Социјалните мрежи и информирањето

Се чита за 7 мин.

 

Како најчесто се информираме?

Во еден од претходните написи напоменавме дека бројот на граѓаните во Македонија кои се информираат онлајн е во постојан пораст и се доближува до телевизијата, која со приближни 75% сѐ уште е прв медиум за информирање во земјата. Исто така, нешто повеќе од 50% од корисниците на интернет го користат за информирање и за читање вести, додека кај испитаниците од 15 до 29 години дури 85% од нив се информираат онлајн. 

За оваа возрасна група, пак, 96,2% користат социјални мрежи, а останатите групи граѓани тоа го прават во дијапазонот од 70-90%. Најкористена социјална мрежа во земјава е Фејсбук со над 1 милион корисници, по кој следува Инстаграм со повеќе од 700.000, додека бројот на корисници на Твитер е нешто над 60.000. Трендовите се повеќе од очигледни. Онлајн информирањето е во пораст и се очекува во догледна иднина да биде примарен извор за вести што ќе ги диктира навиките на корисниците. 

Секако, со бројките секогаш треба да се биде претпазлив. Иако тие најчесто во јавноста се презентираат и се толкуваат како непобитни факти, бројките и статистиките треба да ги примаме внимателно и да ги разбираме како контекстуални квантитативни индикатори за процесите, а не како факти доволни сами за себе. Во таа смисла, овие бројки и тенденции треба да се објаснат поблиску и да се контекстуализираат.

Дали социјалните мрежи се добро место за информирање?

Од онлајн начините за информирање треба посебно да се издвојат два типа на т.н. „трансмедиуми“, односно медиуми што „влијаат врз тоа истата содржина да зазема поинакви форми и комплементарни верзии“. Овде станува збор, пред сè, за онлајн платформите, кои собираат информации од повеќе извори и ги прават полесно достапни до корисниците, какви што се социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и др.) и агрегаторите на вести (на пример, Google news, Time.mk, Grid.mk, Fax.al и др.). Нивната подобрена достапност се огледа во поголемиот број информации на едно место, тематска организираност, можност за персонализација (односно избирање што да следиме) и можности за интеракција (коментирање, „лајкување“, споделување итн.). Ова се само некои од главните причини што влијаат врз тоа социјалните мрежи и агрегаторите да се користат сè повеќе за директно информирање.

analiza 3 1

Фото: unsplash.com

Од другите причини треба да се напомене и дека социјалните мрежи, на пример, нудат зголемен досег на информациите и на вестите до публиката (т.н. „reach“, англ.). Најголемите социјални мрежи, какви што се Фејсбук, Јутјуб, Твитер, ТикТок и други, се несомнено најголемите медиумски платформи денес. Само Фејсбук има повеќе од 2,5 милијарди корисници, Јутјуб приближно 2 милијарди, Инстаграм 1 милијарда, Твитер над 300 милиони итн. Овие комуникациски платформи имаат опции за отворени објави, така што за да следите нешто на нив, не мора да бидете регистрирани корисници, доволен ви е само директен линк, или т.н. вградена (embedded) содржина на некоја веб-страница. Ова значи дека социјалните мрежи во најголем дел овозможуваат публика од над 4 милијарди луѓе што имаат пристап до интернет. Споредено со публиката што пред нив ја имале највлијателните медиуми, ова се неспоредливи бројки што потврдуваат дека навистина станува збор за информативни гиганти. 

Ако, на пример, се одлучите да се информирате само од социјалните мрежи, кои се клучните одлики што треба да ги знаете токму за ова?

Погодностите се многубројни. Социјалните мрежи нудат информации во секој дел од денот и ноќта, во форма на брзи и свежи информации од секој дел од светот, без просторни ограничувања. Можете да избирате кои информации ќе ги следите, од кои корисници и објавувачи, да имате интеракција со нив и лесно да им ги препорачувате на своите онлајн контакти. Сепак, кон овие многубројни предности, треба да се напоменат некои дополнителни особености, или ефекти на социјалните мрежи, кои се мошне важни за квалитетот на информирање преку нив:

Ефектите од посредството на алгоритмите

Кога сте поврзани со некој онлајн контакт на социјалните мрежи или сте претплатени на некоја страница, нивните објави не стигнуваат до вас хронолошки или, пак, целосно. Социјалните мрежи ви даваат ограничен број профили од кои можете да ги добиете сите објави (на Фејсбук, на пример, бројот на т.н. блиски контакти е 10) и тие да бидат приоритетизирани за прикажување. Во поголемиот дел, алгоритмите на социјалните мрежи одредуваат само дел од објавите на вашите онлајн контакти што го пренесуваат до вашиот „feed“ или „timeline“. Ова тие го прават во зависност од многу варијабили поврзани со тоа како ги користите овие мрежи (на кои објави стискате „лајк“, кому коментирате, кои објави ги споделувате и др.). Од сите можни фактори за селекција што да се прикаже на вашите „фидови“, предност му се дава на т.н. „engagement“, односно интерактивност на некоја објава (колку корисници влегле во интеракција со неа преку допаѓање, коментирање, споделување и сл.). 

analiza 3 2

Фото: unsplash.com

Во таа смисла, социјалните мрежи фаворизираат содржини што поттикнуваат интерактивност и вклученост (engagement). Според анализите, содржините што резултираат со најголема „вклученост“ се содржини што целат кон нашите најсилни психолошки реакции поврзани со нагони, стравови и различни емоции. Па, така, одредена провокативна содржина има далеку посилен потенцијал за „engagement“ отколку некоја позитивна вест за образованието, да речеме. Ваквите содржини се фаворизираат од алгоритмите на социјалните мрежи и почесто се прикажуваат на профилите на корисниците. Најчесто тоа се раздразнувачки содржини што полесно се прошируваат низ интернетот. Можеме во овој дел да заклучиме дека социјалните мрежи како средство за информирање имаат вградена „пристрасност“ (т.н. bias, англ.) кон провокативни содржини и информации. За оваа нивна одлика мора постојано да бидеме свесни и внимателни ако доминантно или исклучиво ги користиме за информирање.

Ефектите на „гласните малцинства“

Веројатно сите сме се сретнале со новинарските изрази во вестите како, на пример, „горат социјалните мрежи“, или пак, „граѓаните бесни на социјалните мрежи“. Во овие случаи станува збор за некоја „жешка тема“ што циркулира на интернет и на социјалните мрежи, во кои корисниците жестоко реагираат, критикуваат, се бунтуваат за нешто и слично. Дел од нив навистина се „вирални“, односно масовно се шират на интернет и имаат големо влијание за тоа какви ставови се формираат во јавноста за некоја тема. Но, статистичките анализи покажуваат дека еден важен дел од т.н. жешки теми на социјалните мрежи се резултат на активности на т.н. „гласно малцинство“ (vocal minority, англ.). 

Оваа појава се објаснува како „создавање врева за одредена тема на релативно помал број влијателни корисници на социјалните мрежи“. Секако, гласот на помалите групи треба да биде слушнат во општеството, но овде станува збор за можноста што ја даваат социјалните мрежи да се „крене прашина“ за некоја тема од помали организирани групи на интернет, кои креираат своевидни кампањи или планска дисеминација на информации со некоја претходна цел. Најчесто тука станува збор за политички или економски мотивирани „вирализации“ на некоја тема или информации што треба да предизвикаат одредена реакција во јавноста, или пак, едноставно да препокријат некоја друга актуелна тема, или, како што обично велиме, да ја дефокусираат јавноста. Пред да реагираме на вакви содржини, треба да провериме дали можеби станува збор токму за ваква појава што често може да доведе до манипулативно креирање некаква хистерија во јавноста.

Ефектите на „граѓанското информирање“

Една од одликите на новата информациска доба е што секој од нас, како корисник на социјалните мрежи, може потенцијално да стане „медиум“. Обичен профил на Фејсбук, на Инстаграм или на Твитер во дадени околности може да стане извор на информации од голем интерес на јавноста. Таков, на пример, беше случајот со дотогаш анонимниот корисник на Твитер, Сохаиб Атар (Sohaib Athar), кој во 2011 година во текот на операцијата за пронаоѓање на лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен, беше еден од главните извори за информации на глобалната јавност само затоа што живееше блиску до станбениот објект во кој се криел Бин Ладен. Ваквите информации на сведоци, граѓани, односно „обични“ корисници на интернет имаат своја информациска вредност, но не треба да заборавиме дека станува збор за луѓе што не се професионалци за информирање. Иако нивните објави се драгоцени и често валидни, нив секогаш треба да ги земеме со претпазливост бидејќи кај нив многу полесно се протнуваат грешки и различни видови субјективност или пристрасност. Советот на стручњаците за овој тип појави е дека тие можат да се следат и да бидат придонесувач во нашето информирање, но препораката е секогаш нивните информации да се проверат или да се споредат со други извори на информации, а потоа да се донесе став или заклучок.

Ефектите на ехо-коморите

Интернетот и социјалните мрежи ја децентрализираат и ја демократизираат информациската мрежа што ја користиме. Секој од нас од изобилството информации има избор кои од нив да ги следи и на кои да им верува. Ако во овој процес на избирање што да следиме и кому да му веруваме не сме внимателни, лесно може да се случи да следиме само еден мал дел од информацискиот спектар што ни се допаѓа и со кој се согласуваме. Социјалните мрежи за ваквото персонализирање што да следиме, ни дава извонредно голем број алатки: блокирањето, криењето или „придушувањето“ на одредени профили (hide, mute), приспособувањето на алгоритмите што ни сервираат објави само од еден дел од изворите, директно препорачување одредени содржини и слично. Ваквото персонализирање или нагодување ни угодува со тоа што ги исклучува мислењата што се спротивни на нашите и нѐ „поштедува“ од непријатноста на несогласувањето со нашите погледи. Но, крупен недостаток на ваквото угодување е што се опкружуваме себеси само со мислења и ставови што се блиски на нашите и постапно се исклучуваме од пошироката и пообјективна општествена реалност. Исто така, овој т.н. феномен на ехо-коморите многу влијае врз поларизацијата во општеството и во социјалната средина во која живееме. Во ситуации кога не можеме да ги избегнеме туѓите поинакви ставови, на пример во автобус, такси или при пазарување, директно сме соочени со предизвикот како да реагираме, овој пат без заштитниот филтер на социјалните мрежи. Искуството покажува дека најголем дел од корисниците на социјалните мрежи во вакви ситуации реагираат бурно и емотивно, по инерција на комуникациските навики од интернет, така што далеку потешко им е да развијат дијалог во директната комуникација, преку кој би ја разбрале позицијата и ставовите на соговорникот со различно мислење. 

FilterBubble 1

 Фото: wikipedia.org

Ова се само неколку од важните особености на социјалните мрежи како средство за информирање. Тие ни покажуваат дека овие платформи иако се извонредно богати со информации и содржини, сепак имаат свои недостатоци што можат да влијаат негативно врз тоа како квалитетно се информираме. 

Во таа смисла мора да се биде претпазлив на кои извори и информации од социјалните мрежи им се верува, а стручњаците препорачуваат информирањето од нив секогаш да се комбинира со други извори на информации. Да, секако е драгоцено да проследиме некоја објава од протест, на пример, на некој учесник, но овие информации е препорачливо да се проверуваат и да се споредуваат со други извори, како, на пример, извештаи на професионалните новинари, потврдените информации од институциите, мислењата на стручните лица и слично. 

И секако да не заборавиме дека често социјалните мрежи се одлично средство за информирање, но уште подобро средство за дезинформирање.

Автор: Сеад Џигал

 

Насловна фотографија: unsplash.com

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).