Седум начини како Google Lens може да ви помогне во новинарската работа

Се чита за 6 мин.

Овде ќе се фокусираме само на тоа како може оваа апликација да ви ја олесни новинарската работа, без разлика дали сте на терен или работите од канцеларија.


Моќната и импресивна алатка Google Lens е апликација што, за жал, новинарите недоволно ја користат, иако може да им заштеди време, нерви, енергија, а може да им отвори и многу нови можности. Оваа апликација можеби ја имате на вашиот мобилен телефон, но никогаш не сте ја ни отвориле. Или, пак, ретко сте ја користеле не знаејќи ги нејзините можности.

Но, можеби сте од оние што ја знаат нејзината магија и често ја употребувате, за новинарска работа или, пак, приватно. Ако не спаѓате во овие последните и ако Google Lens за вас е непознат терен, тогаш продолжете да читате. 

Што е Google Lens?

Google Lens е една од најпотценетите апликации токму поради недоволното познавање на нејзините целосни капацитети. Доколку не ви ги покажат можностите, ќе мислите дека никогаш нема да ви биде потребна, но не е така.

Како што велат самите креатори, Google Lens ви овозможува да го пребарувате она што го гледате, да ги завршите работите побрзо и да го разберете светот околу вас – користејќи ја само камерата или некоја фотографија.

Оваа апликација доаѓа вградена на дел од Google брендираните телефони, а за сите други потребно е да се симне и да се инсталира. Најчесто оние апликации што ќе ги инсталираме и нема да ги користиме активно во првите неколку недели, неоправдано ги сметаме за неупотребливи.

Google Lens

Дали се плаќа?

Најдобриот дел е што Google Lens e бесплатна апликација и доколку ја немате на вашиот мобилен телефон, можете да ја симнете на Google Play ако сте корисник на Андроид или на App Store доколку сте корисник на iOS. Тоа значи дека е достапна за секого и нема да потрошите ниту денар за нејзиното користење. А богами има безброј начини како да ја користите.

Google Lens е еднакво корисна апликација за домашна употреба, но и за професионална употреба. Нејзиното користење е поврзано со камерата на вашиот мобилен телефон и без неа не може да функционира.

Накратко Google Lens е збир од визуелни компјутерски способности, кои можат да го препознаат она што го гледате преку телефонската камера, со цел апликацијата да го претвори тоа во одредена информација што вие потоа ќе ја искористите. Како?

Google Lens ви овозможува да копирате или да преведувате текст, да идентификувате растенија и животни, да истражите одредени локации, да проверите одреден производ, да пронајдете визуелно слични слики и многу други корисни работи.

Овде ќе се фокусираме само на тоа како може оваа апликација да ви ја олесни новинарската работа, без разлика дали сте на терен или работите од канцеларија.

Копирајте текст од каков било документ

Во новинарството, покрај информацијата и вистината, најверојатно најскапо е и времето. Новинарите, во трката први да објават проверена информација, никогаш немаат доволно време и секоја заштеда на време е драгоцена.

Најтешко е кога во недостиг на време треба да внесете/препишете текст од некој физички документ што сте го добиле од одредена институција или, пак, некое истражување, студија и слично во Word-документ на вашиот компјутер.

Што ако тој документ има десетици страници и вам ви треба голем дел што би го употребиле во вашиот новинарски производ или, пак, ви треба за да продолжите со истражувањето. Препишувањето на текстот може да ви одземе и неколку часови.

Но со Google Lens можете едноставно да го копирате текстот насочувајќи ја камерата од вашиот мобилен телефон кон него. Откако апликацијата ќе го препознае (трае само неколку секунди), вие потоа можете едноставно со копи/пејст да го префрлите на кој било документ (Word или Google Docs) што го работите, на имејл или во вашите белешки, па дури и да го копирате/пренесете директно на вашиот компјутер каде што го пишувате новинарскиот текст.

Можете да „симнете“ текст од ПДФ-документи, печатени документи, сметки, книги, списанија, знаци покрај пат, транспаренти, соопштенија, па дури и од телефонски екран, компјутер, телевизија и слично. Секаде каде што е напишан разбирлив текст, можете да го копирате со Google Lens. Корисно, нели?

google lens features

Преведете каков било текст

Како новинари често работиме на терен, неретко во земји во кои не го знаеме јазикот. Или, пак, во сопствената држава работите на меѓународно истражување и имате куп физички документи на странски јазик. Во тие ситуации од голема помош може да ви биде Google Lens, кога немате преведувач.

Замислете си дека сте во Украина и известувате од војната. Доколку наидете на документ, знак на патот, некое соопштение или што било на кое е напишан текст што не го разбирате, а нема кој да ви помогне, со Google Lens можете да го преведете без проблем. Отворете ја апликацијата, насочете го телефонот кон знакот, патоказот или документот каде што е напишано нешто на странски јазик и кликнете на делот „Преведи“ во должина на долниот раб на екранот. Преводот го добивате инстантно и тоа директно ќе го видите врз странскиот текст.

Добро, преводот некогаш нема да биде совршен, но ќе ви даде основна информација за што станува збор. Таа информација можеби ќе ви заштеди време ако барате одредена локација или, пак, може дури да ви го спаси животот во екстремни случаи.

Со Google Lens можете во реално време да преведете текст од повеќе од 100 јазици, да копирате и да преведете параграфи или други знаци. Можете да одберете превод на кој било јазик, но најчесто најдобриот резултат ќе го добиете на англиски јазик.

Откријте кога некоја фотографија е објавена

Во време кога дезинформациите царуваат и во време кога насекаде сме опкружени со лажни вести, неретко како новинари сме соочени со дилемата дали фотографијата е реална или монтирана, кога и како за првпат е објавена и дали е од некој конкретен настан или некој сака да нѐ изманипулира со стара фотографија.

Со Google Lens лесно можете да пребарате и да добиете податок кога и како некоја фотографија за првпат била објавена, да побарате визуелно слични фотографии и слично. Нема да ви требаат други сервиси за ова, иако, рака на срце, постојат. 

Препознајте места, објекти, личности

Google Lens може да ви помогне да препознаете одредено место, локација, објект, скулптура, знаменитост, па дури и личност. Ако се наоѓате на некоја улица во Берлин, на пример, и пред вас се наоѓа скулптура што не ја препознавате, доволно е само да ја отворите апликацијата и да ја насочите камерата кон скулптурата и ќе добиете информација и линкови за да се информирате и да дознаете повеќе. Истото може да го сторите со некоја зграда и слично. Најчесто резултатите се точни, но зависи и од тоа како ќе го поставите/насочите телефонот, со цел да се направи појасна слика од објектот или предметот.

google lenss

Можете да ја употребите и за препознавање одредена личност, доколку имате физичка фотографија од таа личност или, пак, имате фотографија на компјутер, а не можете да се сетите за кого станува збор. Нормално, ако станува збор за јавна личност, ќе добиете точна информација.

Истото важи и за одреден предмет или уред чие име не го знаете или чија функција не ја препознавате. Google Lens може да ви помогне во нивното препознавање и во давањето информации поврзани со тие предмети или уреди.

Доколку пред вас имате растение, животно, куче чија раса не ја препознавате, исто така Google Lens може да ви помогне. Дел од вас сигурно се прашуваат, а зошто како новинар би ми била потребна информација за раса на куче или за вид растение? Но, секако треба да имаме предвид дека новинарството постои и надвор од пишувањето и известувањето само за политика и економија.

Зачувајте ги контактите

Колкупати досега некој ви дал бизнис-картичка, сте ја ставиле во фиока или чанта и по некоја година сте сакале да контактирате со таа личност за интервју или за брифинг, но едноставно картичката никаде не можете да ја најдете. Мене редовно ми се случувало.

Но, со помош на Google Lens сите бизнис-картички можете да ги дигитализирате, да ги зачувате и да ги организирате контактите брзо и едноставно.

Само отворете ја апликацијата и насочете ја камерата кон бизнис-картичката и ќе ви се појави опција да го зачувате контактот. Истото можете да го направите со одредени покани за настани и слично и да ги вметнете директно во вашиот календар. Сето ова ќе ви заштеди време, но и нерви.

Пратете директно имејл или јавете се на телефон

Препознавањето на текстот на каков било предмет, документ или фотографија може да ви ја забрза работата кога сакате некому да му напишете имејл или да му се јавите.

Наместо физички да ги пишувате и да ги внесувате имејл-адресата или телефонот или, пак, веб-адреса на одредена институција и да ризикувате да згрешите, можете едноставно преку Google Lens да ги копирате и директно да ви даде опција да напишете имејл или да се јавите. Истото може да го сторите со која било интернет-страница. Кога ја користите апликацијата, ако некаде на некој документ, соопштение и слично е напишана URL-адреса, веднаш ќе ви даде опција да ја посетите таа веб-страница. 

Скенирајте QR-кодови и бар-кодови

За скенирање на QR-кодови и бар-кодови отсега нема да ви биде потребна ниту една друга апликација. Можете, на пример, да го скенирате со Google Lens кодот на некоја ви-фи мрежа и веднаш да се поврзете на неа.

Добро, оваа функција може повеќе да ви користи приватно за шопинг или во ресторани, но некогаш ќе се најде и за вашата професионална работа бидејќи QR-кодовите станаа нешто што го има насекаде и има многу практични примени.

Бонус: Станете Гаус за математика

Најголем дел од новинарите не се којзнае какви математичари, секако со чесни исклучоци, но Google Lens може да ви стане најдобар пријател ако знаете дека може да ве претвори во Карл Фридрих Гаус.

Само со насочување на камерата од телефонот кон некоја сложена равенка напишана во учебник, списание или на екран, може да го добиете решението во реално време без да знаете ниту прости математички задачи.

Шегата настрана, оваа функција неретко може да ви помогне и при новинарска работа доколку имате сложени операции со бројки, пресметка на проценти и слично.

Дали сето ова ве убеди? Доколку досега не сте користеле Google Lens, обидете се уште денеска. Ќе заштедите време и нерви и ќе бидете попрофесионални во она што го работите.

Автор: Александар Манасиев

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).