Пет начини како медиумите можат да го користат Јутјуб

Се чита за 6 мин.

На Запад, без разлика дали станува збор за локален, регионален или национален медиум, печат, радио или телевизија, речиси сите почнаа да креираат видеа за социјални медиуми. Овде ќе се фокусираме на употребата на Јутјуб-каналот за дистрибуција на видеа креирани од медиумските куќи. 

Кога последен пат сте гледале некое интересно видео? Дали го гледавте на некој телевизиски канал или, пак, на социјалните мрежи?

Девет од десет одговори на овие прашања веројатно ќе бидат дека видеото сте го гледале во претходните неколку часови и тоа на некоја од социјалните мрежи – Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток или, пак, на Јутјуб.

Во најголем дел од случаите, повеќе од 80%, тоа сте го сториле користејќи го вашиот мобилен телефон.  Едноставно е, сè помалку публика има пред телевизиските канали, а сè повеќе на социјалните мрежи и сите гледаат видеа на своите мобилни телефони.

Медиумите низ целиот свет не ги гледаат социјалните мрежи како закана за нивниот опстанок туку ги прифатија овие платформи како сојузници во борбата да добијат што е можно поголема и помлада публика. Без разлика дали е локален, регионален или национален медиум, печат, радио или телевизија, речиси сите почнаа да креираат видеа за социјални медиуми. Овде ќе се фокусираме на употребата на Јутјуб-каналот за дистрибуција на видеа креирани од медиумските куќи. 

Секако најголема публика на оваа социјална мрежа имаат медиумските куќи што имаат добра дигитална стратегија какви што се BuzzFeed со повеќе од 20 милиони претплатници на Јутјуб. Тука и е Vox, чии видеа се многу популарни на Јутјуб. Нивната стратегија на креирање видеа, поразлични од оние на традиционалните медиуми, им донесе верна публика од над 10 милиони следбеници.

yt 4Фото: freepik.com

Но, големите медиумски куќи не се предаваат. Таков е примерот со медиумите чија главна содржина се видеата, како телевизискиот канал Си-ен-ен, кој има повеќе од 13 милиони претплатници на Јутјуб.

Но, дури и оние медиуми, кои не се познати како креатори на видеа, ги прифаќаат и ги користат видеоплатформите како Јутјуб за да креираат новинарски приказни и да дојдат до нова публика. Во тој контекст, едно кусо прашање.

Дали „Њујорк тајмс“ има свој Јутјуб-канал?

Да, има. Овој гигант, препознатлив во светски рамки по своето печатено издание, но и како еден од светските лидери во стратегијата digital-first, има приближно 4 милиони претплатници на Јутјуб. Само за илустрација, нивното најпопуларно видео има околу 21 милион прегледи. Не е лошо, нели?

Што помислувате прво кога некој ќе ви каже „Шпигел“? Веројатно ќе помислите на неделникот „Шпигел“, кој се продава во приближно 680.000 копии и е најголем неделник во Европа. Но, освен како мајстори на пишаниот збор, тие се покажуваат и како добри креатори на видеа. Нивниот Јутјуб-канал има околу 1,4 милиони корисници што е двојно поголема публика отколку публиката на печатеното издание.

Ваквите успешни приказни се вистинска реткост на Балканот, посебно кога станува збор за традиционални медиуми што релативно солидно се држат на пазарот.

Во регионот на Балканот небаре постои некаква одбивност од промени, а посебно кога промените треба да ги вклучат и социјалните мрежи, на кои се гледа прво како закана, а не како можност.

Да, платформите како Јутјуб имаат за цел да го децентрализираат креирањето видеосодржини и да му овозможат на поединецот да гледа, да креира и да споделува видеоприказни.

Во превод, Јутјуб му дава моќ на поединецот да креира видео и бесплатно да стигне до милиони корисници. Но, таа моќ може и треба да ја искористат и медиумите.

Јасно е дека најголем дел од креаторите на видеосодржини на Јутјуб не се професионални новинари или медиумски куќи и тоа е логично.

„Веруваме дека секој заслужува да има глас и дека светот е подобро место кога слушаме, споделуваме и градиме заедница преку нашите приказни“. Ова е накусо мисијата на Јутјуб, втора по популарност во светот и веднаш зад Фејсбук како најпопуларна социјална мрежа. На Јутјуб има нешто повеќе од 2,6 милијарди корисници ширум светот и оваа бројка постојано расте.

За тоа колку е голем бројот на корисници на Јутјуб, ќе го споредиме со бројот на корисници на стриминг-сервисите како Нетфликс, Амазон прајм и Дизни+. Заедно имаат нешто повеќе од 500 милиони корисници. Во превод, засега сонуваат за публиката што ја има Јутјуб. Дали овие бројки ве убедија да отворите Јутјуб-канал? Не?

Во ред, одиме понатаму. Дали знаете која е најпосетувана веб-страница во светот?

Да, Гугл, но веднаш зад неа е Јутјуб. Веб-страницата на Јутјуб е попосетувана и од веб-страниците на Фејсбук, Википедија или Амазон. 

Без разлика дали овие бројки ве убедија или, пак, не, ова се пет едноставни начини како да започнете да го користите Јутјуб за да ја зголемите публиката на вашиот медиум.

1. Интервјуа и емисии

Колку често вашиот медиум имал ексклузивно интервју со некој политичар, бизнисмен, спортист, музичар или, пак, уметник и тоа интервју траело далеку подолго отколку што реално имате можност да објавите на телевизиските вести или во некоја емисија.

yt 2Фото: freepik.comИмате интервју што вреди злато, а емитувате само три или пет минути од тоа интервју. Штета. Но сепак, не е сè загубено. Пуштете го целото интервју на вашиот Јутјуб-канал бидејќи така ќе градите нова публика, различна од онаа што ја имате на ТВ. На Јутјуб одлично проаѓаат и долгите видеа, особено ако се релевантни.

Одберете соодветна тамбнејл фотографија и „секси“ наслов за да го привлечете гледачот да го отвори видеото и почнете да ги броите прегледите.

Истото можете да го сторите и со специјализираните емисии што ги емитувате, без разлика дали се од забавен карактер или, пак, темата е политика. Ова нека ви стане практика. Овозможете простор за публиката на едно место ги најде сите емисии, дури и оние постарите. На ТВ не може да најде стара емисија, на веб може, но тешко, но на Јутјуб тоа е лесно.

2. Документарни серијали

Кратките документарни филмови од околу 10 минути, па и оние подолгите формати, се одлична видеосодржина за објава на Јутјуб. Секако, потребно е да го избегнете класичниот ТВ-формат во креирање на документарецот, направете го да биде визуелно доживување и вложете многу поголем труд во снимањето и монтажата на видеото.

Не дозволувајте му на гледачот да мисли дека е пред ТВ-екраните, заглавен во 90-тите години на минатиот век.

Ако имате повеќе видеа со слична тема, можете да ги брендирате како посебен документарен серијал што како „пакет“ подобро ќе пројде кај публиката на Јутјуб.

И не ограничувајте се дали сте ТВ или друг вид медиум, обидете се да направите документарни филмови за Јутјуб.

Примерот со South China Morning Star е одличен. Тие за Јутјуб креираат главно куси видеа од неколку минути, главно со необична содржина, но некогаш и пократки документарци. Еден од нив има повеќе од 100 милиони прегледи, што е импресивна бројка, посебно ако се земе предвид дека имаат „само“ околу 2,6 милиони претплатници на Јутјуб-каналот.

3. Што се случува зад сцената?

Што се случува зад сцената на вашиот медиум? Сите оние моменти на подготовка на одредена емисија, при подготвувањето одредена новинарска приказна, кои публиката најчесто не ги гледа, се добра видеосодржина за Јутјуб, која ќе ја покаже порелаксираната страна во процесот на креирање вести. Со ова изгледа како да се соголувате пред публиката, но на крајот добивате поверна публика бидејќи ве гледа во човечко светло.

Доколку работите на некоја истражувачка приказна што планирате да ја објавите на вашиот телевизиски канал или на веб-страницата на вашиот медиум, на Јутјуб можете да објавите видео како сте ја работеле истражувачката приказна, сè она што се случувало зад сцената и слично. Ова е материјал што младата публика сака да го гледа и ќе го гледа.

Секако и грешките и лапсусите се добар материјал што може да се собере во едно видео од неколку минути на Јутјуб. Тие обично генерираат и по стотици илјади прегледи.

4. Видеопоткасти

Дали слушате/гледате поткаст? Вие можеби не, но поткастите имаат милионска публика низ целиот свет.

Повеќе од една третина (104 милиони) жители на САД редовно слушаат поткасти.

Видеопоткастите се всушност визуализација на вашите аудиопоткасти. Најчесто се креираат во епизоди, кои всушност делуваат како јадица со која ја привлекувате публиката.

Најпопуларните поткасти на Јутјуб се всушност креирани од јутјубери, а не од медиумските куќи, но ако ги видите милионите прегледи што тие ги имаат, тогаш реално зошто да ја пропуштите и вие таа можност. Најскапо во креирањето на поткастот се идејата и времето.

5. Анимации/експлејнери

Анимациите и експлејнерите не се продуцираат лесно. За нив е потребен навистина голем ангажман и ресурси од вашата редакција. Сепак, вреди да ги направите. На тој начин сериозно ќе го зајакнете вашиот бренд и ќе дојдете до нова публика. Впрочем, нема да ги креирате секојдневно, па можете да се организирате и да ги насочите вашите ресурси во креирање малку поангажирана и покреативна содржина.

Анимациите и експлејнерите најдобро е да ги креирате за теми што не се менуваат од ден за ден. Креирајте анимација за некој процес, нешто што трае долго или, пак, за нешто што се случило одамна. На тој начин времето и ресурсите што ќе бидат потрошени, ќе се претворат во безвременско видео, чија содржина нема да ја изгуби релевантноста по два дена или два месеца, туку потенцијално ќе „влече“ публика во наредните две-три години.

yt 3Фото: freepik.com

Видео-експлејнерите со или без презентер исто така се одлични содржини за Јутјуб. Овде доаѓа до израз креативноста и на авторот и на монтажерот.

За темите, можете да размислувате во насока да ѝ објасните на публиката зошто некој процес е важен, како се прави одредена работа што може да им го олесни секојдневието на луѓето, профил на одредена важна личност и слично. И овде внимавајте на релевантноста при креирањето на видеото. Не трошете време за нешто што ќе стане ирелевантно по ден или два дена.

Не стравувајте да излезете од зоната на комфорот и сериозноста на вашиот медиум. Експлејнерите може да имаат и малку порелаксирана, но еднакво релевантна содржина во која можете да вметнете релевантни новинарски податоци.

На Vox-каналот на Јутјуб, најпопуларно е видеото „Што се случува кога ќе ги искршите прстите и дали тоа е лошо за вас“. Видеото има повеќе од 50 милиони прегледи и вие веројатно ќе го отворите и ќе го видите откако ќе го прочитате овој текст.

И за крај, „искршете“ ги вашите прсти и започнете уште денес да креирате видеа на Јутјуб.

Автор: Александар Манасиев


Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).