Активизам

Kvizovi Glavna

Натпреварувачи има, квизови нема – каде исчезнаа телевизиските квизови во Македонија?

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот Љубителите на квизови од Македонија се обидуваат да влезат на добри телевизиски квизови во регионот, чекајќи нова сезона на нашите изданија, кои во моментот се бројат на прсти. На квизовите во Србија може да учествуваат, но конкуренцијата е многу силна и тешко обезбедуваат пласман. На квизови во Хрватска, пак, учествуваат само хрватски државјани. Во Македонија имаше години кога се организираа одлични квизови, за кои секогаш имало автори, организатори, натпреварувачи и публика. Од најпознатиот „Квискотека“ во времето на поранешна Југославија, до „Меморија“, „Без паника“, „Пирамида“, „Енигма“, „Кој сака да биде милионер“ и уште многу слични во независна Македонија. Денес, тие се реткост. Во моментот само три квиза се емитуваат на македонските телевизии и сите се на македонски јазик: „20 секунди“ на првата програма на Македонската радиотелевизија (МРТ1), „Листа за 300“ на ТВ Сител и „Заврти на Телма“ на телевизијата Телма. На што се должи оваа состојба? „Листа за 300“ на ТВ Сител / Извор: Јутјуб (принтскрин) Од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот. Со надзорите што Агенцијата ги прави врз медиумите, забележано е дека на националните терестријални телевизии се емитува мал број квизови на македонски јазик. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, радиодифузерите немаат обврска да емитуваат квизови. Одлуката дали ќе емитуваат квизови и од каков тип, зависи целосно од независната уредувачка политика на секој медиум поединечно - велат од АВМУ. Доколку се одлучат да емитуваат квизови, тогаш Законот утврдува дека медиумот е должен да објави недвосмислени информации за правилата и за јавно ветената награда. Деталите за тоа како да се спроведе оваа обврска, се уредени во Правилникот за програми со наградно учествување и за користење телефонски услуги со додадена вредност (https://avmu.mk/wp-content/uploads/2017/05/Pravilnik_za_programi.pdf), кој е изработен од АВМУ. Сашко Ратковиќ: Нема пари, никој не сака да се рекламира Сашко Ратковиќ е автор и организатор на приближно 40 квиза во Македонија, а во оваа дејност работи веќе 30 години. Бил уредник на квиз-редакции и на забавни програми во многу телевизии во земјава. Почнале заедно со брат му, Јово Ратковиќ, а потоа продолжил самостојно да ги организира: „Не ме гледај така“ (контактна шоу-емисија во живо), „Супер домаќинка“ (6 циклуси, контактна шоу-емисија во живо); квизовите „Отвори и земи“, „Меморија“, „Без паника“ (4 циклуси), „Нимекс за најмладите“, „Колут напред“, „Ќе перам ама не пеам“, „Ла кукарача“, „Пирамида“ и други. Ги уредувал „Илустриран забавник“, „Ентер“ (месечникот и ТВ-емисијата), „Булевар“, www.boomtv.mk. Денес работи како уредник на емисијата „Црвена линија“ и е продуцент на квизот „Заврти на Телма“ – еден од трите квиза што во моментот се емитуваат во Македонија. Нештата драстично се сменија во 2006 година. Оттогаш едноставно нема спонзори за ваков вид емисии. Нема пари, никој не сака да се рекламира – вели Ратковиќ. Од квизот „Без паника“ (1996 г.) / Извор: Јутјуб (принтскрин) Првото работно искуство со квизови му било во телевизијата А1 каде што бил уредник на квиз-редакцијата од 1993 до 1997 година. Се сеќава дека квизот „Без паника“ имал дури седум продолженија, прво бил емитуван на А1, па на Канал 5, па на ТВ4. Сите седум продолженија се продаваа однапред. Имаше место за еден генерален спонзор, два големи спонзора, 12 мали и цените беа високи... имаше вредност, имаше пари. Сега тешко да се дојде до пари, никој не сака да вложува. И цените се многу паднати – вели Ратковиќ. Иако отсекогаш бил љубител на квизови, никогаш не се натпреварувал. Денес има база на податоци од 10.000 прашања. Според Ратковиќ, за да биде квизот добар и успешен, многу е важен начинот на кој се поставува прашањето. На пример: Колку букви се употребуваат за да се напише зборот вакуум? Одговорот е 5, но ако прашаш колку букви содржи зборот вакуум, тогаш одговорот е 6. Кога квизот оди во живо, мора на сè многу да се внимава. Ако се случи грешка, а се случува, приговорот мора веднаш да се прифати. Веднаш се јавуваме на натпреварувачите, им кажуваме дека грешката е кај нас и ја доделуваме наградата. Грешки се прават, но и се поправаат и тоа е сосема во ред – објаснува Ратковиќ. Од квизот „Заврти на Телма“ / Извор: Јутјуб (принтскрин) Порано на квизовите работеле големи екипи. Во еден период во А1 имале дури тројца организатори. Снимале толку многу, што дневно имале и по 3-4 часа програма. Предраг Чемерикиќ многу нè ценеше и ни веруваше. Во еден период во А1 дојдоа Драган Абјаниќ, Иван Чунихин, двајцата денес се починати, и Дивна Китановска, која во моментот е во Америка. Од Драган ја научив уметноста на занаетот, Чунихин беше перфекционист, а од Дивна нема подобар работник – на 95 отсто од квизовите што ги правев, таа беше реализатор. Многумина се нафаќаа и не можеа да ја завршат работата. Квизот е тешка работа, потребни се многу подготовки. И има многу непредвидени ситуации. За разлика од тие времиња, денес е многу поинаку. Нема луѓе, намалено е сè, секаде се штеди. Јас сам ги правам прашањата, сам ги проверувам и некогаш се случува грешка – вели Ратковиќ. Никола Спировски, најмладиот победник на „Енигма“ Интернетот е другиот пресврт во состојбата со квизовите кај нас. Порано се барале информации во енциклопедии, учебници, специјални изданија. Ратковиќ и денес ги чува учебниците од прво до осмо одделение, од гимназија, а купувал и од Србија, од Англија. Денес на интернет информациите се многу подостапни, но знаењето е понефункционално. Во Англија издаваат квиз-книги со околу 1.000 прашања и родителите ги користат за да играат со децата. Но, таму стандардите се поинакви и во самите квизови. За да се појавиш на квиз, треба навистина многу да знаеш. За разлика од нас, и Хрватите многу повеќе читаат, луѓето се поинакви, повеќе купуваат книги. И имаат јаки квизови. „Слагалица“ во Србија многу долго се емитува. А квизот е многу едноставен, добро конципиран и има само 10 прашања на знаење. Сè друго е на основа на информираност, асоцијација, треба да резонираш, има математика, мастермајнд и добро да е направен – вели Ратковиќ. Квизот „Слагалица“ на РТС / Извор: Јутјуб (принтскрин) Според него, за да биде еден квиз добар, многу е важно како е конципиран. Треба да биде јасен за да нема простор за манипулација. Во еден од квизовите што ги организирале, натпреварувачот имал помошник што седел во автомобилот што бил главна награда. Пред да почне натпреварувачот со играта, на помошникот му ги дававме прашањата со одговорите. И мораше да се следи тој концепт. На крај помошникот јавно потврдуваше дека сè било регуларно и беше многу транспарентно. Секогаш кога правам квиз, се трудам да нема можност за манипулација – објаснува Ратковиќ. Никола СпировскиНикола Спировски од Скопје денес има 32 години и е магистер по меѓународно право и меѓународни односи. Пред петнаесетина години беше еден од најмладите учесници на квизови на знаење, кој дотурка далеку. Почнал со квизот „Енигма“ кога имал 15 години, а на 19 години учествувал на македонскиот „Кој сака да биде милионер“. Спировски вели дека мотивот да се пријави и да учествува на телевизиски квизови бил комбинација од знаењето што го покажувал дома додека гледал квизови, поттикот и поддршката од најблиските што му ја разгореле желбата за докажување против возрасни натпреварувачи, особено против оние со повеќегодишно искуство. До моето учество немаше многу млади натпреварувачи, речиси и да немаше воопшто. Потоа почнаа да се појавуваат и други млади натпреварувачи и ми беше мило, бидејќи една од моите цели беше да покажам дека младите натпреварувачи можат да бидат рамноправни против искусните противници. Бидејќи го скршив мразот, беше вистинско изненадување и е невообичаено едно 15-годишно дете да постигне такви резултати. Имаше различни реакции во гимназијата во која учев – некои ми честитаа, други ме гледаа со недоверба и скепса: „Не е можно да знаеш толку, некој ти ги кажува прашањата“ – раскажува Спировски. Како се снаоѓаат „квизаџиите“? Спировски учествувал двапати на квизот „Енигма“. Според концепцијата, во квизот се натпреваруваа парови. Во првата сезона учествувал со мајка му, завршиле на четврто место и освоиле летување во Охрид. Втората сезона, заедно со вујко му победиле и освоиле по 1.500 евра. Неколку години подоцна учествувал на „Кој сака да биде милионер?“ и освоил 125.000 денари. На прашањето дали продукциите чесно ги исплатиле наградите, Спировски вели: Продукцијата што го организираше квизот „Енигма“ навреме ги подмири обврските. Ситуацијата со „Кој сака да биде милионер?“ беше сосема поинаква. Продукцијата не се придржуваше до договорот што го потпишавме пред снимањето. Не ми дадоа примерок од договорот, велејќи дека ќе го пратат по факс. Тоа не се случи. По шестмесечно доцнење, сепак ја подмирија својата обврска, благодарение на џокерот „повикај пријател“, кого го поздравувам – вели Спировски. Никола Спировски во статија објавена во неделникот „Антена“ („Дневник“) Денес одвреме-навреме гледа „Слагалица“ на РТС и „Потера“ на ХРТ. Вели дека на нашите телевизии понудата е исклучително скромна, речиси ја нема, а во скоро време не планира да учествува на некаков квиз. Имам поинакви планови. Но, останувам љубител на квалитетните квизови, кои ги има сè помалку – вели Спировски. Пред неколку години љубителите на квизови во земјава се организирале и регистрирале  Македонска квиз-асоцијација. Оливер Таневски е еден од основачите, поранешен претседател и актуелен секретар на здружението. Тој е професор по историја, но работи друга професија. По првата сезона на квизот „20 секунди“ учесниците си организирале група на „Вибер“ каде што почнале секојдневно да комуницираат. Се договоривме неколкумина да појдеме во Ниш да видиме како ги организираат нивните натпревари, настрана од телевизиските квизови. Тоа беше пред пандемијата, собравме информации и на истиот принцип и тука почнавме да организираме квиз-натпревари – објаснува Таневски. Натпревари на Македонската квиз-асоцијација Во Србија оваа сезона повторно почнува да се емитува „Кој сака да биде милионер?“. Таневски вели дека кај нас ситуацијата со квизови е очајна.  Неколкумина од Македонија отидовме на тестирање во Србија, но не се пласиравме. Конкуренцијата е голема и верувам дека им даваат предност на своите државјани. Во Хрватска не ни можете да се пријавите ако не сте хрватски државјанин. И, така, сите одвај чекаме нова сезона на „20 секунди“. Долго време најавуваат трета сезона, но никако да почне снимање. Лани ова време веќе се снимаа емисиите – објаснува Таневски. Од квизот „20 секунди“ на МТВ / Извор: Јутјуб (принтскрин) Во меѓувреме почнале да ги организираат натпреварите во рамките на асоцијацијата. Една квиз-сезона трае од септември до мај. Се организираат четири мастерси (секој со по 200 прашања) и осум тематски натпревари (историја, географија, спорт и слично, со по 100 прашања). На 16 октомври ќе се одржи натпреварот на тема историја. Во Асоцијацијата во моментот има околу 25 активни членови, кои плаќаат по 1.200 денари годишна членарина, а пасивните по 600 денари. На натпреварите нема награди, учествуваме заради престиж. Овој тип натпревари потекнуваат од Велика Британија. И кај нив учеството е престиж, но тие ги користат како тренинг за учество на квизови. За жал, за нас е ретка можност каде што можеме да го покажеме нашето знаење – објаснува Таневски. Фото: Македонска квиз-асоцијација Според него, добар „квизаџија“ мора да одржува постојано кондиција и секојдневно многу да учи. Има неколку членови на асоцијацијата, кои се деноноќно активни. Ова е страст, ментална гимнастика и навистина е штета што нема доволно телевизиски квизови каде што би можеле да го покажеме нашето знаење. Телевизиски квизови на знаење се неопходни во Македонија – вели Таневски. Главните мастерси претежно се одржуваат во Скопје, но се трудат тематските квизови да ги организираат во градовите од каде што доаѓаат други натпреварувачи – Тетово, Неготино, Охрид и Кавадарци. Асоцијацијата веќе располага со солидна база на податоци со прашања и одговори, но најчесто некој однадвор им ги конципира прашањата за да можат другите да учествуваат во натпреварот. По натпреварот, учесниците меѓу себе си ги проверуваат одговорите. Од квизот „Потера“ на ХРТ1 / Извор: Јутјуб (принтскрин) Прашањата не се воопшто лесни, но во тоа е предизвикот. Пред мастерсите ние навистина многу учиме и се подготвуваме. Затоа стандардите се високи. Никој не може да ги одговори сите 200 прашања. И најдобрите учесници, од типот на ловците во хрватската „Потера“ – Крешимир Сучевиќ-Меѓерал и Деан Котига, од 200 прашања рекордот им е околу 140. Имаме и ние неколкумина одлични натпреварувачи со огромно знаење. Но, мора да се најде начин како ова знаење да го покажеме – завршува Таневски. Автор: Весна Ивановска-Илиевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Journalism 1

Седмата сила – евтина работна сила

Според последното истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници направено во 2021 година, повеќе од половина медиумски работници кај нас (52,5 проценти) имаат плати од 20 до 40 илјади денари. Дел од нив на месечно ниво добиваат повеќе од 40 илјади денари (4,8 проценти), а далеку поголем е бројот на оние што заработуваат плата под 20 илјади денари (28,4 проценти). Резултатите од истражувањето што е дел од публикацијата „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“, покажуваат дека високи 41,6 отсто од анектираните новинари и медиумски работници се вработени на определено време, работат со договор за дело или хонорарно. Главнината од испитаниците  (80 проценти) имаат редовни примања, но на 11,9 проценти им се случиле доцнења во времетраење од еден до три месеци, односно плати, во последната година. Вкупно 62,9 проценти сметаат дека материјалната состојба е значително или делумно подобрена во последните три години, но 21,7 проценти сметаат дека ситуацијата е значително или делумно полоша, велат од ССНМ. Месечни примања помали од 30.000 денари имаат дури 72,9 отсто од испитаниците, што е приближно на граница на просечната плата во земјава, а повеќе од половината од испитаниците, 57,7 отсто, се незадоволни од своите примања и од својата економска сигурност. Овие податоци се показател за социо-економска состојба на мнозинството вработени во медиумскиот сектор и тоа во континуитет во последните неколку години. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници има став дека тековните месечни примања се далеку под потребните и дека со оглед на економската криза, па и според тоа колку средства се слеваат во медиумите, неопходен е раст на платите на новинарите и на медиумските работници. Во исто време, ССНМ во редовните, па и засилени средби со своето членство во последниот период, но и воопшто со луѓето ангажирани во медиумите, доаѓа до информации за ангажирања без договори, пролонгирање на дозволениот период на ангажмани на определено, исплата на рака и така натаму, наведуваат оттаму. Дополнуваат дека работата во недела, ноќни и празнични дневници, како и минат труд, се долго предмет на „борба“. ССНМ секогаш инсистирал на нивна примена во сите медиуми. По последните законски измени и по период на адаптација, во текот на оваа година голем дел од македонските медиуми започнуваат да ги практикуваат на дело обврските што им се наменети од државата. Но, треба да се истакне дека тоа и во овој дел има отстапки, па бележиме нецелосни суми при исплатата на месечните примања, нивно доцнење, а дел се само уште во најава, посочуваат од Синдикатот. Од Здружението на новинарите на Македонија, на прашањето колку изнесува просечната плата на медиумските работници во Република Северна Македонија и колку е под или над просекот, одговараат дека најголем дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава, која во 2021 година изнесуваше 28.869 денари. Платата на најголемиот дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува ниту оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 проценти од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 проценти дека имаат плата повисока од 30.000 денари. Нешто подобра е состојбата во јавниот сервис, каде што просечната плата на новинарите во 2020 година изнесувала 38.120 денари, иако се смета дека платите на новинарите, особено тие што не се почетници, се пониски од платите на новинарите во националните приватни телевизии, велат оттаму.Директорот на Медиумската информативна агенција МИА, Драган Антоновски, вели дека социо-економската состојба на новинарите во нашата држава никогаш не била добра. Можам да кажам дека тоа е поради тоа што во медиумскиот простор има многу луѓе кои се нарекуваат новинари и мислат дека работат новинарство. Има многу луѓе кои што се заталкани, а и има многу луѓе кои си ја сакаат професијата и работат професионално. Целата таа различна структура различно се пазари и се согласува да работи, така што, во тој контекст е и различно плаќање и позиционирање на новинарите. Различно е кога новинарите работат за професијата и кога работат за газдите, за бизнис центрите, за политичките центри, и затоа имаме една многу различна скала на тоа колку се платени и што и како добиваат, вели Антоновски. Дополнува дека предноста во државните институции е што сепак има некаква рамка во која што се договорени и загарантирани најголем дел од работничките права, за разлика од приватните медиуми. Како што информира Слаѓана Миливојевиќ претседателка на Синдикалната организација при МРТ, просечната основна нето плата на новинар во МРТ е над просечната нето плата во државата, а за соцо-економската состојба на новинарите во МРТ, вели дека е на задоволително ниво. Во МРТ надоместоците се исплаќаат и се почитува законот. Ние го следиме трендот со растот на минималната плата, а како синдикат помагаме финансиски за многу работи кои ќе ја олеснат живеачката на вработените, вели таа. МИА и МРТ со колективни договори во борба за унапредување на работничките права Медиумската информативна агенција - МИА и Македонската радио телевизија се национални сервиси со колективни договори кои ги регулираат и унапредуваат работничките права. Според Антоновски, борбата за добивање сѐ поголеми работнички права била и ќе остане константа во иднина. Меѓутоа, тоа е двострана улица, не е само да се бараат работнички права, треба и да се испорачуваат. Можам да зборувам и од друг агол, да речеме како прв човек на агенцијата. Една димензија е дека работничките права никогаш не се доволни, тука можам да се согласам, меѓутоа, и оствареното никогаш не е доволно и вообичаено новинарите таа страна не ја гледаат. Еден добар дел од нив прават сѐ што треба за да си ја заработат платата, добар дел мислат дека платата следува со самото тоа што ќе се отвори вратата и ќе се влезе во медиумот. Така што, има многу елементи кои што придонесуваат да биде лоша сликата во тој контекст, смета тој. Како што вели, МИА има седумчасовно работно време и исплаќа прекувремени часови, работата во недела, ноќни и празнични дневници, како и минат труд. Има плати, кои, такви какви што се, се редовни, нема доцнење. МИА дава два слободни денови за деновите кога се работи за викенд, се даваат други додатоци на плати, така што мислам дека дефинитивно сме лидери во контекст на тоа колку можеме да исплатиме и колку се плаќа, вели тој. Во однос на прашањето за вработувањата во агенцијата и фактот што за истите мора одобрување од Владата, Антоновски споделува дека веќе се преземени активности во поглед на позиционирањето на МИА. Идејата е да направиме закон за МИА. Ние сме сега дел од владини институции, сопственост на Владата. Сметаме дека, доколку МИА биде под Собрание, регулирана со закон, ќе имаме постабилна одржливост, заради тоа што ние сега зависиме и мора да добиеме, без оглед на тоа дали имаме доволно средства или немаме, одобрување од Министерството за финансии. Имаме млади луѓе кои што треба да ги вработиме, за кои што е испратено барање, ние сѐ уште немаме ниту позитивен, ниту негативен одговор. Барем да имаме негативен одговор да им кажеме на луѓето дека тоа е тоа, да си го бараат „чарето“. Немаме никаков одговор и тоа трае со месеци и сметам дека е некоректно, вели тој, дополнувајќи дека има луѓе кои заминале во пензија и за кои не треба некаква посебна процедура да се пополни нивното место. Антоновски посочува дека МИА е еден од ретките медиуми кој има колективен договор. Сега сме во фаза кога треба да го надополниме. Да видиме што е одржливо, што не, и сето тоа во насока на подготвеноста да одиме постојано нагоре, кон подобрување. Бидејќи доколку имате солидни работнички права, обезбедени услови, тоа значи и поголема успешност. Само по себе тоа ни е јасно, меѓутоа, амбиентот во кој што сме ни прави некакви ограничувања до каде би можеле да одиме, вели тој. Миливојевиќ, исто така, вели дека со гордост може да каже дека јавниот радиодифузен сервис има потпишано колективен договор кој регулира сѐ што треба за заштита и унапредување на работничките права. Хонорарците „најранлива“ категорија во новинарството Од ССНМ велат дека хонорарците се „најранлива“ категорија во новинарството и во сите професии поврзани со медиумите. Сè уште се многу, нивните приходи за одработеното доцнат, а често и не се исплаќаат. Неколку случаи, особено со дописниците, се вистински лични драми. Така, имаме дописник од една ТВ кој нема никаков договор, а за куќата работи веќе седум-осум години, а на една поголема група хонорарци им беа „прескокнати“ четири месеци. Главниот проблем на хонорарците е што се во прекаријатска позиција, со несигурен, нередовен приход, кој во секој момент може да престане, велат од ССНМ. Од ЗНМ, исто така, сметаат дека работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми, е несигурен. Бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, не им се исплаќа надоместокот за пензиско и за социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работнички права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите. Притисоците најчесто се суптилни и малку видливи, новинарите главно се воздржуваат отворено да зборуваат за овие појави и ретко пријавуваат кога им се прекршуваат основните права, велат оттаму. Од ССНМ дополнуваат дека, иако се оценува дека новинарите во редакциите главно имаат поголема слобода, сепак има многу влијанија врз секојдневното работење, кои не се толку видливи, односно има повеќе самоцензура, отколку директни притисоци. Подобрувањето на финансиската „атмосфера“ бара сериозен пристап За подобрувањето на финансиската „атмосфера“ во која работат новинарите и медиумските работници, особено хонорарците, од ССНМ велат дека одржале средби и со некои од работодавачите и побарале да бидат заштитени правата на вработените со акцент на хонорарните соработници. Во исто време, постојат и заложби за поставување долни граници или минимални плати, и тоа по сектори, но за таков потфат ќе треба обединување на голем дел од членовите во ССНМ што би значело и мандат за барањата, велат од Синдикатот. Од ЗНМ се согласни дека во овој контекст е потребно продолжување на напорите на ССНМ, со поддршка на ЗНМ, во потпишувањето нови колективни договори со приватните медиуми. Потребно е спроведување кампањи и обуки, преку кои новинарите и медиумите би се запознале повеќе со своите основни работнички права. Еснафските новинарски здруженија треба да продолжат да обезбедуваат правна помош и советодавни услуги на новинари и на медиумски работници. Исто така, неопходно е интензивирање на соработката и на дијалогот со институциите во интерес на заштитата на работничките права на новинарите и на медиумските работници, се некои од решенијата што ги наведува ЗНМ. Во врска со прашањето како малите плати влијаат врз квалитетот на известувањето, од ССНМ велат доколку тргнеме од претпоставката дека квалитет најлесно се добива со високи плати, тогаш, според нив, јасно е дека со мала инвестиција сопствениците не може да се надеваат на квалитетно известување. Секако, доколку сметаат дека професионалното известување е во нивен интерес. За жал, сведоци сме дека не е мал бројот на медиумски сопственици што не го гледаат медиумот како јавно добро и бранител на јавните интереси, што, впрочем, е и основната функција на новинарството и на медиумите. Другата димензија, долгорочна, е дека младите се демотивирани од сознанијата за мали приходи, па како резултат на тоа се јавува отсуство на студенти по новинарство и на групите комуникација и медиуми, а познато е дека со помала база, помала е шансата за квалитет, посочуваат од ССНМ. Од ЗНМ велат дека новинарите и медиумските работници што работат во неповолни услови, имаат ниски финансиски примања, немаат мотивација за работа и се подложни на влијанија. Новинарите велат дека најголем проблем претставува фактот што на сопствениците на медиумите најчесто тоа не им е основен бизнис. Па, така, во заднина на медиумот постојат други фирми, кои, пак, се врзани со тендери со министерства и институции, и од тој аспект постојат табу-теми за одредени медиуми. Таквата состојба е особено изразена во локалните медиуми. Во тој контекст, во текот на изминатава година, со оглед на тоа дека сè уште беше актуелна здравствената криза предизвикана од пандемијата, новинарите и медиумските работници чувствуваа уште поголема несигурност за својата работа, а тоа, пак, водеше кон демотивираност и самоцензура, велат оттаму, дополнувајќи дека најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа, во малите средини локалните моќници можат полесно да вршат притисок. Антоновски, исто така, смета дека малите плати влијаат на информациите што се продуцираат. Доколку новинарот е демотивиран, нема да работи. Ако новинарот е малку платен, оставате можност да го плати некој друг, за да испродуцира некаква лажна информација, или да биде субјективен, наклонет кон едните, или кон другите. Идеални услови се новинарите да го добијат тоа што го заслужуваат, да бидат платени толку колку што треба да бидат платени за да функционираат во општеството, вели тој И Миливојевиќ смета дека малите плати многу влијаат врз квалитетот на известувањето и, како што вели, работникот мора да биде задоволен, а со тоа и попродуктивен. Социо-економската положба на голем број медиумски работници во Северна Македонија е на незавидно ниво. Нерегулираниот работен статус ги изложува на притисоци, а сето тоа придонесува кон нискиот квалитет на информации, кои како такви, пуштени во етер, влијаат поразително. Високиот притисок, долгите работни часови и малата плата ја „ослабуваат“ седмата сила, чија енергија е неопходна за борба против дезинформациите што го нагризуваат општеството. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
An 1

Дезинформациите низ објективот на фотоапаратот

Ширењето дезинформации преку фотографија е речиси толку старо како и самиот медиум. Постојат многу примери на исценирани или на изменети фотографии како дел од политичка пропаганда или во улога на поддршка на најразлични наративи. Во дигиталната ера, дополнително, оваа практика достигнува нови височини, при што уредувањето фотографии станува сè пораспространето и софистицирано, а „злоупотребените“ фотографии се шират глобално за неколку секунди. Фотографот Ѓорѓи Личоски смета дека дезинформациите се огромен проблем во новинарството и тие се зголемуваат со невидена брзина. At the 2014 Winter Olympics, Saturday, March 5, 2016, in Sochi. Јас се занимавам со фотоновинарство повеќе од 30 години и можам да кажам дека дезинформирањето е нешто што е излезено од контрола. Со оглед на тоа што кај нас фактички изумреа весниците, новинарството се сведе на интернет-новинарство каде што нема никаква контрола. Уште помалку се одговара за пишаниот збор. Армии луѓе, партиски војници, нè засипуваат со дезинформации на секое ниво и тоа е нешто што е навистина излезено од контрола, вели тој. Според фотографот Роберт Атанасовски, манипулацијата преку фотографија е една од најпопуларните и најефикасни форми за манипулирање со луѓето. Причината за ова лежи во фактот што луѓето се визуелни суштества и фотографиите, повеќе од текстот, можат побрзо и поефикасно да влијаат врз нив. Исто така, од искуство велам дека луѓето имаат поголема веројатност да веруваат во фотографии отколку во текст, смета тој. Додава дека ако весникот или порталот има лошо мислење за конкретен политичар, уредникот на фотографија или на весникот може да избере полоша фотографија од тој политичар сликана во крупен. Нагласува дека тоа веќе се случувало кај некои од нашите медиуми и е еден вид манипулација. Во почетокот на 20 век, фотографијата престана да биде само уметност и илустрација во весниците, таа почна да се користи за маркетинг и за конкретни цели. Фотоманипулациите станаа екстремни заради промоција на производи или за презентација на одредени политички цели. Фотографија во весници или за маркетинг цели се користи со намера читателот да реагира со некакво политичко дејствување, на пример, омраза кон некој политички лидер. Тоа е веќе пропаганда и можеби е најлошиот вид. Но, има и други начини, образложува Атанасовски. Лажниот контекст го наведува како еден од најопасните начини на манипулација. Ова е ситуација кога одредена фотографија се користи во контекст што не е соодветен, односно за илустрација на настан што не се однесува на неа. Овде, се разбира, не мислиме на очигледно измислена и однапред смислена фотографија што служи за потребите на рекламирање и слично, туку фотографија што постои и е достапна на интернет или во архива на фотографии, за весник или за објава на социјалните мрежи. На овој начин целосно се менува изворното значење и карактерот на фотографијата или на одреден настан, вели тој. Во оваа смисла, како што дополнува, постои свесно претерување во претставувањето на постојните ситуации за да се привлече вниманието на носителите на одлуки или на пошироката јавност за некој проблем. На пример, кога целта е пошироката јавност да се вознемири поради неодговорниот однос кон природата, тогаш фотографијата од најзагадените реки во светот често може да се користи како своевидно предупредување или во кој било контекст во врска со загадување. На пример, се зема фотографија од некоја загадена река од каде било и се пишува дека Вардар е загаден поради конкретни интереси, посочува Атанасовски. Peaks of the highest buildings the only one that could be seen from mountain Vodno whereas town is covered by extreme fog created from pollution in Skopje on December 15, 2017.High pollution levels have been plaguing Macedonia for years, especially the citiy of Skopje, which is among Europe’s most polluted areas. / AFP / Robert ATANASOVSKI Личовски вели дека манипулациите со фотографии се присутни секојдневно. Фотошопирање на фотографиите, манипулација со времето и местото на фотографијата, крадење фотографии и пишување текст со различен контекст е нешто што стана нормално на нашите простори, вели тој. Нејасна законска регулатива и масовно крадење авторски фотографии, секојдневие во македонското фотоновинарство Во земјава постои нејасна законска регулатива што се случува со фотографијата по нејзиното објавување на интернет, вели Личовски, кој дополнува дека фотографиите се крадат масовно и ретко некој одговара за тоа. Има луѓе што се обидуваат со тужби да се справат со медиумите што крадат фотографии, но, дефинитивно, фоторепортерите немаат контрола врз фотографиите по нивното објавување на интернет, вели фотографот Личовски. Атанасовски, исто така, се согласува дека немаат контрола врз фотографиите. Ние буквално немаме контрола врз фотографиите доколку се објавени на интернет, што начелно објавуваат за конкретен  настан што е поврзан со одредена случка. Нормално, секогаш имам доверба и најдобра намера што се однесува до нормален медиум што се занимава само со факти, но тука веќе се јавуваат социјалните мрежи со илјадници коментари и толкувања и тука веќе има простор за манипулации и за извртување на вистината, вели тој. Според него, ние сме далеку од почитување авторски права. Дури можам да кажам дека кај нас најмалку се почитуваат авторските права во регионот. Сме пробале различни стратегии досега. Не велам не, но делумно безуспешно. Останува на крај со тужби да ги решаваме проблемите. Но, сега веќе ситуацијата е малку променета бидејќи некои колеги почнаа преку судови и адвокати да си ги бараат правата и успеваат во тоа. Тоа е некој почеток за решавање на проблемот. Сè додека не се донесе закон специјално за авторски права и за конкретни ситуации за фотографии, состојбата ќе биде таа. И по малку да се смени совеста на медиумите што мислат дека интернет-просторот е нивен без ограничување, смета тој. Children cry as migrants wait on the Greek side of the border break through a cordon of Macedonian special police forces to cross into Macedonia, near the southern city of Gevgelija, The Former Yugoslav Republic of Macedonia, 21 August 2015. Macedonian police clashed with thousands of migrants attempting to break into the country after being stranded in no-man’s land overnight, marking an escalation of the European refugee crisis for the Balkan country. EPA/GEORGI LICOVSKI Личовски, пак, вели дека ситуацијата со фотоновинарството кај нас е катастрофална во секој поглед. Бројот на фоторепортери во Македонија во 2001 година беше повеќе од 40, бевме солидно технички опремени и имавме солидни плати споредено со нашите балкански колеги. Денес, професионално со новинарска фотографија се занимаваат десетина луѓе, кои се многу лошо платени, ужасно опремени, а најстрашно од сè е што нема веќе млади луѓе што сакаат да се занимаваат со оваа професија. Авторските права не се почитуваат, нè крадат безмилосно, а ретко кој успеал со тужби да наплати кражба на фотографија. Фотоновинарството е професија во изумирање во Македонија, вели тој. Што се однесува за конкретна новинарска фотографија, Атанасовски посочува дека сè уште знаеме да бидеме конкурентни и забележува дека поради кризата во медиумскиот простор, има и криза во смисла за намален број фоторепортери. Суштината на новинарството и на фотографијата е да ја пренесат вистината Според Личовски, суштината на новинарството и на фотографијата е да ја пренесат вистината, затоа и постои новинарството. Доколку луѓето изгубат верба во медиумите, како што веќе се случува во нашата држава, тогаш е бесмислено постоењето на медиумите, ако веќе тие станаа алатка во рацете на партиски и криминални структури за дезинформација на луѓето, смета тој. A file picture dated 13 August 2015 shows an exhausted and frustated migrant holding his head after he missed to get a place on a train heading to the Serbian border at the train station in Gevgelija, The Former Yugoslav Republic of Macedonia (FYROM). The summer of 2015 put the cooperation between EU countries to a test when more than a million refugees entered Europe fleeing from wars and poverty. The 60th anniversary of the signing of the Treaty of Rome is marked on 25 March 2017. The treaty was signed on 25 March 1957 by Belgium, France, Italy, Luxembourg, the Netherlands and West Germany to form the European Economic Community (ECC). It continues to be one of the most important ones in the history of the European Union (EU). EPA/GEORGI LICOVSKI Атанасовски се согласува дека известувањето за вистината е основа. Само така ќе нè биде и ќе функционираме во нормален медиумски простор. Затоа што сме му потребни на општеството да бидеме неговите очи и неговата совест,  вели тој дополнувајќи дека тоа не треба да им се препушти на поединци и на медиуми што без контрола и заради лични интереси објавуваат фотографии и вести. Личовски вели дека не е толку тешко да се избегнат дезинформациите и дополнува дека е потребна двојна или тројна проверка на изворот на информација или фотографија. Според него, некогаш треба и да се почека за да имаш време вистински да провериш дали е нешто вистина или не. Атанасовски заклучува дека вистината понекогаш е повредена од некаква невистина или лага, конкретно, а фотографиите се многу потешки за манипулација од зборовите, затоа што прикажуваат конкретна ситуација, а со зборовите лесно може да се манипулира. A protester write on the facade of the Ministry of Justice building with color spray during an anti-government protest in Skopje on May 20, 2016, in a series of protests dubbed Colorful Revolution. Crisis-hit Macedonia on Wednesday postponed elections due next month, after the European Union called on Skopje to delay the polls to ensure they could take place freely and fairly. The delay was agreed by parliament, which reconvened after Skopje’s constitutional court froze all activities related to the controversial parliamentary polls scheduled for June 5. / AFP PHOTO / Robert ATANASOVSKI Секако најважно е професионалното и објективно новинарство што ја вклучува и новинарската фотографија. Вистината секогаш е потешка за манипулација. И искуството да се препознае манипулацијата е најважно, смета тој. Фотографиите ја зголемуваат вербата во изјавите. Тие служат како доказ дека некој настан се случил и се полесни за меморирање. Вистината во фотографијата не е само во автентичноста, важно е како фотографиите се вклопуваат заедно, каква е нивната наративна структура и како функционираат во одредена публикација. Сите фотографии исполнуваат конкретни функции во специфични контексти и можат да го променат значењето и да го изменат контекстот, па токму затоа е неопходно да се внимава со нивната употреба и уредување и да се почитуваат авторските права што стојат зад објективот. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Newspapers Table

Како нешто станува вест е онолку важно колку и како таа вест се презентира

Постојат медиуми што наведуваат извори и линкови со кои ги поткрепуваат своите истражувања и ѝ овозможуваат на публиката да има увид во процесот на создавањето на приказната, преку кој таа би можела да разјасни некои од несаканите ефекти од секогаш присутните предрасуди. А постојат и такви на кои им се верува „на слепо“, оние што процесот на создавање го чуваат за себе, а веста, најчесто, знае да остане непотврден факт. Познато е дека за вестите е најважно да се точни и вистинити, но денес станува еднакво важно публиката да види како тие се прават, од каде доаѓаат информациите и како функционираат. „Транспарентноста не е исто што и објективноста, еднакво како што објективноста не е исто што и професионалноста“, вели Катaрина Синадиновска од Советот за етика во медиумите на Македонија. Според неа, клучно е информацијата да биде професионално обработена и така и пласирана, а правото на став на медиумот е неприкосновено. Што значи тоа? Тоа значи информацијата да биде силно истражена пред да биде прогласена за факт, а доколку станува збор за мислење или став, во согласност со уредувачката политика на медиумот, тоа треба да биде јасно назначено. Ова е многу важно за транспарентноста за да не се мешаат мислењата со фактите и за да знае јасно читателот или гледачот за каков новинарски жанр станува збор, дали е вест или коментар - вели таа. Во однос на транспарентноста, Синадиновска вели дека за самиот процес на подготовка на вести таа е еднакво важна и дека секогаш помага кога медиумите се отвораат за граѓаните и наоѓаат начини да ги пуштат да „ѕирнат“ во редакциите.  На тој начин одблиску ќе видат како изгледа еден процес на подготовка на вести или пишување текст, низ какви професионални филтри поминува информацијата во рамките на една редакција и ќе сфатат дека кога станува збор за професионално новинарство, тоа никако не значи дека некој може да седне и да си напише што ќе му падне на памет, туку дека тоа е сериозен процес што бара неопходни професионални квалификации - вели Синадиновска. Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека транспарентноста не само што ја претставува објективноста, туку и ја потенцира етичноста и професионалноста во новинарството. Сметам дека мора да се најде ефективен начин за подобра комуникација и транспарентност во односот и работењето внатре во редакциите помеѓу колегите новинари како и помеѓу новинарите и медиумските работници од една страна и институциите од друга страна. Секоја половична информација што нема доза објективност во себе остава простор јавноста да се сомнева во веродостојноста на информациите, а со тоа да се доведе во прашање и професионалниот пристап при работата на новинарите - вели Милан Спировски од ЗНМ. Според него, важно за читателите, слушателите и за гледачите, е да видат како се прават вестите и од каде доаѓаат информациите, но, дополнува тој, „уште поважен е квалитетот и вистинитоста на вестите и информациите, секако и дали во процесот на продуцирање на вестите се почитуваат минимум новинарските етички стандарди“. Транспарентноста е приказ на одреден процес Она во кое порано верувавме затоа што сметаме дека авторот е објективен, сега веруваме затоа што преку пишувањето можеме да ги видиме изворите и вредностите што го довеле до тој став. Јасноста, односно примерите во контекстот и откривањето на податоците, односно листата на извори, можат да им овозможат на читателите независно да ги проверат податоците што се наведуваат во приказната. Транспарентноста во новинарството, според Синадиновска, се содржи во тоа новинарите да бидат јасни и прецизни во изнесувањето на своите ставови и одговорно да известуваат, да бидат колку може повеќе интерактивни, односно да ги вклучат публиката и читателите во својата работа, да им дадат простор за коментари и фидбек, да најдат начин за остварување комуникација со нив, и, се разбира, „јасно и отворено да ги имаат наведено своите финансиери и своето сопствеништво“.  Спировски вели дека транспарентноста во новинарството е тесно поврзана со објективноста и кредибилитетот на новинарот или медиумот каде што тој работи. Од исклучителна важност за публиката, но и за лицата што работат во одреден медиум е да се изгради тој авторитет и кредибилитет преку транспарентност во процесот и во работата. Транспарентноста претставува приказ на одреден процес и начин како го правите тоа и да се објави што навистина ве поттикнало како човек, како професионалец и како организација (медиум) токму така да направите одредена работа. Тука спаѓаат неколку компоненти, најнапред за да се постигне кредибилитетот на еден одреден медиум, како и авторитетот на медиумот кон публиката како и луѓето што работат во тој медиум, не само што се објективни и транспарентни, публиката има увид како и колку се доследни во тоа и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види - образложува тој. Од СЕММ велат дека имаме секакви примери за (не)транспарентни медиуми. Од максимално нетранспарентно до целосно посветени на зачувување на овие професионални начела и негување еден отворен и отчетен однос со публиката и со јавноста - вели Синадиновска. Спировски, пак, посочи на неколку активности што ги спроведува ЗНМ заедно со СЕММ, а кои, според него, се во насока за зголемување на професионалноста преку транспарентен начин да се регулира онлајн просторот во земјава. ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) креира Регистар на професионални онлајн медиуми во земјава каде што за да се стане член, потребно е да се исполнат неколку услови транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права - појаснува тој. Откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, предуслов за транспарентност Според експертите, организација што обезбедува ресурси за проверка на факти и линкови до истражувањето што го поткрепуваат известувањето се смета за транспарентна организација. Синадиновска вели дека СЕММ постојано работи со членките во изнаоѓање најдобри решенија и практики за зголемена медиумска транспарентност и, како што вели, самите тие како организација организираат отворени седници на Комисијата за жалби каде што секој граѓанин, колега, заинтересиран поединец може да ја следи седницата и да има увид како СЕММ, всушност, работи. Во врска со прашањето кои стандарди во медиумска индустрија би придонеле кон откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, таа вели дека тоа е оставено на самите компании и е нивно индивидуално право. Тоа во најголем дел зависи од нивната креативност и начинот на кој ја доживуваат сопствената новинарска мисија освен кога станува збор за делот за транспарентно финансирање што го опфаќа и легислативата и самиот СЕММ преку критериумите за членство - вели Синадиновска. Според Спировски, ЗНМ секогаш се залага и апелира да се почитува етичкиот кодекс на новинарите односно да се запазат професионалните стандарди. Во точката 11 од Препораката CM/Rec(2018)1[1] од Комитетот на министри до земјите членки за плурализам во медиумите и транспарентност на медиумската сопственост (усвоена од Комитетот на министри на 7 март 2018 година, на 1309-тата средба на замениците министри) се вели дека усвојувањето регулатива за медиумска сопственост и нејзино ефективно спроведување може да играат важна улога во поглед на медиумскиот плурализам. Таквото законодавство може да ја зголеми транспарентноста на медиумската сопственост; може да ги реши прашањата какви што се меѓумедиумска сопственост, директна и индиректна медиумска сопственост и ефективна контрола и влијание врз медиумите. Може да придонесе и за обезбедување ефективна и јасна поделба помеѓу спроведувањето политичка власт или влијание и контролата над медиумите или одлучувањето во однос на медиумските содржини. Транспарентноста на медиумската сопственост, организацијата и финансирањето, помагаат да се зголеми одговорноста на медиумите - образложува тој. Неопходно е медиумите да развијат доброволни стандарди во индустријата за да го откријат начинот на кој ги прибираат информациите и известуваат за нив. Ова ќе придонесе кон градење на кредибилитетот и авторитетот на медиумот и на луѓето што работат во него, бидејќи не само што се објективни и транспарентни, туку публиката има увид во тоа како и колку се објективни и транспарентни и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Tema Glavna Fotka 1

Кај нас сè се пишува со голема леснотија, што е поразувачки

Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјални мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски – вели актерот Сашко Коцев Денес веќе никој не може да се заштити од дезинформација, затоа што протокот на информации со технолошките достигнувања е многу брз, нивото дури и на жолтиот печат е веќе надминато. Денес се случува инстант информација и вест, без никаква етика и никаква регулатива. Дури и да не е медиум, денеска информацијата лесно и брзо ја пренесува самиот читател со еден статус, а уште полесно друг читател стигнува до таа вест/информација – вели актерот Сашко Коцев, кој неретко бил мета на дезинформација. Како тој се справува со таквите ситуации, како возвраќа, дали демантира? Сашко Коцев Живееме во полусветови Како што вели популарниот актер, лажни вести или дезинформации за него има на „сосема нерелевантни портали (ако воопшто може да се наречат така)“. Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјалните мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски. Со еден збор – тоа се полусветови – вели актерот Коцев, еден од стожерите на Македонскиот народен театар. Тој вели дека некои од објавите не ги ни дочитува, туку само се насмевнува, но на некои знае и да испаничи, па ги известува најблиските дека не станува збор за вистина, а на некои им бара објаснување како се родила самата информација и го бара изворот. Ретко реагирам јавно со демант, а само еднаш сум реагирал бурно и тоа многу одамна. А, еве, како одминуваат годините, реагирам сè помалку, затоа што го разбирам и го согледувам опкружувањето и борбата за читаност. Најстрашна случка беше кога пред 5-6 години беше објавена вест дека телото на човек со кого го имавме истото име и презиме и кој трагично загинал, ќе биде пренесен во Македонија за два дена. Немаше никакво дополнително објаснување во медиумите, туку само стоеше истото име и презиме. Беше многу стресно, признавам, за сите најблиски. Сочувство до најблиските на лицето со исто име и презиме како мене – споделува Коцев. Според него, најважно е да се освести консументот на информации, да ги проверува изворите и да почека релевантен медиум за истата информација. Кого го интересира кој се развел, кој се скарал За неговата колешка Весна Петрушевска, демантирањето не е решение и таа најчесто прави своја процена каде воопшто нешто е објавено и со каква намера. Весна Петрушевска Тоа е време што јас си го почитувам, а и ќе им се даде многу повеќе кликови (читај) пари – се шегува актерката. Таа вели дека се труди да не паѓа на „прва топка“ и проверува една информација на повеќе веб-страници. На крајот од денот, информациите од типот: кој со кого е, кој се развел, кој се скарал... кого тоа го интересира? Мене, не! Но, многу е значајно да се доведе до ред кој може да има портал, кој ги задоволува информативните стандарди и треба да има казни за сите повреди, како што е углед и достоинство. Кај нас сè се пишува со таква леснотија што е поразувачки. Нема никаков етички и човечки однос! – категорична е Петрушевска. За водителот и новинар Марко Марк, денес не мора да се занимавате со професија што е од јавен карактер за да бидете нечиј предизвик и мета за лажна вест, дезинформација и слично, „доволно е да имате корисничко име на која било социјална медиумска платформа споделувајќи нешто суптилно и лично и потоа веднаш без пардон можете да се најдете во инспирацијата на некој непознат автор“. Иако најдлабоко во себе верувам дека во универзумот се случуваат настани за кои ни нашата најбујна фантазија не може да потврди дека ние сме ги создале или поттикнале. Никогаш не можеме да го промениме надворешното случување, тоа што е неопходно е промена само на нашето доживување или да го наречеме патот кон умешноста на живеењето, дури и во најситните детали… Секогаш ќе постојат креатори на стории, содржини за кои ни самите нема да бидеме свесни дека некој ќе нè поистовети со нешто, ќе нè обвини непотребно, не можејќи и немоќни секојпат да ги спречиме овие „настани“, дури на момент ќе ни го заматат умот, за миг со непријатната вистина… Вистина, со почетокот на технологијата започна и конкретната дехуманизацијата зад тастатурата – вели Марк. Марко Марк: Секогаш да се чита изворот, авторот „Во светот не постојат жртви и злосторници. Ниту сте жртва на туѓите избори. На некој начин сами сте го создале она што велите дека го презирате, а бидејќи сте го создале, значи сте го избралe“ – оваа мисла од Нил Доналд Волш поместена во книгата „Разговори со Бога“ му е водилка на темата. Марко Марк Бидејќи повеќето од нас се дневни консументи на приказните, опсервираме сѐ околу, мораме само да знаеме дека во огромен дел денес сѐ се прави за поголем рејтинг, монетизацијата е секаде присутна, па самите наши кликови, посети, дегустирања, читања, некому му носат личен профит и додавање уште некоја монета во личниот трезор. Неопходна е дигиталната писменост, присуството на менталната дијареја… За почеток, мојата препорака е секогаш да се чита изворот, авторот, релевантноста на текстот… Нека биде мал предуслов за да не бидеме повторно нечија жртва на измиени мозоци или мета на пазарот на маркетингот – вели водителот. Според него, кога постојат состојби, ситуации, сценарија каде што навистина е загрозено личното право или, пак, е загрозена нечија животна приказна, некогаш е неопходно да се преземе конкретен чекор. Постои и дирекција за заштита на лични податоци каде што би се пријавила повреда на правото на заштита на личните податоци или за посериозни интервенции во МВР. Но, цврсто верувам дека на крајот присуството на мудрото, свесното, рационалното, нашата трезвеност е интелигентната реакција и одговор на која било ниско свесно упатена провокација до нас и агресијата, гневот, нетолеранцијата, нетрпеливоста нема да ни донесе спокој. На крајот, простувањето, според мене, е најдобрата одлука – завршува тој. Автор: Сребра Ѓорѓијевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Glavnadezinf

Како на лажни вести „заринкуваат“ интелектуалците?

Еднаш, памeтам дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието… Да бидам искрена, додека бев „понова“ на Фејсбук, доста често ми се случуваше да се залетам и да „треснам“, споделува д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик. Но, таа признава дека со текот на времето учела како да се однесува на социјалните мрежи. По принципот „им се случува и на најдобрите“, поразговаравме со неколкумина наши универзитетски професори за тоа како се штитат од дезинформации или, во случај да им се испушти контролата, како постапуваат. Прво научив дека не треба секогаш да донесувам суд за информацијата врз основа на насловот. Многу често се случува насловот да биде некаков „авторски“ заклучок што нема никаква врска со веста. Кога во неколку наврати ми се случи некаква моја објава да биде сосема погрешно пренесена или толкувана од некои портали, научив дека не треба да им се верува на сите портали и дека има и такви што ја извртуваат вистината заради поголем степен на сензационалност и читаност… Што знам, веројатно, тоа е данокот што го плаќа секој што тргнува од себе: за сериозни работи никогаш не лажам и не ми паднало на памет, макар и на шега, јавно да пласирам некаква лага, онака колку нешто да се каже за да се чита. Оттука, веројатно, мојата слепа верба дека сопствениците на портали не измислуваат… па, сепак, не е секогаш така… – смета Јачева-Улчар. Не сакам да ја изгубам довербата од кажаното кај пријателите Нејзини пријатели знаат да ја прекорат дека споделила лажна вест, а во тој случај, или се извинува или во постскриптум објаснува зошто споделила таква вест, што ја завело или ja довело во заблуда или доколку нема голем број реакции, ја брише споделената објава. На мојот профил не сакам да се вртат објави со лажни вести, зашто не сакам да ја изгубам довербата за кажаното кај пријателите, според наравоучението од онаа басна кога волкот, по низата лажни аларми дека дошол да ги јаде овците   ̶   навистина се појавил, а веќе никој не верувал дека е тоа така. Не можам баш најточно да се сетам кога првпат сум била „насанкана“ на лажна вест. Еднаш, паметам, дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието… но затоа паметам дека најфлагрантната лажна вест ја чувме сите од нашиот бивш премиер, од нашиот бивш министер за надворешни работи и од уште двајца високи функционери од актуелната власт за „авионското“ добивање датум за започнување преговори со Европската Унија… И потоа истите тие утврдуваат и санкционираат лажни вести по примерот на онаа нашата народна „кадија те тужи – кадија те суди!“. Каква иронија!? – вели Јачева-Улчар. Таа го посочува избивањето на војната во Украина како подлога за да се види појасно мрачната страна на лажните вести. Во ваква ситуација кога различно „настроени“ медиуми пласираат најразновидни вести про ет контра: Путин, Русија, Украина, НАТО, Бајден, Европска Унија итн., итн… – многу тешко станува да бидеш веродостојно информиран, зашто и многу поумни и поискусни од мене признаваат дека една е војната на теренот, а друга е војната што ја креираат медиумите со „дотерувањето“ на: фактите, бројките и „приказните“ за тоа што реално се случува на боиштата во Украина. Затоа и сега, како и претходно, се обидувам, главно, да се информирам од најмалку два опозитни медиуми што не „тераат“ иста линија на известување. Сметам дека вистината е некаде на средината, но и таму не е докрај чиста и кристално јасна. Во меѓувреме, не заборавам на претходното искуство, на сопствената интуиција за тоа што е лажно, а што не е… не судам, не зафаќам страна и навивам што побргу да заврши оваа свинштина што го фрли човештвото во очај и страв… – завршува Јачева-Улчар. Васко Шутаров: Исклучително сум внимателен со постирањето содржини на социјалните медиуми Оној што прв рекол дека добрата идеја и добрата информација еден ден ќе бидат најважен ресурс во човечкиот живот, навистина ја имал златната акција в раце, бидејќи токму такво време актуелно живееме сега. Сите сме еднакво изложени на брутална инвазија од информации, но не секој од нас има доволно време, стекнати вештини или искуство, тој силен проток од информации добро да го протресе, како што низ сито, решето и многу бистра вода доаѓале до златo, трагачите по овој благороден метал. Денес да се допре до вистинската информација или до вистината во мноштвото од информации е вредно како злато. Посебно во време на поствистина, време во кое информацијата што денес ни се причинила вредна како злато, по одредено време изгубила секакво значење или вредност – вели Васко Шутаров, универзитетски професор, доктор на политички науки. Токму поствистината што оперира повеќе со моментални чувства отколку со објективни показатели, може полесно да го по(д)веде Шутаров отколку класичните и провидни дезинформации или полувистинитите информации. Имам поминато доволно активно време во политиката, знам како се креира информација или како се моделира јавно мнение по одредено прашање, а и им предавам на студенти Односи со јавност, за среќа предавам и Геополитика и Меѓународни односи, па од домашните и меѓународните теми не се сеќавам кога последно сум бил наведен на дезинформација. Темите од меѓународната политика што ги пласираат нашите медиуми имам обичај да ги проверам и во светски медиуми, за кои сметам дека имаат високо ниво на објективност и професионалност. Така што, дотука немам проблем. Исклучително сум внимателен со објавувањето содржини на социјалните медиуми, бидејќи не би сакал во ниеден случај, макар и од невнимание, да се најдам во одреден синџир од дневна доза споделени дезинформации, а и немам такво искуство што би го паметел и од кое денес би се срамел – споделува нашиот соговорник. Шутаров признава дека е особено внимателен и критичен кон пласираните информации, особено за време на двегодишната здравствена криза, но и за актуелната руско-украинска војна. Моите ставови и мојата вистина ги пласирам преку колумни, кои и денес препрочитувајќи ги, по една или две години по пишувањето, повторно би ги потпишал. Но, тоа што понекогаш знае утрински да ме боцне и размрда е кога некој спомен од Фејсбук ќе ме потсети на некој статус во кој ме повела не некаква дезинформација, туку некоја тогашна актуелна поствистина набиена со прилична доза емоции и најчесто поврзана со некое чувство за индивидуална неправда или неправда поврзана со државата. Во вториов случај тоа најчесто биле поствистини пласирани или од српски или од бугарски медиуми, кои и покрај блискоста на јазиците добиле некаква друга смисла на македонски јазик или биле фрагментарно и некритички преземени од нашите медиуми, па ме навеле на одреден коментар, кој по одредено време изгубил секаква релевантност. И тоа се случувало кога сум немал време да ја проверам изворно информацијата на српски или на бугарски јазик, или сум го пренебрегнал нивното исчитување меѓу редови. Критичен сум кон својата наивност и во тој случај знам и фејсбук-споменот да го споделам, колку да ми „трепка“ за да не ми се повторува – признава Шутаров. Дарија Андовска: Некогаш дообјаснувам, а некогаш бришам објава За професорката на Факултетот за музичка уметност и композиторка Дарија Андовска, насловите на вестите многу често се така формулирани што „човек мора прво да се ослободи од афектот што го создаваат за да процени дали станува збор за дезинформација“. Манипулацијата останува за лесно поводливата публика, која во вакви кризни и тешки времиња, реагира многу повеќе емотивно и во афект отколку рационално, што е и разбирливо. Не многу дамнешен пример –интонирањето на химната на Македонија од воениот оркестар, при посетата на бугарскиот премиер. Веста беше пуштена како скандалозна – не бил отпеан текстот на македонската химна. Да, текстот не се пее кога химната ја свири воен оркестар. Па не биле сите строфи. Да, не се сите строфи кога музиката се повторува во секоја од нив, а во вакви околности се внимава должината на химните што се интонираат, да биде приближно иста – вели Андовска. Како реагира Андовска во случај кога ќе сфати дека можеби на социјалните мрежи споделила дезинформација. Доколку сум објавила нешто што понатаму се покажува како дезинформација, во зависност од релевантноста на објавата и веста (а и колку брзо сум изреагирала) решавам дали ќе ставам дообјаснување или во целост ќе ја избришам. Иако, морам да признаам, навистина исклучително ретко ми се случува да не проверам, особено зашто сите мои објави се со лично видување и интерпретација на нештата, а за тоа се потребни информации од повеќе страни. И доза на хумор – вели таа. „Најхрабриот чин е сè уште да мислите самостојно. Гласно“ – рекла Коко Шанел, потсетува композиторката. Сметам дека односот кон себе, мене ми помага да се штитам од дезинформации. Менталната и емоционалната хигиена се секогаш поврзани со самостојното размислување, без подлегнување на притисок, за да не биде човек подложен на манипулација. Автор: Сребра Ѓорѓијевска Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Martesa 1200x630 1 1

КОГА ДЕЦАТА РАЃААТ ДЕЦА! Бракови под 18 години, случаи во Македонија и Косово

Во Северна Македонија во 2020 година се регистрирани 16 живородени од мајки под 15 годишна возраст, додека претходната година се регистрирани 19 случаи. Во 2020 година се регистрирани  540 живородени од мајки помлади од 18 години, а претходната година се регистрирани 555 живородени. Речиси иста е состојбата и во Косово - само во 2020 година се регистрирани 65 раѓања од мајки помлади од 18 години. Една година подоцна, поточно во периодот јануари-септември 2021 година, се родиле 36 бебиња. Психолозите алармираат дека последиците од раните бракови можат да бидат многубројни Скопје-Приштина, март 2022 година - Неписменоста, сиромаштијата, менталитетот... се претпоставува дека се главните двигатели што ги принудуваат малолетниците да стапат во брак на рана возраст. И покрај тоа што трендот на овие бракови бележи благ пад, во Северна Македонија остануваат загрижувачки бројките за оваа возрасна група, која сочинува речиси 10 отсто од вкупниот број склучени бракови што се склучуваат во текот на една година. Само минатата година бројот на склучени бракови на возраст до 18 години изнесува 143, бројка која е помала од другите години, но соодветствува со намалувањето на вкупниот број на склучени бракови (од 13.814 во 2020 година, на 10.278 во 2021 година). Од друга страна, бројот на живородени деца од малолетни мајки бележи зголемување и покрај негативниот тренд на раѓања во земјава. Децата родени од малолетни мајки сочинуваат речиси десет проценти од вкупниот број бебиња. Во 2020 година се регистрирани 19 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, додека претходната година 19.   Во 2020 година се регистрирани 540 живородени деца од мајки помлади од 18 години, а претходната година се регистрирани 555 живородени деца. За да се види напредокот на оваа појава, Државниот завод за статистика објави мултииндикаторско кластерско истражување на мажените жени (20-24 години) од кои 8 отсто биле во брак пред да наполнат 18 години, додека 1 отсто од нив биле помлади од 15 години. Друга возрасна група (20-49) има поголем процент на жени омажени на возраст под 18 години (10 проценти), што покажува дека феноменот на малолетнички бракови се бележи пад со текот на годините. Резултатите покажуваат дека процентот на мажените жени помлади од 18 години кои следеле високо образование е мал (само еден процент), додека 25 отсто од најсиромашната категорија на жени се омажиле на малолетна возраст, во споредба со најбогатата категорија  само 2 отсто од нив“, констатира ДЗС. Резултатите за мажените жени под 15 и 18 години во различни возрасни групи овозможуваат да се забележат брачните трендови на малолетниците низ годините. Овие трендови покажуваат постојан пад, додека последно време се чини дека овој пад стагнира, се наведува дополнително во истражувањето. „Бракот на возраст под 18 години е реалност за многу млади девојки. Во многу делови од светот, родителите ги поттикнуваат своите ќерки да се омажат додека се уште се мали, со надеж дека бракот ќе им донесе и финансиски и социјални придобивки и истовремено ќе го олесни финансискиот товар на семејството. Всушност, се работи за малолетен брак кој претставува кршење на човековите права, го нарушува развојот на девојчињата и често резултира со рана бременост и социјална изолација, недоволно образование и слаба стручна обука, со што се консолидира родовата природа на сиромаштијата“, се вели во истражувањето на ДЗС во соработка со УНИЦЕФ. ПОСЛЕДИЦИ ОД БРАКОВИТЕ НА РАНА ВОЗРАСТ Од социолошка перспектива, психолозите велат дека последиците од раниот брак може да бидат повеќебројни. „Во извештајот е наведено дека кај раните бракови паровите се уште се психолошки незрели, има многу разводи, насилството често е поголемо и физички и психички, жената главно зависи од приходите на сопругот или семејството на сопругот, „Рана и несакана бременост, проблеми со бременоста каде што тоа може да резултира дури и со смрт на детето, па дури и на мајката, бидејќи во биолошкиот конструкт - телото на малолетното лице сè уште не е подготвено да раѓа деца“, вели психологот Луљета Демоли, додавајќи дека последиците се и други како сексуално преносливи болести, депресија, страдање, анксиозност, фобија, социјален и психолошки херметизам, криза на личноста - нестабилна личност, ментално растројство... па се до самоубиство кое може да биде фатално како резултат на постојани закани, недостаток на поддршка од семејството итн. „Овој феномен, за жал, сè уште продолжува да биде присутен во нашето општество и како таков претставува не само дискриминација на жената, туку и социјален херметизам, опструкција на младите да си ја изберат судбината, како и во правна смисла е незаконско, се санкционира и со закон. А во однос на спечување на оваа појава, сметаме дека ќе треба да има општа свест за оваа појава; да има соодветни програми во училиштата, да има семинари или конференции за оваа појава; да има поздрава комуникација во семејството; да има поизразена соработка помеѓу родителите и другите институции; да има повеќе програми за оваа појава во националните медиуми; и да се посвети посебно внимание на оваа појава (да се консултираат психолози, социолози) итн“, вели Демоли. ЗА ЕДНА ГОДИНА 80 БРАКОВИ ПОД 18 ГОДИНИ Дури и во Косово загрижувачки е бројот на девојчиња помлади од 18 години кои влегуваат во брачните води и веднаш стануваат мајки. Во Универзитетскиот клинички центар на Косово, односно во Гинеколошката клиника, само во текот на 2020 година се регистрирани 65 живородени деца од мајки под 18 години. Податоците на ЦУКК покажуваат дека во 2020 година се родени 9985 бебиња, од кои 85 од малолетни мајки. При тоа, во текот на минатата година, поточно во периодот јануари-септември 2021 година, се регистрирани 7176 живородени, од кои 36 се од малолетни мајки. Косовскиот центар за родови студии известува дека во период од една година во Косово настанале околу 80 предвремени бракови, т.е. бракови на лица помлади од 16 години. „Раните бракови во Косово се забранети со закон, но има член во Законот за брак со кој се дава право на стапување во брак со согласност на родител или старател, т.е. бракот е дозволен под државен надзор. Но, овој член е злоупотребен многу во Косово и има околу 80 бракови кои се склучуваат во текот на една година на лица под 16 години, и Косово влегува во земји каде што не се почитува законот. Раните бракови почесто се случуваат во ромските, заедници - ашкалии и египчани, но не се исклучени и другите заедници“, се вели во извештајот на Косовскиот центар за родови студии. Последиците од раните бракови, како што се наведува во овој Извештај, се големи. „Последиците се големи, носат високи здравствени ризици, породување на млада возраст, осипување, а овие жени речиси никогаш не се вработуваат. Земајќи го предвид трендот на раните бракови на ромските, ашкалиската и египетските заедници, организацијата „The Ideas Partnership“ спроведе истражување во една населба во Косово Поле каде што живеат овие заедници. Како резултат на истражувањето, излегува дека од околу 500 лица од ромската, ашкалиската и египетската заедница на Косово Поле, 53,57% од нив стапуваат во брак на возраст под 18 години. Додека, 99% од нив го напуштаат училиштето по стапувањето во брак. Според истражувањето на оваа организација, девојките се оние кои стапуваат во брак на возраст под 18 години, односно 65% од испитаниците. Повеќето од нив стапуваат во брак доброволно, но има и такви кои се принудени од родителите. Во меѓувреме, според Детскиот фонд на Обединетите нации, УНИЦЕФ, девојче под 15 години е пет пати повеќе изложено на ризик да умре за време на бременоста или породувањето отколку жена во нејзините 20-ти. Кога мајката е помлада од 18 години, шансата нејзиното бебе да умре во текот на првата година е за 60 проценти повисока отколку бебето кое е родено од мајка над 19 години. Дури и извештаите на меѓународната организација за деца „Save the Children“, покажуваат дека ако се гледа од глобална перспектива, секои 7 секунди се омажува девојка помлада од 15 години. Студиите на оваа организација откриваат дека има и 10-годишни девојчиња кои се принудени да се омажат за многу постари мажи во земји како Авганистан, Јемен, Индија и Сомалија. ПРЕПОРАКИ ОД УНИЦЕФ УНИЦЕФ пред две години издаде конкретни препораки до институциите за спречување на малолетнички бракови, т.е. бракови под 16 години. Препораките за кои станува збор се исти за речиси сите балкански земји, вклучувајќи ги Северна Македонија и Косово. За прекршувањата во Кривичниот Законик во однос на раните бракови, се наведува во првата препорака на УНИЦЕФ, се гони кривично „по службена должност“ (автоматски) и укинување на „традицијата“ како изговор за оправдување за неуспехот да се имплементира постојната законска рамка. „Ревидирањата на Законот за семејство треба да разјаснат: дали децата после бракот стануваат полнолетни или остануваат деца; улогата и мандатот на Органот на старателството во однос на раните бракови; како и законските и управните процедури преку кои се донесува решението за дозволување на брак на дете. Во овој случај треба да се земат предвид бариерите за пристап до услуги за репродуктивно здравје. Воспоставувањето на мултисекторски механизам и вклучувањето на релевантните носители на одлуки ќе обезбеди заштита на правата на малолетниците во раните бракови. „Преку овој механизам би им се овозможило на мажите и на жените да го продолжат своето образование преку давање совети за брачни односи, имотни права и права за репродуктивно здравје“, стои во препораките на УНИЦЕФ. Подигнување на свеста за правата и опциите за оддалечување од семејното насилство, според УНИЦЕФ треба да се однесува на општеството во смисла на спречување на семејното насилство и особено информациите за помош да им се даваат на преживеаните од семејното насилство. „Министерствата за образование треба да воспостават процедури за продолжување на задолжителното основно и средното образование. Ова вклучува воспоставување на такви процедури меѓу релевантните носители на одлуки за следење и пријавување на случаите за напуштање на образованието, потенцијалното и реалното. Специфичната социјална помош за образование (на пр. транспорт, облека, книги) може придонесе кон намалување на осипувањето, да ја поттикне сиромашната категорија да следи образование, и да помогне да се спречат детските бракови, особено кај Ромите, Ашкалите и Египќаните.“ УНИЦЕФ повикува на координација помеѓу наведените институции (полицијата, училиштата и центрите за социјална работа) за да се разјасни нивниот мандат и прашањето за следењето и одговорностите поврзани со раните бракови преку меморандуми за разбирање. „Во согласност со законот, МОН треба да вклучи и одредени теми во наставната програма со кои ќе се дадат детални информации за репродуктивното здравје, вклучително и контрацепција, планирање на семејството и репродуктивните права. Невладините организации треба да продолжат да обезбедуваат информации преку медиумите и да се фокусираат на младите луѓе во заедниците каде што постои сомнение дека раните бракови се  позастапени. „Телевизијата може да биде ефикасна во пренесувањето информации за правата на жените и девојките кои немаат пристап до информации“, се вели во некои препораки на УНИЦЕФ. БРАКОВИ НА РАНА ВОЗРАСТ РИЗИКУВААТ РАЗВОД Според студијата спроведена од списанието „Time” жените кои чекаат до 26 години за да стапат во брак имаат поголема веројатност да имаат долгорочен брак. Според подастоците од Централниот регистар, најголем број разводи има кај жените кои стапиле во брак на возраст од 15-20 години. А податоците се анализирани од страна на социологот на Универзитетот во Мериленд, Филип Коен, тој вели дека во просек овие бракови, наречени и „рани бракови“ траат од една до 10 години. Во една студија од 2018 година беше наведено дека идеалната возраст за луѓето да имаат долг и успешен брак е помеѓу 28-32 години. “Times” ја спроведе оваа студија за браковите врз основа на друга студија каде што истражуваше како бракот веќе се променил како институција и какви се шансите за траен брак. 2020 ГОДИНА - ЖИВОРОДЕНИ ОД МАЛОЛЕТНИ БРАКОВИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Број на живородени од мајки под 15 години: 16 живородени Број на живородени од мајки под 18 години: 540 живородени 2021 ГОДИНА - ЖИВОРОДЕНИ ОД МАЛОЛЕТНИ БРАКОВИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Број на живородени од мајки под 15 години: 19 живородени Број на живородени од мајки под 18 години: 555 живородени   Автори: Ведат МЕМЕДАЛИУ и Фисник КРАСНИЧИ   Овој текст е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет. Содржините во текстот се единствена одговорност на авторите и  и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
Femicid

Домот е најнебезбедното место за жените жртви на родово-базирано насилство

Дваесет и две жени биле убиени во Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, само поради тоа што се жени. Ова е најгрубата дефиниција која може да се даде за тоа што претставува „фемицид“, а врз основа на достапните податоци на Државниот завод за статистика и другите институции. Ваквата статистика за земјава и преку директен увид во предметите за убиства на жени е категоризирана во истражувањето на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство „Глас против насилство“, во којашто „Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во РСМ (2017-2020)“ се наведува дека прибирањето податоци за убиства на жени е исклучително тежок и долг процес. Проектната координаторка во Мрежата, Ана Аврамоска Нушкова вели дека ова е резултат на непостоење систем на прибирање податоци за оваа најтешка форма на родово-базирано насилство, иако ваков систем не постои ни за другите форми за насилство врз жени. „Фемицид е форма на насилство на којашто во голем број од случаите се покажало дека претходат определени ситуации и дејствија за да дојде до најфаталното – убиство на жена затоа што е жена. Се вршат убиства поврзани со родово-базирано насилство, убиство на жена во име на честа, намерно убивање на жени во воен конфликт, убиство на жена поради мираз... тоа се сите тие форми коишто треба да се преточат, за едно убиство да можеме да го квалификуваме како фемицид. Не секое убиство на жена може да биде категоризирано како фемицид. “ – вели Аврамоска Нушкова. Токму семејното насилство е тоа кон кое треба да се насочиме за воспоставување системи и начини за превенирање на убиствата, кои пак, и според светски, но и според домашните статистики се извршуваат во домот, односно приватниот простор на убиените жени. Во Македонија, 50 проценти од убиствата се случиле во семејниот дом, а додека, пак, 25 проценти се случиле во домот во кој жртвата живеела сама, со родителите или други членови на семејството. Најголемиот број на убиени жени се со над 61-годишна возраст (5 жртви), а според етничката група, најзастапени се Македонките (10 жртви). „Во Македонија, домот е најнебезбедниот простор за жената. Тоа особено се покажа во периодот на пандемијата, кога имаше рестрикции и полициски часови, а жените кои трпат семејно насилство беа во континуитет затворени со сторителите. Дополнително, пак, загрижува фактот што ниту една од 14-те убиени жени во чиишто предмети имавме увид, не го пријавиле насилството што го преживувале, во надлежните институции.“ – истакнува проектната координаторка во „Глас против насилство“, Ана Аврамоска Нушкова. Доколку се направи споредба со состојбата во Црна Гора, кај нас загрижува фактот што жртвите на семејно насилство не пријавуваат во институциите, за разлика од статистиките кај нив, каде што во последните четири месеци се убиени дури три жени, кои насилството во домот го пријавувале кај надлежните. Но, заедничка работа и за двете држави е недовербата во институциите. Поради тоа, црногорските невладини организации велат дека состојбата е алармантна. Директорката на Центарот за женски права во Црна Гора, Маја Раичевиќ вели дека институциите не реагираат навремено за да ги заштитат жртвите, а особено не прават проценка на ризиците, со што ги оставаат жртвите сами да ја водат постапката. „Иако сите три случаи биле пријавени кај надлежните институции, изостанува нивниот ефикасен одговор. Настанати се сериозни пропусти, при што жртвите, нивните семејства, како и нивните малолетни деца се оставени без никаква заштита. Овие случаи само го соголија слабиот систем за заштита на жртвите на кои посочувам веќе долго време.“ – потенцира Раичевиќ. Кај нас, пак, од јануари 2021 година, според новиот граѓански Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство е воведен принципот на „должно внимание“, според кој законски на државните службеници им се наметнува индивидуален пристап кон секоја жртва која пријавила семејно насилство, но, сепак стапката на пријавувања е сè уште ниска. И во едната – и во другата земја, недовербата во институциите и нивната неефикасност е нотирана во квалитативните истражувања за Западен Балкан на ОБСЕ за 2019 година, при што се посочува дека се оди дотаму жените сметаат и дека пријавувањето би го влошило насилството. Ваков случај на пријавување, а потоа влошување на состојбата со семејното насилство ја разбранува македонската јавност во последните месеци, откако 23-годишната велешанка, Пале Илоска во нужна одбрана го усмрти својот интимен партнер, полицаец по професија, за кој поднесувала многу пријави за физичко и психичко малтретирање, поради што и Судот во Велес ја ослободи од обвинението на почетокот од 2022 година. Адвокатката Наташа Бошкова вели дека оваа одлука е исклучително важна, затоа што Судот препознал дека иако се исполнети сите обележја на кривичното дело „убиство“, сепак сторителката не треба да биде казнета, зашто се обидела да си го заштити својот сопствен живот. „Оваа одлука е важна, а врз основа на образложението на судијката, затоа што таа во центарот на својата одлука ја стави жртвата на долгогодишно семејно насилство. Фактот што таа жена трпела долги години насилство и во моментот била предмет на насилство од страна на сега убиениот, всушност таа за да си го заштити сопствениот живот го лишила од живот напаѓачот, по што утврди дека Пале не е виновна.“ – истакнува Бошкова. Експертите ја поздравија оваа одлука на велешкиот Суд, велејќи дека веројатно ќе придонесе кај жртвите кои сега трпат семејно насилство, да почнат да развиваат доверба во институциите. Но, тоа не го менува фактот дека во Македонија имаме потреба од промени во Кривичниот законик (КЗ), за којшто во Собранието на РСМ веќе е почната процедурата за усвојување на Предлог-законот за изменување и дополнување на КЗ, а за кој пратеничката и претседателка на партијата ДОМ, Маја Морачанин вели дека го поздравува, а врз основа на образложенијата на амандманските измени предложени од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, за кои смета дека се издржани и дека треба да бидат поддржани од пратеничките и пратениците. „Во декември 2017-та година, Собранието ја ратификуваше Истанбулската конвенција. За да се овозможи нејзино имплементирање, потребно е околу 30-тина закони да се усогласат со Конвенцијата. Со овие измени се превидува употреба на родово сензитивен јазик, вметнување на родовата перспектива во КЗ, измени во однос на делата „полов напад“ и „силување“, дефинирање на психичкото насилство и инкриминирање на демнењето и сексуалното вознемирување, како кривични дела. Во однос на Членот 123 (Убиство), се додава поимот „родово базирано насилство врз жените“. На јавната расправа за Кривичниот законик, која се одржа на седница на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, граѓанските организации дадоа забелешка дека тоа не е доволно за соодветно квалификување и препознавање на делото „фемицид“, односно убиство на жена и предложија амандманско подобрување на Предлог-законот.“ – ни прецизираше пратеничката Морачанин при разговорот. Адвокатката Бошкова вели дека усвојувањето на овој Предлог-закон нема многу да ги промени состојбите на терен, доколку не се направат суштински промени. „Тоа што нам ни е потребно е постоечката законска рамка да биде унапредена, да се усвои и институциите да се сензитивизираат. Нам ни е потребна трансформација. Не само на општеството – туку и на институциите. Тие да ги сфатат причините и последиците на родово базираното насилство, односно дека тие несразмерно и многу почесто ги погаѓаат жените.“ – потенцира Наташа Бошкова. Токму од овој аспект, сите соговорнички и во Македонија и во Црна Гора ни го посочија и психолошкиот момент кај жените кои минуваат низ семејното насилство, а дел од нив завршуваат фатално, како жртви на фемицид. Во Црна Гора, законската регулатива не е до тој степен специфична во однос на овие жртви, како што е случајот кај нас. Таму, според психологот од Црна Гора, Адриана Пејаковиќ сè уште културолошкиот контекст во кој живеат граѓаните, односно патријархалната култура каде мажот е доминантен е на високо ниво. „Со векови постои нерамноправна распределба на општествените моќи меѓу мажите и жените, во кои жената е скоро сведена на ниво на сопственост на таткото, братот, сопругот... Таа нема исти права како и мажот, потчинета е. Низ историјата многу жени и женски движења се бореле за подобрување на статусот на жената во општеството и во семејството. Сепак, ние и натаму живееме во општество каде што мажот има повеќе права, каде што насилството во семејството некогаш се оправдува, каде што жената мора да молчи и да трпи.“ – вели Пејаковиќ. Кај нас, пак, со новиот Закон од јануари, минатата година, се предвидува и специфична заштита за сите жени жртви на различни форми на насилство, преку воспоставувањето специјализирани сервиси за помош и поддршка. Психологот Фросина Ивановска напоменува дека ние немаме длабински истражувања за тоа како се случувало насилството, како прогресирало, но, сепак, постојат алатки кои професионалците можат да ги искористат за проценка од ризици. На пример, посочува дека актот на давење на жената е еден од најтешките, а сепак физички непрепознатливи ризици, каде што се покажува моќта на поседување, го одзема воздухот, говорот, односно, тоа се смета за врв во случаите на семејното насилство. Според судската документација, случајот со велешанката Илоска е токму таков, кога пред да го усмрти партнерот, тој ја давел. „Насилството не почнува одеднаш, во смисла – ти си жртва, а јас сум насилник. Не. Тоа е нешто коешто ќе се развива, а од општеството веднаш знаат да ја осудат жртвата. Многу е важно дали таа има пријатели, поддршка, работа... Економската независност понекогаш е поголем предвидувач за тоа дали ќе се врати жртвата назад, но, најважно е како ќе реагира системот за заштита. Дали гарантираме безбедност е прво и основно. Ние не можеме да правиме затворенички од жените во шелтер-центрите на три, шест или девет месеци. За да се зајакнат економски, жените мора да имаат поддршка за грижата на децата. Кај нас тие се ограничени врз основа на понудените услови. Не треба ние само да им понудиме на жените, само за колку да им понудиме, а ако не им одговара ним, тогаш ништо, тоа е, „ти си многу захтевна“. Тоа не е во ред.“ – истакнува Ивановска. Заклучокот е дека и во двете држави, каде што во Црна Гора нема унапредување на законската регулатива, а кај нас има, сепак, ефикасноста на институциите затајува. Затоа, мора да се слушнат жените, односно, да се ислушаат за тоа што имаат тие да кажат. Пристапот кон ваквите случаи мора да биде специфичен, индивидуализиран, а некогаш и заедно со преживеаните да се прави планот, за да им се помогне како да се снајдат подобро во средината, а да не завршат во најфаталните статистики за фемицид. Мора да имаме посветено подобрување на општествата во кои живееме, а кои нема да бидат засновани на нееднаквост, особено кога станува збор за родово базираното насилство. Автори: Теодора Ѓурниќ / Огнен Јанески   Овој текст е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет. Содржините во текстот се единствена одговорност на авторите и  и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
EducationLaptop

Сеопфатно сексуално образование и дезинформации: Табуа наспроти придобивки

„Да е искрен, паметен, доверлив, да има разбирање. Да е интелигентен, учтив, трпелив, да е грижлив“. Ова се дел од заклучоците од вежба на час на околу 15 ученици од деветто одделение во скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“. Тие го слушаат изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование. Училиштето е едно од неколкуте во земјава каде што во септември почна да се спроведува пилот-програмата по предметот што сè уште предизвикува низа реакции во јавноста. Секакви. Каква врска имаат овие разумни, промислени ставови на 14-годишни деца, девојки и момчиња, водени низ материјалот од нивните наставници, со сите оние вулгарни содржини промовирани на социјалните медиуми во врска со воведувањето на ССО во образовниот процес? Во земја во која голем процент од возрасните објаснуваат дека штркот ги носи бебињата, а грмотевиците ги толкуваат со „Дедо Боже се лути“, за случајно да не ги уплашат децата со зборовите „размножување, природна појава/електрично празнење“, веќе подолго тапкаме во место со еден предмет, кој во суштина треба да ја издвои оваа тема од предметот Биологија и на тој начин да ѝ се посвети посеопфатно внимание – не само биолошко туку и социолошко. Но, во земја во која владеат табуата, во која секој ден црните хроники објавуваат по некој случај за полов напад врз дете, гневот се насочува во погрешен правец, во образовниот систем каде што детето во некоја форма би било дури и едуцирано да препознае и да избегне ваква ситуација. Посебен случај за анализа се социјалните медиуми и групите што со дезинформации се обидуваат да го спречат воведувањето на предметот во редовното образование. Додека се вадат од контекст поединечни елементи: ученици во прво одделение ќе учат како се ставаат кондоми, се поттикнува абортусот, и мажите ќе може да раѓаат деца, болни реформи... обрнете само внимание на речникот во коментарите. Вулгарни, прости, фрустрирачки, навредливи, омаловажувачки, аргумент дека токму тие требало да посетуваат настава по Сеопфатно сексуално образование додека биле ученици. По дефиниција табу е социолошки или религиозен обичај за забрана или спречување одредена практика. Ако зборот „секс“ сè уште е табу во нашето општество во првата и основна социолошка клетка – семејството, логично е прашањето постои ли семејство изолирано од секојдневни пцости со зборови што повеќе од сликовито имплицираат на табуизираниот збор? Но, ние сме докажани по двојните аршини во сè – одиме во црква, а на враќање дома вршиме прељуба, го сакаме ближниот свој, додека му забиваме нож в грб, ги штитиме децата од ССО, па ги лекуваме од сексуално преносливи болести. И додека дома е табу да се разговара со децата за основите на човековата природа, за репродуктивните органи, за заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, се забавува и процесот на воведување на овие содржини во образовниот систем. Од многубројните коментари очигледно е дека најпроблематични се оние, социолошките теми, кои отворено укажуваат на различностите. Во актуелниот образовен систем репродуктивните органи кај човекот се застапени во теми од предметот Природни науки за шесто одделение: семеници (тестиси), мочен меур (уретра), пенис, семеводи, јајчници (овариуми), јајцеводи, матка (утерус), вагина, а шестоодделенци се деца на 11-12 години. Каде се иницијативите #СтопзаПрироднинаукизаШестоодделение на социјалните медиуми?! Од друга страна, колку од сите поддржувачи на дезинформации имаат увид и контрола што гледаат нивните деца на дигиталните уреди, каде се информираат, како ги дознаваат темите за кои дома едноставно не се зборува? Колку време имате да им посветите на своите деца, да чуете што ги мачи, да ги прашате што прават на голем одмор, дали се жртви на врсничко насилство, како се справуваат со своето секојдневие? Што значи за нив една погрешна фотографија споделена на мрежата? Што размислуваат тие за предметот Сеопфатно сексуално образование? За среќа, деветтоодделенците со своите наставници разговараат за етиката во една врска, за почит, за грижа, отворена комуникација и искреност, наспроти љубомора, изневера, нечесност, непочитување, уцена. Отворено зборуваат за вредности, за различности. Ако дома сте си ја завршиле работата како родители, сте им објасните на децата дека секој е различен на свој начин и дека тоа треба да се почитува, ССО нема да влијае врз родовата определба на вашето дете. Исто како што во шесто одделение се учи и предмет Етика/Историја на религиите, па не видовме некое дете да се преобрати од христијанство во ислам и обратно. Автор: Весна Ивановска-Илиевска Насловна фотографија: freepik.com