Нема факти, нема вести, ама има мислења и коментари

Се чита за 4 мин.

clen 13 1

Во Кодексот на новинарите на Македонија ако сите други членови се од по неколку реченици, членот 13 е најкраткиот. Краток и јасен: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“. Мешањето на веста и коментарот е еден од најчестите и најголеми проблеми во новинарството. Исто како неправењето разлика меѓу фактите и мислењето. По својата штетност тоа е блиско со лажењето, премолчувањето, дезинформацијата и манипулацијата. Со нив се нарушуваат сите професионални и етички норми пропишани во новинарските кодекси.

mirce f1 1Денес, нарушувањето на овој член е доминантно кај онлајн медиумите, или вообичаено кажано, кај порталите. Таму најчесто се вработуваат млади новинари кои понекогаш имаат порив да се зафатат да коментираат без вести и без факти, а тоа како да е добредојдено за уредниците. Па, ја потхрануваат суетата на тие новинари кои на тој начин завршуваат нарачана работа. Затоа таму често има коментари без вести за кои се чини дека се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции.

Претпоставка е дека во Македонија најголемиот број новинари се образувани на студии по новинарство. И дека знаат каде завршува веста, а каде почнува коментарот. А, ако не знаат тогаш е професионален дефект. Па, лесно се потпаѓа под влијание на сопственици, уредници, политичари, соговорници. И уште полесно се раѓа пристрасност, едностраност, тенденциозност.

Една невладина организација, до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, поднесе претставка за портал во кој бил публикуван текст дека таа организација и една странска амбасада ги „дискриминираат Албанците и албанските медиуми во Македонија“. Жалителот укажа дека се изнесени невистини и неточности. При разгледувањето на жалбата, Комисијата утврди дека порталот пишува:„ Оваа амбасада, која промовира високи вредности на европската демократија не најде за сходно да ги направи проектите што се финансираат за доброто за граѓаните на Македонија, достапни и за публиката, албанскиот читател и гледач“. Потоа, се пишува дека последната кампања на организацијата „е јасен доказ дека се случува крајна дискриминација кон граѓаните Албанци“. Комисијата утврди дека погоре искажаното е дезинформација и манипулирање на политиката. Медиумите и новинарите имаат право на свое мислење, но претпоставките и ставот на авторот треба да ги спречат манипулациите.

Новинарите, како и секој поединец, имаат право на мислење. Имаат право да искажат вредносен суд, но не треба да се обидуваат своето мислење да го камуфлираат како факт. Проблемот кај нашите новинари и медиуми, како што покажува искуството од работата на Комисијата за жалби, најчесто е што искажуваат мислења непоткрепени со факти или, пак, се искажуваат туѓи „нарачани“ мислења кои се „продаваат“ како свои, но и тука се повторува грешката – непоткрепеност со факти.

До Комисијата за жалби беше поднесена претставка од еден жалител против неколку портали. Се работеше за ист или малку изменет текст објавен во сите нив. Во жалбата се наведуваше дека текстот содржи неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, дискриминација и клевета. Ниту еден од медиумите не одговори на жалбата.

Комисијата утврди дека се работи за текст кој пренесува информација од обраќањето на јавна личност од невладина организација на јавната дебата за Законот за јавно обвинителство во Собранието. Начинот на кој е обработен текстот не нуди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која што се говори. Содржината е тенденциозна и со елементи со политичка заднина. Независно што содржината на текстот е преземена од еден портал, па друг од него, па трет од вториот, текстот изобилува со исти коментари во сите портали и исти непоткрепени тврдења, кои во еден дел се базираат и на фотографија. Па, се тврди дека фотографијата покажува како граѓанскиот активист е инструиран од политичарот. Небаре од фотографијата се слуша што разговараат! Комисијата најде дека во текстот е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите. Тоа е особено нагласено во следните реченици: „Омилениот невладино-владин претставник испрати директна закана до македонските пратеници дека доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, тој со неговата „шарена“ тајфа ќе излегле на улица. Она што министерката не можеше да го каже го кажа граѓанскиот активист, па наместо експертско мислење тој ширеше политичка пропаганда на експертската расправа“.

Коментарите често пати се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции. Таков беше впечатокот на Комисијата за жалби кога ги виде текстовите  за кои беа поднесени претставки. И тоа две претставки за два медиума, независно еден од друг, а на иста тема. Приватна болница станала цел на отворен напад од министерот за здравство од аспект на валидноста на тестовите што ги прави таа клиничка болница. Членовите на Комисијата во текстовите препознаа извесна тенденциозност во насока да се одбрани нечиј став или интерес. Се работеше за текстови понудени како осврти, ама без автори. Комисијата се согласи дека, и покрај тоа што новинарот има право да отвора дилеми и да изразува сопствени мислења и сомнежи, новинарската форма коментар не смее да биде ослободена од фактичката точност и објективно информирање. 

Комисијата утврди дека е нарушен членот 13. Тоа се гледа и од ставот на непознатиот автор: „Дека во овој субјективен напад од страна на министерот врз приватната болница има политика посочува и моделот по кој тоа се случува. Како што секогаш бива, партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат од нивните невладини организации и портали, медиуми, а потоа следува егзекуција од партијата и власта. Така се случува и со приватната болница“.

Или пак: „За упатените во бизнисот, нападот врз приватната болница се случува затоа што болницата со резултатите од тестирањата ќе покаже дека тактиката на властите е со мал број на тестирани да се скрие вистинскиот број на заболени или носители на вирусот за да не се создава паника ниту простор за критика на институциите“.

Во освртите, колку и да имаат авторите слобода, мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар и мислење, претпоставка или став на авторот за да се избегнат дезинформирање и манипулирање со публиката. Во овој случај со ништо не се поткрепени тврдењата од типот: „субјективен напад“, „партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат...“

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).