Активизам

Dez Pozari 7 1

Дезинформациите долеваат масло на пожарите, лажните дојави го отежнуваат справувањето со нив

Пожари насекаде, кризна состојба. Институциите проследуваат информации, истовремено, на социјалните мрежи се пласираат дезинформации. Телефонскиот број 193 не престанува да ѕвони, меѓу повиците и понекоја лажна дојава. Секој со својата цел, граѓаните во паника. Непроверените информации долеваат масло на огнот, а лажните дојави ги одвлекуваат силите на погрешни места. И во екот на неумоливата огнена стихија што во изминатиот период беснее на територијата на Република Северна Македонија, не изостанаа дезинформациите ниту, пак, лажните дојави. Сето тоа дополнително ги разгоре пожарите и го отежна справувањето со нив. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов споделува дека, во изминатиов период, додека секојдневно биле на терен со сите надлежни екипи кои, како што кажа, „неуморно даваа сè од себе за да ги изгаснат пожарите“, се соочиле со голем број лажни вести, кои несомнено им нанесувале штета на активностите што ги преземале при справувањето со пожарите. Тој нагласува дека во такви чувствителни моменти, какви што се справувањето со елементарни непогоди, во конкретниот случај пожари, последиците од лажните вести се врз јавното добро и засегнати се голем број граѓани. – Свесен сум дека медиумите, сакајќи да ја зголемат својата гледаност и читаност, бараат сензационални вести, кои многу често се и лажни. Мора да се има предвид дека не е иста штетата што ќе се нанесе доколку се пренесе, на пример, некоја лажна вест за некој настан  или за позната личност, политичар, пејач, глумец, и да се дистрибуираат лажни вести во вакви специфични ситуации – посочува директорот на ЦУК. Како пример, тој го издвојува пожарот во Кочани, кога дел од вестите пренесуваа дека изгореле голем број куќи, и со тоа, како што кажа, „создадоа голем страв, паника и недоверба кај тамошното население“. – Иако пожарот беше голем и страотен, освен што имаше еден изгорен покрив и неколку стари неупотребливи возила, не дозволивме да се случат поголеми штети и, што за мене е најважно, немавме човечки жртви – вели Ангелов. Тој потсетува и на веста што произлезе од социјалните мрежи со наводно украдената моторна пила на австриските пожарникари, со која, како што кажа, „се извалка достоинството на локалното население, кое даде голем придонес во ставањето под контрола на големиот пожар во Малешевијата“. Ангелов не ги изостави ниту позитивните моменти од известувањето на одредени медиуми, за кои кажа дека често се случува од информација што новинарите ја добиле дури и побрзо од нивните служби, веднаш да бидат известени и да дејствуваат брзо, со што спречиле или навремено санирале одредена опасност пред да направи поголеми штети.  Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, вели дека дезинформациите, во смисла дека гори на три километри подалеку од некоја сува трева или грмушка, а е пренесено дека горат куќи и луѓето не сакаат да ги напуштат и едвај спасуваат жива глава, се проблеми што се иритирачки за сите. – Прво, предизвикува паника кај луѓето што го читаат тоа мислејќи дека навистина се случува. Таква ситуација имавме во 2019 година кога некои медиуми објавија дека горат куќите во Злокуќани, а всушност гореше сува трева каде што имаше три возила што интервенираа, а медиумите објавуваа слика со чад зад куќата и сите мислеа дека навистина гори куќата – вели Симоновски. Тој дополнува дека е подобро медиумите да контактираат со нив, а тие ќе им дадат проверена информација и, како што вели, „ако можете да дојдете да видите, во ред, ако не, ќе испратиме фотографии и ќе објавиме, подобро отколку да се пишува нешто непроверено“. Симоновски посочува на фактот дека граѓаните постојано читаат на веб-порталите и често наидуваат на дезинформации за кои веднаш бараат одговор, па така, „ние често се наоѓаме во ситуации каде што сме зафатени со локализирање некој пожар, а од друга страна, добиваме прашања од загрижени граѓани, поврзани со непроверени информации пласирани од несовесни граѓани“. Лажните дојави непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места Покрај дезинформациите, не изостанаа ниту лажните дојави за пожари, кои секојдневно пристигнуваа до надлежните. За нив, командантот Симоновски вели дека во последниов период ги имало повеќе. – Еден пожар може да предизвика повеќе од сто јавувања, особено ако станува збор за урбана средина, така што многу е тешко со двајца оператори и седум линии да се „фати“ лажната дојава – споделува командантот. Само за пожарот кај фабриката „Охис“ на 5 август имало повеќе од 240 повици. Додека, на 22 пожари на територија на Скопје, изгаснати за 12 часа, истиот ден, имало над 870 повици и седум лажни дојави. Симоновски вели дека нема причина да размислува дека некој се дрзнува да ги деградира во најголемите пожари, или да ги праќа на некои позиции само за да ги ослабне како единица, и споделува дека без оглед на сè, тие секогаш реагираат на секоја добиена дојава. – Ние знаеме дека во Кучково имаме сува трева запалена од далновод, имаме испратено едно возило, со локални одговорни фирми што донесоа цистерна со вода и сè се заврши. Од друга страна, имате друга дојава дека гори Граничниот премин „Блаце“, зад полициската станица, а во истиот момент добивате дојава дека гори Полициската станица Мирковци. Праќаме екипа во Скопска Црна Гора во Мирковци и увидуваме дека таму нема ништо, нема пожар – споделува командантот. Директорот Ангелов, исто така, посочи на лажните дојави што од некои граѓани биле упатувани на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и кои „неретко се случуваат и непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места, или, едноставно, залудно го трошат времето на нашите служби, наместо истиот капацитет да се искористи на место каде што е навистина потребно“. Дезинформациите во кризна состојба – плански обиди што внесуваат чувство на несигурност Комуникологот Сеад Џигал вели дека дезинформациите и лажните вести во кризна состојба се најчесто плански обиди што се стремат да внесат чувство на несигурност во јавноста и да предизвикаат конфузија кај одговорните институции и органи, односно да го ослабат нивниот капацитет да решаваат одредени проблеми за кои се задолжени. – Најчесто мотивите за ваквите обиди се од политичка или од економска природа, односно имаат цел да се загрозат интересите на соперникот или на противникот. За жал, овие деструктивни методи, кои ги злоупотребуваат медиумите и комуникациските мрежи, се присутни и на глобален план, не само во Македонија. Видовме во случаите со пожарите во Македонија ова лето дека одговорните институции често добивале лажни пријави за пожари. Мотивот на овие лица и оние што пласираат дезинформации во медиумите е близок, да се намали капацитетот на институциите да реагираат ефикасно за да потоа, веројатно, се обвинат за неспособност и за неефикасност – вели Џигал. Тој дополнува дека останува помала веројатност дека станува збор за поединечни ексцеси, но високата бројка на лажни пријави не оди во прилог на оваа претпоставка. Според него, зачудува степенот на деструктивност што е некако „нормализиран“ во борбата на спротивставените политички и други интереси. Психолошкиот момент на мотивот на создавачите на дезинформации и на лажните вести, кои наштетуваат на јавното мислење и на безбедноста на населението во време на кризна состојба, го поврзува со два главни типа случаи, кампањи водени од поединци и групно организираните дезинформациски кампањи. Според него, поединецот што свесно објавува и шири дезинформации, може да биде воден од низа мотиви какви што се привлекување внимание, креирање одреден имиџ или идентитет во јавноста, или, во својата потесна средина, до лична одмазда, политички побуди или, пак, поради одредени видови социопатско однесување. Групните и координираните дезинформациски кампањи, како што вели, се почести и далеку поштетни. Тие најчесто се поттикнати од политички, идеолошки или од економски интереси. – Интересно е што често оние што го прават ова, веруваат дека имаат право да ги користат дезинформациите и лажните вести против некого. За нив тие се само средство во некаква борба против злиот противник или предавник, на пример. Може да се случи, во таквата внесеност во борбата против „другиот“, дезинформаторите да почнат да веруваат во сопствените лажни вести и дезинформации, што повторно посочува на поспецифични видови социопатско однесување на интернет – вели Џигал. Според него, превенцијата е возможна, но брзи решенија, за жал, не се можни. – Ефективноста на дезинформациите е тесно поврзана со степенот на политичката и на медиумската култура и писменост во едно општество, така што решенијата треба да се бараат токму во овие сфери. Подобра едукација, јакнење на јавната свест за штетноста на овие појави, професионализација на медиумите, унапредување на комуникациската етика, соработка со стручната заедница и граѓанскиот сектор, соработка на регионален и на меѓународен план, и така натаму – набројува Џигал. Ваквите типови борба во политиката, но и во другите сфери, се неприфатливи и се штетни за сите. Тие предизвикуваат недоверба во системот и во институциите, ги демотивираат граѓаните да гласаат, да се вклучуваат во различни активности од јавен интерес. Во таа смисла, може да се каже дека дезинформациите се своевиден комуникациски вирус што го фрагментира општеството и ја загрозува основната компонента на социјализацијата, а тоа е довербата кон другите. Средствата за јавно информирање имаат многу значајна улога во системот за управување со кризи, како во превенцијата и раното предупредување, така и во фазата на справување со елементарни непогоди. Нивното точно, навремено и објективно известување во вакви моменти, може да значи и спасување човечки животи, бидејќи информациите, апелите и насоките за однесување во случај на кризна состојба, граѓаните пред сè ги добиваат од медиумите. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Glavna1 690x460

Културата во медиумите: Ако има скандал во Министерство или раздор во некој оркестар – тогаш сите ќе објават!

Изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите, смета продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев Ако гледаме по број на објави за врвен настан од областа на културата, голем процент е ако за нешто нема доволно пари, па некоја кавга со Министерството за култура, па раздор во оркестар или ансамбл, а за самото дело на уметничкото творење за самиот настан што само тие што не работеле не знаат колку е тешко да се направи, многу малку, незначително. Денеска мислам дека на ова треба да гледаме од еден друг агол – вели Татјана Гогоска, новинар, комуниколог. Каков е пласманот на културата во медиумите? Што треба да се случи за еден културен настан или уметник да добие насловна страница, ударен термин на вести или, пак, мегаинтервју објавено на видна позиција на некој портал? Ако пред десетина години постоеја цели редакции за култура со по најмалку тројца четворица новинари што следеа различни области, денес тоа е научна фантастика и станува реткост дури еден новинар од култура да ја работи само оваа област, велат новинарите. Татјана Гогоска Гогоска веќе 35 години работи во медиуми, самата креира содржина или, пак, организира културни настани. Таа е категорична дека културата отсекогаш требало прво да биде „испочитувана“ од некој политички субјект за да се најде на насловна страница, да влезе во првите ударни ТВ или радиовести. – Потоа дојде „скандалозното време“ кога само ако нешто не се одржеше, не се отвореше некоја манифестација или имаше некоја неубава случка, тогаш стануваше дел од фокусот во медиумите. Така е и сега, а, за жал, така и ќе биде. Културата има своја публика, која секако сите настани од областа ги следи на медиумите. Не треба да се оди кон освојување на оние на кои тоа им е споредна работа, напротив да се пласираат содржини од областа на културата, квалитетни и одржани за таа „културна публика“, која ја има во сè поголем број и треба да се почитува – вели Гогоска. Културата ја има на порталите како најава за настани, информации или интервјуа, но е многу спореден дел. – А да не е така, да има рамноправен статус со сето друго „многу важно“ во државава, ќе имавме покултурен општествен систем – посочува таа. Атанас Георгиев: Публиката е лесно подводлива Продуцентот Атанас Георгиев 20-ина години работи во филмската индустрија. Двете номинации за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ се неговиот најголем успех досега. – Се чувствувам некако разочарано, изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите – смета тој. Атанас Георгиев – Вниманието со „Медена земја“ го привлековме кога се вративме од „Санденс“, пред тоа немаше многу информации во јавноста. Ја надминавме гледаноста на кој било филм кај нас. Кога ја добивме наградата на „Санденс“, МТВ ја цензурираше мојата изјава каде што упатив порака за загадениот воздух и на моето обраќање на таа сцена му фалеше најзначајната порака, затоа што се ближеа избори. И покрај големите успеси во филмската индустрија, ние немаме конкретна стратегија за развој, продукција, дистрибуција и популаризација на филм. Воедно, парите за филм се кратат. Не е во ред да не се вложува таму каде што има напредок. За време на „Оскарите“, зeмјата беше понесена од успехот на филмот, најавена ни беше дури и државна пензија, за која набрзо подоцна идејата беше повлечена затоа што законот не дозволувал. Флексибилноста и неистраженоста на законите, како и злоупотребата на популарноста во овие региони се загрижувачки – вели Георгиев. Со документарецот „Avec l’Amour“, чија премиера беше во 2018 година, тимот на Георгиев направи вид експеримент. Објавија лажна вест во медиумите за да видат како ќе изреагира целата социјална средина и колкава може да биде моќта на информацијата, во случајов дезинформацијата. – Тоа беше дел од проект поврзан со наводно лажните вести што своевремено беа креирани во Велес. Заради пренатрупаноста со информации, публиката денес е лесно подводлива и донекаде нестудиозна. Информациите ретко се проверуваат, а тие треба да бидат што пократки и по можност, поспектакуларни. Тоа беше одличен експеримент, но, за жал, дебатата на која сите се надевавме, воопшто не се случи. Наместо да се јави револт било кај гладачите било кај критиката и медиумите, пласирањето на оваа дезинформација од наша страна само делумно ги посрамоти оние што ја пренесоа, но не поттикна расправа. За жал, а темата е толку голема, загрижувачка и опасна. Тажно е што тие што треба да зборуваат гласно, всушност се засрамија – објаснува продуцентот. Претходно истиот филм беше избран на фестивалот „Хот докс“, што за документаристиката е на рамниште на Кан. Веста ја објавија само два медиума, посочува тој. – И токму разочарувањето поради тоа нè натера да смислиме нова стратегија за популаризација, дури и под услов да станува збор за лага. И набрзо потоа, замислете, масовна заинтересираност, популарност на протагонистите, иако во документарниот филм нема место за тоа. На една проекција на „Avec l’amour“ во парк дојде петилјадна публика, гладна да види нешто убаво. Се сеќавам на една многу добра изјава на нашата еминентна филмска истражувачка и критичарка Илинденка Петрушева, која ми рече дека последен пат напишала критика во 2004-2005 година, по која почнале да ѝ се лутат филмаџиите, па така престанала да пишува. Објективноста е осудена на линч – категоричен е Атанас. Сашо Димоски (фотографија: Пепи Кирков) Сашо Димоски, Велешки театар: Недостигаат специјализирани редакции со критички однос кон културата Според Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар, поддршката на медиумите во пласманот на нивните претстави и активности не изостанува, на национално и на локално ниво, ниту, пак, е на високи фреквенции. – Сметам дека се потребни системски решенија за развој на соработката меѓу институциите и поединците, од една страна, и медиумите, од друга, решенија што ќе подразбираат специјализирани редакции со критички однос кон културата, генерално, но за да се случи тоа, неопходно е да се дефинира што, всушност, е културата и кои се нејзините производи, наспроти сето она што се пласира под етикетата култура – вели Димоски. Теа Беговска Режисерката Теа Беговска работи на независната сцена подолго време. Таа е задоволна од своето досегашно искуство со медиумите, уште од нејзината дипломска работа. – Јас сум навистина благодарна, не само за објавувањето информации, но и за суштински интервјуа и во пишаните медиуми и за телевизиите. Не мислам дека причина за тоа биле лични познанства, зашто мал беше бројот на новинари што ги познавав кога почнав да работам. А и познанствата се некако нормални и дел од нашата професија – сите со сите се познаваме. Новинарите што покриваат култура кај нас апсолутно професионално си ја вршат работата, посебно сега, некако во последниве неколку години имам чувство дека доста активно се следи сцената и упорно се работи и на нови форми во новинарството. Секако овде им се дава простор и на младите, на новите имиња. Се појавија и нови медиуми што работат активно на тоа да ја известуваат јавноста за сѐ што се случува во областа на културата – вели Беговска. Огнен Антов Според филмскиот продуцент Огнен Антов, социјалните мрежи до некаде вршат и поголема работа во однос на промоцијата на културата од медиумите. На прашањето што треба да се случи за настан од културата да добие соодветно место во медиумскиот простор, Антов вели: – Треба некој од политиката да одлучи дека културата во тој момент е побитна од неговата прес-конференеција за отворањето на селската чешма… Мислам дека е невозможно веќе, поради девијантното искривување на свеста за културата и нејзиното значење и место во општеството. Имавме и примери од минатото каде што Македонија стигна до „Оскар“, еве сега сме на „Венеција“ и во листата на вести сме некаде помеѓу веста за топлотниот бран, бројот на заболени од ковид во Кочани и отворањето на реновираните тоалети во некое основно училиште. Автор: Сребра Ѓорѓијевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Viralni Informacii Berni Sanders 4 690x460 1

Социјални мрежи: Кога една информација станува вирална?

Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели, вели Орце Петрески, ИТ-консултант Фотографијата на човекот со сива виндјакна, бела коса, очила и сина хируршка маска, седнат на столче со прекрстени нозе и со кафеави зимски ракавици на рацете, на почетокот на годинава почна масовно да се појавува на фотографии во целиот свет, во секакви можни ситуации. Со Марк Хамил во „Војна на ѕвездите“, со Том Хенкс во „Форест Гамп“, со девојките од „Сексот и градот“, во вселената, во маркет, во авион, на тросед во дневна соба со непознато семејство, на клупа во парк во Скопје. Секоја нова ситуација предизвикува лавина од смеење. Фотографијата што стана вирална за 24 часа Кој би рекол дека оваа фотографија ќе стане вирална?! Милиони луѓе ја пренесоа, но малкумина знаат дека тоа е американскиот сенатор Берни Сандерс на инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камила Харис. Фотографијата е снимена на 20 јануари, а веќе следниот ден стана вирална. Во познатото американско шоу „Лејт најт“, Сандерс расположен вели дека ги гледал мемињата. На прашањето дали воопшто претпоставувал дека оваа фотографија ќе стане вирална, тој вели: „Воопшто! Седев на столчето, се обидував да се стоплам и да следам што се случува“. Сенаторот дури објасни дека ракавиците ги изработила наставничка од Вермонт, која била пресреќна што целиот свет зборува за нејзините ракавици. Амбасадорот Сандерс на неговите „патувања“ Сцени од филмови дополнети со шега, досетка или дијалог, видеа од симпатични бебиња, постари луѓе, хуманитарни акции, но и булинг, навреди и провокации. Сè може да стане вирално. Посебна категорија се лажните вести што стануваат вирални. На пример, Би-би-си јавува дека актерот Вуди Харелсон, кој има два милиона следбеници на Инстаграм, објавил видео со статус дека во Кина луѓето уриваат антена за 5Г-технологија. Видеото е од протести во Хонг Конг во 2019 година. Како вест, информација, видео или фотографија стануваат вирални? Познавачите на мрежните системи велат дека за виралност се клучни две нешта: довербата и навиките на луѓето. Орце Петрески, ИТ-консултант, објаснува дека од технички аспект еден податок патува од неговиот извор до неговата дестинација преку одреден канал на комуникација, односно преку одреден договорен начин на комуникација (протокол). – За да стане една информација вирална, таа мора да се движи во мрежа што се заснова на брз канал и протокол на комуникација. Исто така, т.н. топографија на мрежата придонесува за зголемување на виралноста на информацијата (број на корисници и нивни конекции). Не треба да се занемари и начинот на кој податокот е претставен. Дали е само текст или аудио, слика, видеоклип или некоја комбинација од сево ова. Класичен пример се социјалните мрежи. Toa се големи мрежи на корисници и имаат многу конекции. И работат на интернет – најбрзиот канал на комуникација на денешнината – вели Петрески. Фото: Pixabay Според него, големо влијание во виралноста има содржината на податокот што се шири на социјалните мрежи. Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели. – Во денешно време, социјалните мрежи гледани како медиуми, полека но сигурно го преземаат приматот од традиционалните медиуми, пишаните или електронските медиуми какви што се телевизијата и радиото. Различни социјални мрежи се различно влијателни во однос на демографијата на нивните корисници. Така, Инстаграм, Тик-ток се главни мрежи кај младите, Фејсбук – за постарите и слично. Меѓутоа и тука важат стандардните принципи како број на корисници, број на конекции и богата содржина – додава Петрески. На прашањето можат ли администраторите на мрежите да влијаат врз виралноста на една информација за да спречат или да поттикнат нејзино ширење, Петрески објаснува дека администраторите или одредени правни ентитети во рамките на самите социјалните мрежи имаат голема моќ во ширење или блокирање одредена информација. – Во последно време го гледаме тоа преку борбата против лажните вести. Социјалните мрежи во борбата против лажните вести имаа дури и неколку контроверзни одлуки, како, на пример, дури и да го блокираат твитер или фејсбук-профилот на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп – вели Петрески. Фото: Pixabay Според него, виралноста на една информација значително зависи од навиките на корисниците што ја консумираат информацијата и во зависност од нејзината содржина одлучуваат дали да имаат интеракција со таа информација. – Колку повеќе интеракции, како, на пример, „ми се допаѓа“, „сподели“ и слично, толку побрзо информацијата се шири. А како информацијата првобитно ќе дојде до одреден корисник, во последно време сè повеќе и повеќе зависи од технологии базирани на виртуелната интелигенција (ВИ). Сите тие ВИ базирани алгоритми одлучуваат која вест ќе дојде до нас и кога. Во интерес на социјалната мрежа е секогаш вистинската информација да дојде до вистинските корисници во вистинско време. Ако тие услови се исполнат, веројатноста таа информација да стане вирална е многу голема – завршува Петрески. На 21 декември 2012 година спотот „Гангам стајл“ на јужнокорејскиот пејач Псај стана првото видео на „Јутјуб“ со 1 милијарда прегледи. Овој феномен беше доволна провокација за да почнат научниците да истражуваат како видеото стана вирално. Тие ја проучувале социјалната мрежа Твитер за да откријат како се поврзуваат луѓето, какви заедници создаваат, како информацијата се шири преку човечки контакт. Научниците утврдиле дека социјалниот вирус се шири исто како и биолошки вирус – треба физички да се пренесе. Ширењето било најбрзо преку мас-медиумите. Автор: Весна Ивановска-Илиевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
S N Web

Социјалните мрежи поволна почва за ширење дезинформации и лажни вести

Илјадници информации со само едно пребарување, дел од нив дезинформации, дел лажни вести, сите на штета на консументите. Дигитална ера, виртуелен свет, безброј можности на интернет-мрежата, која го олеснува секојдневниот живот правејќи со еден клик да се заврши многу работа. Истовремено, хаос од информации, кои преку, исто така, еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостаток од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите. Социјалните мрежи се новиот начин на комуникација, интеракција, дејствување. Дел од секојдневието на повеќе од три милијарди луѓе, кои, според последните истражувања од 2020 година, активно користат социјални мрежи. На интернет денес постојат стотици социјални мрежи што поддржуваат широк опсег интереси и практики. На социјалните мрежи луѓето можат да зборуваат за своите чувства, идеи и креации. Преку нив тие ги добиваат основните информации за живот, ги реализираат обврските преку сè повеќе достапните онлајн услуги и ги исполнуваат своите животни потреби. Низ сето тоа, тие се сретнуваат со безброј информации, кои многу често знаат да бидат невистинити. Како такви, тие најчесто имаат цел да нарушат углед или да остварат профит. Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности вели дека постојат повеќе тези за тоа зошто на социјалните мрежи најмногу се шират неточни информации, дезинформации или злонамерни информации. – Кога станува збор за поединци, нивните мотиви можат да бидат најразлични. Може тоа да бидат т.н. тролови, кои намерно објавуваат пораки со кои предизвикуваат недоразбирања, вознемиреност или лутина кај другите луѓе. Или, пак, може да се луѓе што невистинитите информации ги шират ненамерно – вели таа. Ако, пак, станува збор за ширење вакви информации од центри на моќ, на пример политички или комерцијални субјекти, како што вели, целта им е да остварат влијание, при што вака поевтино и побргу стигнуваат до поголема таргетирана публика, односно луѓе што алгоритмите, врз основа на некои нивни карактеристики или ставови, за кои програмата „научува“ од нивното претходно однесување на интернет, ги сместуваат во групи. Бојан Кордалов, комуниколог специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека главната причина поради која социјалните медиуми најдиректно се поврзуваат со лажните вести е брзината со која денес може да патува информацијата преку различните интернет-платформи. – Важно е да се потенцира дека лажните вести ги шират луѓе, односно субјекти што имаат свое име и презиме или идентитет, а не самите социјални медиуми. Бидејќи социјалните медиуми „per se“ се само обичен канал или простор што овозможува онлајн комуникација. Како ќе се исполни тој простор, како ќе се искористи овој канал и кои пораки ќе се пласираат, зависи од секој од нас – вели Кордалов. Тој посочува дека е важно да констатираме дека одредени луѓе шират или учествуваат во распространување лажни вести, а не дека тоа го прават социјалните медиуми, бидејќи, според него, ако ја констатираме фактичката состојба, тогаш ќе можеме и да ги менуваме работите на подобро и да бидеме чекор понапред во борбата со лажните вести кои ги поткопуваат јавните институции (платени од секој од нас), како и демократските процеси, кои се од интерес на секој од нас. Превенцијата возможна, медиумската писменост неопходна Покрај влијанието и распространетоста на социјалните мрежи, се менува и регулативата и нивното уредување. Постојано се ревидираат политиките на користење на социјалните мрежи и се поставуваат нови рестрикции кон креаторите на дезинформациите и на лажните вести. Регулативата зема сè поголем замав, особено во делот на заштитата на личните податоци на интернет. Камењарова и Кордалов се согласни дека превенцијата на дезинформациите и на лажните вести е можна, меѓутоа, медиумската писменост, според нив, е неопходен дел од неа. На долг рок, Кордалов ги издвојува образовниот систем и медиумската слобода. – Тоа значи дека треба да создадеме образование приспособено на потребите и навиките на учениците и студентите, кое ќе се базира на технолошкиот напредок, но и на правото на избор за начинот на кој секој ученик најдобро учи и ги развива своите критички и креативни вештини во размислувањето и расудувањето – вели тој. Според него, слободата на медиумите, но и генерално корпусот на човекови права и слободи мора секојдневно да се унапредува, бидејќи само слободни граѓани можат да градат слободна мисла, личен став и интегритет, а развивањето на овие карактеристики е исто така клучно за долгорочна и целосна победа против лажните вести и теориите на заговор. Камењарова вели дека превенцијата има повеќе сегменти, а во Агенцијата сметаат дека исклучително важно е да се работи на градење и континуирано подигнување на нивото на медиумска писменост кај граѓаните од сите генерации. Тоа, според нив, ќе се постигне со различни активности насочени кон развивање четири компетенции, кои ги имаат дефинирано во Политиката за медиумска писменост на АВМУ. Тука ги вбројуваат критичката свесност за комерцијалниот или за политичкиот интерес што стои зад содржините на кои сме изложени, која се јакне така што ги развиваме својот интегритет, етика, емпатија и праведност, кои потоа ги користиме кога ги проценуваме медиумските содржини. Свесноста за улогата на емоциите во комуницирањето, особено во онлајн комуникацијата. Дигитална добросостојба – односно оспособеноста на луѓето да ги користат и да владеат со новите технологии безбедно и сигурно, и полноправно граѓанство – односно граѓани што активно учествуваат во демократското општество, што во услови кога интернетот го направи светот подостижен од кога било, се однесува не само на активност во сопствената држава, туку и меѓународно. Расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет, растат и мерките  Како што расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет преку ширење неточни информации, дезинформации или злонамерни информации, така, на европско ниво, се предвидуваат сѐ повеќе мерки. Веќе неколку години постои Кодексот против дезинформации (Code of Practice on Disinformation), кој е потпишан меѓу Европската комисија и Фејсбук, Гугл, Твитер, Мозила, Мајкрософт, ТикТок, претставници на рекламната индустрија. Преку Кодексот, тие преземаат низа обврски, меѓу кои и да обезбедат транспарентност на политичкото рекламирање, затворање на лажните профили, демонетизација на ширачите на „лажни вести“, а за мерките што ги преземаат, поднесуваат извештаи до Европската комисија. На меѓународно ниво постои и Мрежа за проверка на факти, која се заснова на утврдена методологија од Фејсбук и во која професионални организации од повеќе од 75 земји од целиот свет вршат идентификување на потенцијалните лажни вести, преглед на фактите содржани во идентификуваните лажни вести, а за тоа го известуваат Фејсбук, кој понатаму одлучува како ќе дејствува во врска со видливоста на тие содржини на мрежата. Камењарова споделува и дека социјалните мрежи веќе се влезени во европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, во оние случаи кога преку нив се споделуваат видеа. Република Северна Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ – и тоа е процес што нѐ очекува. – Во ЕУ, во тек е колегислативниот процес за усвојување на регулативата за онлајн содржините и дигиталната економија, односно Актот за дигитални услуги (Digital Services Act) и Актот за дигитални пазари (Digital Markets Act), чија цел е да ги унапредат правилата за дигиталните услуги во ЕУ – споделува таа. Во делот на саморегулацијата, во поглед на онлајн медиумите, таа истакнува дека е важно да се поддржи Регистарот на Советот за етика на медиумите на Македонија и на Здружението на новинари на Македонија, и тоа особено од компаниите и од огласувачите. Кордалов, исто така, смeта дека преземањето на меѓународните акти и целосна меѓународна соработка на нашите институции со европските и со светските, се најдобрата практика што можеме да ја преземеме и да ја примениме во овој домен и, според него, дури и со постојната регулатива можеме да имаме ефикасна борба во овој домен, само доколку правилно ја комуницираме темата и доколку овозможиме јавни услуги од кои секој граѓанин ќе биде задоволен. – Залудно е и најдоброто законодавство доколку продолжат процесите на партизација на институциите и недавање шанса на професионалците и на луѓето со интегритет во нив. А, верувајте, многу ги има. Но, во систем на брутална бирократизација, тие луѓе никогаш нема да испливаат на површина. Ако се воведе систем на јавност преку дигитална транспарентност и отчетност, состојбата веднаш ќе се промени. Односно, самиот систем на површина ќе ги стави вредните и способните, а ќе ги отфрли оние што ги кочат граѓаните во остварување на своите права, но и оневозможуваат со децении цели генерации луѓе да живеат достоинствен живот – вели Кордалов. Воочливо е дека „новинарската патка“, која значи лажна вест, забранета и осудувана појава, е сè поредовна во секојдневието на луѓето. Дополнително, интернетот и социјалните мрежи ѝ овозможуваат сè повеќе простор за нејзино пливање. Колку такви „новинарски патки“ ќе оставиме безгрижно да пливаат во морето информации, зависи од усогласувањето на законодавството, неговата примена и, најмногу од сè, од медиумската писменост на секој од нас. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Infodemija

Ковид-19 инфодемија и неопходната имунизација против дезинформации

Короната не постои, маските можат да убијат, вакцините содржат микрочипови, опасни се и имаат штетни ефекти – на овие и безброј слични дезинформации наидуваме секојдневно во инфодемијата поврзана со пандемијата со ковид-19. Дел од нив нанесуваат мошне штетни последици по општото здравје и ја разнишуваат довербата на луѓето во врска со сè што се презема за да се спречи пандемијата со ковид-19. Инфодемијата за ковид-19 се шири паралелно со ширењето на вирусот и последиците од него. Медиумите непрестајно пласираат вести, јавноста е преплавена со информации помеѓу кои често знае да се најде и некој непроверен факт што дезинформира и под притисок на „безизлезната“ ситуација, често станува вистина во која веруваат многу луѓе. Сето тоа ги води граѓаните до неверување на постојните мерки и препораки и загрозување на своето и здравјето на околината. Сè поради една (дез)информација. Советот за етика во медиумите продолжи да добива претставки и во текот на пандемијата, со тоа што најголемиот дел од нив, како што велат, се однесувале на едностраното и на сензационалистичкото информирање во медиумите. – Се пријавуваа новинарски содржини во коишто се пласирале информации за постоењето евентуален лек против короната, содржини што ги поддржуваат таканаречените теории на заговор, непроверени информации од социјалните мрежи, потоа текстови во коишто се поврзани со политички пресметки и обвинувања во однос на начините на справување со пандемијата, и така натаму – вели Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ. Професорот д-р Никола Пановски вели дека на почетокот од пандемијата, 30 проценти од населението во Македонија не верувало дека воопшто постои болеста, а по 5.500 смртни случаи, 10 проценти сè уште не веруваат во тоа. Дел од вината тој ја лоцира во неснаоѓањето на Светската здравствена организација со контрадикторни и, според него, честопати ненаучни ставови. – Еве само еден пример, науката докажува дека природно стекнатиот имунитет е долготраен, веројатно доживотен, а СЗО форсира вештачки имунитет кај сите, вклучително и кај прележаните, што е спротивно на сите досегашни искуства – вели тој. Така, кај нас врз база на оваа дезинформација, како што вели, пред сè се вакцинираа прележаните и природно имунизирани. Како друг пример д-р Пановски го издвојува носењето маска на отворено, кога лицето е сосема само, со образложение дека вирусот се ширел од улична прашина, при што посочува дека тоа некој ќе си го објасни со „ни пуштаат вирус преку авиони“.  – Дел од луѓето се плашеа да одат во болница, огромен дел сè уште се плашат да примат вакцина. На пример, дезинформациите за „Астра-Зенека“, кои пред сè беа мотивирани од финансиски причини, однесоа десетици животи во март годинава, кога тие одбија да ја примат, па ги зафати пролетниот бран – вели тој. Пласирањето дезинформации поврзани со ковид-19, помеѓу битката да се биде прв и мотивот да се „оцрни“ политичкиот противник Битката да се биде брз во објавувањето одредени информации, предизвика објавување непроверени информации, кои често знаеја да предизвикаат паника. Ова го потврдуваат од СЕММ, при што велат дека таа битка изискува да не се верификуваат содржините на коишто се наидува, а особено доколку тие потекнуваат од социјалните мрежи. Понатаму, како што велат, имајќи предвид дека дезинформациите се „плод“ на свесната намера за ширење погрешни информации, јасно е дека тие се создаваат и со некаков мотив, било да е тоа мотив да се „оцрни“ политичкиот противник, да се поткрепат „теориите“ дека коронавирусот не постои или дека е нечија измислица, да се поддржат „антиваксерските“ ставови итн. Понекогаш, дополнуваат, таквите содржини произлегуваат и кога постои таканаречен информативен вакуум, односно недоволно и нередовно информирање во јавноста од надлежните институции или, пак, кога постои ограничен пристап до информации. Д-р Пановски, пак, вели дека лицата што не веруваат во постоењето на вирусот, се и негови главни пренесувачи. – Кога на огромниот број дезинформации и лажни вести ќе се накалеми СЗО со препорака за носење ракавици кај целото население, мерка што нема врска со здравиот памет, се случува тоа што се случи, или кога им требаа 6 месеци за да прифатат дека вирусот се шири преку аеросоли, па да препорачаат носење маска – вели тој. Вакцината за имунизација од дезинформации постои, важно е да се почитуваат препораките Струката и науката, пред сè, без калкулации, финансиски или политички мотивирани. Искреноста и вистината, ги издвојува Д-р Пановски како неопходни во справувањето со ширење дезинформации поврзани со ковид-19. Објаснувањето и одговорите, дијалогот, упорноста, фактите и бројките ги издвојува како неизоставен дел од таа цел. Од СЕММ велат дека е мошне важно откако ќе се препознаат таквите содржини, да не се споделуваат, а со тоа и да се спречи нивното натамошно ширење. – Многу е важна улогата на медиумската писменост и создавањето вештини за критичка процена на новинарските содржини, што на луѓето ќе им помогнат да проценат што е она што го заслужува нивното внимание, а што е она што треба да биде отфрлено, велат оттаму. Како дел од решенијата за овие проблеми, ги издвојуваат користењето алтернативни извори на информации, веродостојни и проверени извори на информации, внимателно консумирање на содржините од социјалните мрежи. Сите овие дезинформации и нивното мултиплицирање преку префрлувањето од еден медиум на друг, стигнаа до широката публика и предизвикаа сериозни промени на ставовите и на однесувањето кај луѓето, до степен да предизвикуваат штети по нивното и по здравјето на другите. Имунизацијата против дезинформациите за ковид-19 е неопходна, тоа го покажува и Индексот на медиумска писменост во рамките на проектот Иницијатива за европски политики на Институтот отворено општество – Софија, кој ја сместува нашата држава на дното на ранг-листата, зад Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Турција. Во Извештајот се заклучува дека подобро и функционално образование и специјализирана обука за медиумска писменост ќе обезбеди отпорност кон најтешките форми на лажни вести, а справувањето со лажните вести и со дезинформациите, ќе го намалат степенот на политичка и социјална конфронтација, ќе се зголеми нивото на доверба во општествата и ќе придонесе за поздрава животна средина за време на пандемијата со ковид-19. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
Fake News Cover

Лажните вести ги експлоатираат нашите стравови, љубопитност, време

Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска, претседателка на ИМПЕТУС Здравиот разум ни вели дека веруваме во нешто затоа што сметаме дека е вистина. Но, психолошките истражувања покажуваат дека верувањата имаат и одредена психолошка функција. На пример, луѓето делумно веруваат во натприродни ентитети за да се справат полесно со идејата дека еден ден ќе престанат да постојат или, пак, веруваат дека жртвата заслужила што си добила за да го одржат светогледот дека светот е фер. Слично и верувањата во лажни вести имаат одредена функција, односно задоволуваат одредени мотиви – вели Ана Стојанов, доктор на психолошки науки на Универзитетот „Отаго“ во Нов Зеланд. Таа објаснува неколку мотиви според кои се однесуваме како публика во интернет-просторот. Еден тип мотиви се епистемиолошките, односно тоа е потребата да го разбереме светот. – Луѓето што имаат особено изразена потреба за одговор, каков било одговор, па макар и неверојатен, полесно веруваат на лажни вести. На пример, сè уште немаме дефинитивно сознание за потеклото на новиот коронавирус, но лажните вести ни ги нудат тие одговори. Според социјалните мотиви може да веруваме на лажни вести затоа што прават да се чувствуваме добро, дека имаме специјално знаеше, што мнозинството го нема. Или, пак, егзистенцијални мотиви. Чест мотив во лажните вести е тоа дека настаните се под нечија контрола, наспрема случајни. Идентификување на „виновниците“ ни дава чувство на контрола и сигурност – објаснува Стојанов. Лажните вести може емоционално да ја наелектризираат публиката Лажните вести имаа цел емоционално да ја „наелектризираат“ публиката, да го доведат организмот до состојба на возбуденост. – Умно би било кога би го имале тоа на ум и не би дозволиле да реагираме како компјутерска програма, секогаш кога ќе има влез на лажна вест, да има излез – емоционална реакција. Втора умна работа што би требало да ја направиме е да побараме информации што не одат во прилог на тоа што го читаме. На пример, неколку пријатели на Фејсбук имаа споделено фотографија од внатрешноста на авион, во која се гледаат контејнери што наводно содржат отровни хемикалии со кои населението се „запрашува”, познато и како кемтреилс. Нормално, никој не сака да биде „запрашуван“ со отрови и таа информација емоционално ме наелектризира, ме разлути и ме разбесни. Со сопствени очи ги гледам бурињата, поврзани со разни црева, за што друго би можело да се користат освен за да запрашуваат и да нѐ трујат со отрови? Во овој момент имаме две опции. Да продолжиме да паѓаме во спиралата на лажни вести и да побараме информации што ќе ни го потврдат она што го гледаме (уште лажни вести) или да побараме информации што не одат во прилог на она што го гледаме и да излеземе од спиралата на лажни вести. Во конкретниот случај јас го направив второто и многу лесно дојдов до информација дека сликите ја претставуваат внатрешноста на тест-авиони, а содржината на бурињата е вода што се пумпа и испумпува за да се симулира како се менува центарот на гравитација со движење на патниците – споделува пример д-р Стојанов. Лажните вести ги експлоатираат нашите емоции. Прво, ја експлоатираат нашата љубопитност со примамливи наслови што бараат да кликнеме. Потоа ги експлоатираат нашите стравови со „бомбастични“ содржини. Најпосле, го експлоатираат нашето време така што нè вовлекуваат во спирала што води до бездна од која тешко се излегува, завршува таа. Треба да се чита со четири очи Според Лилјана Пецова-Илиеска, претседателка на здружението „ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување“, постојат различни типови лажни вести, со помалку или повеќе лага во нив. – Она што е тешко е да се препознае што е факт, а што е извртена или спинувана информација, која исто така може да биде третирана како лажна вест. Понекогаш веста содржи неколку делови што се вистинити и проверливи информации, добиени изјави од релевантни институции, но понатаму во текстот веќе се користат лажни статистики во корист на одредена пропагандна цел. Потребно е навистина да се чита со четири очи и мислам дека веќе не е доволно само да се врши проверка на основните чекори: дали има автор на текстот, релевантни извори итн. Сум среќавала написи што се релевантни и не содржат никаква лага во самиот текст, но затоа, пак, фотографијата во текстот била лажна и несоодветна на локацијата, ниту на годината. За наша среќа, постојат дигитални алатки и извори што може да се користат за проверка и верификација за да не паднеме во замката. Секој може да биде прелажан и да кликне на напис што се чини дека е точен. Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска. Лажните вести не се ништо ново, туку интернетот им овозможи средина побрзо да се шират и да владеат со општата јавност на побрз начин. Новите политики на Фејсбук околу нив само покажуваат колку социјалните медиуми се длабоко инволвирани во овозможувањето тие да се шират, објаснува таа. – Се плашам дека нема да донесат ништо ново, нити подобро во смисла на отстранување на лажните вести од социјалните медиуми, туку напротив, ќе развијат алатки како да ја модерираат нивната појава во одредени предизборни периоди во различни делови од светот. Или барем, во најмала рака, онаму каде што има интернет и пристап до одредени апликации. Големите технолошки гиганти секогаш ќе ја имаат предноста пред публиката воопшто да може да ја контролира појавата на лажните вести – вели Пецова-Илиеска. Во природните науки јавноста може многу лесно да се доведе до заблуда Потребна е континуирана едукација за да се постигне ефектот на млади луѓе што критички размислуваат. Образовните програми нудат теми/модули за вклучување на медиумската писменост во повеќе наврати. Во секоја наука или во секој предмет на изучување може да се појави манипулација на факти, кои може да се злоупотребат и да се искористат во правење лажни вести. – Пандемијата со коронавирусот ни покажа дека токму во природните науки, каде што сме послаби со знаење и информации, општата јавност многу лесно може да се доведе до заблуда и да им верува на секакви лажни вести. Се сеќавате на првичните реакции за лекување со народни лекови и со алкохол. Во таа насока, лажните вести се’ повеќе ќе ги наоѓаме во вестите од рубрика Технологија, Медицина, Здравје, итн. бидејќи многу потешко е да се проверуваат такви извори заради самата содржина и сајтови и имиња кои не ни се познати од научната фела. И не се само лажните вести, ами поголемо прашање на векот е технологијата која се користи за deep fake, која е се’ понапредна.  Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиумите, потсетува на искуството од пред 15-ина години, кога, како што вели тој, „се знаеше некаков ред“. – Непишаниот и во таа смисла неформален купопродажен договор кога купувавме печатени весници, вклучуваше и разбирање дека, да, јас ви давам пет, 10, 15, 30 или колку и да е денари за весникот (во радиодифузијата дававме премолчена согласност со изборот на ТВ-каналот нашето внимание да биде „продавано“ на огласувачите) и во замена за тоа очекувам дека вие сте ги провериле сите факти, сите бројки и информации и јас тоа не треба да го правам. Денес ситуацијата е драстично нова. Наспроти напорите на вообичаено големите глобални медиуми – Њујорк тајмс, Гардијан, Фајненшел тајмс и сл. – за воспоставување претплатнички односи, сите користиме огромен број бесплатни извори на информации и вести. Истовремено, не сме ја загубиле навиката дека тој што ги објавува содржините треба да гарантира за нивната точност и веродостојност, без оглед на тоа што не плаќаме за нив – вели Георгиевски. Кризата на финансирање на новинарството, пак, прави медиумите сè поретко да можат да си дозволат соодветни одделенија за проверка на фактите (fact-checking). Практиката на пост фестум проверка на фактите (разоткривање), главно од независни надворешни организации, не ни врши некоја особена работа, освен упатството дека некои извори објавиле неточни информации или дезинформации, па би можеле тоа да го повторат и во иднина. Проверката на фактите, за да биде ефективна, треба да се спроведе пред објавувањето, смета Георгиевски. Проверката на фактите е едно работно место Тој посочува дека во време на огромен број нови извори на информации, се наметнува трендот граѓаните да ја имаат „обврската“ да ги проверуваат фактите. – Тоа е сосема нова ситуација, не сум многу сигурен дека е фер тоа да го бараме од публиката, ама така е. Малкумина имаат време да ги проверуваат сите факти што ќе ги прочитаат или слушнат на интернет, во печатен весник или магазин, на радио или на телевизија – да се потсетиме, проверката на факти е цело работно место (или повеќе работни места) во традиционалните медиуми. Таа задача доаѓа во судир со она што е природно однесување за луѓето – преферирање информации што ги потврдуваат нашите ставови и мислења, преферирање информации од извори што го делат нашиот светоглед, тенденцијата да се дружиме и да им веруваме на нам сличните итн. Впрочем, целото прашање на „лажни вести“ и „дезинформации“ има многу јака идеолошка и политичка компонента, при што тоа што го кажува или мисли другата страна по автоматизам се отфрла како лага или пропаганда. Притоа, советите да се користат повеќе извори на информации за информирање можат да имаат само половичен успех, затоа што веројатноста е голема граѓаните и во тој случај да користат повеќе слични и сродни извори, во таа идеолошка или светогледна смисла – вели Георгиевски. Тој истакнува дека клучен проблем со кој се соочуваме е што станува збор за прашања од областа на слободата на изразување и информирање, гарантирани и регулирани со меѓународни конвенции, при што ограничувањата мора да одговорат на серија строги критериуми – да се регулирани со закон, да се пропорционални на идентификуваната потреба и да се нужни во демократското општество, со дополнителниот критериум да бидат минимални за да се спречи нивна злоупотреба. Без менување на член 10 од ЕКЧП и член 19 од МПГПП, просто мораме да се потпреме на добрите намери на луѓето – и како креатори и како консументи на вести и информации, категоречн е Георгиевски. – Претпоставката е дека „сè што ќе објават тие и тие е лага и пропаганда“, дека мора да се водат од принципот на веројатноста, односно колку е веројатно нешто да се случи. Од друга страна, ја имате старата максима дека „не е вест дека песот каснал човек, туку дека човекот каснал пес“, па вие видете. Ако ја исклучиме можноста за некаква регулаторна обврска издавачот да ги означува лажните вести и дезинформации, тоа нужно мора да го оставиме на процената на секој поединечен граѓанин – вели Георгиевски. Изберете медиум кому ќе му верувате Тој советува дека треба да избереме медиум кому ќе му веруваме. Според него, најдобро би било ако тоа е медиум што ги следи традиционалните обичаи и стандарди на новинарската професија. – Медиумската писменост првенствено е прашање на образовните политики, почнувајќи од уроци за научната метода, до специјализирани теми какви што се пропаганда, односи со јавност итн. Постои одреден простор и за неформално образование и граѓанскиот сектор тука спроведува одредени активности. Притоа, мора да бидеме свесни дека најголемиот дел од граѓанскиот сектор, исто така, настапува од прилично тесно дефинирана идеолошка и политичка позиција (што не го осудувам, напротив!). Втор проблем е што се покажува дека луѓето што имаат оформени навики и ставови, многу тешко ги менуваат. Што се однесува до медиумите, барем оние што функционираат по стандардите на традиционалните информативни медиуми, тие својата работа ќе ја завршат ако нивните редакции строго ги почитуваат професионалните стандарди на новинарската професија. Тој процес, се разбира, ќе трае и не ми изгледа дека кога било во иднина ќе може некој да каже, „супер, од овој момент сите се медиумски писмени…“. Медиумскиот сектор и индустријата на информирање минуваат низ брзи и драматични промени и од денешна перспектива тешко е да се каже дали ситуацијата ќе се стабилизира и кога. Сите идни проблеми и предизвици ќе бараат соодветен одговор од различни чинители – државите, граѓаните, медиумите, новинарите и целата индустрија на информирање и медиумската индустрија – завршува Георгиевски. Автор: Сребра Ѓорѓијевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
5g Sead Dzigal 657x460

Дезинформации: Како 5Г стана причина за пандемија од ковид-19

Образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите, вели Сеад Џигал Дали некогаш сте добиле комплимент: „Многу зрачиш денеска“? Тоа е точна констатација, бидејќи луѓето навистина зрачат. Овој пример често го раскажува проф. д-р Ивица Пулјак, кој до неодамна беше редовен професор по физика на Факултетот за електротехника, машинство и бродоградба (ФЕСБ) во Сплит, а веќе еден месец е градоначалник на овој приморски град во Хрватска. Со богата научна кариера зад себе (докторат на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, кој денес е во рамките на Сорбона, ангажман во Европската организација за нуклеарно истражување ЦЕРН крај Женева), Пулјак отвори свој канал на Јутјуб и во емисијата „Наука во 5“ темелно објаснува поими поврзани со науката. Една од нив е и 5Г-технологијата, нешто што лани го „вознемири“ човештвото. Низ цел свет се формираа групи што кршеа антени, на социјалните медиуми споделуваа фотографии со пцовисани птици, исушена трева, опустошена природа. И додека научниците се обидуваа со факти да аргументираат дека новата технологија не е опасна, дезинформациите се ширеа вирално. Пулјак вели: – Луѓето најчесто се плашат од нештата што не ги разбираат. Во ред е да се плашите од нешто што го разбирате, тоа е вродена реакција што еволуцијата ја вградила во нас, корисна е. Кога станува збор за 5Г, многу луѓе зборуваат за зрачење, а кога ќе ги прашате што е тоа, често не знаат да одговорат, не знаат дека секое тело зрачи. Зрачењето може да биде и добро за нас и досега сме го користеле и за добри нешта, како, на пример, во лекувањето тумори – објаснува Пулјак. Физиката докажала дека зрачење е кој било процес на емисија на енергија во облик на бранови или честички во просторот или материјата. Сите тела околу нас зрачат некој облик на енергија, зрачи Сонцето, зрачат луѓето. Но, како зрачењето од 5Г стана „толку опасно“ за човештвото? Технофобијата не е нова појава Според Сеад Џигал, предавач на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, стравот од технологијата, т.н. „технофобија“, не е нова појава. Во модерната историја таа води потекло уште од „лудизмот“ во 18 век во Европа, кога новите машини биле сметани за непријатели на луѓето, бидејќи им ги одземале работните места. – Кога новите технологии биле пуштени во широка употреба, предизвикувале нелагодност, страв, а понекогаш дури и паника. На пример, во првите две-три децении од 20 век кога биле поставувани радиоантените имало сличен отпор – луѓето одбивале да бидат монтирани близу нивните домови, ги оштетувале и се бунтувале на различни начини. Често зад овие појави, покрај лековерноста на луѓето во непотврдени закани, се кријат одредени „комерцијални побуди“, односно подметнувања со дезинформации и заговори на групи во чиј интерес е да се откаже или барем да се забави пуштањето во употреба на некоја нова технологија. Многу аналитичари сметаат дека и овој најнов бран на паника од новите технологии е резултат на судирот на интереси помеѓу Западот, Кина, Русија и други центри на моќ, односно е поттикнат од плански дезинформации за да добие предност една од овие страни над конкурентите во експанзијата на сопствената технологија – објаснува Џигал. Темата достигна кулминација кога луѓе масовно тврдеа дека пандемијата од ковид-19 е предизвикана од 5Г-технологијата. Зошто луѓето толку лесно веруваат во нелогични информации? Џигал вели дека во оваа „теорија“ се гледа заживување на една веќе видена теорија на заговор од почетокот на 20 век. Во 1918 и 1919 година се забележани случаи кога биле уништувани радиоантените поради проширените гласини дека тие се причина за ширење на шпанскиот грип. Според Џигал, стравот и неизвесноста многу го олеснуваат ширењето на гласините и на теориите на заговор, бидејќи во човековата природа е потребата да бара објаснување за сопствените страдања и искушенија. Умберто Еко тоа го нарекува „конспирациски синдром“, односно тогаш кога вистинските одговори се комплексни или недостапни, често се посегнува по „логични“ и лесно разбирливи квазиобјаснувања. – Комуникациската и психолошката функција на овие квазиодговори е задоволување на нашата потреба да креираме одредена смисла околу тоа што ни се случува. Конспирациите се обидуваат да го премостат јазот помеѓу информациите и смислата. Овие креирани и проширени конспирации ни даваат лажно убедување дека разбираме што навистина се случува, која е вистинската смисла на нашите стравови и страдања. Се самозалажуваме себеси за да си ја смириме совеста дека сме свесни што се случува околу нас, и ова делумно ги намалува нашите стравови. Всушност, потребата од конспирации, чие вирално ширење интернетот го овозможува и го олеснува, е многу блиска со потребата на раноцивилизациските култури да креираат митови и легенди. Овие современи конспирации добиваат нови форми и побрзо се шират, но се предизвикани од психолошки механизми, кои тлеат во нас без разлика на степенот на нашиот цивилизациски развој – објаснува Џигал. Македонија и Балканот се подложни на разни суеверија и лековерност Убедливоста на современите конспирации добива на сила тогаш кога тие масовно ќе се прошират. Ако за нешто слушате насекаде, тоа полека почнува да добива на релевантност, со самото тоа што сите зборуваат за тоа, вели Сеад Џигал. – Спојот на конспирација и нејзиното масовно ширење создава широко прифатено убедување што полека станува „реалност“. Во средниот век така се креирало убедување дека некој е вештерка или слуга на ѓаволот, а во 21 век, пак, различни нови или преџвакани конспирации добиваат свои следбеници. Македонија и Балканот се подрачје што е доста подложно на разни суеверија и лековерност. Само погледнете колку се сеприсутни и влијателни различни гатачи, читачи на судбини, видовити луѓе, надрилекари и слично, па ќе ви стане појасно зошто ваквите дезинформации и конспирации виреат и лесно се шират кај нас – објаснува тој. Психологијата на толпа на интернет „живее на стероиди“ И во Македонија повеќе научници се обидуваа да ги објаснат разликите помеѓу јонизирачко и нејонизирачко зрачење, но секој аргумент мнозинството најчесто го одбиваше со контрааргумент: „Платени се да го кажуваат ова“. Џигал е дециден дека образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите… Што помалку луѓе го прават ова, толку полесно се шират дезинформациите и конспирациите. Што повеќе луѓе веруваат во нешто, толку порелевантно станува тоа. – Науката и образованието ни помагаат да правиме разлика помеѓу фактите и убедувањата, односно фактички фундираната реалност и конвенционално прифатените објаснувања за реалноста. Кога Џордано Бруно јавно ги објавил своите наоди дека Земјата е тркалезна, неговите научно испитани факти биле во судир токму со „конвенционалната реалност“ односно со проширените убедувања дека Земјата е рамна. Тој во борбата за своите научни факти го жртвувал својот живот, а Галилео Галилеј морал јавно да се откаже од нив за да ја сочува сопствената глава. Оваа борба продолжува и денес. Науката и образованието се одлично средство за борба против суеверијата, конспирациите, митовите и различните ирационални стравови што се многу проширени и денес. За жал, науката и образованието денес губат доверба поради својата подложност на комерцијализација и честото игнорирање на етичкото работење, но тоа не е причина да се откажеме од нив. Потребно е да ги заживееме не само во производство на материјални добра и технологии, туку и во нивниот капацитет за разбирање на животот, а со тоа и подобрувањето на квалитетот на нашето живеење. Тоа е клучната одговорност на денешните генерации на научници и едукатори – вели Џигал. Интернетот денес е главен трансмитер на (дез)информациите – бесконечен океан каде што можете да објавите и труд за Нобелова награда и најголема бесмислица во која ќе веруваат милиони следбеници. Од тој аспект, индивидуалното расудување е единствен филтер на вистинска информација и дезинформација. Џигал вели дека интернетот преку длабинските промени на комуникацијата, длабински ги менува сита нивоа на нашите култури. Но, како и секоја технологија, има позитивни и негативни страни, кои се испреплетуваат со начините како избираме да ја користиме технологијата, за нешто полезно или за нешто неетичко и штетно. – Особеноста на интернетот за инстантна комуникација што ги надминува просторните ограничувања се покажа како клучна за ширењето на штетните содржини. Се потврди изреката, која веројатно погрешно му се припишува на Марк Твен, дека лагата го заобиколува светот додека вистината уште се обидува да ги обуе чевлите. Расчекорот во брзината на комуницирањето на дезинформациите и фактите што ги коригираат лагите стана уште подрастичен во ерата на интернетот. Со самиот наплив на огромен број дезинформации, фактите станаа игла во пласт сено и често ја губат битката за вистината со самото тоа што се потиснати од цунамито на дезинформации – вели тој. Втора клучна особеност на интернетот за овие штетни појави што преку социјалните мрежи помогна злонамерните и лековерните корисници побрзо и помасовно да се поврзат, да создадат свои врски и групи, и на одреден начин да се охрабруваат помеѓу себе во бранењето и ширењето на дезинформациите и конспирациите. Психологијата на толпа, се чини, на интернетот „живее на стероиди“, односно се зајакнува и станува поголем проблем отколку во директната комуникација. – Но, сето ова не значи дека треба да се откажеме од интернетот како технологија или да ја смениме неговата слободарска природа. Дигиталната трансформација нѐ принудува да се престроиме во тоа како ги користиме новите комуникациски технологии, да развиеме правила и навики за заштита и санкции, да го унапредиме образованието за нив и да ги ревитализираме етичките вредности во нивната употреба. Пандемијата и инфодемијата што ја проследи, ме потсетија помалку на онаа реченица на Пол Валери напишана веднаш по Големата војна во 1919 година: „Цивилизацијата е кревка како и човечкиот живот“. Да се надеваме дека овие денешни искуства ќе нѐ мотивираат посериозно да ја разбереме сопствената одговорност во сочувувањето на јавните и на цивилизациските добра при комуницирањето и користењето на новите технологии – завршува Џигал. Автор: Весна Ивановска-Илиевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Glavna 690x440

Не е важно колку, туку како младите го поминуваат времето онлајн

Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка што е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. – вели комуникологот Бојан Кордалов Да се биде млад човек во дигитална ера, полна со безброј можности, опции и понуди, а истовремено да се живее во сиромашна земја како Македонија е вистински предизвик. Реално, денес младите го живеат судирот на „претходните генерации“, кои се родиле, живееле и функционирале главно во време без толку брз технолошки напредок и дигитализација, а кои денес иако ги ползуваат сите придобивки од интернетот, често сметаат дека порано се живеело многу подобро – вели Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Да се поттикнува критичкиот дух Како денес се манипулира со младите на интернет? Како да препознаат што е вистина, а што е лажна вест? Кордалов вели дека возрасните треба многу да внимаваат кога комуницираат со младите, особено од позиција на јавни институции – треба да бидеме многу потолерантни и полни со разбирање и поддршка.   – За да ја надминеме ваквата состојба, многу е важно да разбереме една клучна работа: дали дигиталните технологии и дигитализацијата ги ползуваме за корисни активности или, пак, таму залудно си го трошиме времето. Или со други зборови, денес, особено за младите, е помалку важно колку време поминуваат туку како го поминуваат времето онлајн. Младите природно се бунтовни, незадоволни од позициите статус кво и секогаш бараат повеќе. Тоа е и треба да биде одлика на секоја млада генерација. Она што возрасните треба да го прават е да се поттикнува ваквиот дух, но истовремено да се канализира, со цел младите да развиваат вистинско критичко и креативно размислување, што ќе биде влог за секоја единка за целиот негов или нејзин живот – вели Кордалов. Според него, критичкоо размислување што се гради од најрана возраст е клучно особено за дигиталното созревање на младите генерации. Колку е повисок степенот на дигитална писменост и критичко размислување кон интернет и другите содржини, толку се помали шансите за злоупотреба или за манипулација на младите во дигиталниот свет. Кордалов посочува дека на оваа тема, не се обрнува доволно внимание во образовниот процес. – Не толку дека се нема волја, туку повеќе поради фактот што недоволно се вложува во дигитални вештини и бесплатни дигитални алатки какви што се компјутери, таблети и брз интернет за потребите на целокупниот образовен процес. Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка која е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. Без инклузивност на процесот, а особено без високи стандарди и услови за сите (брз интернет, уреди и стекнување дигитални вештини), само ќе го будиме стравот кај голем дел од популацијата и ќе останеме статус кво или ќе имаме делумна успешност во новините што ги спроведуваме – вели Кордалов. Бленди Ходаи: Да се бориме против манипулации Средношколците се жалат дека политичките партии се обидуваат да ги манипулираат на различни начини, и тоа најчесто користејќи ги социјалните мрежи. Бленди Ходаи, кој до пред некоја недела беше претседател на Сојузот на средношколците, вели дека многу често бил сведок на тоа колку политичките партии сакаат да се идентификуваат со нивната организација. – Пропагандата е видлива, а и многу влијае врз нас младите. Никогаш не треба да дозволуваме злоупотреба на нашиот глас и на нашите права како средношколци од ваквите појави. Ние, сите заедно треба да се бориме против различните групи во општеството што преку манипулации сакаат да ги натераат младите да се борат за нивните тајни интереси – вели Ходаи. Типичен пример на манипулација се случи кога во април годинава средношколци добиваа СМС-пораки со повик да ја бојкотираат наставата поради воведувањето дигитални учебници во основното образование. – Случајот со бојкотот е само пример на пропаганда и манипулација. Пред ние да го организираме бојкотот како сојуз, средношколците бојкотираа – а голем дел од нив не знаеја ниту за што се бојкотира. Средношколците беа изманипулирани преку една фејсбук-група што го организираше бојкотот. Овие примери треба да нè научат како да дејствуваме во иднина за да не се појават слични работи. Земајќи го предвид фактот дека никој не може да го контролира протокот на информации во време на дигитализација, важно е средношколците да бидат образовани за оваа тема. Препознавањето и контролирањето на информацијата, доколку тоа е лажна вест, е многу важно за иднината на нашата земја – вели Ходаи и додава дека пандемијата покажа дека треба да почнеме да се фокусираме на теми поврзани со овие појави како и со другите животни вештини. Бојкот? Каков бојкот? Од кого е пораката? Родител на средношколец од скопската гимназија „Орце Николов“ сведочи за непријатна и збунувачка ситуација во која се нашол нејзиниот син, ученик во прва година. – По полноќ син ми добил порака во која пишувало дека следниот ден сите ученици не треба да се вклучат на онлајн наставата. Пораката ја видел следниот ден, половина час пред да почнат часовите. Не знаеше што да прави, ништо не му беше јасно. Во СМС-пораката пишуваше дека ќе ја бојкотираат наставата поради бојкотот на другите класови. Бојкот? Каков бојкот? Кои други класови? Од кого е пораката? Кој ја пратил? Кои училишта ќе бојкотираат? Дали е ова од Унијата на средношколци? Дали само „Орце“ ќе бојкотира? А другите гимназии и средни училишта? Дали да се вклучам? Што да правам? Тоа беа прашањата на кои тој немаше одговор. Јас го затрупав со дополнителни прашања, на кои тој не знаеше да одговори бидејќи ништо не му беше јасно – раскажува мајката на средношколецот. Таа објаснува дека претходно никој не им се обратил на учениците, особено на тие од прва година, кои практично не се ни познаваат. – Ја почнаа учебната година онлајн, се видоа вкупно два-три пати во годината. Никој не им кажал кој го организира бојкотот, зошто, кои се нивните ставови, никој не разговарал со нив. Од она што го знаев, пораката ја пратил потпретседателот на класот до учениците и до класната раководителка. Тие се придружија на бојкотот, иако бев убедена дека никој не знае зошто го прават тоа. По третиот час, сите се вклучија. За ученици од 15 години беше најважно дека губеле три часа. Следниот ден сите се вклучија во наставата – вели мајката на средношколецот. Ова е типичен пример на манипулација на 15-годишни ученици, на кои најважно им беше што губеле часови. Секое чудо не за три дена, кај нас беше за три часа, завршува таа. Автор: Сребра Ѓорѓијевска   Насловна фотографија: Pixabay ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Fake News Foto 1

Раствор од магнезиум хлорид за подобро здравје, варова вода лекува рак… (зло)употреба на науката во ширење лажни вести

Борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните – таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење – вели проф. д-р Боце Митревски Капки што лекуваат рак, чипувани вакцини против ковид-19, гел од полжав што лекува остеопороза, капа од алуминиумска фолија против 5Г-зрачење. „Науката вели“ дека сево ова помага, а кога „научниот факт“ е поткрепен со сведочење од паталец и комерцијално прикажан на телевизија, стигнува до широката публика. Влијанието е особено големо во време на пандемија од ковид-19, кога науката и лекарите се борат со противник што постојано ги изненадува и немаат доволно одговори на клучни прашања. Светската здравствена организација ова го опиша како „масовна инфодемија“. „Науката вели, науката потврди…“ – зборови на кои луѓето им веруваат. Медиумите со леснотија ги пренесуваат, често преземени од регионални интернет-портали, зашто се полесни за превод. Во трката за информации малкумина го бараат основниот извор, а и да дојдат до него, ретко кој проверува дали треба да му се верува. Како се проверува кредибилен научен извор? Едно од најреномираните научни списанија во Македонија Д-р Миха Буклески е вонреден професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вели дека отсекогаш постоела дисеминација на непроверени информации, но со достапноста на интернетот и користењето на социјалните медиуми, пристапот до нив е многу поедноставен. – Од друга страна, брзината со која се шират е молскавична. Сите текстови што се достапни на интернет, а немаат здрава основа на која ги темелат тврдењата или изложените факти, треба да се прифатат со резерва. Во голем број научно-популарни текстови се соочуваме со апсурдни тврдења и „факти“, во кои авторите се повикуваат на науката. Кај нас таков пример е минералот лорандит и рудникот „Алшар“, за кои се појавија низа написи со проблематична содржина. Слично беше и со рецептот за пиење раствор од магнезиум хлорид што требаше да ја подобри целокупната здравствена состојба кај луѓето, потоа следуваше пиењето варова вода за уништување на ракот итн… – објаснува Буклески. И во реномираните научни списанија се протнуваат грешки Во науката е малку поинаку. Изворот на идните информации мора да биде проверен и се следат определени правила за да може информацијата да стане дел од научната литература. – Научните истражувања се спроведуваат во научни институти и во високообразовни институции, кои се регистрирани како вршители на научноистражувачка дејност. Добиените резултати се оформуваат во вид оригинална научна статија, која се праќа до уредувачкиот одбор на научното списание. Уредникот е првиот филтер за критериумите на иновативност, оригиналност и компетентност. Потоа, уредникот го доставува трудот до стручни рецензенти од соодветната област. Откако ќе биде одобрен, се објавува во научното списание. И меѓу научните списанија постои градација за реномето и за квалитетот. Едно од мерилата за квалитетот на списанието е факторот на влијание и класификацијата во базите на податоци како Scopus и Clarivate Analytics – објаснува Буклески. Тој вели дека единствените веродостојни извори на информации (примарни извори) се статиите (трудовите) објавени во научните списанија. Тие го имаат поминато патот на верификација на информациите во нив, од врвни светски експерти во научната област на која ѝ припаѓаат. Кон нив се придружуваат и учебниците и стручните книги (монографии), како релевантни извори (секундарни). Нивната содржина треба да се базира на објавените научни трудови и на веќе познатите факти. – Но, сепак, постои мала веројатност и за провлекување грешни информации како во примарните така и во секундарните извори. Оваа веројатност е значително помала кај реномираните научни списанија. Познати се случаи кога некои списанија имаат објавено апсурдни трудови, со што се укажува на пропустите во уредувачка политика. Најпознат пример на измама во науката од поново време е лажното откривање на елементите со реден број 116 и 118 во 2001 година. Станува збор за физичарот со бугарско потекло Виктор Нинов, кој работел во Националната лабораторија „Беркли“ во САД. Овој случај бил голем срам за лабораторијата, но воедно бил и повод за воведување построги критериуми при објавувањето на научните резултати. Оттука се гледа дека голем удел имаат моралот и етиката на научникот, а цената за објавување неточни податоци е преголема од аспект на репутација и углед – вели Буклески. Значењето на зборот „електрон“, од предисторијата до денес Д-р Боце Митревски, вонреден професор на Институтот за физика при ПМФ, објаснува дека глобализацијата во современото општество се базира на три столба: информација, знаење и иновации. Така, во сè покомплексното општество во кое вредноста на информацијата расте брзо, императив е индивидуите да ги базираат своите заклучоци и одлуки врз основа на промислени, проверени и точни докази. Тој вели дека порано промените се случувале бавно. Пред нашата ера, од откривањето на својствата на килибарот (на старогрчки „електрон“) да привлекува ситни предмети, преку актуализирање на електричните и магнетните заемнодејства од Вилијам Гилберт во 16 век, подоцна идентификацијата на електронот како составен дел на атомот од страна на Џозеф Томсон при крајот на 19 век и сè до работата на Тим Бернерс Ли при крајот на 20 век. Во 21 век придавката „електронски“ станува симбол на промените, а информациите – претворени во модулирани проектили за инвазија врз луѓето. – Луѓето, особено младите, лажните вести често ги прифаќаат како вистина и стануваат посредник во пренесувањето, а неретко цел или жртва на пропаганда, заблуда, измама. Во оваа смисла, борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните. Таа борба ниту е едноставна ниту победата може да се добие за кратко време. Таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење, развивање способности, дејствување во когнитивното, но истовремено и во афективното подрачје на ученикот – вели Митревски. Фото: Pixabay Според него, аналитичките процеси на расудување и критичкото мислење како активност најблиска до научниот метод, во суштина се напорни затоа што се потпираат на ресурсите на работната меморија на индивидуата. Учениците што критички размислуваат, преземаат проактивен пристап кон она што им се сервира, тие се поселективни кон информациите што ги прифаќаат, одржуваат неопходно ниво на скептицизам. Тие можат да ги идентификуваат карактеристиките на лажните вести. – Иронично но вистинито, човекот не е само единственото разумно суштество, туку и единственото неразумно суштество. Размислува, користи идеи, концепти, прави аналогија, предлага модели, создава теории, контролира, предвидува, објаснува и образложува. Истовремено негира, одрекува, се самозалажува, создава погрешна претстава, ги извртува работите, има предрасуди, подложен е на стереотипи и погрешни верувања. Исто така, неговите мисловни процеси и продукти може да ги обележиме како јасни, прецизни, точни, релевантни, доследни, темелни, праведни. Но, често тие може да бидат нејасни, непрецизни, неточни, ирелевантни, неодредени, површни и пристрасни. Оваа парадоксална дихотомија на рационално-ирационално, односно логично-нелогично е во природата на човекот. Тој е склон на грешки и на самозалажување, понекогаш тврдоглав, ригиден, пристрасен и инертен, полн со предрасуди, подложен е на разни видови манипулација и често запаѓа во ирационалност, ментална фиксираност и разни видови интелектуално слепило. Таквата природа на човекот го прави ранлив, лесен плен во мрежата на многу ловци, па и во сопствената – анализира Митревски. Во природата на човекот е тој да не се однесува критички Тој смета дека природна одлика на човекот е да бара мотиви во пријатните чувства, да се задоволи со објаснување што на прв поглед има смисла, навидум изгледа правилно. Односно, во природата на човекот е тој да не се однесува критички. – Во основа луѓето не се склони критички да мислат. Низ еволуцијата човекот научил толку да размислува, колку што е доволно за опстанок и за приспособување на околината и на условите. Така, нашиот когнитивен систем функционира врз база на два основни принципа – изнаоѓање соодветен образец и наративен начин на мислење – вели Митревски. Според него, критичкото мислење од социјално-психолошки и културен аспект е исто така битно за поединецот, за негово битисување, борба и напредок во современото општество. Секој поединец, граѓанин, ученик, мора критички да мисли кога ќе се најде меѓу информациите, моќта на медиумите, значењето на интересите, медиокритетот, конкуренцијата на пазарот на трудот. – Секој од нас има прилично стабилен систем на уверувања, во кој длабоко се всадени некритички, егоцентрични и социоцентрични начини на мислење и гледање на работите, а низ кои се процесира и се интерпретира искуството. Општеството има потреба од луѓе со изразена автономност во размислувањето, кои поправо градат сопствен став, прават критичка евалуација, преиспитување и вреднување, отколку некритичко прифаќање и преземање готови знаења, информации, туѓи ставови и уверувања. Размислувајќи критички, луѓето се дистанцираат од сопствените убедувања и предрасуди, ги препознаваат техниките на манипулација и пропаганда, изградуваат личен критички однос кон изворите на информации, прават разлика меѓу факти и толкување, теза и аргументи, претпоставки и доказ – објаснува Митревски. Клучот е во образованието Сево ова укажува дека формалното образование, неговата поставеност, организација, креаторите на образовната политика, училишната администрација, родителите, а најмногу наставниците можат преку разни форми на одлуки, активности и соодветни методи и техники да придонесат за развивање критичко мислење кај учениците, било во доменот на предметно специфичните области или низ процесот на воспитното дејствување. Покрај формалното, во справувањето со лажните вести може да даде придонес неформалното и информалното образование. Фото: Pixabay – Физиката и општо природните науки со своите карактеристики се плодно поле за развивање на критичкото мислење кај учениците. Една од најчестите активности во кои се манифестира критичко мислење е решавањето проблеми, активност што се практикува во природните науки, но и во други области или предметни подрачја. Затоа, решението на проблемот со лажните вести не треба да се бара наоколу, туку едноставно треба сериозно да се свртиме и да се посветиме на образованието. Тоа, пак, е произлезено од науката, односно од научните области, кои дидактички се трансформирани во наставни предмети или наставни подрачја. Од друга страна, науката продуцира научни информации, информации што се објавени во научни списанија, прегледни списанија, зборници на трудови, докторски и магистерски трудови. На крај, сите овие релевантни извори на информации (примарни, секундарни, терцијарни) содржат информации произлезени од интелектуалната работа на поединци, кои поминале низ системот на формално образование и се посветиле на науката и на научната вистина. Во тие извори нема лажни вести – завршува Митревски. Дигиталната еволуција ги забрза лажните вести Во брзите промени, еден дел од информациите почнаа да се сервираат како лажни вести. Така добиваме нов феномен на лажни вести, па набргу почна и борбата против продукцијата и ширењето лажни вести. – Лажните вести ги искривуваат, ги манипулираат и ги фалсификуваат фактите за да ја направат темата понереална, бизарна, изненадувачка и контроверзна, а секако, овие аспекти го мотивираат споделувањето од корисниците. Мотивите за изнесување лажни вести најчесто се финансиска корист, политички или идеолошки придобивки, и сето тоа некој го прави и го поттикнува на сметка на правичноста и вистината. Во брзите промени, лажните вести ја следат дигиталната еволуција, со што добиваат нови формати. Посредниците што ги шират лажните вести, во најголем дел или речиси во целост се луѓе што не се свесни за придавката ‘лажни’, па вообичаено тоа го прават без манипулативни или малициозни цели. Верувањето во лажни вести е поврзано со заблуда, догматизам, верски фундаментализам, низок степен на образование, намалено аналитичко размислување и отсуство на критичко мислење – дециден е проф. Митревски. Автор: Весна Ивановска-Илиевска   Насловна фотографија: Pixabay ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).