Дали и како новинарите може да го искористат метаверзумот

Се чита за 5 мин.

Новинарите користејќи го метаверзумот, би можеле да ја „транспортираат“ публиката директно на местото на случувањата, на пример на фронтот во Украина каде што „на своја кожа“ би ја почувствувале опасноста или на местото каде што се лансира нов сателит кон вселената

Помина една деценија откако беше објавен револуционерниот документарен проект „Глад во Лос Анџелес“ на американската новинарка Нони де ла Пења, една од првите што ја искористи виртуелната реалност (ВР) за раскажување новинарска приказна. Користејќи технологија за ВР и сведочења на луѓе, таа ги рекреираше настаните што се случиле пред една од таканаречените „банки за храна“ во Лос Анџелес создавајќи интерактивно искуство од една релевантна тема.

Публиката со помош на ВР-очила беше „транспортирана“ пред банката за храна каде што можеше од прва рака да дознае што значи да се живее без храна, да се биде гладен и да не може да се обезбеди доволно храна за живот. Да, постои глад и во држави како САД, но за тоа не се зборува многу.

 Hunger in Los Angeles Hunger in Los Angeles: https://docubase.mit.edu/project/hunger-in-los-angeles

Токму затоа авторката на филмот Нони де ла Пења сакајќи да ја зголеми видливоста на овие невидливи луѓе за општеството, употребила модерна технологија и нов пристап во раскажувањето приказни.

Користејќи го таканареченото имерзивно новинарство (immers journalism), таа ја стави публиката во чевлите на гладните луѓе, да видат и да почувствуваат со што тие се соочуваат и низ каков пекол поминуваат чекајќи храна за да преживеат. Ако нејзината приказна била само текст на веб или во печатен медиум, па дури и телевизиски прилог, речиси би немала никаква видливост, но на овој начин, нејзината приказна „живее“ и во денешно време, една деценија по објавувањето.

Десет години по овој документарец, развивањето посовремени технологии за виртуелна реалност и развивањето на метаверзумот се многу поблиску да го променат начинот на кој новинарите ќе ги раскажуваат приказните. Но, да почнеме од почеток.

Што е метаверзум?

Терминот метаверзум не e измислен вчера, ниту, пак, негов кум е Марк Закерберг, основач и директор на Фејсбук, компанијата што кон крајот на минатата година се преименуваше и се ребрендираше како „Мета“.

„Од овој момент наш приоритет ќе биде метаверзумот, а не Фејсбук“, рече тогаш директорот на новоименуваната компанија „Мета“ надевајќи се дека еден ден неговата компанија ќе биде асоцијација за метаверзумот, а не, како досега, асоцијација за најпопуларната социјална мрежа.

Терминот метаверзум  постои точно три децении откако за првпат беше употребен во СФ-романот „Лавина“ во 1992 година. Во денешно време полека но сигурно се ближи да стане реалност, пред сè во индустријата на компјутерските игри.

Но, што, всушност, е метаверзум? Станува збор за идеја за виртуелен свет, кој се споделува преку интернет и корисниците комуницираат меѓу себе со помош на дигитални аватари.

man wearing vr glasses virtual Фото: www.freepik.com

Метаверзумот е дигитален простор до кој може да се пристапи преку технологии за виртуелна реалност (VR), зголемена реалност (AR) или проширена реалност (XR).

Во превод, вие физички можете да не ја напуштите удобноста на вашиот дом, а да присуствувате на некој голем настан, концерт, филмска проекција и слично користејќи го вашиот дигитален аватар.

Ако го прочитате само ова, логично е да помислите дека сме на пат кон создавање дистописки свет, во кој метаверзумот дополнително ќе ја елиминира физичката комуникација помеѓу луѓето. Сепак, не е така. Метаверзумот нуди поголема можност за социјализација и многу практични примени од бизнисот, медицината, образованието, па и она што е наш фокус – новинарството.

Дали ќе го промени новинарството?

Дали и како метаверзумот ќе го промени новинарството какво што денес го познаваме? Несомнено дека ќе го промени. Многумина сметаат дека ќе го промени толку радикално како што го промени и појавата на вебот (World Wide Web), но засега сме далеку од тоа.

Илузорно е да веруваме дека овој технолошки напредок нема да биде искористен и во новинарството како што ќе биде искористен во маркетингот и во бизнисот воопшто.

Скептиците истото го сметаа и за појавата на социјалните мрежи сметајќи дека нешто што наликува како да е само за забава, нема да најде практична примена во начинот на кој медиумите ги креираат приказните. Сепак, тоа се случи.

Токму затоа, сосема е логично да се очекува дека виртуелната реалност и метаверзумот воопшто ќе имаат сериозно влијание и врз новинарството, а предвесници за тоа беа проектите како документарецот на Нони де ла Пења. 

Still Here AJ Contrasthttps://ajcontrast.com/still-here

Денес голем број редакции експериментираат со имерзивно новинарство, кое иако нема огромна публика, сепак е постојано наградувано и токму на тој начин видливоста на овие приказни станува поголема. Таков е примерот на AJ Contrastкои користат AR и VR искуства за да раскажат важни општествени приказни како, на пример, гентрификацијата во Њујорк.

Дали редакциите се подготвени?

Уште еден доказ за тоа како развојот на технологиите го менува новинарството е и вештачката интелигенција.

Асошиетед прес кон крајот на март годинава објави револуционерен извештај што дава важни сознанија за тоа дали медиумите во САД се подготвени да ја користат вештачката интелигенција (ВИ) за новинарски и за деловни потреби. Анализирани беа 200 редакции во 50 држави, а беа вклучени печатени медиуми, радио, ТВ-станици, дигитални медиуми итн.

Artificial Intelligence 2Дел од редакциите изјавија дека редовно користат вештачка интелигенција, но сепак повеќето посочиле дека би биле подготвени да користат автоматизација и вештачка интелигенција само доколку тоа помогне да се намали обемот на работа. Овде повеќе се анализира користењето на ВИ за да ја автоматизира новинарската работа отколку во менување на формата на новинарско изразување. Но, сепак е доволна потврда дека секоја технологија го менува новинарството, директно или индиректно.

Во моментов сепак постојат голем број ограничувања за сериозна примена на гореспоменатите технологии во придобивањето поголема публика, а меѓу најзначајните се (не)достапноста на ВР-очилата и брзината на интернетот, но е многу веројатно дека тоа бргу ќе се промени.

Споделено искуство

Ајде сега да одиме чекор во иднината и да претпоставиме дека метаверзумот е веќе тука. Како би изгледале новинарските приказни ако претпоставиме дека метаверзумот постои во формата каква што луѓето како Закерберг ја замислуваат.

Новинарите користејќи го метаверзумот, би можеле да ја „транспортираат“ публиката директно на местото на случувањата, на пример на фронтот во Украина каде што директно самите би ја почувствувале опасноста или на местото каде што се лансира нов сателит кон вселената, далеку пореално отколку на пример обидот на Тајмобидот на Тајм (Time) за 50-годишнината од слетувањето на Аполо 11 или на Њујорк тајмс за истиот настан. 

Публиката ќе искуси многу повеќе отколку што би искусила седејќи пред телевизиските екрани или читајќи текст на веб. Тоа значи дека ќе го искуси она што новинарите го пренесуваат во повеќе димензии наспроти само пренесувањето слика и звук.

Можностите се огромни како што покажува и овој прилог на Њујорк тајмс каде што публиката преку технологија на зголемена реалност може да си ги проба чевлите пред да ги купи.

Групно следење на настаните

Е, сега, уште еден важен момент, а тоа е социјализацијата. Веројатно вашите баби и дедовци или, пак, вашите родители се сеќаваат на времето кога заедно со соседите или со роднините седеле пред радиото или пред телевизорот за да ги проследат најновите вести. Тие ги споделувале своите искуства и размислувања кога на радиото ќе чуеле говор на некој политичар или информација за новите цени на производите.

Тој момент на социјализација при „консумирањето“ вести, исчезна со појавата на новите технологии. Денес вие најчесто сами седите пред компјутер, таблет, мобилен телефон кога ги читате вестите или сами гледате некое видео. 

Метаверзумот ќе овозможи да се врати мал дел од тоа заедничко консумирање вести. Па, така, вие ќе можете со вашите роднини или пријатели или со потполно непознати луѓе претставени со аватари да ги следите најновите случувања во виртуелна реалност иако можете да бидете илјадници километри оддалечени од нив.

Значи, суштината на концептот на метаверзумот е создавање чувство на заедничко присуство, споделување искуство во присуство на други и со тоа да се елиминира осаменоста на веќе постојниот начин на онлајн присуство.

Интерактивни интервјуа од далечина

Дел од редакциите како, на пример, Би-би-си веќе раскажуваат или се обидуваат да раскажуваат новинарски приказни користејќи аватари, но тоа повеќе е инцидент отколку практика.

bbc vr https://www.youtube.com/watch?v=V6VsxcVpBVY

Таков е случајот, на пример, со ова интервју на Фајненшл тајмс (Financial Times), кое сепак е далеку од форматот и од можностите што метаверзумот ќе ги овозможи.

Сепак, ако ги погледнете двата примери на Би-би-си и на Фајненшл тајмс, ќе видите дека тие се далеку погледливи и поинтересни и делуваат футуристички отколку интервјуа снимени преку Скајп или Зоом, кои ако се спореди квалитетот на сликата, делуваат како да сме во 90-тите.

На крај, факт е дека технологијата се менува, а со неа, сакале да признаеме или не, и новинарството. Нужно е да разбереме дека се менуваат само формите и можностите да се раскаже добра приказна користејќи ги и прифаќајќи ги сите технолошки достигнувања. Значи, се менува пакувањето на приказната. Она што не се менува е дека во пакувањето внатре, сепак ви треба добра и релевантна новинарска приказна.

Автор: Александар Манасиев


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).