10.000 наставници од основните училишта ги проследија ЕДУИНО-вебинарите за медиумска писменост

Се чита за 1 мин.

10.000 наставници од основните училишта имаа можност да проследат пет вебинари на теми поврзани со медиумската писменост организирани преку ЕДУИНО-платформата. Наставниците беа запознати со концептот на медиумската писменост и неговата улога во образовниот процес, со цел да можат понатаму да ги пренесат знаењата и вештините на учениците во рамки на наставата. Истакнати обучувачи од областа на медиумска писменост говореа за теми кои ќе бидат опфатени во новата наставна програма од 1 до 9 одделение, како што се: Новите медиуми и социјалните мрежи, Родителите и децата од дигиталната генерација, Визуелни дезинформации и фотофорензика, Говор на омраза во онлајн медиумите и Стереотипи и предрасуди.

Оваа активност се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ во организација на Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС, а во соработка со СмартАп и Бирото за развој на образованието кои ја администрираат ЕДУИНО-платформата, како и со Министерството за образование и наука.

dragana sead irena

Како обучувачи на вебинарите беа вклучени наставници, професори, новинари и едукатори кои имаат искуство во областа на медиумската писменост – Сеад Џигал, Тамара Ќупева, Ирена Христовска, Драгана Ѓореска, Тоше Огњанов и Диана Садику-Рамадани.

Новинарот и обучувач Тоше Огњанов смета дека „со развојот на социјалните мрежи и со брзото ширење на лажните информации, потребата од медиумска писменост кај учениците стана неопходна“. Наставниците на вебинарот што тој го водеше, имаа можност да се запознаат со техниките за препознавање на визуелните дезинформации. „Верувам дека тоа ќе им помогне да ги научат учениците како да ги разоткријат лажните вести и да ја спречат штетата што тие ја носат“, нагласува Огњанов.

tamara irena tose

Обучувачките Тамара Ќупева и Ирена Христовска во рамки на вебинарот Родителите и децата на дигиталната генерација презентираа содржини од Прирачникот за родители и старатели „Дигиталниот свет на генерација алфа“, што беше издаден во рамки на проектот „Младите размислуваат“.

„Во фокусот на овој вебинар беа технолошките трендови и форми на дигитална комуникација на децата родени по 2010 година. Овие содржини беа од особено значење за наставниците, со цел полесно разбирање на психолошкиот и социјалниот развој на децата на оваа генерација, нивната дигитална комуникација и перцепцијата на светот, но и за да бидат директна поддршка на родителите кои се соочуваат со овие предизвици,“ истакнуваат обучувачките и авторки на Прирачникот.

Наставниците кои присуствуваа на вебинарите ќе имаат можност да добијат и сертификати за стекнато знаење. Вебинари на темата медиумска писменост ќе бидат и понатаму организирани за наставниците од основно и од средно образование.