Пет начини како ефикасно да го користите Инстаграм

Се чита за 7 мин.

Во понатамошниот дел од текстот ќе се фокусираме на креативни начини на кои можете да го искористите Инстаграм. Зошто токму Инстаграм?  Од едноставна причина што во речиси 90 отсто од случаите сите македонски медиуми имаат своја фејсбук-страница и голем дел од нив продуцираат некаква содржина за оваа мрежа, но инстаграм-профилите се помалубројни.

На што прво ви текнува кога ќе го чуете името Vanity Fair? Првата асоцијација, најверојатно, ќе ви биде дека станува збор за печатен медиум, без разлика дали некогаш сте го читале или не.

Станува збор за препознатлив медиумски бренд, кој не е наjголем месечник во светот, но е еден од печатените медиуми во САД што во периодот на пандемијата ја зголеми својата публика, на сметка на многу дневни весници што загубија солиден дел од публиката.

И покрај фактот што низ годините има изгубено дел од својата читателска публика, за своето физичко издание, сепак добро се држи на другите платформи приспособувајќи се успешно на промените.

Да се вратиме на прашањето. Оние што го читале Vanity Fair (VF) знаат дека магазинот има препознатлив стил на пишување, добар и уникатен избор на приказни, но и препознатлив визуелен печат.

Според јавно достапните информации, Vanity Fair продава околу 1,2 милиони печатени примероци годишно. Но, во денешно време Vanity Fair не е само печатен медиум.

Покрај дигиталното издание, активна и доста посетена е веб-страницата, има и голема публика на своите профили на Фејсбук, Твитер, Јутјуб, Пинтерест, и најголема публика на Инстаграм.

Ако се анализира Vanity Fair, ќе заклучиме дека социјалните мрежи како Инстаграм не смеат да се игнорираат, ниту, пак, да се потценуваат и потребно е секоја редакција, без разлика на големината, да посвети време за креирање содржина со која ќе ја привлече публиката од оваа социјална мрежа. Оваа публика, како што покажува примерот со Vanity Fair, може да биде огромна.

Бројот на активни корисници на социјалните медиуми низ целиот свет се проценува на 4,6 милијарди во 2022 година, или околу 60 отсто од светската популација. Оваа бројка се очекува да се зголеми на речиси 6 милијарди до 2027 година, според проекциите на Статиста.

Во понатамошниот дел од текстот ќе се фокусираме на креативни начини на кои можете да го искористите Инстаграм. Зошто токму Инстаграм?

statОд едноставна причина што во речиси 90 отсто од случаите сите македонски медиуми имаат своја фејсбук-страница и голем дел од нив продуцираат некаква содржина за оваа мрежа, но инстаграм-профилите се помалубројни.

Дури и голем дел од оние што имаат свои профили на Инстаграм немаат посериозна стратегија за оваа мрежа или, пак, речиси и не креираат ништо специфично за Инстаграм.

Според статистиките, во земјава има повеќе од 870.000 корисници на Инстаграм , што е огромен потенцијал што не смее да се пропушти.

Ова се петте начини како ефикасно да го искористите Инстаграм во вашата редакција.

Фотографии и фотоприказни

Веќе наведовме дека една од најсилните страни на Vanity Fair е визуелниот израз. Ова совршено го продолжуваат на Инстаграм каде што фотографиите им се најчест и најефикасен начин на комуникација со тамошната публика.

Vanity Fair објавува свои ексклузивни фотографии или фотографии од агенции и од други сервиси со краток опис и секако линк во био за онаа публика што ќе се „навлече“ на приказната во краткиот опис да добие можност да прочита подолга верзија во онлајн изданието. Но, не објавуваат само нови и досега невидени фотографии.

Неретко тоа го прават и за постари стории што ги објавиле, а кои поради некоја причина повторно станале актуелни.  Да го земеме примерот со интервјуто што VF го направи во 2020 година со актерката Ана де Армас што ја глуми Мерлин Монро во филмот „Русокоса“ (2022).

post igОвој пост од крајот на септември годинава има речиси 30.000 лајкови и голем број коментари иако се однесува на интервју старо две години, но поради актуелноста на филмот постот донесе нови читатели на „старото“ и веќе објавено интервју.

Може да објавувате единечни фотографии или галерии. Ако објавувате галерии, секогаш одберете ги најдобрите за почетокот и за крајот на галеријата.

Покрај фотографиите што се објавуваат без никаква промена односно адаптирање, тука се и приказните раскажани преку фотографии во кои има вметнато текст. Тие се ефикасен начин на комуникација со публиката на Инстаграм.

Текстот во фотографиите ќе функционира како своевиден наслов на галеријата или на фотоприказната, со што ќе ги зголемите можностите некој да кликне, да ја прегледа приказната и евентуално да го натерате да продолжи кон вашето онлајн издание каде што треба секако да му понудите нешто повеќе. 

Картички/слајдови

Специјално дизајнираните картички (social cards) за социјалните медиуми во кои има графика, бројки, фотографии, мапи, видео и слично бараат многу поголем ангажман, но тие се одличен начин да ве издвојат од другата публика.

Можете да ја раскажете приказната преку две или повеќе вакви картички или слајдови. Нужно е да има некаква информација, текстуална или графичка, дека публиката треба да ја прелиста односно дека треба да ги прегледа сите слајдови односно картички.

Интересен е примерот на Телеграф (The Telegraph) за Како ги мониторираат жените онлајн“ во кои се вметнати некои од гореспоменатите елементи. Иако овие картички или слајдови го покажуваат најнужното во новинарската приказна, сепак и тие делуваат како „јадица“ со која овој медиум се обидува да ја улови публиката за подолгата сторија што е објавена на веб-страницата на Телеграф.

Инфографика

Публиката сака бројки, но не во која било форма туку бројки што се визуализирани, објаснети, споредени и презентирани на ефикасен и интелигентен начин.

Едни од најдобрите во тоа на Инстаграм се Visual Capitalist. Имаат публика од 250.000 следбеници на Инстаграм, што за медиум што објавува само инфографици, воопшто не е лошо.

Овој медиум визуализира податоци од други релевантни организации, а во онлајн изданието пишуваат и подолги анализи поврзани со визуелните решенија. Сепак, се одлучиле и на приспособување на нивните инфографици за Инстаграм, со цел да привлечат дел од публиката кон своето онлајн издание.   

Најчесто ги визуализираат податоците во една инфографика, но некогаш тоа го прават во вид на инстаграм-картички (слајдови).

post ig 2На пример, најсмртоносните епидемии ги визуализираа во еден единствен пост, кој е јасен и прегледен иако можеби ќе треба да зумирате за да ги прочитате податоците во најдолниот дел од инфографиката.

Тоа потврдува дека некогаш помалку значи повеќе, односно обидете се да направите инфографики што истовремено ќе бидат визуелно добри, но и јасни.

Таков е примерот со “Колку фосилни горива трошиме каде што објавувањето само бројки нема да ја илустрира комплетно сликата за тоа колку јаглен, нафтени деривати и гас троши човекот, туку направена е компарација со коцки наспроти големината на човекот. 

Кога „играте“ со повеќе податоци што може да се поделат на сегменти, тогаш креирајте посебни инфографики и објавете ги како картички. Добар пример е визуализацијата на светското население каде што со цел да привлечат што е можно поголема публика, Visual Capitalist ги делат бројките по континенти креирајќи вкупно седум инфографики.

Инстаграм-приказни

Форматот на инстаграм-приказни (Instagram Stories) нуди голема доза креативност за медиумите. Додека гореспоменатите формати се прилично ограничувачки, инстаграм-приказните нудат малку поголема слобода, поголема можност за интеракција со публиката и послободен стил на изразување. Привлечноста на приказните на повеќето платформи е тоа што содржината честопати трае помалку од 24 часа пред да исчезне.

Примената на вертикалниот формат на креирање приказна, по успесите на Снепчет беше успешно адаптиран и од Инстаграм и од Фејсбук како проверен начин на ефикасна интеракција со публиката. Но, иако постојат подолго време, медиумите во земјава не го искористуваат нивниот целосен потенцијал, но во светот тоа е редовна практика.

instagraФото: freepik.com

Секоја новинарска приказна што сте ја изработиле за печатен медиум, ТВ, радио или за веб може да се приспособи како инстаграм-приказна, но не треба да размислувате линеарно односно самата приказна не мора по секоја цена да го има истиот наратив како и оригиналот. Напротив, можете да одите во сосема спротивен правец и да ја раскажете приказната сосема поинаку. Ако немате идеја, видете како го прават тоа големите медиумски куќи, како, на пример, BuzzFeed News, и обидете се прво со некоја едноставна форма и потоа креирајте нешто посериозно.

Размислувајте на инстаграм-приказните како на примамлива мамка со која ќе го привлечете вниманието на публиката за вашата тема. Можете тоа да го сторите во вид на прашања, квиз и слично. Можете да објавите дел од статистиката, десетина секунди од некоја моќна изјава и слично.

За редакциите, алатката за поставување прашања директно до публиката е особено важна, бидејќи не само што имате директна интеракција со публиката туку и добивате повратни информации за тоа какво е јавното мислење за одредена тема како и кои теми повеќе ги засегаат и слично.

Преку инстаграм-приказните можете да развиете и малку поинаков однос со публиката, а тоа е да им прикажете што се случува „зад завесата“ при подготвување некоја емисија, пред некое интервју, додека работите на некоја репортажа и слично. На тој начин преку „соголување“ пред публиката, вие и вашиот медиум станувате потранспарентни и поблиски до неа.

Инстаграм-приказните се исто така добар начин да ја натерате публиката да ја види/прочита целата приказна, покрај вообичаениот начин со линк во био. Приказните овозможуваат да ги донесете до главната приказна преку опциите „повлечете нагоре“ (swipe up) и со помош на стикерите за да ја видите комплетната сторија. Овие опции најчесто носат поголема публика отколку опцијата со линк во био.

Видео, видео, видео

На социјалните мрежи како Инстаграм, објавувањето видеосодржини е речиси задолжително. Има медиуми што добро проаѓаат само со форматите што досега ги споменавме, но доколку сакате навистина да ја „кренете играта“, тогаш креирањето видеа за оваа социјална мрежа е нешто за што мора да размислувате. Дури и печатените медиуми, магазини и слично што вообичаено не креирале видеа, денес креираат и одлично проаѓаат на Инстаграм. Постојат повеќе формати на видео што може да ги објавувате на оваа социјална мрежа. Можете да објавувате необработени/неедитирани кратки видеа од одреден настан, инцидент, случување…Можете да објавувате обработени/едитирани видеа со текст на екран и слично, интервјуа што вие сте ги направиле или од агенции на кои сте претплатени... Можностите за видео се огромни.

Она што е важно да се напомене е дека, иако можете да креирате видеа во различни формати од 16:9, 1:1, 3:4 или 9:16, во моментов Инстаграм за да се доближи до бројките на ТикТок, фаворизира видеа што се во вертикален формат. Тоа значи дека видеата што се објавуваат како макара (reels) и како приказни (stories) имаат потенцијал да дојдат до далеку поголема публика отколку другите видеа креирани во поинаков формат. Сепак, покрај форматот поважна е секако и содржината на самото видео, посебно кога станува збор за видеа што ги објавуваат медиумите. Тие треба да ги имаат сите елементи на релевантна новинарска содржина креирана по новинарски стандарди. 

Автор: Александар Манасиев


 Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).