Употреби на говорот на омраза во медиумите

Се чита за 6 мин.

Во романот „Војна и мир“ за првпат објавен интегрално во 1869 година, Лав Толстој пишува за француската окупација на Русија од 1812 година. Овој историски настан Толстој го пренесува низ раскажувањата на неколку руски благороднички семејства, за тоа како окупацијата на Наполеон била доживеана во Русија. За пишувањето на овој роман, Толстој користел многу историски документи, хроники, сведоштва и други материјали, со намера да внесе во него што е можно повеќе реализам. Но, интересно е што и покрај оваа нагласена тенденција за автентичност и реализам, во „Војна и мир“ нема делови во кои Толстој пишува изразено негативно за окупаторот на неговата земја. Во оваа книга, која долго време служела како основно четиво на голем број читатели за француско-руската војна од 1812 година, не можеме да најдеме ниту говор на омраза кон непријателот, ниту, пак, дехуманизирачки ословувања на непријателот. Толстој учествувал во Кримската војна (1853 – 1856) и окупацијата на Севастопољ (1854 – 1855), така што одблиску можел да ги посведочи сите ужаси на војната и ѕверствата што таа ги предизвикува. Сепак, војната од Толстој направила пацифист, хуманист и духовен анархист, што тој го пресликал во пишувањето за војната од ракурс на своите ликови во потрага за љубов и човечност во околности кога тоа е веројатно и најтешко.

За разлика од Толстој, кој не сакал во своите книги да ја овековечува омразата, медиумите денес далеку повеќе се посветени на експлоатацијата на негативните чувства во документирањето на секојдневните настани и конфликти. Во времето на Толстој пишувањето за хуманоста и за љубовта во време на војна продавало огромни тиражи, додека работите сега се прилично поинакви. Денес стравот и омразата се далеку поефикасни средства за продавање тиражи и за висока гледаност. Во медиумите денес доминираат негативните вести, информациите за човечките страдања, а темите за девијантните и социопатските однесувања се редовно присутни во ударните вести. На социјалните мрежи, пак, провокативните пораки и говорот на омраза лесно стануваат вирални објави и широко дисперзирани содржини со висок број реакции, коментари и споделувања. Омразата, за жал, денес е „поисплатлива“ за објавување во медиумите, отколку позитивните теми и вести.

Комуникациски функции на говорот на омраза

Постојат многу различни и подробни дефиниции за тоа што е говор на омраза и во какви форми тој може да се појави. Во комуникациска смисла, говорот на омраза се користи да го маркира референтот (оној на кого се однесува пораката) или адресатот (оној на кого се упатува пораката) врз кого треба да се насочат искази на омраза и нетрпеливост. Идентификувањето на поединците или групите кон кои се „нормализира“ комуникациско напаѓање е една од примарните функции на говорот на омраза. Откако ќе ги идентификува поединците и групите кон кои тој се насочува, говорот на омраза преку своите различни форми настојува да го конвенционализира односот на омраза, односно да го направи прифатлив за обраќање и однесување за што поголем број луѓе. Најчести начини за да се конвенционализира и широко да се  прифати говорот на омраза се: тврдења дека поединци и групи треба да се исклучат од заедницата на која ѝ припаѓаат (предавници, изроди, платеници, квислинзи и сл.), дека не заслужуваат да бидат третирани како нормални луѓе (идиоти, кретени, малоумни и сл.) или, пак, да се споредат со животни или инсекти (стока, говеда, овци, змии, гниди, штетници и др.).

tech devices icons optФото: freepik.com

Говорот на омраза има важна улога во дефинирање на т.н. симболички поредок на општеството, односно ги проширува пораките од комуникаторот кон јавноста за тоа кои се големите опасности за заедницата, кој е отворениот или прикриениот непријател на народот/заедницата, кои вредности треба да се бранат и така натаму.

По двете фази на идентификација (маркирање) и конвенционализација (ширење) на говорот на омраза, трета фаза е развивање стратегии за операционализација на говорот на омраза, односно утврдување начини како да се употребува говорот на омраза за да тој ги предизвика посакуваните ефекти, какви што се заплашување, подредување, маргинализација, нормализирање на дискриминацијата, сѐ до поттикнување физичко насилство или елиминација. На тој начин се развиваат приспособени и своевидни функционални стилови на говорот на омраза, така што се оформува говор на омраза за јавни протести, говор на омраза на социјални мрежи, говор на омраза во политичката комуникација, колоквијален говор на омраза итн. Зачестеното користење на овие варијации на говорот на омраза, постапно го оформува јазикот на омраза и ја зацврстува културата на омраза во општеството.

Степенувања на говорот на омраза

Во фазата на операционализација на говорот на омраза постојат различни степени на примена на говорот на омраза во обраќањето и во однесувањето. Ова може да варира од исмевање, до закани со смрт. Во истражувањата често се користи методологијата развиена од Универзитетот Вашингтон, која со одредени приспособувања, дефинира шест нивоа на говорот на омраза:

1. НЕСОГЛАСУВАЊЕ, односно изразување на спротивставување, одрекување, порекнување, револт и слично.

2. НЕГАТИВНО КАРАКТЕРИЗИРАЊЕ, или именување негативни одлики и карактеристики, потсмевање, потценување, етикетирање и стигматизација (жигосување).

3. НЕНАСИЛНИ НАПАДИ, односно вербално напаѓање, навреди, пцости, плукање, заканување и сл.

4. ДЕМОНИЗИРАЊЕ И ДЕХУМАНИЗИРАЊЕ, или карактеризација на поединци и групи како дијаболични, опасни, штетни субјекти, кои не заслужуваат да се третираат како луѓе и кон кои можеме да се обраќаме и да се однесуваме како кон ентитети што се подолу од луѓето.

5. ПОВИЦИ ЗА ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО, т.е. директно вербално повикување на насилно однесување, напади, пресметки, претепување и други форми на физичко насилство.

6. ПОВИЦИ ЗА ФИЗИЧКА ЕЛИМИНАЦИЈА, како врвна форма на говорот на омраза што директно повикува на убивање или елиминирање на оној на кој се однесува омразата.

Помеѓу овие шест нивоа на говорот на омраза, понекогаш, во зависност од културните специфики и околности, можат да се појават преодни форми или „латентни форми на говор на омраза“, кои лесно можат да преминат во некој од веќе наведените шест типа. На пример, во комуникацијата често да се користат негативни стереотипи, кои можат да послужат да се оформи изразен говор на омраза преку нивно преобликување и надградување со наративи на омраза. Од многубројните примери можат да се наведат стереотипите за „скржавиот Евреин“ што нацистите го користеле во медиумите во предвоениот период, или, пак, стереотипите за одредени етнички групи на Балканот како примитивни и нецивилизирани, кои потоа беа трансформирани во дехуманизирачки говор на омраза.

Според истражувањето за говорот на омраза на Западниот Балкан во 2021 година, кое е во подготовка и беше изведено и преку Институтот за комуникациски студии, за 2021 година во земјава биле регистрирани следните најчести типови говор на омраза:

  • Говор на омраза против политички и идеолошки опоненти (30 %)
  • Говор на омраза на етничка основа (29 %)
  • Говор на омраза во врска со мерките против пандемијата (13 %)
  • Говор на омраза против припадници на сексуалните малцинства (8 %)
  • Говор на омраза на родова основа (7 %)
  • Говор на омраза на верска основа (3 %)

Остатокот од регистрираните случаи за 2021 година се однесува на случаи на расизам, ксенофобија и напади на новинари. Како извори на говор на омраза во јавната медиумска сфера најчесто се јавуваат: поединци граѓани (45 %), политичари (17 %), новинари (11 %) и онлајн инфлуенсери (9 %).

Мутации на говорот на омраза

Говорот на омраза може да се појави во различни форми во медиумите, но и да биде користен од различни субјекти и актери во општеството за различни цели. Во политичката комуникација, но и во други јавни области, општествените елити ретко го користат директно говорот на омраза, но можат да го охрабрат или да го поттикнат индиректно. Преку различни јазични техники, наративи или фалични аргументи, тие можат да им сигнализираат на своите поддржувачи и симпатизери дека тие можат директно преку говорот на омраза да го кажат тоа што нивните политички водачи и заштитници го мислат. Овој вид хиерархиско прелевање и поттикнување на говорот на омраза е честа појава во современата политика.

hate sp 2Фото: freepik.com

Една од мутациите на говорот на омраза може да се јави во индиректна форма на политички или историографски наративи за непризнавање или непостоење други народи или јазици. Овој вид испреплетеност на политички наративи и говор на омраза е доста проширен на Балканот, а имаше своја пројава пред почетокот на воениот конфликт во Украина оваа година. Непризнавањето на постоењето друг етнички или јазичен идентитет од позиција на политички или научни елити, лесно се прелева во другите сфери на општеството и се манифестира во секојдневната комуникација во различни форми на потценување, исмевање, деградирање, и секако при поларизација на односите во говор на омраза. Ваквата комплементарност на политички или историографски наративи за непризнавање нечиј идентитет со говор на омраза, креира своевидна мутација на говорот на омраза, која може да се нарече културоубиствен или културоциден говор. Непризнавањето на идентитетот на другиот во услови на поларизација, лесно се трансформира во негово дехуманизирање во обид не само да се негира и оспори, туку често и да се елиминира одредена култура, со тоа што ќе се тврди за неа дека е непостоечка.

Ваквите културоцидни говори во редица случаи се користени да го оправдаат насилството врз „оние што разнебитуваат еден народ“ и го оневозможуваат неговото замислено единство или величество. На пример, на руските војници што беа праќани во Украина им беше повторувана слична културоцидна реторика, дека тие се борат за Украина, против „бранителите на измислена нација“ и „предавниците“ што го спречуваат единството на големиот заеднички народ. Толерирањето и нормализирањето на културоцидниот говор, особено ако тој се користи од позиција на високи политички претставници, научници или институции, може да биде експлоатирано за креирање долгорочни конфликти и омраза со несогледливи последици.

Автор: Сеад Џигал

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).