Проверка на информации и вести

Се чита за 5 мин.

Од оние што се борат против некоја вистина, поопасни се само оние што лажно ја бранат.

Во секојдневната комуникација често велиме дека информациите се храна за нашиот ум, или на пример дека „консумираме“ премногу информации и медиумски содржини. Оваа метафора на информациите како храна можеме малку да ја прошириме и за нивна проверка. 

Кога купуваме некој прехранбен производ и сакаме да го провериме, кои можности ни се на располагање? Често во маркетите можеме да ја видиме глетката како купувачите ги потфаќаат артиклите во рака, ќе се загледаат во нив, ќе ги превртат неколкупати и потоа ќе ги стават во својата корпа или ќе ги вратат назад на полица. Од ваквите навики за внимателност што купуваме, можеме нешто да научиме и да примениме и за информациите.

БРЕНД?

Кај храната првин проверуваме кој е производителот, односно кој е „брендот“. Какво е нашето искуство со овој производител, дали му веруваме, дали некогаш сме имале негативно искуство со него? Овој начин на проверка можеме да го примениме и со информациите и вестите. Дали медиумот, или брендот, е некој кому му веруваме? Дали работел професионално, дали ги почитувал етичките стандарди, дали фаворизирал некоја страна, дали користел манипулации во информирањето? Пред да ја вложиме својата доверба во некој медиум, треба да бидеме сигурни дека таа е заслужена токму низ овие принципи за професионално и етичко работење. За да медиумот ја заслужи нашата доверба, не е доволно само да ни се допаѓа тоа што тој го објавува, туку и да води сметка за јавниот интерес и да ја почитува својата публика така што нема да ја подложува на манипулации. 

Ако станува збор за нам непознат медиум, треба да провериме дали тој има информации за контакт, сопствеништво, уредници, редакција и сл.

АВТОРСТВО?

Покрај брендот, за медиумскиот производ многу е важно дали е наведен автор. Една од првите проверки што треба да ја направиме е да видиме дали написот, прилогот или објавата се потпишани. Во изразено голем број на објавите на медиумите од Македонија, може да се забележи дека нема автор, дури ни на значителен дел од веб-објавите на националните медиуми што имаат редакции и уредници. Наведувањето на авторството е уште поретко кај онлајн медиумите, кај кои често отсуствуваат и основни информации од импресумот. Колку и да ни се допаѓаат содржините од вакви медиуми, едноставно треба да се запрашаме зошто не се објавува и авторството? 

Отсуството на авторството во објавите на домашните медиуми може да се толкува и како одбегнување одговорност за тоа што е напишано. Понекогаш „срамежливо“ се наведуваат иницијали, или, на пример, во потпис стои редакција и слично. Непотпишувањето на медиумските содржини е сериозен недостаток, на кој не треба тукутака да му се прогледува низ прсти. Ако тој што го напишал текстот не сака да преземе одговорност за него, дали ова навистина ја заслужува вашата доверба? Размислете внимателно колку вреди да се верува на некоја вест за која авторот не сака ниту да се потпише. 

s t5

НАСЛОВ?

Насловот е клучен дел на секоја вест, кој може да пресуди дали ќе ја прочитате или не веста. Во изобилството од вести и информации, насловот е вашиот прв контакт со медиумските објави. Утврдете дали насловот користи таблоидни техники за привлекување внимание (Неверојатно! Нема да ви се верува! Скандалозно! Невидено! Нема да зажалите ако ова го прочитате!). Ако насловите се предолги, веројатно во остатокот на текстот нема да најдете важна дополнителна информација, затоа што насловот е, всушност, веста. Споредете дали насловот соодветствува и одговара на содржината. Манипулативните наслови се мошне честа појава во домашните медиуми.

ИЗВОРИ?

Една од главните причини е што многу често во овие објави без автори речиси и да нема вистинско авторство, но ни новинарство, за жал. Голем дел од содржините се пренесени од други извори на информации и се објавуваат како копирана содржина. Некогаш тие извори се прес-агенции, странски медиуми, соопштенија за јавноста или, пак, содржини од социјалните мрежи. Медиумите и новинарите добиваат готови содржини од политичките партии или од маркетинг агенциите, кои преферираат нивните содржини да се пренесат без дополнителни измени. Новинарскиот удел често се сведува само на фрази какви што се: се наведува во, како што објавува, стои во соопштението и сл. Во овие случаи на голо трансмисиско новинарство, каде што медиумот само ја пренесува, но не ја обработува информацијата, потпишувањето на авторството ја губи смислата поради ваквата автоматска редистрибуција на информации. 

Во делот на изворите многу е важно да увидиме каков тип извори се користат. Дали се наведени извори од различни засегнати страни, дали изворите на информации се компетентни и кредибилни, дали недостасува некој важен извор, дали информациите од изворите се квалитетно пренесени и контекстуализирани и така натаму.

Ако станува збор за онлајн содржина што има линкови, проверете ги и линковите, тие можат да индицираат за каков тип вест се работи. Како во изреката „Со кого си, таков си“, за манипулативните намери на вестите понекогаш можеме да дознаеме и од тоа какви линкови користат новинарите и медиумите.

s t5 4www.freepik.com

ВРЕМЕ И ДАТУМ?

За артиклот што го купувате, многу важен е датумот на производство. Заедно со информацијата за рокот на употреба, тој ни кажува за безбедноста да се консумира производот. За информациите, исто така, важно е да знаеме кога се објавени за да можеме да ги разбереме во својот вистински смисловен и хронолошки контекст. Дополнително, со автоматизираната дистрибуција на вестите преку социјалните мрежи и агрегаторите на вести, на пример, може да се случи постари вести да бидат преобјавени помеѓу нови вести и со тоа да се внесе конфузија кај читателите дали нешто повторно се случило. Во трката што побргу да се објават информации за некоја тема или настан, не се води доволно грижа за проверка на информациите и се избегнува да се наведе времето на објава кога првичните информации се надополнети. За разлика од содржините во традиционалните медиуми, кои се временски фиксни во однос на тоа кога се објавени, новите дигитални медиуми оперираат со поинаков формат на т.н. хипертекст, кој може постојано да се менува и да се надополнува. Информацијата дека текстот е изменет, надополнет или можеби коригиран, е суштински важна.

МИРИС И БОЈА?

Пред да купиме некој производ, особено на пазар, поискусните домаќини и домаќинки го подложуваат производот на тест со мирисање. И вестите можат да имаат свој мирис. Понекогаш нешто при првиот контакт со веста ни делува чудно, сомнително, невообичаено. Оваа првична реакција често се потпира на нашето искуство од читање вести и информации и тоа не треба да го потцениме. Повнимателно проверете ги вестите што чудно ви „мирисаат“ или ви сигнализираат дека нешто не е во ред со нив.

Исто така, провери дали веста е обоена, можеби лично, политички, идеолошки, партиски, економски и слично. За да се спротивставиме на обоените вести, понекогаш е потребно и ние да бидеме помалку премачкани со сите бои.

s t5 2

НЕ ВЕРУВАЈ ИМ СЛЕПО НИТУ НА СВОИТЕ ОЧИ

Реалноста често ја поистоветуваме со она што го гледаме. Дигиталните медиуми имаат различни начини за обработка на фотографии и видеоматеријали, така што она што го гледаме многу лесно може да биде визуелна манипулација. Како што Инстаграм може со своите филтри да ви помогне да изгледате поубаво на вашите фотографии, така и вестите можат лесно да го разубават имиџот на некоја јавна личност, организација или општествена група. Затоа, првин провери и...

СПОРЕДИ!

Златното правило за вакви пригоди е, што поскандалозно звучи некоја вест, повнимателно провери ја. Еден од наједноставните начини за проверка е да споредиме како одреден настан е покриен во другите објави и медиуми. Дали има факти и информации што се повторуваат и се потврдени од други извори? Дали информациите се потврдени и од официјални извори или институции? Ако одредена навидум скандалозна вест е покриена од еден или само неколку извори, тогаш веројатно станува збор за објава што има некоја прикриена агенда.

ПРОБАЈ, ПА СПОДЕЛИ!

Пред да споделиш нешто со твоите блиски контакти, првин пробај го. Прочитај ја веста до крај, провери внимателно дали е навистина тоа нешто што сакаш да го споделиш, дали вреди да биде споделено, провери дали според очекуваните реакции на тој со кого го споделуваш е во ред да ја пренесеш веста, процени дали станува збор за нешто корисно, забавно или е можеби нешто што може да ги вознемири другите.

Автор: Сеад Џигал

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).