Работилница за истражувачи на теми од медиумската сфера

Се чита за 0 мин.

Десет истражувачи и претставници на медиумски и граѓански организации од Македонија учествуваа на работилницата за дизајнирање и планирање применети и акциски истражувања во медиумската сфера, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Мировниот институт од Љубљана, од 23 до 25 јуни во Охрид.

Во текот на работилницата, која ја спроведоа Бранкица Петковиќ, истакнат обучувач и истражувач од Мировниот институт и истражувачкиот тим на МИМ, учесниците се запознаа со клучните аспекти на медиумскиот интегритет и на концептот на применети и акциски истражувања во медиумската област. Преку практична работа, тие ги зајакнаа знаењата и способностите за подготовка на дизајн и план на истражување, како и техниките за пишување на истражувачки извештаи.

Учесниците работеа на конкретни вежби за подготовка на план за истражување на клучните проблеми во медиумската област во земјава, кои беа идентификувани врз основа на претходно спроведени интервјуа и фокус групи со претставници од медиумската сфера.

Работилницата се организираше во рамки на проектот „#РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а кофинансирањето за оваа активност е обезбедено од Британската амбасада во Скопје.