во борбата да добијат што е можно поголема и помлада публика. Без разлика дали е локален, регионален или национален медиум, печат, радио или телевизија, речиси сите почнаа да креираат видеа за социјални медиуми. Овде ќе се фокусираме на употребата на Јутјуб-каналот за дистрибуција на видеа креирани од медиумските куќи.  Секако најголема публика на оваа социјална мрежа имаат медиумските куќи што имаат добра дигитална стратегија какви што се BuzzFeed со повеќе од 20 милиони претплатници на Јутјуб. Тука и е Vox, чии видеа се многу популарни на Јутјуб. Нивната стратегија на креирање видеа, поразлични од оние на традиционалните медиуми, им донесе верна публика од над 10 милиони следбеници. Фото: freepik.com Но, големите медиумски куќи не се предаваат. Таков е примерот со медиумите чија главна содржина се видеата, како телевизискиот канал Си-ен-ен, кој има повеќе од 13 милиони претплатници на Јутјуб. Но, дури и оние медиуми, кои не се познати како креатори на видеа, ги прифаќаат и ги користат видеоплатформите како Јутјуб за да креираат новинарски приказни и да дојдат до нова публика. Во тој контекст, едно кусо прашање. Дали „Њујорк тајмс“ има свој Јутјуб-канал? Да, има. Овој гигант, препознатлив во светски рамки по своето печатено издание, но и како еден од светските лидери во стратегијата digital-first, има приближно 4 милиони претплатници на Јутјуб. Само за илустрација, нивното најпопуларно видео има околу 21 милион прегледи. Не е лошо, нели? Што помислувате прво кога некој ќе ви каже „Шпигел“? Веројатно ќе помислите на неделникот „Шпигел“, кој се продава во приближно 680.000 копии и е најголем неделник во Европа. Но, освен како мајстори на пишаниот збор, тие се покажуваат и како добри креатори на видеа. Нивниот Јутјуб-канал има околу 1,4 милиони корисници што е двојно поголема публика отколку публиката на печатеното издание. Ваквите успешни приказни се вистинска реткост на Балканот, посебно кога станува збор за традиционални медиуми што релативно солидно се држат на пазарот. Во регионот на Балканот небаре постои некаква одбивност од промени, а посебно кога промените треба да ги вклучат и социјалните мрежи, на кои се гледа прво како закана, а не како можност. Да, платформите како Јутјуб имаат за цел да го децентрализираат креирањето видеосодржини и да му овозможат на поединецот да гледа, да креира и да споделува видеоприказни. Во превод, Јутјуб му дава моќ на поединецот да креира видео и бесплатно да стигне до милиони корисници. Но, таа моќ може и треба да ја искористат и медиумите. Јасно е дека најголем дел од креаторите на видеосодржини на Јутјуб не се професионални новинари или медиумски куќи и тоа е логично. „Веруваме дека секој заслужува да има глас и дека светот е подобро место кога слушаме, споделуваме и градиме заедница преку нашите приказни“. Ова е накусо мисијата на Јутјуб, втора по популарност во светот и веднаш зад Фејсбук како најпопуларна социјална мрежа. На Јутјуб има нешто повеќе од 2,6 милијарди корисници ширум светот и оваа бројка постојано расте. За тоа колку е голем бројот на корисници на Јутјуб, ќе го споредиме со бројот на корисници на стриминг-сервисите како Нетфликс, Амазон прајм и Дизни+. Заедно имаат нешто повеќе од 500 милиони корисници. Во превод, засега сонуваат за публиката што ја има Јутјуб. Дали овие бројки ве убедија да отворите Јутјуб-канал? Не? Во ред, одиме понатаму. Дали знаете која е најпосетувана веб-страница во светот? Да, Гугл, но веднаш зад неа е Јутјуб. Веб-страницата на Јутјуб е попосетувана и од веб-страниците на Фејсбук, Википедија или Амазон.  Без разлика дали овие бројки ве убедија или, пак, не, ова се пет едноставни начини како да започнете да го користите Јутјуб за да ја зголемите публиката на вашиот медиум. 1. Интервјуа и емисии Колку често вашиот медиум имал ексклузивно интервју со некој политичар, бизнисмен, спортист, музичар или, пак, уметник и тоа интервју траело далеку подолго отколку што реално имате можност да објавите на телевизиските вести или во некоја емисија. Фото: freepik.comИмате интервју што вреди злато, а емитувате само три или пет минути од тоа интервју. Штета. Но сепак, не е сè загубено. Пуштете го целото интервју на вашиот Јутјуб-канал бидејќи така ќе градите нова публика, различна од онаа што ја имате на ТВ. На Јутјуб одлично проаѓаат и долгите видеа, особено ако се релевантни.Одберете соодветна тамбнејл фотографија и „секси“ наслов за да го привлечете гледачот да го отвори видеото и почнете да ги броите прегледите.Истото можете да го сторите и со специјализираните емисии што ги емитувате, без разлика дали се од забавен карактер или, пак, темата е политика. Ова нека ви стане практика. Овозможете простор за публиката на едно место ги најде сите емисии, дури и оние постарите. На ТВ не може да најде стара емисија, на веб може, но тешко, но на Јутјуб тоа е лесно. 2. Документарни серијали Кратките документарни филмови од околу 10 минути, па и оние подолгите формати, се одлична видеосодржина за објава на Јутјуб. Секако, потребно е да го избегнете класичниот ТВ-формат во креирање на документарецот, направете го да биде визуелно доживување и вложете многу поголем труд во снимањето и монтажата на видеото. Не дозволувајте му на гледачот да мисли дека е пред ТВ-екраните, заглавен во 90-тите години на минатиот век. Ако имате повеќе видеа со слична тема, можете да ги брендирате како посебен документарен серијал што како „пакет“ подобро ќе пројде кај публиката на Јутјуб. И не ограничувајте се дали сте ТВ или друг вид медиум, обидете се да направите документарни филмови за Јутјуб. Примерот со South China Morning Star е одличен. Тие за Јутјуб креираат главно куси видеа од неколку минути, главно со необична содржина, но некогаш и пократки документарци. Еден од нив има повеќе од 100 милиони прегледи, што е импресивна бројка, посебно ако се земе предвид дека имаат „само“ околу 2,6 милиони претплатници на Јутјуб-каналот. 3. Што се случува зад сцената? Што се случува зад сцената на вашиот медиум? Сите оние моменти на подготовка на одредена емисија, при подготвувањето одредена новинарска приказна, кои публиката најчесто не ги гледа, се добра видеосодржина за Јутјуб, која ќе ја покаже порелаксираната страна во процесот на креирање вести. Со ова изгледа како да се соголувате пред публиката, но на крајот добивате поверна публика бидејќи ве гледа во човечко светло. Доколку работите на некоја истражувачка приказна што планирате да ја објавите на вашиот телевизиски канал или на веб-страницата на вашиот медиум, на Јутјуб можете да објавите видео како сте ја работеле истражувачката приказна, сè она што се случувало зад сцената и слично. Ова е материјал што младата публика сака да го гледа и ќе го гледа. Секако и грешките и лапсусите се добар материјал што може да се собере во едно видео од неколку минути на Јутјуб. Тие обично генерираат и по стотици илјади прегледи. 4. Видеопоткасти Дали слушате/гледате поткаст? Вие можеби не, но поткастите имаат милионска публика низ целиот свет. Повеќе од една третина (104 милиони) жители на САД редовно слушаат поткасти. Видеопоткастите се всушност визуализација на вашите аудиопоткасти. Најчесто се креираат во епизоди, кои всушност делуваат како јадица со која ја привлекувате публиката. Најпопуларните поткасти на Јутјуб се всушност креирани од јутјубери, а не од медиумските куќи, но ако ги видите милионите прегледи што тие ги имаат, тогаш реално зошто да ја пропуштите и вие таа можност. Најскапо во креирањето на поткастот се идејата и времето. 5. Анимации/експлејнери Анимациите и експлејнерите не се продуцираат лесно. За нив е потребен навистина голем ангажман и ресурси од вашата редакција. Сепак, вреди да ги направите. На тој начин сериозно ќе го зајакнете вашиот бренд и ќе дојдете до нова публика. Впрочем, нема да ги креирате секојдневно, па можете да се организирате и да ги насочите вашите ресурси во креирање малку поангажирана и покреативна содржина. Анимациите и експлејнерите најдобро е да ги креирате за теми што не се менуваат од ден за ден. Креирајте анимација за некој процес, нешто што трае долго или, пак, за нешто што се случило одамна. На тој начин времето и ресурсите што ќе бидат потрошени, ќе се претворат во безвременско видео, чија содржина нема да ја изгуби релевантноста по два дена или два месеца, туку потенцијално ќе „влече“ публика во наредните две-три години. Фото: freepik.com Видео-експлејнерите со или без презентер исто така се одлични содржини за Јутјуб. Овде доаѓа до израз креативноста и на авторот и на монтажерот. За темите, можете да размислувате во насока да ѝ објасните на публиката зошто некој процес е важен, како се прави одредена работа што може да им го олесни секојдневието на луѓето, профил на одредена важна личност и слично. И овде внимавајте на релевантноста при креирањето на видеото. Не трошете време за нешто што ќе стане ирелевантно по ден или два дена. Не стравувајте да излезете од зоната на комфорот и сериозноста на вашиот медиум. Експлејнерите може да имаат и малку порелаксирана, но еднакво релевантна содржина во која можете да вметнете релевантни новинарски податоци. На Vox-каналот на Јутјуб, најпопуларно е видеото „Што се случува кога ќе ги искршите прстите и дали тоа е лошо за вас“. Видеото има повеќе од 50 милиони прегледи и вие веројатно ќе го отворите и ќе го видите откако ќе го прочитате овој текст. И за крај, „искршете“ ги вашите прсти и започнете уште денес да креирате видеа на Јутјуб. Автор: Александар Манасиев Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Hand Pressing Remote Smart Tv Opt

За информацискиот стрес

Што е бинџување? „Бинџување“, или „binge watching“ во англискиот јазик, е подолго гледање некоја телевизиска содржина без прекин. Најчесто тоа се прави преку онлајн стримување или со сериско гледање ДВД/ЦД дискови. Според истражувањата на стриминг-платформата Нетфликс, „за 73 отсто од нивните корисници, бинџување е гледање две до шест епизоди на некоја серија без прекин“. Според истиот извор, 61 отсто од нивните корисници практикуваат бинџување, кое стана популарен тренд по 2013 година и појавата на неколку стриминг-сервиси, какви што се спомнатиот Нетфликс,  Амазон прајм видео, Ејџ-би-о макс, Хулу и многу други.  Интересно е да се напомене дека една од првичните појави на бинџувањето може да се поврзе и со Македонија и Балканот уште во деведесеттите години од минатиот век. Станува збор за честата практика на домашните гледачи да следат телевизиски вести непрекинато по неколку часови. По отворањето на приватните телевизии во 90-тите, домашниот гледач можеше, а тоа често и го правеше, да си дозволи маратонско следење вести, почнувајќи од попладневните термини по 15 часот, продолжувајќи со приквечерните изданија, за да заврши доцна во ноќта со следење на вестите речиси до полноќ. Според Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), 19 отсто од испитаните корисници одговориле дека речиси постојано се онлајн. 15 отсто од останатите испитаници дневно поминуваат од 2 до 4 часа со медиумите, 10 отсто  поминуваат 4-6 часа, а 4 отсто  од 6 до 8 часа. Вкупно 48 отсто  испитаници поминуваат повеќе од 2 часа со медиумите.  За споредба со овие податоци за Македонија од пред неколку години, на пример во САД во 2022 година просечното време на корисниците со медиумите е 482 минути на ден, односно приближно 8 часа дневно. Консумирањето медиумски содржини е во постојан пораст, како локално, така и глобално. Како долготрајното изложување на медиумски содржини влијае врз нас? Кога зборуваме за т.н. „бинџување“, како популарен тренд кај медиумската публика што го збогатува нивното гледачко искуство, истражувањата сепак покажуваат и низа негативни последици од него, потврдувајќи поврзаност на долготрајното гледање со појави какви што се зависност, осаменост, депресија и дебелеење. Зависноста може да биде особено штетна за помладите корисници во нивните развојни години, низ кои тие едноставно не можат да се одвојат од медиумите и од дигиталните уреди поврзани на интернет. Според најновите испитувања, се проценува дека во 2022 година околу 330 милиони лица во светот ќе страдаат од медиумска зависност, што е пораст за 37 отсто во споредба со бројките од 2017 година. Фото: freepik.com Исто така, интензивното „бомбардирање“ со информации може да донесе и други несакани реакции во вид на зголемен стрес, вознемиреност, чувство на несигурност и поттикнување на асоцијално однесување.  Во книгата на Ролф Добели „Престанете да следите вести“ (Rolf Dobelli, 2019, Stop Reading the News) подетално се наведуваат некои од можните негативни последици од презаситеноста со информации и вести: Вестите ја поткопуваат нашата самодоверба Вестите ја нарушуваат нашата доверба во општеството Вестите нѐ наведуваат на губење време Вестите нѐ наведуваат кон пристрасно резонирање Вестите се токсични за нас преку развивање штетни хормонски реакции Вестите ја заматуваат покрупната слика на настаните и реалноста Вестите ни нудат лажна емпатија со страдањата на другите Вестите ги поттикнуваат насилството и тероризмот Добели ги споредува информациите со шеќер, па според него, информациите му го прават на човекот она што шеќерот му го прави на нашето тело (стр. 13-19). Авторот сепак признава дека не е реално да се очекува од мнозинството граѓани на некоја земја целосно да престанат да следат вести и редовно да се информираат, што е особено важно за демократски оформените институции по пат на слободни избори, како и за граѓанската вклученост во општеството.  Овие негативни, понекогаш и екстремни појави, треба да послужат повеќе како предупредување за несаканите последици што можат да ни се случат ако редовно се презаситуваме со вести и информации, особено кога тие се негативни и истакнуваат неморални, насилни или девијантни случувања, кои реално доминираат во вестите. Тие, исто така, треба да послужат како коректив за новинарите и за другите медиумски работници за да бидат посвесни за многубројните лоши последици што несовесното информирање и објавување содржини може да ги предизвикаат, а со тоа да ги упати и да ги поттикне на општествено поодговорно работење.  Информациски стрес? Зголемениот број информации што ни се достапни покрај презаситеноста од информации, нѐ изложуваат на голем број содржини што ја зголемуваат нашата вознемиреност и го зголемуваат стресот што го искусуваме во текот на нашето информирање.  Фото: freepik.com ВИДЕО: Бомбашки напад врз луѓе што пијат кафе во Србија, безбедносна камера ја „фати“ драмата За медиумите овие содржини се еден од најбараните типови информации затоа што имаат голем број прегледи и значителна публика. Тие особено се популарни на социјалните мрежи, а медиумите често ги преземаат оние што се вирални, со изговор дека публиката е таа што ги бара тие содржини, а новинарите само им го овозможуваат тоа.  Tројца малолетници во полициска станица, сквернавеле гробови и се снимале за „Тик-ток“ Сепак, кумулативниот ефект од давањето предност или форсирањето ваков вид вести и информации е штетен не само за публиката туку и за самите медиуми. Засиленото следење вести поврзани со насилство води кон ефект на т.н. „десензибилизација“, односно намалување на емотивните реакции по долготрајна и зачестена изложеност на вакви содржини. Како еден од одбранбените механизми од неконтролирано вознемирување кај публиката се јавува и селективната емпатија, односно различно сочувствување и емотивни реакции. Ако, на пример, во некој инцидент што се случува блиску до нас настрадаат десет лица, тоа ќе има посилен ефект и стрес врз нас од инцидент што се случил далеку од нас и во кој настрадале сто лица. Ваквото селективно сочувствување, кое може да се одвива не само според географска дистанца, туку и по расна, верска или етничка припадност, лесно може да доведе до дехуманизација на цели групи луѓе. Во голема мера ова е резултат на предусловувањето предизвикано од следењето вести и начинот на кој се покриени настаните во медиумите.  Обидот за менаџирање на стресот на кој сме изложени преку информациите и вестите, води кон тоа да се намалува публиката што редовно следи вакви содржини. Медиумите и новинарите често на тоа реагираат со засилување на негативната стимулација и на вознемирувачките содржини, со што се предизвикува поместување на праговите на нашата чувствителност и прифаќањето на тоа што е „нормално“ во медиумите и во вестите. Оваа комуникациска појава е позната и како „дискурзивна рамка“, или „Overton Window“ (термин според Џозеф Овертон).  „Не е нормално да се трошат милиони евра од буџет на непродуктивни и непотребни работи? Ќе направиш проект што чини 700 милиони евра, па потоа редовното непотребно трошење по стотици илјади евра, или по некое милионче, стануваат прифатливи и не толку скандалозни. Или некој купил службено возило за 600.000 евра, а ти велиш, што се 28.000 евра за службено возило? Џабал’к“. Ова постапно поместување, што е прифатливо и нормално да биде во вестите, со постапна интензификација, води кон поларизација, засилено емотивно реагирање и конфликти кај различните групи од публиката, а со тоа и го зголемува информацискиот стрес низ кој поминуваме следејќи ги содржините во медиумите. Треба да се дополни дека забрзувањето на информирањето, исто така го зголемува информацискиот стрес, со самото тоа што нѐ става под зголемен притисок дека „мораме“ да прочитаме и да прегледаме извонредно голем број вести и содржини, само за да бидеме во тек со настаните. Но, во отворениот и глобализиран свет каде навистина се границите на доволната информираност? Никој тоа не ни го кажува директно или отворено, а медиумите и социјалните мрежи ја користат ваквата несигурност за да нѐ наведат што повеќе време да поминуваме со нив. Лаконска или спартанска комуникација? Во динамичното и високотехнологизирано време во кое живееме, се наметнува неопходноста од тоа внимателно да одредуваме како и колку време да поминуваме со медиумите. Видовме претходно дека поголемата изложеност на медиумите не само што не нѐ чини поинформирани и медиумски поедуцирани, туку напротив, може многу лошо да влијае врз нашата комуникација и социјализација. Избирањето на медиумите што редовно ги следиме, како и видовите медиумски содржини со кои поминуваме подолго време, е исто така исклучително важно. Фото: freepik.com Можеби во денешните околности и потребата од своевидна информациска диета што ни се наложува, корисно е да се потсетиме на една поучна приказна од минатото. Станува збор за ривалитетот помеѓу Спарта, од една страна, и Атињаните и античките Македонци од друга страна, и како тоа влијаело врз нивното комуницирање. За разлика од Атињаните и античките Македонци, кои ги негувале и развивале убавиот говор, реториката, поетиката и филозофијата, Спартанците имале мошне поинаков однос кон комуницирањето. За нив врвен принцип било да се биде кус и јасен во комуникацијата, т.е. да се каже што повеќе со што помал број зборови. Концизноста и директноста за нив биле највредните вештини во говорењето. Од тука потекнува и изразот што е сочуван до денес, лаконски стил, според една од областите во тогашна Спарта. Многубројни се историските примери и записи што сведочат за ова, а еден од најпознатите е оној кога Филип II по освојувањето на најголемиот дел од тогашна стара Грција, ја испратил следнава порака до Спарта со очекување тие да се предадат: „Ако ја окупирам Лаконија, вие ќе бидете уништени засекогаш!“. Одговорот од Спартанците бил многу кус: „Ако“. Во денешното време кога секој од нас има свој глас и пристап до вмрежениот храбар свет, веројатно не е на одмет, барем повремено, да практикуваме некои од принципите на лаконската комуникација и јазичната економија говорејќи што е можно повеќе со помалку зборови.    Автор: Сеад Џигал Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Klikovi

Ако луѓето илјадапати кликнат на некоја лага, таа станува вистина

Како повторувањето влијае врз информациите Крилатицата на Јозеф Гебелс продолжува да живее и да функционира и во дигиталната ера. Повторувањето е мајка на знаењето, но, за жал, и на пропагандата. Зошто повторувањето може од лагата да направи вистина, да ги искриви фактите и да ја погази вистината? Во одговорот на ова прашање, може да се наведат три главни причини:  а) Нашето разбирање на реалноста во голема мера го оформуваме со помош на јазикот. Преку повторувањето, пропагандата доминира во јазикот, а преку јазикот врз нашето доживување на реалноста. Таа ги користи нашите комуникациски навики и потреба да се потпираме на јазикот во претставувањето на реалноста. Витгенштајн вели: „Јазикот не е само возило на нашите мисли, туку е и возач на нашите мисли“, односно не само што ги пренесува, туку воедно и ги управува мислите. Може да се додаде дека не случајно една од клучните техники на убедувањето на рекламите е токму повторувањето на пораките. б) Повторувањето е воедно и еден од најефектните начини за помнење, т.е. една од најефикасните мнемонички техники. Со повторувањето, пораките што се форсираат постапно влегуваат и во нашата потсвест, на сублиминално ниво, па и од таа позиција имаат силен ефект врз нашето однесување.  в) Јазикот и комуникацијата се клучни за вклучување кон социјалните групи на кои им припаѓаме или сакаме да им припаѓаме и за нашата социјализација. Пораките што се повторуваат, стануваат комуникациски код што треба да го усвоиме за да припаѓаме на некоја група. Тој код станува средство за препознавање на групата, која преку нив го оформува својот идентитет. Повторувањето во колективната свест создава ефект дека нешто навистина е важно и дека мора да има нешто во тоа за што сите зборуваат. Мошне важно е, секако, кој ги повторува пораките. Ако е тоа некој со моќна позиција во општеството, кој ги одредува и ги диктира социјалните норми, некој што одлучува за судбините на други луѓе, тогаш повторувањето на пораките е начин како да ја покажеме својата послушност и потчинување на власта што некој ја има над нас.  Повторувањето на пораките во дигиталната ера Една од најважните промени што ги донесоа дигитализацијата и интернетот е драстичното умножување на изворите на информации. Бројот на објавувачи на информации и медиуми што можеме да ги следиме порасна експоненцијално.  Во моментов во земјава има вкупно 109 радиодифузери, од кои 43 телевизии и 66 радија. 11 телевизии емитуваат програма на државно ниво, а 17 на регионално ниво. Од радијата, 4 се на државно ниво, 17 на регионално  и 45 на локално ниво (извор АВМУ). Според MARnet, во Македонија во моментов се регистрирани 29.938 веб-домени или страници, на неколку домени (.mk, .com.mk, .mkd, .org.mk, net.mk, inf.mk, gov.mk, edu/mk).  Според Државната изборна комисија (ДИК), на локалните избори во 2022 година во „Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали)“ биле пријавени 186 информативни веб-страници од земјава. Според DataReportal, во Македонија има 1,3,милиони корисници на интернет, 950 илјади кориснички профили и страници на Фејсбук, 809 илјади корисници на Инстаграм, 130 илјади корисници на ТикТок и 94 илјади корисници на Твитер. Покрај горенаведената мултипликација на информациите, втора важна одлика на дигиталната ера е репликацијата на информациите, односно олеснувањето на нивното копирање и умножување. Со едноставни техники и команди, на корисникот му е олеснето да ги копира и да ги умножува информациите, како и колку ќе посака, така што на интернет-страниците често се појавуваат исти содржини на десетици или стотици различни веб-страници и онлајн локации. Погодноста што репликацијата на информациите ја има за пропагандата ни е позната уште од времето на печатот и пропагандните летоци. Замислете колку само пропагандата може да биде посилна кога наместо печатење и делење илјадници летоци, сега на располагање го имате интернетот и можност да стигнете непречено до милиони луѓе? Во новинарскиот жаргон сѐ почесто се користи нов термин за т.н. „копи пејст новинарство“, односно објавување содржини претежно со копирање од други медиуми и извори.  И конечно, третата клучна промена што ја донесе дигитализацијата е автоматизацијата на информациите. Таа почна зачестено да се користи во втората генерација на интернет-услугите (т.н. Web 2.0) со развивањето на вештачката интелигенција и на алгоритмите, како посебни програми за автоматизирана обработка и дистрибуција на информациите. Со нивен развој беше овозможено зголемено автоматизирање на комуникацијата, селектирање и филтрирање на информациите и нивна контрола без учество на „човечка рака“. Со овие нови дигитални алатки многу е олеснето умножувањето на содржините и нивна брза дисперзија на интернет и на социјалните мрежи. За кусо време овие информативни платформи можат да бидат преплавени со некоја мултиплицирана објава или содржина што станала вирална.  Како можат да се искриват фактите и вистината денес? Олеснетото копирање и умножување на дезинформациите го олеснува и подлегнувањето на нивното влијание. Дезинформациите што се проширени и присутни насекаде предизвикуваат убедувачки ефект на т.н „сеприсутност“, односно прифаќање како реално нешто за што сите зборуваат. „Штом сите зборуваат за тоа, веројатно има нешто во тоа“, особено ако извори на овие дезинформации се влијателни групи во општеството, во политичка, економска, културна, верска или во друга смисла. Која е вистината за украинските војници на Змискиот Остров? Лавров: Не ја нападнавме Украина Автоматизираната пропаганда денес е многу олеснета, дури и за корисници што немаат напредни вештини во креирање информации на интернет.  Исто така, разликата помеѓу вистината и лагата може да биде искривена од технологијата и дисеминирана неограничено. Сѐ поефикасни и полесни за користење се алатките за креирање т.н. „deep fake“ видеа, обработка на фотографии и на звучни материјали. „Мета“ отстрани лажно видео каде што Зеленски повикува на капитулација Корисниците на интернетот и на социјалните мрежи се директно изложени на пропагандата, без заштита од филтрите, како, на пример, професионалните медиуми и новинари, кои порано имаа клучна улога да ги проверат содржините што потоа масовно се шират во јавноста. Дополнително, дигиталните медиуми предизвикаа промена во културата на информирањето, односно начините како ги бараме и следиме информациите. Денес сведочиме една нова практика заснована на „персонализирање на информирањето“, односно од различните извори сами да избираме од кого и колку ќе бидеме информирани. Оваа персонализација на информирањето постапно доведе до нов феномен на т.н. „персонализација на вистината“, односно на информациите што ги избираме, им даваме смисла од своја потесна гледна точка на интереси и разбирање. Особено честа е појавата едноставно не само да ги преземаме информациите од различни извори на кои им веруваме, туку и без критичка проверка да ги преземаме туѓите интерпретации и ставови за тие информации. Притоа, врз нас сѐ послабо е влијанието и авторитетот на професионалните и стручните чинители во општеството, какви што се институциите, експертите, едукаторите, науката и редица други.  Во контекст на оваа нова „култура на информирањето“ можеме да ја споменеме и наративната теорија на Волтер Фишер, која наведува дека човекот вообичаено е повеќе приклонет кон верување во добра приказна, отколку кон издржан логички аргумент или некоја низа од факти. Преку теоријата на Фишер можеме подобро да увидиме зошто толку лесно денес се шират и прифаќаат различни наративи што не се фактографски издржани или потврдени. Овие приказни и наративи стануваат сѐ повлијателни, особено ако тие имаат своја претходна историја (што постара е сторијата, таа обично се претставува како поуверлива), за да потоа тие лесно се рециклираат и прошират на интернет и на социјалните мрежи.  Дали има или не биолаборатории во Украина? Гебелс 2.0? Ако по сето наведено претходно, се навратиме кон насловот на овој текст и неговата адаптација на познатото мото на Гебелс, илјадапати повторената лага, станува вистина, можеме да потврдиме дека технолошките можности за пропаганда денес се толку унапредени што и некој со далеку помал капацитет за пропагандна манипулација може преку дигиталните технологии да предизвика сериозни штетни последици при ширење одредена пропаганда. Дигитализацијата, за жал, покрај сите свои позитивни ефекти, предизвикува и забрзана еволуција на пропагандните техники. На пример, хумористичните „мемиња“ (memes), како една од најпопуларните видови содржини на интернет, се покажаа и како извонредна техника за пропаганда на сложени манипулативни пораки, преку едноставни графички и текстуални формати, кои имаат голем степен на потенцијална виралност. Технологијата и техниките за ширење на пропагандата галопираат, додека средствата за заштита и нашето знаење како да се заштитиме, каскаат далеку зад нив. Фасцинирани од можностите на технологијата за информирање и забава, забораваме на уште една важна крилатица, онаа на Аристотел за реториката. Тој вели дека реториката, како вештина или техника на убедување, може еднакво да се користи како за добро, така и за зло. Сѐ зависи од намерите на говорникот и неговата етика, односно совест.  Технологијата има слични потенцијали, односно може значително да го подобри квалитетот на нашето живеење и комуницирање, но воедно и да ги наруши фундаменталните вредности и довербата во општеството. Токму затоа, каскањето на знаењето зад можностите на технологијата, мора континуирано да се намалува, а со тоа и да се намалуваат и ризиците што таа ги носи. Едно од погубните сценарија, на кое нѐ предупредуваа многу креатори на денешните технологии, е опасноста таа да падне во рацете на погрешни и бескрупулозни луѓе. На тој начин, наместо да биде средство за подобро живеење на сите, технологијата може да стане опасна алатка за контрола од помал број луѓе со речиси неограничена моќ во општеството.  Автор: Сеад Џигал   Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Pride Parade

Медиумско врамување на ЛГБТИ-заедницата како закана за општествените норми или за колективните интереси

Теорискиот концепт на современите медиумски студии ги дефинира медиумските дискурси не како огледало на реалноста туку како активни конструирачи на нашата „реалност“. Оттука, активистите за човекови права, феминистките и актерите во социјалните борби за еднаквост често се заинтересирани за начините на кои медиумите ги репрезентираат малцинските или ранливите групи. Имајќи предвид дека медиумските дискурси се конструкти, односно се произведени, нашиот интерес е насочен не само кон репертоарот од зборови и слики што се вклучени во овој процес на производство, туку и кон идеолошките нивоа зафатени од него. ЛГБТИ-заедницата е една од ранливите заедници, која во последниве години станува сè поголем предмет на интерес за медиумите во Северна Македонија. Овој интерес секогаш има две страни. Еден дел од медиумите, ЛГБТИ-заедницата ја третираат како заедница што има своја легитимна борба за човекови права и недискриминација, но за еден друг дел од медиумите ЛГБТИ-заедницата претставува закана за општествените норми или за колективните интереси. Овој втор дел од медиумите наоѓа своја плодна почва во традиционално конзервативното македонско општество. Истражувањето на мислењето на јавноста во Република Северна Македонија, спроведено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2017 година, покажа дека на 70 отсто од испитаниците им пречат сцени во кои двајца мажи се држат за рака, додека само на 7 отсто им пречат сцени во кои маж и жена се држат за рака. Статистиката на говорот на омраза во Република Северна Македонија од 2013 до 2021 покажа дека говорот на омраза заснован врз сексуална ориентација и родов идентитет е втора по ред застапена форма на овој говор, веднаш по говорот на омраза заснован врз етничка припадност, со кој тесно се поврзани и основите религија, раса, потекло и јазик. Во ваков контекст, портретирањето на ЛГБТИ-заедницата и нејзината политичка борба за еднаквост како закана претставува јасна стратегија за креирање морална паника. Според социологот Стенли Коен, моралната паника претставува процес во кој одредена „состојба, епизода, личност или група луѓе“ добиваат статус на предизвикувачи на закани за општествените вредности и интереси. Преку медиумската симболичка реторика тие се дефинираат како непријатели или „народни бабароги“, поради што кај јавноста се создава чувство на страв и социјална анксиозност. Јавноста тогаш повикува на акција, за на крај моралната паника да резултира со општествена промена, стигматизација и насилство врз лицата што се гледаат како нејзини предизвикувачи . Заканата секогаш предизвикува силни чувства, бидејќи се пренесува како напад врз надразливите пунктови за мнозинството луѓе: децата, родителите и семејството, националниот идентитет и државата, културата, историјата, религијата и традиционалните вредности. Во периодот од јануари до јули 2021 година, во домашните медиуми, статус на новосоздадени непријатели во рамките на моралната паника добија ЛГБТИ-луѓето, а во помала мера дел од граѓанското општество и министерката за образование и наука Мила Царовска. Пресудни за ваквото етикетирање беа неколку настани: 1) објавувањето на нацрт-верзијата на новата Концепција за основно образование од страна на Министерството за образование и наука во 2020 година и  вклучувањето на изборниот предмет „сеопфатно сексуално образование“, 2) предлагањето нов закон за матична евиденција, со што ќе се уреди постапката и условите за правно признавање на родот за трансродовите лица и 3) одржувањето на Парада на гордоста во Скопје. Врамувањето на ЛГБТИ како закана беше делумно присутна во медиумите во периодот на првата половина на 2021 година. Сепак, оваа рамка се јавува во исклучително силна форма и претставува еден од клучните механизми за создавање морална паника. Една од најзастапените варијанти во кои се појавува рамката е повик на акција за „спас на децата“ што се под закана од ЛГБТИ. Стравот е базична сила на сите наративи на антиродовите иницијативи, но аргументите засновани врз страв употребени „во одбрана“ на децата, кои се врамени како ранлива, кревка и „најслаба алка на секое општество“, се особено загрижувачки. Основниот аргумент во креирање и одржување на паниката е дека „родот“, а со тоа и сите иницијативи што не го негираат, како сеопфатното сексуално образование, се инхерентно штетни за благосостојбата на децата. Тој се потпира на два столба: 1) идејата дека децата се „празни табли“ или „празни садови“ кои се крајно ранливи и лесни за „обликување“ и 2) премисата дека организираната борба за родова еднаквост е дел од ЛГБТИК+ заговор. Конечно, родот и феминизмот, а со тоа и ЛГБТИ-политиките, би воделе до крајот на нашата цивилизација. Овој аргумент во корпусот медиумски текстови што се вклучени во оваа рамка има за цел да го претстави сеопфатното сексуално образование како заговор на ЛГБТИ-заедницата, а децата како негови невини жртви. „Државата НЕ СМЕЕ да промовира и да рекламира сексуални опции на деца. Тоа се нарекува сексуална индоктринација. Асексуално суштество (какво што е детето во поголемиот дел од периодот што го викаме малолетност) не смее да биде ставено пред сексуални избори и опции пред да може да осознае самото што тие значат и претставуваат... Да седнеш 6-годишно дете во клупа и да му кажуваш дека постои секс меѓу двајца од ист пол е непотребно и безобразно, имајќи предвид дека децата немаат концепт за тоа што е секс. Децата се раѓаат асексуални и без предрасуди, предрасудите ги учат од нас, а за сексуалноста се грижи природата. Подложување деца на хомосексуална, хетеросексуална, транссексуална и каква било сексуална пропаганда е злосторство кон човештвото, а велиме децата се иднината. Школото е место за наука – пропагандата од секој тип НАДВОР ОД УЧИЛИШТАТА, вели тој.“ (Панговски: Ако хомосексуалноста не може да се „научи“, чуму часови по неа?, „Република“, 25.6.2021) „Треба да разбереме дека кога се зборува за родова рамноправност или родова еднаквост, не се мисли на род по пол, односно ако кажете дека жена по пол е жена, не значи дека и по род е жена, а со тоа децата ќе бидат стимулирани да можат да изберат што се, момчиња или девојчиња. Ние тоа не сакаме да дозволиме да се случи, вели Гоџо.“ (ВИДЕО: „Од нас за нас“ организира предавање за наставници и родители против сексуално образование, „Слободен печат“, 23 јуни 2021) Слично на оваа варијанта, во медиумските содржини се појавува уште една варијанта, чиј фокус не е толку „заштитата на децата“ туку „заштитата на родителите“. Кај овие медиумски содржини фокусот е ставен на наводното родителско право да одлучува што ќе учат и какви информации ќе добиваат нивните деца во училиште. На тој начин, покрај „одземената чистота на децата“ се појавува и „одземено право на родителите“, што претставува уште една точка на политичка мобилизација против родово сензитивното и сексуалното образование преку јасна анти-ЛГБТИ реторика. Мора да се спомене дека дел од корпусот содржини во оваа рамка претставуваат дезинформации и лажни вести, како онаа дека се исфрла од употреба „мајка“ и „татко“ на сметка на „родител 1“ и „родител 2“, дека сеопфатното образование ќе биде задолжително и дека ќе се изучува од второ одделение. „Јас сум татко, горд сум што сум татко на едно дете и сакам така да ме нарекуваат институциите. Немам никаков проблем доколку некој себеси сака да се самоопредели само како ‘родител’ или како ‘родител х’, но не ми го одземајте правото да бидам татко. Лудиот, пак, аргумент дека зборовите ‘татко’ и ‘мајка’ некого навредуваат, па мора да ги бришеме од употреба, се вон секој здрав разум и немам ни намера да влегувам со разноразни будалетинки во расправии на таа тема.“ (Ивица Боцевски: Сакам да сум татко, а не „родител x“, „Фактор“ 11 мај 2021) Дел од корпусот на содржини што ја сочинуваат оваа рамка содржат негативни ставови кон здруженијата на граѓани што работат на полето на родова еднаквост и образование. Вмешувањето на невладини организации го прави „заговорот“ уште пореален, особено ако се има предвид фактот дека граѓанското општество повеќе од една декада во претходниот хибриден режим беше доминантно портретирано како „агентура на Западот“ и „пералница на пари“. Поларизацијата меѓу „ние“, „обичниот народ“, „нашите деца“ и „тие“, „Западот“, „елитата“, „ЛГБТИ“ во оваа рамка најјасно го добива своето последно ниво – ниво што ангажира емоции на лутина и омраза и повикува на акција. За да може да се стигне до ова ниво, потребно е непријателот јасно да биде именуван. Во нашиот случај тоа се ЛГБТИ-заедницата и дел од граѓанското општество. „Вие од ЛГБТ ‘невладините’, да си кажете кој тоа ви дава од 300 до 500 илјади евра ГОДИШНО за вашите акции за разбивање на јавниот морал и заедницата. (…) Да чуеме каде, во кои политички кругови лобирате и со колку пари? (...) Колку новинари имате поткупено да ги туркаат вашите планови и да ви прават позитивни промоции по медиумите? (...) Колку од вас се инфилтрирани во власта?“ (Сашо Тасевски: Има ли новинари што ќе имаат храброст да го истражат ова и јавно да го објават, „Булевар“, 10 јуни 2021) Во првата половина на 2021 година наидовме и на содржини што ја поддржуваат идејата за сеопфатно сексуално образование, родово сензитивно образование, но и ги демаскираат манипулативните стратегии, лажните вести и дезинформации поврзани со некои од содржините од оваа рамка. „Со сеопфатното сексуално образование ќе се дополни едукацијата од областа на репродуктивното здравје, граѓанските права, насилството како и заемната почит на партнерите. Свесни сме дека на младите им треба поголема едукација кога станува збор за нивниот сексуален живот. Не секогаш учениците би се обратиле кон родителите/наставникот за одговор; попрво би му се обратиле на интернетот. Веруваме дека сеопфатното сексуално образование ќе им даде одговор на многу прашања, без притоа да оставиме сексуалното и репродуктивното здравје и права да бидат табу-теми“, објаснува Милошовски... „Преку програмата младите ќе го научат начинот на пренесување сексуални преносливи инфекции, ќе дојдат до концизни информации и факти за точната превенција од СПИ, па сè до каде и кога да се обратат во случај да се најдат во оваа ситуација. Но, најбитно, ќе се заштитат од злоупотреба и манипулација, како и видови насилство – особена проблематика која е карактеристична кај ранливите категории, какви што се млади лица со попреченост, Роми и ЛГБТ-лицата“, вели Александра Петкова од „Крик“. (Б. М., Сексуалното образование влегува во училишните клупи: Што ќе се изучува и како ќе се одвиваат часовите?, „Локално“, 24 февруари 2021) „Во постот што го објави на Фејсбук, таа ја критикува Парадата на гордоста и ЛГБТ-движењето што предизвика чудење кај многумина членови што таа група ја следат заради реформи во образованието и учебниците. Меѓу другото, Спасевска вели: ‘Ако ова денес е свеченост, тогаш денес облечете црно и помолете му се на Бога. Облечете црно и помолете се за нашите деца, за нашата иднина, за нас да останеме разумни и присебни, та да можеме децата правилно да ги воспитаме за еден ден да не го играат тангото со ѓаволот’. Ваквата реторика уште еднаш го отвори прашањето која е вистинската агенда на Велковска?“ (По „Учебници и настава мора да има“, ЛГБТ не смее да има!?, „Локално“, 27 јуни 2021) Најголем дел од текстовите што ја сочинуваат оваа рамка сугерираат негативен однос на новинарот кон ЛГБТИ-заедницата, а помал дел позитивен или неутрален. Кусиот преглед на оваа рамка ни овозможи увид во стратегиите за создавање морална паника преку медиумите. Медиумските содржини од овој корпус често се поттикнувачи на паниката или анксиозноста. Моралната паника имплицира две групи, една која дефинира и една која е дефинирана. Анализата покажа дека во најголем дел од случаите групата која е дефинирана е токму ЛГБТИ-заедницата, која иако е тема на интерес, нејзиниот глас е комплетно исклучен од овие дебати. (Овој текст е дел од Анализата на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство, изготвена од Коалиција Маргини.) Автор: Ирена Цветковиќ Насловна фотографија: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Con Rec 4

Заклучоци од конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“

Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“ се одржа на 27 септември 2021 година во Музејот на современа уметност во Скопје, Северна Македонија и на интернет. Клучни чинители од Европската Унија и од Западниот Балкан дискутираа за сè поинтензивното ширење на дезинформациите, новите предизвици за професионалните медиуми и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. Конференцијата беше организирана во хибриден формат, со излагачи од Северна Македонија кои беа физички присутни на настанот и презентации преку интернет на излагачите оф регионот и од Европската Унија.   Конференцијата која се одржува по вторпат, беше организирана од страна на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми. Во продолжение се главните заклучоци и препораки од конференцијата:     Борбата против дезинформациите треба да биде сеопфатна и инклузивна. Сите релевантни чинители потребно е заеднички да работат со цел да се зајакнат отпорноста и капацитетите за справување со дезинформациите на лично и институционално ниво, како и во медиумите. Тоа би се остварило преку вклучување на медиумска писменост во формалното образование, подобри услови за професионална и независна работа на медиумите, доследно спроведување на регулативата, преку поддршка за механизмите на саморегулација и сервисите за проверка на факти. Владите и јавните институции треба да покажат политичка волја и да практикуваат активна транспарентност како пристап во справувањето со дезинформациите. Потребно е институциите на централно и локално ниво да овозможат пристап до што е можно повеќе отворени податоци, да се поддржи вклучувањето на медиумската писменост во образованието, брзо да се процесираат барањата од медиумите и од сите на кои им се потребни навремени и точни информации, како и поддршка и соработка со сервисите за проверка на факти. Владите и јавните институции треба да обезбедат правна рамка за поддршка на професионалните медиуми, вклучително и во предизборниот период. Дезинформациите се закана за демократијата, како и за јавната безбедност и јавното здравје, како што можеше да се потврди за време на пандемијата со ковид-19. Во таа насока, мора да се подигне и зајакне јавната свест за оваа појава. Во контекст на последните измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, државите имаат поголеми обврски во однос на медиумската писменост во сите сектори на општеството, вклучително за сите возрасти и сите медиуми, како и во однос на известувањето за тоа кои мерки се преземени од страна на самите држави. Справувањето со дезинформациите треба да се одвива со координирани напори во кои ќе бидат вклучени саморегулаторните механизми коишто треба да се поддржат од страна на новинарите, политичките и државните чинители. Поддршката од бизнис заедницата е исто така важна, како на пример, да не се огласуваат реклами во непрофесионални медиуми. Довербата во професионалните медиуми како извори на веродостојни информации треба да се зајакнува и да се зголемува. Ова е клучно особено во поларизирани општества, затоа што ниското ниво на „конзумирање“ професионални вести може да ги насочи публиките да бараат информации само на социјални медиуми. Тоа пак, може да доведе до понатамошна поларизација и уште повеќе да ја изложи публиката на дезинформации. Треба да се поддржат професионалните медиуми во нивните напори да се справуваат со дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза. Работењето на мали пазари, каде премногу медиуми се борат за ограничени приходи од огласување, генерира проблеми поврзани со развојот на медиумите и со одржливоста на професионалното новинарство. Професионалното новинарство треба да биде поддржано преку различни механизми кои ќе ги обезбеди државата како што се основање на фондови за продукција на содржини од јавен интерес, даночни ослободувања и друго. Социјалните медиуми ги дефинираат наративите, што може да има позитивни и негативни аспекти. Позитивниот аспект е што преку социјалните медиуми, медиумите можат да допрат до побројна, но и до помладите генерации од публиката. Во таа насока, новинарите и медиумите мора да ги следат промените и брзо да се приспособуваат на новиот технолошки развој со цел да бидат поконкурентни во дигиталното опкружување и да допрат до сите сегменти од публиката. Социјалните мрежи одреден период беа „златен рудник“ за истражувачкото новинарство. Но, тие наедно наметнуваат брзи промени во процесот на дистрибуција на вести и на контрола на содржините кои се шират на интернет. Ова се должи и на публиката која веќе не е само примач на информациите, туку и ко-креатор кој ги преобликува и дава различни толкувања на содржината, што понекогаш можат да бидат различни или контрадикторни во споредба со оригиналните објави. Новинарите кои работат во интернет медиумите мора да ги почитуваат професионалните принципи исто како и новинарите во традиционалните медиуми. Верификацијата на информациите е клучна. Професионалните новинари мора да ги проверат податоците и изворите, мора да излезат на терен, да разговараат со луѓето и лично да ги посведочат настаните, и покрај тоа што работат под притисок наметнат од социјалните мрежи и интернет медиумите коишто се борат за кликови и први да ги објават вестите, што честопати на овие медиуми им ги ограничува можностите за верификација на информациите. Со цел да ѝ се помогне на јавноста целосно да ги разбере и да ги користи интернет медиумите, важно е да се зајакнат вештините за медиумската, информациската и дигиталната писменост на граѓаните, но исто така и писменоста за користење научни податоци. Младите луѓе може да немаат доволно информации за тоа што е професионално новинарство и да немаат доволно вештини да препознаат непрофесионални објави од различни извори. Јавноста, особено младите луѓе, потребно е да бидат запознати со основата и принципите на професионалното новинарство со цел да стекнат вештини брзо и ефикасно да ги распознаваат дезинформациите. Политичките центри на моќ и политичарите треба да се воздржат од давање каква било поддршка на непрофесионалните медиуми. Бројните истражувања низ регионот покажаа дека дезинформациите се шират на систематски и координиран начин и во многу случаи дезинформациите може да се поврзат со политички партии или со политичари. Релевантните институции, граѓанскиот сектор и медиумските организации, активистите за човекови права треба да ја подигнат свесноста, да се залагаат и да ги користат сите институционални мерки со цел да ги заштитат новинарите и активистите кои се мета на кампањи за дискредитација на социјалните мрежи. Активно вклучување и брза реакција од институциите е клучна во справувањето со продукцијата и ширењето на дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза на социјалните мрежи и на интернет. Граѓанските организации, особено организациите за заштита на човековите права, мора се повеќе да ја дигитализираат својата работа, како во активностите за подигање на јавната свест, така и во однос на преносот на знаење, бидејќи многу од прекршувањата на човековите права се случуваат во дигиталното опкружување.
Vote 1

На залезот на изборната кампања - дали јавноста беше доволно информирана?

 „Иако никој со ништо не успеа да ме убеди дека ќе направи нешто посебно ако дојде на власт, сепак ќе гласам. А презаситена сум од сè, особено од она што го гледам во медиумите, доста беше“. Ова се зборовите на една моја сосетка, во пресрет на локалните избори во државата. Се прашувам, кој и каков беше ефектот од изборната кампања? Дали до граѓаните допреа вистинските пораки? И колку постојаната изложеност на морето информации, (не)рационални ветувања и најави не ги збуни граѓаните дополнително?   Секако, неизбежно се поставува и прашањето околу улогата на медиумите во изборниот процес. Колку, пак, тие успеаја да ги просветлат гласачите, да бидат во нивна функција, да им посредуваат и да им помогнат меѓу изборните пораки, ветувањата и реалноста? Во колкава мера беше обезбедена вистинска објективност и од оние, сериозните, редакции со докажан медиумски авторитет и со катадневен новинарски ангажман? Или, пак, и тие дополнително ги збунија граѓаните, вовлекувајќи ги во таканаречената „спирала на скептичност“?   Едно нешто е да се констатира слободата на изразување што медиумите им ја обезбедуваат на учесниците во изборниот процес, но сосема друго прашање е каква е објективната реалност што им се прикажува на медиумските консументи - граѓаните. Еднаквоста во минутите и секундите, реално, ниту оддалеку не може да ја прикаже вистинската слика на нештата. На граѓаните им треба реална, објективна, информација, а таа честопати изостанува. Имаше ситуации во коишто водителите на некои од програмите во кои се претставуваа кандидатите за општинските функции, едноставно кажано, останаа неми набљудувачи на исказите на учесниците во изборите, партиските кандидати, кандидатите на независните советнички листи или, пак, на независните кандидати за градоначалници. Па, така, на пример, се случуваше водители на дебати да им дозволат на учесниците во изборите Вардар да го ветат за пловен и Скопје да го направат Токио. Во еден таков наплив на фатаморганични ветувања, домаќините на дебатите, новинарите – водители останаа само слушатели на исказите за неостварливите ветувања и проекти. Но публиката, граѓаните, медиумските консументи, токму од нив, од новинарите домаќини и од медиумите организатори на таквите медиумски дебати очекуваа реакција и појаснувања. Очекуваа прашања до ветувачите во насока на реалноста на нивните ветувања. Очекуваа водителите - уредници на дебатните радио и ТВ - емисии да им постават прашање на своите гости за начините на коишто ќе ги остварат своите ветувања. Да прашаат колку пари ќе чини сето тоа, имаат ли општините буџет за толку амбициозни проекти, како ќе ги остварат ветувањата за субвенции за млади, за пензионери и слично. Или, пак, да ги прашаат потенцијалните градоначалници како ќе ги трошат заедничките пари на граѓаните слеани во општинските буџети и дали за тоа ќе се консултираат со сограѓаните, ќе ги проверат ли државните закони и така натаму и така натаму. Фото: pixabay.com Чест на исклучоците, но општо гледано сè повеќе медиуми се оддалечија од улогата на „медијатор“ во поттикнувањето граѓански ангажман. Наместо на прашањата дали и колку ставовите и изјавите на кандидатите „држат вода“, дебатите во нив се сведуваа на арена за маргинализирање на суштинските теми во корист на расправите за „победници и губитници“.  Со таквиот свој пристап, а во името на некаква наводна објективност, новинарството се оддалечи од својата примарна функција, во името на граѓаните, да биде активен учесник и своевиден контролор и брана за нереалните, мегаломански предизборни ветувања на кандидатите за општинските функции. Дали политичарите ја „исконтролираа“ медиумската агенда? Новинарството својот придонес кон изборната агенда го обезбедува со барањето одговори на релација политичари – јавност, односно со фокусот кон теми од јавен интерес. Со тоа на граѓаните им се овозможува да го разберат политичкото опкружување и да се чувствуваат подготвени да ги остварат своите демократски права. Но, да се прашаме уште еднаш, дали ова навистина беше случај кога станува збор за „отсликувањето“ на изборната кампања во медиумите? Различните контроверзни прашања и теми што ги наметнуваа самите кандидати и партиите што ги поддржаа, едноставно, се пренесоа и во медиумите. Притоа, наспроти очекувањата на медиумската публика, во одредени медиуми се забележуваше рамнодушност и отсуство на реакции, дури и при најнебулозните истапи на кандидатите за функции во локалната власт. Забележливо беше отсутството на сериозни дебати околу суштината на процесот на креирање политики. Сè повеќе недостигаше критичкиот осврт, а сè повидлива беше инертноста, наспроти одговорноста кон консументите - граѓаните.  Беше очигледно дека отсуствуваат редакциски договори, подлабока аналитичност и посебно храброст и одважност да се спротивстават на ветувањата од ракав, на оние за кои граѓаните забележуваа манипулации и лаги, а за кои, наспроти очекувањата од јавноста,  новинарството не реагираше. Со препуштање на целиот простор на поканетите по студијата, граѓаните беа уште позбунети. Беа принудени самите да поставуваат прашања по социјалните мрежи за реалната одржливост на ветувањата на кандидатите за општинските функции. Таквата практика кај повеќе медиуми, манифестирана и во ова предизборие, остава впечаток за новинарството како кампањско, пасивно и апатично. Наместо на потребните информации за граѓаните, медиумскиот фокус беше сè поголем врз политичките игри, пресметки и надмудрувања. Освен тоа, и во овој предизборен медиумски интервал, не забележавме обиди медиумите да ја „придобијат“ онаа стандардно непартиска и привидно пасивна и индиферентна публика. Ова особено ако се има предвид дека вниманието кон изборната кампања главно доаѓа од луѓето коишто се веќе вклучени во политичките активности или, пак, оние што будно ја следат политиката. За да можат да донесат вистинска одлука, граѓаните мора да бидат и информирани и едуцирани, а медиумите имаат капитален инпут во тоа. Посебно во разобличувањето на невистините или нереалностите форсирани во изборните кампањи, а сè со цел јавноста да се заштити од погрешните актери на политичката сцена. Во крајна линија, лидерите ги избираме да му служат на народот, но медиумите се тука да ни (по)кажат како тие ќе го прават тоа. Автор: Марина Тунева Насловна фотографија: pexels.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).