Сѐ повеќе информации, сѐ помалку време

Се чита за 5 мин.

Во поновите лифтови покрај другите копчиња има и едно за затворање на вратата. Обично се користи кога брзаме или немаме трпение да почекаме лифтот автоматски да се затвори, па со притискање на ова копче, сакаме да го забрзаме затворањето на вратите. Ако го измериме времето на автоматското затворање со она кога ќе го притиснеме копчето, заштедата во време е речиси минимална. Но, ова копче има многу важна психолошка функција, барем така утврдиле компаниите за лифтови. Тоа на корисниците им дава(ло) поголемо чувство на контрола врз сопственото движење и време. Постапно ова копче стана стандард во производството на лифтови и дел на една веќе проширена култура дека можеме времето да го контролираме на обично копче. На сличен начин, кога чекате со вашиот автомобил на семафор, ако не тргнете на жолто, луѓето инстантно ќе ви дадат на знаење каков идиот сте затоа што сте им одземале 0,5 секунди од нивните животи.

КОПЧИЊАТА ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ЛИФТОВИТЕ СЕ ИЗМАМА!

Технологијата сѐ почесто нѐ поттикнува да брзаме. Многу технолошки уреди ја менаџираат или ја поттикнуваат потребата за забрзување на нашите дневни активности. Така е и со технологиите за комуникација. Уредите и телефоните се побрзи со секоја нова генерација производи, а тоа колку се брзи е значаен дел од нивната продажна вредност. Сѐ поголем е бројот на уреди и апликации за брза комуникација, пишување, трансфер на податоци, материјали и слично. Стриминг-платформите и програмите за преглед на аудио и видео содржини имаат опции за премотување и забрзување на содржините, а на апликацијата за слушање музика и поткасти Спотифај за да ја задоволите оваа потреба за забрзување и прескокнување на песните, ќе мора да платите за премиум пакет.

ЗОШТО БРЗАМЕ?

Покрај умножувањето на изворите на информации и нашата поголема изложеност на нив, забрзувањето на информирањето е еден од најважните фактори во тоа како медиумите и комуникациските технологии влијаат врз нас. Големиот број информации со кои сме опкружени постојано и различните методи што нивните креатори ги користат за да го привлечат нашето внимание, нѐ поттикнува да консумираме сѐ повеќе информации и медиумски содржини. Овој наплив на информации на кој сме изложени, директно влијае врз брзината со која ги консумираме информациите во обид да проследиме што е можно повеќе од содржините за кои сме заинтересирани. 

Според истражувањето на Универзитетот Калифорнија – Сан Диего од 2009 година, човековиот мозок во просек дневно бил „бомбардиран“ со приближно 34 гигабајти информации. Десетина години подоцна оваа „дневна доза“ од информации е повеќе од двојно зголемена, така што според последните достапни истражувања, денес нашите мозоци дневно восприемаат околу 75 гигабајти информации во форма на видео, текст и звук. Годишно овој просек се зголемува за 5%, а се проценува и дека пред 500 години човекот примал толкаво количество информации во текот на целиот свој живот. 

Кои се најважните последици на забрзувањето на информациите?

Намалување на вниманието 

Сѐ повеќе кликбејтови, сѐ помалку внимание. Забрзувањето на информациите влијае врз тоа да се намалува нашето внимание генерално, но и способноста да се задржи вниманието врз одредена содржина или активност. Брзината на протокот на информациите го забрзува заморот на нашите сетила, а со тоа постапно се забрзува и опаѓањето на концентрацијата и на вниманието. 

Информациски замор

Во текот на пандемијата со зголеменото користење на програмите за онлајн состаноци, се појави и нов проблем, т.н. замор од виртуелни состаноци (на пр. Zoom fatigue). Заморот од слушање онлајн предавање, на пример, се појавува речиси двојно побргу од заморот од следење на предавање во училница. Една од причините за ова е неможноста директно да се фокусираме на еден извор на информации, на пример предавачот, па поради дисперзирање на нашата концентрација и активности (т.н. мултитаскинг) далеку побрзо се заморуваме. Во овој случај, технологијата ја олеснува нашата расеаност. 

Шаблонизација на информациите 

Тешко е да се дојде до вистинската информација. Корисната информација станува игла во пласт сено. За да се справиме со големиот број информациски импулси, нашиот мозок вообичаено развива шаблони или модели за нивно групирање, но со поголемото забрзување на протокот на информации, тие стануваат сѐ помалку ефикасни и помалку точни затоа што не ги пренесуваат деталите што внесуваат варијации во значењата. Нашето шаблонизирање на информациите често нѐ води кон погрешни симплификации и информациска заслепеност. Манипулативните медиуми сметаат на навиките на читателите за брзо и површно читање и често ги користат за подметнување дезинформации и селективни факти.

Минимизација на информациите

Замислете како се движите по автопат со брзина над 100 км/ч и се обидувате да ги читате пораките на билбордите или таблите поставени покрај автопатот. Реално, колку информации можете да забележите при таква брзина на движење? Веројатно, не многу. Денес, креаторите на информации и содржини се свесни за огромното количество информации што нѐ опкружува и континуирано работат на минимизирање на информациите. Тие стануваат сѐ покуси и повизуелни (една слика е илјада зборови, нели?).

s t2 3Фото: freepik.com

Насловот на веста често е целата информација што ја добиваме и која мислиме дека ни е доволна за да се информираме. Според достапните истражувања, повеќе од 60% од корисниците од објавените статии онлајн читаат само наслови.

Минимизацијата на информациите стана таков тренд што врз него „профитира“ цела низа нови комуникациски сервиси, какви што се Твитер  и Тик-ток, каде што брзите и куси содржини станаа нова норма. Твитер претходно беше ограничен на 140 знаци и ги наведуваше корисниците да развиваат способности што покусо и побрзо да комуницираат. На сличен начин и ТикТок со своите куси видеа, кои беа првично беа ограничени на 15 секунди, ги смени стандардите на тоа колку време треба да посветиме за следење некоја содржина. 

Нарушувања во филтрирањето на информациите

Според научниците, нашите мозоци имаат капацитет да процесираат и поголеми количества информации, но по одредена цена. Со забрзувањето на протокот на информациите, се намалува нашата способност правилно да ги филтрираме информациите, односно точно да процениме кои содржини се важни, а кои неважни, кои информации се веродостојни, а кои не, и конечно, кои од нив се точни, а кои се погрешни. Филтрирањето на информациите и фокусирањето на нив според важноста е една од клучните вештини за преживување. Да препознаете некој звук или визуелен детаљ што може да сигнализира опасност е критична егзистенцијална способност. Технологијата, за жал, често ја намалува нашата способност правилно да ги филтрираме информациите, а за тоа да бараме излез во автоматизираните алатки, како што се алгоритмите на пример.

Барање на познато

Еден од поинтересните наоди за тоа како забрзувањето влијае врз нашето информирање е фактот што брзото барање нови информации нѐ наведува да избираме содржини што ни се претходно познати. Со ова, всушност, побрзото информирање ја поттикнува нашата наклоност кон потврдување (confirmation bias, англ.) и го олеснува нашето процесирање големи количества информации. На тој начин, се поттикнува еден вид информациски парадокс и нашата навика да ги игнорираме информациите што не се вклопуваат во нашите ставови и погледи на реалноста.

КАДЕ НЀ ВОДИ БРЗАЊЕТО?

Ниту една голема технолошка промена не донела резултати како што планирале нејзините пронаоѓачи и креатори. Новите технологии при својата употреба влегуваат во сложена интеракција со општеството и културата и често водат кон непредвидливи употреби и последици. „Реалноста е сложена, а историјата не покажува само еден правец“ (T. H. Eriksen, 2001, стр. 35). При забрзувањето на информирањето базирано на претпоставката дека повеќе информации значи подобро информирање, мораме да внимаваме и на фактот дека во комуникацијата вишокот информации лесно може да премине во комуникациски шум. Забрзувањето на информациите ја видоизменува структурата на информациите, нивната форма, но често и значењето и употребата во комуникацијата. Забрзувањето може да го дестабилизира значењето, да ги искриви интерпретациите, но и да ја загрози смислата на комуницирањето. Ова се некои од поизразените опасности за кои треба да се грижиме кога собираме информации, но и кога ги креираме и ги објавуваме.

s t2 2Фото: freepik.com

Пол Вирилио, еден од најзначајните мислители и писатели на постмодернизмот, бил познат по тоа што при пишувањето на своите книги, не сакал да користи машина за пишување. Инсистирал тоа да го прави во ракопис затоа што, според него, така пишувал побавно и можел подобро да ги усогласи брзината на своите мисли со брзината на пишувањето. Ова за него навистина функционирало одлично затоа што Вирилио оставил зад себе некои од најважните книги за технологијата и за нашето живеење со неа. Во некоја поширока смисла, неговиот пример може да ни послужи за тоа дека не треба секогаш да подлегнуваме на притисокот од технологијата да ги живееме своите животи побрзо.

Автор: Сеад Џигал

 



Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).