Активизам

Wall Background Television Screens Used News Studio Background

Договор куќа гради, ама го урива новинарството

„Нема да има гледачи, слушатели, читатели!“, „Важно е што сака публиката!“, „Да ѝ го дадеме на публиката тоа што го сака! Ако имаме публика, ќе имаме реклами! Без реклами, нема да може да опстоиме, а вие новинарите ќе останете без плати!“ Ова е главната мантра на секој сопственик и главен уредник на поголемиот број медиуми во државава. Ова е главното оправдување на медиумите, без разлика дали се телевизии, радија или портали, со кое се турка идејата дека понудата треба да биде евтина забава со сомнителен квалитет. Не случајно, преплавени сме со реалити шоуа, трогателни серии, вести и информации што наликуваат едни на други како излупено јајце. НОВИНАРИТЕ СЕ ДОГОВАРААТ Бидејќи дневноинформативното новинарство ми е поблиску одошто креирањето на програмските стратегии на телевизиите, ќе се осврнам на една рутина што многу ме изненади кога бев уредник на економската редакција, на дневните изданија на вести и на емисија од областа на економијата. За 28 години работно искуство, го поминав она време од македонското новинарство кое беше во зенит, според својот квалитет, а сега сум сведок на драстичното опаѓање, секако чест на исклучоците. Но, што толку многу ме изненади за да имам потреба да го напишам. Додека бев уредник на економска редакција и на вести во една национална телевизија, открив дека моите помлади колеги, секојдневно, интензивно комуницираат со колегите од другите телевизии и медиуми. На прв поглед ништо чудно, колегијалноста треба да се гради и да се чува. Сепак, кога малку подлабоко се заинтересирав за таа комуникација, открив дека речиси сите новинари од економските редакции или што следат економија, пред сè во електронските медиуми, се во вибер-група каде што се договараат што ќе работат дента. Едноставно, тие си се договарале на што ќе посветат внимание, која тема ќе ја предложат на колегиум и дури кои агли на темата да ги одредат и кои изјави да ги обезбедат. Фото: freepik.com По ова сознанието, мојата реакција беше жестока. Не поради тоа што некој ја нарушува мојата уредничка позиција, бидејќи јас ги координирав насоките за прилозите, туку затоа што ми беше неприфатливо и надвор од мојот новинарски порив и кодекс да може да постои договор со други, пред сè конкурентски медиуми за тоа што би се работело дента. Додека бев во таа телевизија, правев сè да го спречам ваквиот начин на работа и се трудев уредувачката политика и пристапот кон темите да биде автохтон и карактеристичен за медиумот каде што работев. Откако во кратки црти ви ја претставив сликата што се случуваше, а веројатно сè уште се случува, да појаснам зошто сево ова ме извади од такт. Се прашував како дојдовме во ситуација да се објаснуваме со колегите зошто е важно новинарите да имаат свој пат, а не да го следат чопорот и да бидат како и сите други. Едноставно, за мене, а веројатно и за поголемиот дел од новинарите од постар ков кои веќе не се во фелава, непоимливо е да немаме конкуренција едни за други. Да не се бориме за тоа кој ќе има ексклузивна информација, кој ќе има различен агол од некоја прес-конференција или сосема различна тема од другите, а која произлегува од нешто актуелно или помалку актуелно што се случува. Се чини дека оваа практика по редакциите е само дел од низата практики што го прави новинарството чиста масовна конфекција. Имаме повеќе брендови и зад нив стои ист уредник. ДАЛИ РАЗЛИЧНИ ТЕМИ ЌЕ НИ ГО ПРЕГРЕАТ МОЗОКОТ? Но, кој е тој вистински уредник. Не, не се „газдите“ на медиумите. Вистинските уредници на содржините е убеденоста на новинарите и нивните шефови дека мора да ѝ и се даде на публиката она што таа го сака. Дека таа ги определува нашите идеи и постапки. Новинарите и уредниците длабоко во себе како да се откажале од поривот да ги добијат информациите, да ги анализираат, да ги синтетизираат и потоа да ѝ ги пренесат на јавноста. Новинарот и уредникот како да се откажаа дека треба да ја гледаат целата слика, туку цело време се обидуваме да насетиме што наводно сака публиката. Со ова, ние како да се вртиме во еден мал круг, како да живееме во бара наместо да се нурнеме во океанот со информации и да се потрудиме да ги пренесеме оние што навистина имаат некоја вредност, а не мора да се само од државава. Еве, ќе проанализирам две теми од економијата, кои за мене имаат огромна важност. Тоа се обидите за „дедоларизација“ на светската економија и рецесијата во Германија. Ако се погледне најголемиот агрегатор на вести и се истражи периодот од почетокот на годинава, ќе се види дека многу малку, дури и занемарливо се обработувала светски важната тема за валутната битка меѓу големите економски сили. Во моментов светската економија се преструктурира, а во нашата поширока јавност ова е сосема маргинална тема. Колку и да сме мали и минорни во поглед на големите земји, сепак, она што се случува кај нив многу добро или лошо се одразува и кај нас. Едноставно, оваа тема како да е резервирана за порталите, додека за главните медиуми е сосема неважна. Ова значи дека поголемиот дел од јавноста е отсечен од информации за тоа што се случува на глобално ниво. Поревносно се следи курсот на доларот кон другите валути, но многу често не се дава поширок контекст и не се поврзува со темата за „дедоларизација“. Втора, исклучително важна вест што беше актуелна безмалку само еден ден беше влегувањето на Германија во рецесија. Неа ја пренесоа и главните медиуми, но интересот за неа траеше кратко. Иако овие две теми се значајни за целиот свет и за Европа, ние не ги пласираме во јавноста. Едноставно, како да не нè допираат. Новинарите немаат порив да ги пласираат и да се ангажираат да ѝ ги доближат на публиката. Да сме лишени од анализи што ќе значи рецесијата на Германија за Македонија, да не им се објаснува на граѓаните дека половина од извозот ни е во оваа земја и дека ако таму има проблеми, ќе има и кај нас, да не се бараат одговори од институциите што сево ова ќе значи и за нашиот економски раст, за буџетот, за извозот, едноставно е надвор од секоја новинарска логика. ПОТЦЕНУВАЊЕ НА ПУБЛИКАТА Но, ете, живееме во една бара каде што мислиме дека главна економска тема ни се партиските препукувања за успесите или за неуспесите на владините економски политики. Секако, и бизнис-интересите на одредени моќни групи во државава. Сè друго, што треба да биде од животна важност, се заборава. Затоа, најлесно е новинарите да си се договорат меѓу себе за одредени теми и тие да се најдат пред публиката. Уредниците, пак, обземени со дневна политика, живеејќи во новинарски свет без конкуренција, не ни бараат повеќе од своите колеги. Затоа, ние новинарите и уредниците треба почесто да се потсетуваме на основни правила и стандарди што се чини сме ги подзаборавиле и зошто постоиме како фела. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Circuit Board 1364650 640

Четџипити, новинарство и дезинформации, бескраен круг на проверка на факти

Самата вештачка интелигенција (ВИ) не шири дезинформации, вели автоматскиот генератор на текст Четџипити (ChatGPT). Според него, алгоритмите за вештачка интелигенција може да се развијат за да се автоматизира генерирањето и ширењето лажни информации, но луѓето се тие што ги дизајнираат и ги распоредуваат овие алгоритми за злонамерни цели. Овој напреден модел на јазик за вештачка интелигенција, креиран да реплицира човечки разговор, беше лансиран во ноември 2022 година, а според најновите достапни податоци, во моментов има повеќе од 100 милиони корисници, што ја прави најбрзо растечка апликација во историјата. Само за споредба, на TikTok му требаа 9 месеци за да достигне 100 милиони корисници, а на Инстаграм 2,5 години. Четботот развиен од компанијата OpenAI отвори многу полемики и предизвици. Независно дали станува збор за домашна работа, есеј, новинарски напис или за потемелно истражување, Четџипити е „обучен“ да одговори на многубројни прашања што може да му ги постави секој. Каде завршуваат одговорите е тешко да се лоцира, а уште потешко е да се провери нивната точност. За себе, Четџипити вели дека може да помогне во откривањето и ублажувањето на ширењето дезинформации преку брзо анализирање големи количини податоци и идентификување потенцијални извори на лажни информации, а одговорноста за борбата против дезинформациите им ја остава на поединците и на организациите што развиваат и применуваат технологии за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција го става новинарството во незавидна положба Стојанчо Туџарски, водач на тимот за наука за податоци во Иновејшн ДООЕЛ, вели дека автоматските генератори на текст Четџипити и понапредниот Џипити-4 се во состојба да создадат каков било текст, кој не може да се препознае дали е напишан од човек или од машина, меѓу другото и поради тоа што со сегашниот степен на развојот на вештачката интелигенција, машините се во состојба да имитираат човечки пишани текстови исклучително успешно. Ова ја става новинарската професија во не баш многу завидна положба. Кој било, со помош на соодветно срочен промпт, може да добие просечен текст на која било тема, вклучувајќи ги тука и новинарските написи. Значи, соочени сме со реалната можност од хиперпродукција од текстови со, во просек, ист квалитет како оние пишувани досега од новинари – вели Туџарски. Објаснувањето за ова, како што дополнува, лежи во начинот на кој Четџипити е трениран од тоа што тој има „видено“ и „научено“ што имаат досега напишано новинарите, и, како што вели, кога генерира текст, тој не прави ништо поразлично од наоѓање статистички „средни вредности“ од нив, водејќи сметка за контекстот што се појавува. Според Владимир Петрески, уредник на македонскиот сервис за проверка на факти „Вистиномер“, употребата на најновиот бран алатки што работат врз принцип на вештачката интелигенција може да има и позитивно, но и негативно влијание врз новинарството и медиумите.– Од позитивна гледна точка, кога говориме за медиумите и за новинарството, оваа технологија може да им помогне на новинарите во нивната работа преку автоматско или барем олеснето креирање заднина/бекграунд на нивните написи. Да се пополнат оние делови од новинарските содржини, каде што треба накусо да се објасни заднината на настанот за кој се пишува, а која е позната, но која на читателот треба да му се пренесе за да добие целата вест или сторија дополнителен контекст и да стане заокружена целина – вели тој.  Како друг вид помош ја издвојува проверката на некој факт, при која, според него, треба да се биде внимателен. Апликациите што користат вештачка интелигенција се полезни ако знаете да ги прашате на вистинскиот начин и ако ги знаете нивните ограничувања, односно што е она што можат или не можат да одговорат. Така, на пример, кога се појави првата верзија на Четџипити, која беше отворена за јавноста (ChatGPT 3.0), базите на податоци што ѝ стоеја на располагање на апликацијата, содржеа податоци заклучно со 2021 година, значи Четџипити ги немаше најновите информации – вели тој, дополнувајќи дека е многу важно да се имаат познавања од темата за која се прашува за да може да се препознае доколку апликацијата греши.  Петрески смета дека многу брзо ќе се појават и апликации што ќе можат да препознаат визуелни елементи во кои ВИ ги вмешал прстите и тие, според него, ќе бидат многу корисни во откривањето фотографии или видеа генерирани или видоизменети од апликации што користат вештачка интелигенција. Тој вели дека сето ова значи дека некои од новинарските активности ќе можат да се прават со помош на ВИ-алатки, но не сите. Една од најважните функции на новинарството е да открива нови и „вест-вредни“ настани и информации. Тешко дека тука вештачката интелигенција ќе може го надмине човекот во целост, односно новинарот во конкретниов случај. Иако може да се очекува дека некои сегменти од професијата, особено од областите какви што се финансиите и движењето на акциите на берзите, тешко ќе можат да се замислат без помош на вештачката интелигенција – вели Петрески, дополнувајќи дека ВИ-алатките ќе бидат корисни и при креирањето и експлоатацијата на нови бизнис-модели кај медиумите и други примени што допрва треба да бидат откриени.  Четџипити се согласува дека вештачката интелигенција, вклучително и неговите сродни јазични модели, имаат значително влијание врз новинарството и медиумите, меѓутоа нагласува дека иако вештачката интелигенција може да ги подобри новинарските процеси, таа не ги заменува новинарите. Човечкото расудување, критичкото размислување и контекстуалното разбирање остануваат клучни во прецизно и етичко толкување и прикажување на вестите. ВИ треба да се гледа како алатка за зголемување на новинарските способности, поддржувајќи ги новинарите во нивната работа, наместо да ги заменува – вели тој. Линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст е тесна Туџарски вели дека е тесна линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст и дека дезинформацијата не може да се доведе во корелација со ВИ. – Човекот е оној што ја генерира дезинформацијата, со или без ВИ/Четџипити. Според мене, вистинскиот предизвик пред новинарите, со цел да останат релевантни како професионалци, е како тие да бидат подобри од Четџипити. А, по дефиниција, можат само доколку внесат вистинска креативност во своите написи бидејќи текстовите произлезени од Четџипити, со математичка терминологија, не се ништо повеќе од текстови какви што би напишало просечно човечко суштество, земајќи ги предвид сите човечки текстови со кои Четџипити е трениран. Или, според зборовите на Ноам Чомски, „Четџипити не е ништо повеќе од високософистицирана машина за масовно генерирање плагијати, а ако некој денес знае за што зборува на оваа тема, тогаш тоа е тој“ – вели Туџарски. Петрески споделува дека во Вистиномер веќе се соочуваат со користење ВИ-алатки за ширење дезинформации. ВИ-алатките се искористени во овој случај, каде што е креирана лажна фотографија од наводно заедничка модна фотосесија на двете сопруги од британското кралско семејство, Кејт Мидлтон и Меган Маркл (сопруги на принцовите Вилијам и Хари), која никогаш не се случила, а фотографиите се креирани со помош на вештачка интелигенција. Исто така, оваа дезинформација вели дека на фотографиите е јапонската министерка за здравство со непристојно деколте, но фотографијата е креирана со ВИ-алатка, а жената на фотографијата воопшто не е министер за здравство на Јапонија. Ваквите фотографии понатаму се искористени да се продолжи со дезинформирањето и да се нападне Европската Унија со неточно и непристојно тврдење за министрите за здравство во земјите на ЕУ – вели тој. Четџипити признава дека вештачката интелигенција може да биде подложна на дезинформации и препорачува неколку фактори што треба да се земат предвид. Како што е фактот што моделите со вештачка интелигенција како Четџипити учат од огромни количини податоци, вклучително и текст од интернет, па така, тој вели дека доколку тие податоци содржат пристрасни или неточни информации, моделот може ненамерно да ја пропагира таа дезинформација во своите одговори. За да се ублажат овие предизвици, Четџипити препорачува да се вклучи човечки надзор и процеси за проверка на факти кога се користи содржина генерирана од вештачка интелигенција. Развијте системи за вештачка интелигенција што им даваат приоритет на точноста, правичноста и на транспарентноста. Охрабрете го критичкото размислување и медиумската писменост кај публиката за борба против дезинформациите. Соработувајте со експерти за вештачка интелигенција за да ги решите етичките импликации на вештачката интелигенција во новинарството. Со разбирање на ограничувањата и ризиците поврзани со вештачката интелигенција, новинарите можат да го искористат неговиот потенцијал додека го поддржуваат новинарскиот интегритет и потрагата по вистината – вели тој. Преку сеопфатна регулатива до регулација на дезинформациите во ВИ Владимир Петрески вели дека сѐ уште не е јасно каква и дали воопшто некаква регулатива ќе биде донесена во однос на користењето на најновата генерација вештачка интелигенција. Иако има иницијативи за носење вакви регулативи, па дури и петиции за мораториум во истражувањето и употребата на вештачката интелигенција во период од година или две, а со цел да се истражат можните негативни последици, сепак, засега не е донесена конкретна легислатива од националните парламенти низ светот. И социјалните мрежи се на самиот почеток во утврдувањето на стандардите за користење на ВИ-алатките на своите платформи, иако напорите за првичното воспоставување на ваквите стандарди се во тек кај поголемите платформи – вели тој. Петрески дополнува дека сето ова покажува дека законодавците се внимателни и сѐ уште ја разгледуваат новонастанатата состојба, обидувајќи се да осознаат кои сегменти од оваа технологија имаат капацитет да нанесат штети и да влијаат негативно врз загарантираните човекови права, а, од друга страна, да не се прекинат истражувањата во оваа област, кои можат да донесат големи придобивки за човештвото. Ваквиот пристап, па и доцнење зад новите технологии од страна на законодавците не е ништо ново. Тие отсекогаш доцнеле зад технологиите, токму од причина што кај многу откритија со години, па и со децении потоа не била јасна до крај ни употребата, ниту, пак, можните последици – дополнува тој. Туџарски вели дека имајќи ги предвид техничките можности што денес стојат на располагање, не може да биде оптимист дека ќе се справиме ефикасно со овој проблем. Мислам дека сѐ уште не сфаќаме колку е голем овој проблем и колкава е можноста за високософистицирана масовна манипулација врз огромна популација. Од друга страна, ВИ е само алатка, па не гледам зошто би се разгледувала можноста за справување со споделување лажни вести напишани од неа и споделени од луѓе, поразлично од можноста за ширење лажни вести напишани и споделени од луѓе. Мислам дека реалноста нè води кон поедноставено размислување – креирањето лажни вести треба да биде санкционирано, а со оглед на тоа што сепак луѓето се тие што ги објавуваат текстовите од ВИ, дали таквите вести се напишани од човек или од ВИ, според мене е ирелевантно – вели тој. Според Четџипити, спречувањето споделување и создавање лажни вести со вештачка интелигенција (ВИ) бара сеопфатен и повеќеслоен пристап, кој вклучува правни, технолошки и етички размислувања. Како дел од препораките ги издвојува задолжителна транспарентност на системите и на платформите за вештачка интелигенција, што вклучува откривање кога е вклучена содржина генерирана со вештачка интелигенција и обезбедување јасно наведување на изворите, алгоритамска одговорност, односно редовна ревизија, потоа мерки за справување со пристрасност, промовирање на различноста на перспективите и спречување на засилување на дезинформациите како и квалитет и интегритет на податоците. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Dezinformacii Glavna

Интернетот тешко да се врати во ламбата од каде што излезе – државата мора да ги ограничи креаторите на лажни вести

Какви се психолошките и социолошките профили на „авторите“ и на „корисниците“ на лажни вести, објаснуваат д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, и д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ „Автори“ и „корисници“ на лажните вести. Две групи што ја сочинуваат недогледната маса од милиони луѓе, кои во секоја секунда кликаат на копчињата на дигиталните уреди, создаваат дезинформација или веруваат во неа. Состојби што излегоа од контрола особено со појавата на социјалните онлајн мрежи каде што секој корисник стана медиум што создава, шири или користи дезинформација. Какви се психолошките и социолошките профили на овие две групи, оние што ја креираат лажната вест и оние што ја користат? Според д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, денес е полесно од секогаш да ги доведете луѓето во заблуда. Социологот д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели: Прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сето ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија? Дезинформациите не се случуваат случајно Според Сотироска-Иваноска, во сè подостапниот свет за сите преку технологијата, претставувањето како кредибилен производител на вести бара малку пари и посветеност – но не е тешко и многу достапно. Дезинформациите се дефинираат како информации што се неточни и намерно создадени за да ја измамат јавноста, за да им наштетат на некои поединци, организации, групи или на државата. Дезинформациите никогаш не се случуваат случајно, туку се формираат и се шират намерно за да ги наведат консументите да донесат погрешни заклучоци, да формираат определени ставови, да предизвикаат вознемиреност, чувство на несигурност, нетрпеливост или омраза кон определени лица или групи – објаснува таа. Калина Сотироска-ИваноскаРазвивањето, пласирањето и ширењето на дезинформациите се прави со определена цел – најчесто некоја добивка, финансиска, политичка, да се стигне до моќ, заради забава или предизвикување емоционални реакции. И можат да доведат до сериозни последици во областа на медицината, демократските процеси, општеството и угледот на поединецот. Тука се поставува прашањето: Зошто луѓето се подложни да ги примаат дезинформациите?- Кај луѓето постои тенденција да ги забележуваат и да се сеќаваат на оние информации што се во согласност со нивните претходни верувања што ги зајакнуваат. Денес социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Јутјуб претставуваат најкористени платформи од кои консументите добиваат нови информации. Истражувањата покажуваат дека определени специфични карактеристики на личноста на потрошувачите и социо-демографските карактеристики можат да ги направат консументите поподложни да веруваат во дезинформации, како, на пример, понизок социјален статус, конзервативна идеологија, повозрасни и слично – објаснува Сотироска-Иваноска. Таа додава дека постои пристрасност за потврда кога се фаворизираат информации што ги потврдуваат нашите веќе постојни верувања. Веројатноста е поголема да „паднеме“ на дезинформациите ако се согласуваме со она што е кажано без многу размислување. Пристрасноста за потврда работи и обратно – може да го зголеми скептицизмот за дезинформациите. Но, функционирањето на пристрасноста за потврда, укажува на намалено критичко мислење. Никој не е имун на манипулации Од друга страна, бидејќи не сме сведоци на настаните и ги немаме информациите од „прва рака“, го прифаќаме изворот на информации како точен и вистинит. Важно е читателот да не се подведува слепо кон пласираните информации. Потребно е да се направи процена на кредибилноста на изворот, од кој медиум, портал, кој известувач, авторот, уредникот и кои извори се користени. Повторно, критичкото мислење е важно, дали некој ќе посвети време на тоа. Емоциите и чувствата имаат влијание врз критичкото размислување и мислењето го прават ирационално. Притоа дезинформациите најчесто предизвикуваат да растат гневот, стравот и несигурноста. Доколку критички не се размислува, читателот или слушателот е емотивен и го прави подложен на прифаќање на дезинформациите – вели Сотироска-Иваноска. Фото: Pixabay Социјалниот притисок исто така игра улога во прифаќањето на дезинформациите. Тоа е евидентно на социјалните мрежи, каде што постојат луѓе што уживаат во дебатирање, но постојат и такви што едноставно ги бришат или одлучуваат да не ги следат луѓето, групите или организациите што споделуваат спротивно мислење од нивното. Доколку имате определено мислење за нешто и тоа ве одредува во малцинството, експлицитно или имплицитно постојано ќе сте под притисок да се наклоните кон мислењето на мнозинството. Многу често луѓето се уверуваат кон тврдењето дека секој има своја вистина. Тоа не е точно, туку претставува субјективност, а објективноста е потребна за да се одвои фактот од дезинформацијата. Најдобриот начин за борба против дезинформациите е насочен на индивидуално ниво. Никој не е имун на манипулациите и на влијанието на дезинформациите, но ние самите се обидуваме да ги контролираме одлуките. Важно е секој да биде критички консумент на информациите, да бидеме внимателни во наоѓањето точни информации, без да бидеме контролирани и манипулирани од ботови или она што го пласираат луѓето на социјалните мрежи – децидна е Сотироска-Иваноска. Орвел наспроти Хаксли Според Петар Атанасов, оваа тема може да ја анализираме на две нивоа. Првото е класичниот пристап на оние што произведуваат информации и оние што ги примаат или ги користат. Ова стана прашање од големо значење токму со појавата на масовните медиуми бидејќи нивното влијание во општеството станувало доминантно. Второто ниво е поконкретно и може да се поврзе со нашата актуелна стварност – каков вид и колку информации им се потребни на граѓаните во градењето на политичката култура заради учество на граѓаните во политичкото и во општествено живеење. Во оваа мини-анализа, Атанасов се задржува на второто ниво. Да тргнеме од две идеалистички крајности, орвеловска – интенцијата да се забрани читањето книги (поради одредени причини) и хакслиевска – без забрани да се постигне состојба во која нема да има никој што би посакал да чита книги. Џорџ Орвел („1984“, 1949 год.) се плашел од оние што би нè лишиле од какви било информации, додека Алдоус Хаксли (The Brave New World, 1932 год.), пак, се плашел од оние што би ни овозможиле толку многу задоволства што луѓето би се претвориле во пасивна и егоистична маса. Орвел се плашел дека вистината ќе биде скриена од нас, додека Хаксли се плашел дека вистината ќе биде удавена во морето на ирелевантноста. Овде може да се постави дилемата дали луѓето треба да се доведуваат постојано во страв и чувство на закана, за да се држат постојано под контрола, или на луѓето треба да им се наметнат или да им се овозможат бескрајни задоволства, како детерминиран пат до „целта“ – објаснува Атанасов. Според него, ова објаснување значи дека „некој“ таму поставува некакви цели и дека „некои“ центри на моќ може да ги наметнуваат своите планови за државата и за човекот, како и за заедницата (општеството) во кое живееме. Тоа се секако центри што имаат моќ и средства и финансиски ресурси да „управуваат“ со информациите што би ја моделирале нашата стварност. Овие информации може да се вистинити, но и креирани, лажни, намерни, да изгледаат како вистинити и постојано да се вбризгуваат во јавноста преку легални и полулегални канали.- Најчестиот збор што ги објаснува ваквите канали е терминот политичка пропаганда. Кога би ги додале и зборовите популизам и политичка патронажа, тогаш имаме цел комплекс алатки што некои структури (главно провладини) ги користат за освојување на власта или други структури за да урнат некоја легитимна власт за тие да „управуваат“ со информациите или со институциите. За оваа технологија на управување со информации, порано биле потребни многу финансии и луѓе. Денес тоа може да го прават до одредено ниво неколкумина со добра информатичка поддршка. Со ова денес се занимаваат и мали интересни групи, но и цели државни структури што сакаат да имаат свое влијание многу пошироко во светот. Крајна цел е создавање јавност која е контролирана и која треба да овозможи наметнување идеологии што водат до создавање тоталитарно општество. Ова е спротивно од либералната западна идеологија, која беше доминантна во создавањето и во ширењето на демократското општество – објаснува Атанасов. Новата стварност во двонасочната комуникација Полека стигнавме до темата за дигитализацијата и за револуцијата во комуникациите овозможена со создавањето на новите медиуми и социјалните мрежи, додава тој. Дизајнирани од моќни корпорации, овие алатки му се „дадени“ на располагање на секој човек што има пристап до сигнал и има паметен телефон. Секој човек стана медиум, кој има можност и да консумира, но и да произведува информации. Во целата оваа нова стварност може да се анализира и да се објаснува и темата за дезинформации и лажни вести. Додека постоела еднонасочна комуникација медиуми-информации-консументи, било полесно да се создаде совршен капиталистички маркетинг. Денес, кога комуникацијата е двонасочна, примателите на информации почнуваат и самите да емитуваат или да реемитуваат одредени содржини, информациите стануваат стока што се разменува по сите канали, од наједноставните профили на социјалните мрежи на луѓето, до најсовршените алгоритми, кои секако дека некој ги создава за нечиј интерес. И тука можностите се неограничени за создавање нова стварност што човекот го прави помал од технологијата, а вештачката интелигенција се заканува да започне да ги контролира и процесите на информирање и обичното секојдневно живеење – вели Атанасов. Според Атанасов, се разменуваат главно информации, анализи, реклами, вести, ставови, спинови, креирани слики и многу други видови зборови и фотографии што им се достапни на консументите, како личен избор или како избор на некој алгоритам. Во овој хаос на информации на човекот во една секунда му се достапни илјадници податоци, но тој ниту може толку многу да апсорбира одеднаш, ниту може да знае кои од овие извори му нудат нешто добро или суштинско за сопствениот хабитат. На човекот од сферата на информациите (освен одреден процент на корисни податоци) му се нудат и: лажни информации намерно произведени за да влијаат врз јавното мислење во нечија корист, погрешни информации за дезинформирање, информации чија цел е да ги излажат, лажни вести што содржат измислени информации, лажни наративи, лажни вести дистрибуирани за да изгледаат како легитимни вести, измислени, без проверливи факти и извори. Атанасов вели дека сево ова може да го сместиме во три случаи: Борба помеѓу информации на полето на политиката, каде што дезинформациите и лажните вести се мешаат со емоции и се фингираат како политичка битка, пред сè во вид политичка пропаганда. Моќни и богати структури (политички партии, институции, недржавни структури) ангажираат армија луѓе (ботови) за да пласираат информации чија цел е да рекламираат едни, а да им наштетат на други структури. Ова секако не е дозволено, бидејќи на граѓаните им се создава лажна слика за состојбите во општеството. Кога ова го прават луѓе ангажирани од државни структури (вработени), тие обично се именуваат како ПР-служби, но главно ги злоупотребуваат државните ресурси во корист на една или на друга политичка гарнитура. Ова ќе го има сè повеќе во многу земји што практикуваат демократија, но кои може да се трансформираат во илиберални режими. Не се исклучок ниту демократските држави што се обидуваат да се борат против ова за да ги задржат во функција основните елементи на политичкиот процес. Консумеристички информации со рекламирање сè и сешто, со многу помпа и реклама. Во овој дел исто така се употребуваат огромни ресурси за реклама или маркетинг, било да е предмет, производ, услуга, консултантска помош итн. Овде се употребува сè што е носач на порака, но и се користат големи финансиски средства за да се освои консументот. Голем дел од овие информации се проверливи. Но, има и организации што може многу вешто да ве наведат на погрешни одлуки во врска со купување нешто, но и да ви наметнат идеологии што може да ви направат голема штета засновани токму врз злоупотреба на луѓе. Особено е важна социо-психолошката состојба на индивидуата, која е денес самостојна во однесувањето, одлучувањето и примањето на информациите. Човекот веќе живее во ризично општество и нестабилен свет што му нуди бескрајни задоволства, но и големи закани за неговата лична безбедност. Постојат и големи можности за избор во вмрежувањето на светско ниво и во градењето на сопствената кариера, живот, семејство, без гаранции за правилен избор. Но, што е правилен избор? Вистината не може сама да се бори Според Атанасов, прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сево ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија? Повторно доаѓаме до моментот и до обврската кога и генерациски и образовно им ги пренесуваме цивилизациските вредности и културолошките контексти на новите генерации. Може да се обидеме да влијаеме врз нив во целиот нивен развој. Сето ова треба полека да станува дел од медиумската култура, кој треба да им помогне да се снаоѓаат со сите овие информации и да научат да ги препознаваат заканите и ризиците по нив. Во крајна инстанција, државата ако сака да е сериозна, треба да ги пропише и да ги казнува злоупотребите, да ја регулира политичката пропаганда и да ги ограничи „креаторите“ на лажни вести – дециден е тој. Атанасов објаснува дека креаторите се предатори платени со нечии финансии, кои мора да се контролираат. Консументите треба да се образоваат да препознаваат манипулации од секаква природа – политички, општествени, пазарни, медиумски. Интернетот тешко дека ќе може да се врати во ламбата од каде што излезе, но ќе мора да има некакви стандарди или услови, кои ќе може да се проверуваат. Не може вистината сама, со голи раце да се бори против тенковските лажни вести. Фото: Pixabay Демократијата е систем што работи врз база на натпревар на идеи и вредности, но „масата“ треба да биде обучена да ги препознава девијациите и системите што сакаат повторно да го вратат Орвел, односно целосната контрола, додека претпоставуваме дека луѓето секако би го избрале системот на Хаскли. Се разбира во повисоката класа на Алфи. Но, желбите се едно, а меритократијата сосема друга работа во свет во кој има сè повеќе лаги, а сè помалку вистини. За жал, во битката да се влезе во класата на Алфите по секоја цена, се користат и дезинформациите и лажните вести – завршува Атанасов. Весна Ивановска-Илиевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Megaphones

Лаги, вистини, дезинформации, пропаганда

Главните разлики меѓу пропагандата и дезинформациите лежат во фактот дека дезинформациите никогаш не можат да имаат позитивно значење, додека позитивната пропаганда постои како таква. Потоа, другата разлика еи во целите бидејќидезинформациите најчесто се прават заради материјална придобивка, додека пропагандата во повеќето случаи заради идеолошки цели или постигнување цел што ги надминува материјалните размери. За концептите и за појавите од насловот знаеме само нешто општо. Дека има дезинформации и пропаганда, кои побрзо се шират на социјалните мрежи, дека за тоа придонесува лесната пристапност на мрежите и дека коригирањето на лажната, злонамерната и погрешната информација е исклучително тешко. Инаку, имаме само анегдотско знаење. Знаеме само за поединечни случаи, но не можеме да извлечеме точни и кредибилни заклучоци за општата состојба. Луѓето често не знаат да разликуваат дезинформација од пропаганда, особено за време на политичките изборни кампањи. На пример, јас имам некои теории за пропаганда и за дезинформација, кои ќе ги елаборирам подолу. Дезинформацијата е лажна вест за настан штоне се случил или изјава искривена од страна на политичар, експерт, лекар и сл. Вообичаено, дезинформацијата на глобално ниво се занимава и со теории на заговор и целта е да се шири страв и да се верува во нешто што не е релевантно за да ја постигне производителот на дезинформацијата својата цел. Од друга страна,пропагандата може да биде и вистина и не е секогаш негативна. Пропагандата е средство за комуникација со јавноста за да се убеди околу одредена идеологија. Разликата меѓу нив е суштинска, бидејќи едната е секогаш лага, додека другата е средство и умешностна комуникација со масата за да се убедина различни начини. Но, овие два термина често се мешаат, бидејќи дезинформациите се користат како пропаганда особено на нашата политичка сцена. Основната цел на секоја пропаганда за да биде ефективна е да се митологизира човечката свест. Но, и покрај тоа што општото значење на пропагандата е поставеново негативна конотација, постои и позитивна пропаганда, која се употребува во посебни ситуации за докажување на единството, солидарноста, соработката, моќта итн. А како позитивна пропаганда можеме да ја наречеме кампањата за имунизација во периодот на пандемијата, бидејќи тогаш имавме и многу теории на заговор, разни тврдења, до тој степен што „вакцините убиваат“. Дури и делегацијата на ЕУ излезе со поддршка на кампањи за имунизација. Притоа, значењето на дезинформацијата е сосема поинакво, станува збор за искривување факти и измислување нереални и невистинити ситуации. Дезинформацијата, со други зборови, е злоупотреба на информациите преку нивно извртување или измислување непостојниинформации. Како пример за дезинформација мора да го истакнеме тврдењето на Владата дека наводноги отпочнала преговорите со Европската Унија, што не е така – имено на 19 јули од претходната година само Албанија ги отпочна преговорите со ЕУ, додека Северна Македонија ги ОТВОРИ преговорите со Европската Унија, бидејќи првото тврдење (ОТПОЧНАЛА) е сосема различен термин. Потоа, другата разлика лежи и во целите бидејќи дезинформациите во повеќето случаи се прават заради материјална придобивка, додека пропагандата во повеќето случаи заради идеолошки цели или постигнување цел што ги надминува материјалните размери. Но, и покрај нивните разлики, денес, во време на глобализација, тие имаат ист опсег на дејствување– и пропагандата и дезинформацијата се вршат преку дигиталните медиуми. Во општа смисла, целта на лажните вести е да креираат лажна или преувеличена нарација за да се убеди јавноста, додека целта на пропагандата исто така е да креира некаква нарација, но во овој случај, да промовира политичка или идеолошка цел. Фото: freepik.com Денес пазарот на вести е пренатрупан со многу извори и понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу вистинските и лажните вести. За да се спречи користењето на лажните вести или на пропагандата, важно е да користите кредибилни извори на информации, да ги критикувате изворите на информации кога се сомневате и да работите на проширување на вашето знаење во различни области за да чекорите напред какоиндивидуа. Во изминатиот период е забележанодека се зголемени и други доминантни нарации за дезинформации, а кои се однесуваа на искривување на перцепцијата за балансот меѓу Русија и НАТО и корупцијата на политичарите на власт во однос на пандемијата со КОВИД-19. Бројот на лајкови, коментари, споделувања на текстовите за НАТО, Русија и за корупција поврзани со пандемијата од страна на јавноста беше значителен. Секоја од овие теми имаше големо политичко значење во предизборната кампања, особено темата поврзана со влезот на РСМ во НАТО, додека Русија беше често споменуван актер во дебатите. Овој подем на Русија не дојде само од нејзината меѓународна улога, туку и од вештачкото „вметнување“ во македонскиот екосистем од страна на информативните портали наклонети кон нејзината меѓународна политика. За жал, државата во моментов исто така не покажува доволен капацитет „за да открие непријателски извори на пропаганда, дезинформации и лажни вести за да може ефективно да ги неутрализира нивните негативни ефекти“, иако веќе стратешки одлучилада изгради такви капацитети. И дали постои политичка волја за борба против индустријата за дезинформации – со оглед на тоа што најголемите партии кај нас не се само цел, туку и производители на манипулативни, пропагандистички и лажни содржини? На пример, војната во Украина изгледа дека послужи како интересна тема дури и за државите со географска оддалеченост од жариштето на самата војна. Тоа го докажува и големиот број објави со дезинформациска содржина во земји каквишто се Индија или Бразил, кои географски се многу далеку од Украина. Самиот факт што имаше голем број дистрибуција на ваква содржина покажува дека имало интерес и од читателите за соодветните настани. Треба да се нагласи дека големиот број третирања/известувања за државите се одредува и од бројот на жители и проверувачи на факти штоработат во рамките на една држава, како и од јазикот. На пример, јазикот хинди го зборуваат 342 милиони луѓе и се рангира како 4-ти најзборуван јазик во светот, или хиспански јазици зборуваат 471 милион луѓе (вклучувајќи ги и повеќето земји во Латинска Америка). Ова довело до тоа бројот на третирања/известувања во Индија и во Шпанија да биде голем, бидејќи јазиците што се говорат во овие земји вклучуваат широка светска јавност. Од 100 обиди за манипулација со информации, 88 биле оркестрирани од руски државни актери, според првиот извештај на Европската служба за надворешно дејствување за манипулација со странски информации во февруари, објави Фондацијата Фикс (TheFixFoundation). Една од целите на извештајот на Европската служба за надворешно дејствување е да ги утврди нарациите што Русија ги користи во медиумите. Извештајот идентификуваше пет од најпопуларните руски пропагандни нарации: 1. ЗАПАДОТ Е АГРЕСОР КОН РУСИЈА Според оваа нарација, Западот е одговорен за растечката тензија меѓу Русија и Украина, профитирајќи од војната и е главната причина зошто окупацијата продолжува. 2. УКРАИНА Е АГРЕСОР КОН РУСИЈА За разлика од претходната, оваа приказна ја прикажува Украина како главен антагонист и провокатор. Русија ги обвинува Украинците за провокација и желба за војна, за воени злосторства и за намерата да употребат хемиско и нуклеарно оружје. По промената на властитевоУкраина во 2014 година, Русија постојано ги прогласуваше претседателските избори за незаконски и ја нарече украинската влада „Киевски режим“. Руските медиуми ја искористија оваа агенда во своите пораки за да ја демонизираат Украина. (На пример, рускиот медиум Ukraina.ru објави статија „Киевскиот режим сака да предизвикува војна меѓу Русија и НАТО“.) На овој начин Украина се прикажува како агресор, а руската акција е само оправдан одговор. 3. САНКЦИИТЕ ПРОТИВ РУСИЈА ДОВЕДУВААТ ДО КОНТРА ЕФЕКТ Тоа е руска манипулација за тоа како санкциите влијаат врззападните земји, особено во областа на храната, енергијата и финансиите. Да дадеме пример што не е директно споменат во извештајот на Европската служба за надворешно дејствување – рускиот канал „Раша тудеј“ создаде видео „Среќен антирускиБожиќ“. Видеото е за семејство штого слави Божиќ во Европа. Празникот се менува во текот на три години од полн со светлина, топлина и просперитет во 2021 година, во студен, гладен и сиромашен во 2023 година. Кулминацијата на заплетот е семејство штојаде супа од некој вид глодар на својата ќерка. Главната нарација е дека европските санкции за руската енергија ќе имаат многу посилен ефект врз Европа отколку врз Русија. „Раша тудеј“ манипулира за да ја убеди јавноста дека ќе го изгубат удобниот живот без Русија. 4. УКРАИНА Е НАЦИСТИЧКА И ТЕРОРИСТИЧКА ДРЖАВА Вообичаена е идејата што Русија активно ја промовира уште од Револуцијата на достоинството - проевропските протести во Украина кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, со кои беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Политичарите и медиумите на Кремљ тврдеа дека промената на претседателот не била легитимна и дека станува збор за терористички чин. Исто така, популарниот наратив беше дека Револуцијата на достоинството била предводена од „украински нацистички групи“. Сега, наративот „Земјата полна со терористи и нацисти“ е еден од изговорите за руската инвазија. Од овој наратив произлегува уште една точка: руската агресија врз Украина е таканаречена „деназификација“. И, сега, да ги конкретизираме овие пропагандни нарации, застанувајќи на масакрите во Буча. Во рамките на воената пропаганда, Русија дава неколку верзии за тажната реалност таму. Нејзината прва верзија е дека ништо не се случило во Буча; кога тоа не се случи, тогаш пропагандата оди на следното ниво дека „да, има убиени, но не толку и колку што тврди Западот“. Кога и тоа не функционира, се префрла на следната верзија дека тоа е исцениран масакр со некои теории на заговор. Цел свет виде како експлодира гасот во Манила на состанокот на Г20 кога Лавров изјави дека Русија прави се за да ја запре војната што ја започна Украина! И, кога веќе никој не ја јаде оваа “лага“, тогаш се преминува на следнава изјава дека „да, има жртви, но ги убиле Украинци, а не Руси; Освен тоа, убиените не се цивили, туку украински војници убиени во борба“. "TheFixFoundation"вели дека од почетокот на сеопфатната војна во 2022 година, руската пропаганда станала поагресивна од кога било досега. Автор: Џенур ИСЕНИ   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Illustration Back

„Darknet“, темната страна на Интернетот, го користат два милиони луѓе дневно, 2.000 од Македонија!

Корнелиус Граник e светски познат експерт за сајбер безбедност кој беше главени говорник на неодамна одржаната конференција А1 SecuriThink „Заштитете го вашиот бизнис”. А1 Македонија беше домаќин на оваа конференција за сајбер безбедност, на која бизнис заедницата имаше можност да ги слушне најновите трендови и стратегии во дигиталната индустрија за заштита на бизнисите и организациите од сајбер напади. Тоа беше повод за ова интервју со г-н Граник. Новинарка: Верица Јорданова Господине Граниг кои се најголемите закани во однос на сајбер безбедноста денес, а особено за корпоративниот сектор? Многу компании сè уште не се подготвени за сајбер напади. Ако страдаат од тежок сајбер напад, тешко дека ќе можат да се справат со делумно или целосно прекинување на ИТ-системите и мрежите, како што никој не мислеше дека тоа некогаш може да се случи. Оваа неподготвеност е најголемата закана, бидејќи во денешно време сите, приватни лица и компании, мора да очекуваат во секое време да бидат предмет на сајбер напад! Кои се најчестите сајбер напади за компаниите? Кои компании се најранливи и што треба да направат за да ја подобрат својата безбедност? Типични напади се напади со одбивање на услуга, кражба и манипулација со податоци на компанијата и напади со малициозен софтвер. Компаниите секогаш треба да ги ажурираат своите системи и да ги користат најновите софтверски закрпи, да имплементираат мрежна сегментација, да користат повеќефакторска автентификација и да работат на свеста на своите вработени, партнери и клиенти за сајбер заканите. На овој начин може да се спречи крадење на идентитетот преку е-пошта или употреба на USB-стикови заразени со малициозен софтвер. Зголемената свест за техниките на „социјален инженеринг“ на сајбер криминалците драстично ја намалуваат веројатноста за успешен сајбер напад. Регистрирањето на сајбер осигурување ќе доведе и до зголемено ниво на безбедност, бидејќи процесот на дискусија со осигурителните компании е многу структуриран, ги покрива сите релевантни области на загриженост во однос на безбедноста и ќе доведе – покрај осигурителното покритие до поголема свест за сајбер ризици. Ве молиме објаснете ѝ на публиката повеќе за темната мрежа (darknet)? Што се случува таму? Дали има корисници од Македонија? „Темната мрежа (darknet)“ е посебен дел од интернетот, до кој може да се пристапи само преку прелистувачот TOR. Создаден е пред речиси 20 години со помош на американските власти за да им овозможи на неистомислениците и активистите во земјите, во кои владеат диктатори, да имаат алатка за шифрирана комуникација. Употребата на темната мрежа (darknet)  е бесплатна и гарантира дека никој не може да дознае каде и кои се партнерите за комуникација. Во светот темната мрежа (darknet) секојдневно ја користат околу 2 милиони луѓе, од кои 2.000 се од Македонија. Покрај „употребата за добри цели“ на темната мрежа (darknet) од страна на активистите и информаторите, постои и многу лош дел од темната мрежа (darknet), каде што криминалците можат да ги користат пазарите за да продаваат забранети стоки, оружје или дури и криминални услуги. Овој „криминал како услуга“ е една од категориите кои се во најголем пораст, бидејќи тука секој може на анонимен начин да купи криминално дејствие, со кое ракува лице кое е платено во криптовалута. Помеѓу многу лошите случувања е и производството и тргувањето со детска порнографија, што има драматични последици за децата и нивните семејства. Во повеќето случаи, криминалците од темната мрежа (darknet) не можат да се најдат, бидејќи се кријат во сенката на анонимноста. Еден од најчестите сајбер напади се рансомвер (ransomware) нападите. Што е тоа и колку се опасни? Ве молиме дајте ни некој пример. Рансомвер (ransomware) е посебен вид на малициозен софтвер кој се користи за да им наштети на организациите и за шифрирање на сите компјутери до кои може да се пристапи. Современите сајбер криминалци во оваа област често доаѓаат од Русија, каде што владата ги охрабрува нивните злосторства – во некои случаи сајбер криминалците дури и работат за руската тајна служба. Најчестата рансомвер (ransomware) група во Европа во моментов е Lockbit од Русија, исто така Blackbasta и Blackcat прават многу штета. Организираните сајбер криминални групи користат модел на тројно изнудување: на почетокот тие влегуваат во мрежата на организацијата обично со успешна е-пошта која има за цел крадење на идентитетот: корисникот кликнува на врската во таква е-пошта или отвора лажен прилог, а потоа напаѓачите влегуваат внатре потоа ги користат овие кориснички акредитиви за да ја истражат целата мрежа со специјални алатки, за да можат лесно да откријат кои ранливи точки постојат ако најдат стари незакрпени системи, каде што се евидентирани администраторските корисници, тие често можат успешно да создадат администраторски корисник за нивна употреба, а потоа да прават какви било манипулации во некои случаи дури и компаниите беа исклучени од сопствените системи од таквите администратори по таквиот успешен почеток напаѓачите крадат податоци ако имаат акумулирано доволно податоци, тие ја шифрираат организацијата и прикажуваат текст за откуп, во кој се изјаснуваат во однос на исплата на откуп што сакаат да ја постигнат   доколку компаниите не платат, ги уценуваат дека ќе ги објават нивните податоци во одредени случаи, откако компаниите не платиле и можеле сами да ги обноват своите системи, а исто така не реагирале на уцените со податоците, напаѓачите започнуваат со DOS напади врз нив. Овие типови на напади се нарекуваат рансомвер (ransomware) напади со тројно изнудување -> кражба на податоци, шифрирање на системи, напади на ДОС – и се многу опасни, бидејќи доведуваат до големи проблеми во деловниот континуитет и можат да предизвикаат прекин на организациите во текот на неколку недели.  Како се поврзуваат лажните вести со оваа тема? Дали постојат начини да се спречи ова или барем да се препознаат? Лажните вести се одреден вид сајбер криминал во поширока смисла, додека нападите врз системи и мрежи се во потесна смисла. Тие се создадени за да им наштетат на луѓето или организациите, да наметнат одредени политички случувања или да ја зголемат популарноста и досегот на веб-листата. Лажните вести може да се купат во темната мрежа (darknet) и можат да се испратат токму до публиката, за која се создадени – во процес наречен микро-таргетирање. За да го обезбедат својот успех, криминалците нудат „социјални ботови“ во темната мрежа (darknet), кои би сакале или следат такви лажни вести, за да остават впечаток дека вестите се реални, валидни и важни. Доколку лажните вести веќе еднаш поминале низ чекорите на овој процес – анонимно создавање, микро таргетирање, поддржување социјални ботови – тие се наведуваат како резултати од пребарувањето во релевантните пребарувачи како Google и на овој начин се обезбедува да се шири нивната погрешна и заведувачка содржина. Важно е да се постават надзорни системи за лажни вести како EUVSDISINFO, исто така, на ниво на земја, и во секоја компанија, да се следат лажните вести и да се дејствува исто така брзо и на дигитален начин против нив, за да се спречат тие да бидат успешни.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Venko

Венко Андоновски: Како станав најдарежливиот „министер за култура“

Дигиталното време овозможи „веродостоен“ пласман на купишта информации од кои голем дел се непроверени, а на мамката нè ловат сите. Преку анегдоти писателот Венко Андоновски и актерот Петар Горко се навраќаат на ситуации кога некоја „информација“ им го сменила курсот на денот Колку една невистина може да ви го смени животот, да ве натера да размислувате поинаку, да направите чекор несвојствен за вас, да се пошегувате или да не спиете со денови?! Во минатото познати како „кромид вести“, денес со широка лепеза од називи – дезинформација, fake news, лажни вести и слично, овие информации станаа лушпи од банани на кои наидуваме на секој чекор. Дигиталното време овозможи „веродостоен“ пласман на купишта информации од кои голем дел се непроверени, а на мамката нè ловат сите. Преку анегдоти писателот Венко Андоновски и актерот Петар Горко се навраќаат на ситуации кога некоја „информација“ им го сменила курсот на денот. Не помнам точно која година беше. Беше лето и се вратив од годишен одмор, на кој воопшто не отворив никаков весник, сајт, медиум. И уште со првите прошетки во центарот на градот, сфатив дека нешто не е во ред. Каде и да поминев, крај кафуле или бавча, секаде, најразлични луѓе од културата ме канеа да седнам со нив и да им се придружам. Меѓу нив имаше и луѓе што не биле никогаш особено наклонети кон мене, дури и такви што отворено не ме почитуваа. Почнаа да ми зборуваат за своите проекти, филмови, театарски претстави, како да очекуваат од мене да им помогнам, како нивните проекти да се во мои раце. Кога им реков: „Ама каква врска имам јас со тоа, луѓе?“ ме гледаа сомничаво. Еден од нив ми рече: „Не прави се недоветен, знаеме дека ти си следниот министер за култура“. Сфатив дека додека сум бил на одмор, некои медиуми објавиле, „од проверени извори“ дека јас сум следниот министер, дека сум прифатил и дека тоа е веќе завршена работа. Меѓутоа, мене никој ми се немаше јавено, ниту ми беше понудено такво нешто. Стануваше збор за класична дезинформација. И бидејќи кај нас е бесполезно да се бориш со дезинформации, јас решив да бидам министер за култура бар седум дена, додека не се назначи новиот. Знаете ли колку милиони денари поделив по кафеани и кафулиња за тие седум дена, за филмови, претстави, изложби? Никому не реков „не“, на сите им ветував огромни суми и луѓето беа презадоволни. Мислам дека тој мандат од седум до десет дена бил најуспешниот мандат на еден министер за култура во историјата! По десетина дена, се објави името на вистинскиот министер и веќе никој не ме повика. Ме заборавија. Иако јас бев, повторувам, најдарежливиот министер за култура. Звучи како шега, ама не е бенигно. Замислете да фатев да демантирам. Ќе изгубев цела седмица во деманти, ќе се јавеа луѓе со „противаргументи“... и отиде спокојството потребно за пишување – вели Андоновски. „Супер вест е, што има тука?!“ Во деведесеттите години Петар Горко бил водител на Интернационалниот фестивал на забавна музика „Интерфест“ во Битола. Доаѓаа странски пејачи и пееја на македонски. Прекрасни дружби, многу новинари, разни списанија, дневни весници што секојдневно известуваа, фотографираа зад сцената итн. Една од тие години, за да бидеме веројатно поблиску до светските вести, осамнува наслов во тогашен „Екран“ – „Интернационална љубов – Петар Горко и Озлем Текин“ (инаку денес позната рок-ѕвезда во Турција). Се сеќавам, млад, дваесет и некоја година, неделникот пишуваше многу за културата и театарот, јас мислам дека сите ме познаваат во Македонија... Прво ме облеа пот, се изнервирав, почнав да ги барам новинарите и фотографите... Ги најдов, џабе, ми рекоа: „Супер вест е, што има тука?!“ Велам, не е точна, зошто без прашање сте го направиле тоа? Ми рекоа дека не е ништо страшно, сум морал да се навикнам на такви работи и во тој стил се „вадеа“. Бев вознемирен, се објаснував со луѓето на фестивалот, а и во градот... Сега не би се објаснувал, зашто со секоја одбрана сè повеќе и повеќе тонеш. Луѓето им веруваа повеќе на вестите и на сликите отколку на оној што се брани. Помина тоа како што помина, но остана на мене една лага, која ми беше непријатна. Кога жолтиот печат почна да зема замав, сфатив дека не можам да се борам против ваквите работи. Оттогаш секогаш кога давам интервју, сакам прашањата и одговорите да ги видам претходно пред објавување. И тоа го практикувам до денес. Така сум помирен дека нема да ме извадат од контекст или нема некој да ми натовари уште некоја лага – вели Горко. „Во афект, станав извор на дезинформација“ Дека нештата секогаш имаат најмалку две страни, а јавните личности лесно може да се најдат и од едната и од другата, потврдува другата анегдота на Андовски. И самиот вели: „Понекогаш, и самиот од невнимание сум создавал недоразбирања во јавниот знаковен сообраќај“, вели тој. Колумни пишувам 34 години, а кој многу работи – тој и греши. Еднаш, целосно невнимателно, повлечен од силен афективен контекст (стануваше збор за „Крвавиот Велигден“ и убиството на момчињата и рибарот кај Смилковското Езеро), напишав дека тоа можел да го стори само атеист. И си ја навлеков бељата: атеистите со право ме нападнаа. Не помагаше ни тоа што навистина контекстот беше таков, зашто јас навистина сакав да кажам дека ако некој може да стори такво нешто на најголем верски празник, тој не ги почитува верниците. Но не кажав така, и станав извор на дезинформација, зашто и тогаш и сега знам дека меѓу атеистите (повеќето мои пријатели и не се верници) има и подобри луѓе одошто меѓу номиналните, формални верници. Си ја платив дезинформацијата. И тогаш и сега – се извинувам. Секој има право да биде тоа што сака, се разбира, доколку не ја загрозува слободата на другите – дециден е тој. Според Горко, денес состојбите се многу пострашни во однос на деведесеттите. Социјалните мрежи, одредени портали, посебно во соседството, се занимаваат исклучиво со „спектакли“. Во насловот им ја читаш сензацијата, а внатре празно, лажно, само за еден лајк плус. Ужасно, навистина. Знам дека вестите во мејнстрим медиумите се копи-пејст, по наредба, платени од некого. Така е секаде во светот, па и кај нас. Тешко е да се препознае вистинска вест, реална, со труд на новинар што се потрудил длабоко да ѝ се посвети на својата професија. За нив секоја чест, браво. За жал, тоа е реткост. Како и сè друго во државава и во светот што се менува на многу нивоа, а ние трпиме, заплашувани со секоја ударна вест на вести, портали итн. Најдобар пример е кошмарот – корона! Се сеќавам на првите видеа од Кина каде што луѓето божем паѓаа од болеста и на лице место умираа. Кое заплашување, кој страв во секое човечко битие во светот. Зошто?! Па најубаво се владее и заработува во цел свет кога им сееш страв на луѓето, вниманието е веќе поделено, потоа ги доразделуваш по која било основа, политичка, верска и каква уште не... Но, свесните луѓе го знаат тоа, се повлекуваме, не гледајќи вести, телевизија, не читајќи жолти портали... Среќа, ја работам најубавата професија (за мене), па ме исполнува до крај, сè уште ја пуштам фантазијата до бесконечност и назад, уживам, читам книги, гледам филмови, серии, се смеам, пеам со колегите на „Глумците пеат“ и таа енергија, таа фузија, е непроменета, зашто е човечка, вистинска, а не лажна – завршува Горко. Весна Ивановска-Илиевска   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Gtm 3

„Бехтел – Енка“ не го изгради новинарството

Спорниот договор со конзорциумот „Бехтел – Енка“ за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д ги стави на испит и главните медиуми во државава. Известувањето за тоа како се дојде до тоа да се сменат дузина закони на штета на граѓаните и на јавниот интерес, а во корист на конзорциумот, ја потенцираше старата болка на македонското новинарство – стихијното известување и секоја вест трае три дена. Оваа моја констатација важи, пред сè, за 2021 и 2022 година кога во суштина Владата го направи најголемиот зулум околу штетниот договор со конзорциумот, при што во оваа 2023 година веќе се гледа континуиран притисок од медиумите околу целиот процес. Но, штетата е веќе направена и веројатно е неповратна. Како известувавме за случајот? Повеќето медиуми, пред сè водечките што имаат моќ да влијаат врз јавното мислење и да ја мобилизираат јавноста, речиси секогаш реагираа пост фестум откако некоја институција (како Антикорупциска – ДКСК) или граѓанскиот сектор ќе реагираа во јавноста. Главните медиуми многу малку ја препознаа опасноста од тоа што се подготвува. Пребарувајќи на интернет што сè е објавено во македонските медиуми во периодот од 2021 до 2023 година за „Бехтел – Енка“, се гледа маргиналното и тивко нотирање на клучниот проблем, а тоа е ставањето на „Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“ над многу други закони што се важечки во државава. Преседанот со страшната одредба во членот 3 алинеја 4 дека овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, не се препозна доволно силно од медиумите. Во најкритичниот момент, по поднесувањето на Законот во Собранието, медиумите пред сè ја следеа негативната реакција на Антикорупциската комисија. Главен наратив беше што нема да има тендер за коридорите, а мал дел од медиумите ја проширија темата меѓу кои и со интервјуа со вицепремиерот Артан Груби, кој се истакна како главен промотор на овој проект. Ретки исклучоци, само неколку влијателни онлајн портали посветуваа поголемо внимание на овој случај. Сите други, ги носеше дневниот ритам и повремено некритички известуваа за Законот. Интересно е да се анализира периодот пред локалните избори во 2021 година. Веќе беше донесен Законот за стратешки партнер, имаше медиумски реакции, но тие токму во период кога можеше да се изврши притисок врз партиите, бидејќи се ултра осетливи на критики во време кога директно им се обраќаат на гласачите, едноставно потполно замреа. Ако се провери периодот од 1.9.2021 до 31.10.2021 година, само во два дена се споменува случајот. На 29.9.2021 веста е дека тогашниот премиер Зоран Заев се сретнал со претставници на компанијата. Во еден-два текста имаше критички тонови, но во другите неутрално пренесена вест. Само два месеца претходно се известуваше за опасностите од донесениот закон, но медиумите како да ја заборавија темата. Едноставно се премолчи сè. Но, молчеше и опозицијата, која не се истакна во тој период околу заштита на јавниот интерес. Во текот на 2022 година од време на време темава се јавуваше во медиумите, по што ескалираше во последниве месеци од 2023-та. Главни промотори на туркање на темава беа мал дел од медиумите, кои сериозно почнаа да истражуваат што сè се случува околу овој закон, но вистинскиот медиумски бум се случи откако се виде што сака власта да смени во законите. Но, веќе беше предоцна. А, интересно е што деновиве гледаме како претседателот Стево Пендаровски најавуваше дека ќе ги разгледа донесените закони во корист на конзорциумот и и даде надеж на јавноста дека можеби нема да ги потпише, со што ќе се вратеа во собраниска процедура. Но, во трите дена лажна надеж, никој не потсети како Пендаровскиво 2021 година експресно го потпиша Законот со кој се овозможи смената на дузината закони. (Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер е изгласан на 15 јули 2021, потпишан од Пендаровски и објавен во Службен весник на 16 јули 2021) Каде потфрливме како медиуми? Каде е проблемот зошто јавноста, ние новинарите и медиумите затаивме. Проблемот е повеќеслоен и ги опфаќа сите аспекти на медиумскиот живот. Тука влегуваат сопственичката структура и интереси, поставеноста на уредувачките политики, функционирањето на самите редакции како и проблемот со нас, новинарите. Ќе посветам внимание, пред сè, на уредувачките политики и на нашиот, новинарски однос кон обработка на темите. 1. Сопственици и конкуренција Што се однесува до интересите на сопствениците, од моето искуство можам да кажам дека ако немаат директна врска со некоја партија, со што целта им е да задржат или да сменат некого од власт, примарна цел им е профитот. И да, тоа не е спорно. Секој приватник инвестира за да има профит. Но, медиумите имаат и општествена одговорност и затоа се законски регулирани. Мора да информираат за теми од јавен интерес, особено кога станува збор за најскапата инвестиција од 1,3 милијарди евра. Затоа, клучен проблем во моментов во Македонија е што нема здрава конкуренција меѓу медиумите. Тие веќе не се борат за пазарен удел и немаат желба да бидат најгледани. Поважно е да се добијат пари од државни реклами и ако не ги добијат, негативно да се постават кон владата. Но, не се натпреваруваат меѓу себе. Статус кво. Провладините ќе си бидат провладини, опозициските опозициски, а оние што тежнеат кон некаква неутралност на крајот од денот немаат порив да се натпреваруваат бидејќи парите од рекламниот колач ќе дојдат без разлика на гледаноста и неповрзано со довербата што медиумот ја има кај граѓаните, па ќе се покријат трошоците, сопствениците ќе бидат среќни дека заработиле и толку. Значи, вистинската, пазарна конкуренција е убиена бидејќи секој си добива дел од колачот по веќе воспоставена рутина. Едноставно, како секој да си се помирил со позицијата и е задоволен од таму каде што е. Фото: freepik.cim 2. (Не)зависна уредувачка политика Ова немање натпревар меѓу сопствениците, се одразува и на уредувачките политики. Тие се устроени така да ги задоволат ситните бизнис потреби на сопствениците, но ако тие немаат политички агенди, тогаш има голем простор добар дел од вестите да се самостоен уреднички/новинарски продукт. Но, зошто би имале автохтон, уникатен и посебен уредувачки концепт кога никој тоа не го бара. Нема натпревар за гледаност. За влијание. За доверба. Нема натпревар да се биде подобар од другиот и да се заземе неговото место. Да се освои вниманието на презаситената публика која избегнува вести. И ова го гледаат новинарите, а им одговара на уредниците. Новинарите по линија на помал отпор сработуваат дневни теми, ја земаат својата доза на слава и си одат дома. Уредниците, пак, лесно поминуваат со теми што се во јавноста и не се напрегаат со сериозно осмислување на уредувачката политика и земање активно учество во обликување на големата слика. 3. Отсуство на сектори во редакциите Со ова доаѓаме до сржта на проблемот. Тоа е нефункционирањето на редакциите и немањето специјализација на новинарите. Веројатно мојата констатација за (не)функционирањето на редакциите веднаш ќе се обидат да ја побијат дел од колегите, но ќе потсетам дека одамна во информативните редакции немаме посебни секторски редакции за внатрешна политика, за надворешна, за култура, за класична црна хроника и секако нема за економија. Постоењето на ваквите редакции на чие чело се уредници што ќе ги координираат новинарите од одредените ресори во соработка со уредникот на целата информативна програма ќе помогне да се гради уредувачката политика и содржината на вестите. Спротивно на сите стереотипи дека сопствениците се тие што седат во некој ќош на телевизијата и диригираат со сè, реалноста сепак остава огромен простор за професионално и од јавен интерес формирање на изгледот на новинарскиот продукт. Фото: freepik.cim Немањето секторски редакции нè носи и до вториот проблем, а тоа е немање специјализација на новинарите и сè полошата работа на уредниците со помладите колеги што се во информативните редакции. Помладите колеги што треба да го заземат местото на поискусните и во иднина да бидат тие што ќе обучуваат колеги што го учат новинарскиот занает, се во базенот наречен информативна редакција и многу често немаат специјализација за одредени области. Со нив работат дневните уредници или директно главниот уредник, кои поради спецификата на работењето се „сештари“ и се помалку специјализирани за одредени области. Најлошо од сè, многу ретко се наоѓа помлад новинар, значи под 35 години, кој е специјализиран за известување за економија. Во нормална поставеност на редакциите, освен уредниците како креатори на содржината и на формата на вестите, преку колегиумите што би требало да функционираат и новинарите би можеле да издигнуваат одредени теми и да укажуваат кој е општиот, јавен интерес. Со меѓусебната размена на идеи би се дошло и до поголем квалитет, но и ќе се одбегне и лесното ставање под тепих на ваквите теми, посебно во период кога навистина може да се изврши притисок врз власта за да не презема штетни мерки. Заборавивме дека не е сè во рејтингот, нешто е и во довербата Во оваа длабоко закотвена „купи ден-продај“ рутина во којашто медиумите почесто ги следат агендите на политичарите, на бизнисот, уште повеќе ги засилуваме симптомите на новата дијагноза за однесувањето на публиката – избегнување да се следат вести. Тоа, впрочем, го потврди и Ројтерсовиот институт во својот последен годишен извештај во кој традиционално се испитуваат навиките на публиката и трендовите кај медиумите. Заситена од негативни вести, поларизирано информирање, популизам, драстично е намален прагот на трпение да се слушаат дебатни емисии што личат на дијалог на глуви, пренос од прес-конференции и партиски соопштенија стилизирани со „тој рече-овој рече“. Граѓаните не ни веруваат. Последната анкета на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), објавена во декември 2022, покажа дека 7 проценти од испитаниците во голема мера им веруваат на медиумите, додека 20 отсто во голема мера не им веруваат. На граѓаните им требаат корисни информации што ќе им помогнат да направат информирани одлуки: да земат евтин кредит, да имаат пониски трошоци за живот, да бидат кусо и прецизно информирани за глобалните и за домашните случувања и да отвораат прашања и теми кога е загрозен јавниот интерес. Затоа оваа незавидна положба во која се затекнати медиумите (не само кај нас, туку и глобално) е шансата за поправен испит. А тоа е да ја вратиме довербата. Но, како да дојдеме до неа? Се чини дека е дојдено времето да се вратиме на почетокот – основите на новинарството. Во овој налет на нови технологии, занес по моќни и евтини можности за продукција, се чини го изгубивме фокусот и причината за нашата улога. Затоа да си ја повториме првата лекција во новинарството: ние постоиме заради граѓаните, им се обраќаме ним, ние сме нивниот глас и професионални бранители на јавниот интерес. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Phone 23

Тикток – брзорастечки канал за ширење дезинформации

Манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или видеа за војната во Украина се најчестите дезинформации што се објавуваат на социјалната мрежа Тикток, која на месечно ниво има околу една милијарда активни корисници и повеќе од 700 милиони објавени видеа.  Според Истражувањето на NewsGuard, речиси 20 проценти од видеата претставени како резултати од пребарувања за одредени теми на Тикток содржеле дезинформации. Комуникологот Сеад Џигал вели дека ова се должи на порастот и на популарноста на самата социјална мрежа. Поради порастот на популарноста на Тикток, сѐ поголем е напливот на дезинформации на оваа социјална мрежа од различни злонамерни чинители заинтересирани нивните дезинформации до стигнат до што поголем број корисници. Тикток е важен извор за информирање кај помладите корисници и кај нив има најизразено негативно влијание. Најчесто се поставуваат манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или, на пример, видеа за војната во Украина, каде што преку различни техники многу често се дезинформира што навистина се случува во овој конфликт, вели тој. Платформата на која се пласираат куси видеа е застапена во 141 држава и е веќе преведена на 39 светски јазици. Од неговото лансирање во 2016 година, Тикток бил преземен околу три милијарди пати и со тоа успеа за нешто повеќе од четири години да го постигне она што на Фејсбук и на Инстаграм им требаше да го направат за 10 години. Правилата и стандардите за содржината на Тикток забрануваат дезинформации што претставуваат ризик за јавната безбедност, медицински дезинформации, дезинформации за климатските промени, опасни теории на заговор како и материјал што е уреден, споен или комбиниран (како видео и аудио) на начин што може да доведе до заблуда за настани од реалниот свет. Според Џигал, интерниот систем за заштита на дезинформации на Тикток е корисен, но далеку од совршен. Тикток, како и поголемиот дел од социјалните мрежи, има интерен систем за пријавување проблеми и злоупотреби. По проверка на пријавите, содржините можат да се отстранат или, пак, да се блокираат одредени корисници. Исто така, мрежата користи и софтверски алатки, какви што се различни алгоритми за пребарување и детектирање одредени содржини, вклучително и дезинформации. Овој систем е корисен, но е далеку од совршен затоа што може само да го намали штетниот ефект од дезинформациите, но не и целосно да ги отстрани, вели Џигал. Неговите препораки за заштита од дезинформациите, покрај наведените методи и алатки за нивно пријавување и отстранување, се едукацијата и обучувањето на корисниците да препознаваат дезинформации, да ги пријавуваат и да ги маркираат како штетни и манипулативни, бидејќи, според него, доколку се намали ефектот на дезинформациите врз корисниците, тогаш ќе се намали и мотивацијата на оние што ги објавуваат да го прават тоа и понатаму.  Џигал смета дека младите корисници се најранлива категорија поради нивните сѐ уште недооформени вештини за критичко преиспитување на информациите и на содржините на Тикток.  Убедливоста на визуелните содржини е особено моќна и за нив е многу потешко да ги препознаат манипулациите и дезинформациите затоа што за нив е реално тоа што го гледаат со своите очи, иако е сѐ полесно визуелните содржини да се уредат и да се манипулира со нив. Конечно, влијанието на нивните контакти и пријатели го олеснува ширењето на дезинформациите, затоа што ако дезинформациите им се пратени или споделени од корисници на кои им веруваат, тие некритички ги прифаќаат како вистинити, вели тој. На него се надоврзува и професор д-р Ана Фрицханд од Институт за психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, која вели дека причините за тоа лежат во достигнатиот степен на развој во целост, како и степенот на емоционална зрелост, потоа капацитетот за критичко мислење и филтрирање на важните од неважните (и штетни) информации, способноста да се разликуваат добри од лоши, односно правилни од погрешни постапки и однесувања, степенот на консолидираност на личниот вредносен систем, возрасниот период во кој се наоѓаат, степенот на развој на мозокот, степенот на оформеност на идентитетот и изложеноста на врснички притисок. Секој поединец се разликува од другите, а тоа е случај и со децата и адолесцентите. Во овие периоди од животот многу е важно со какви модели се идентификуваат, бидејќи се склони да го имитираат и да го повторуваат однесувањето на тие модели, кое доколку е несоодветно или насилно, може да претставува сериозен проблем. Воедно, во периодот на адолесценција интензивно се формира идентитетот и се одвива клучниот процес на индивидуализација, што само по себе претставува сериозна развојна задача што носи многу предизвици, вели таа. Фрицханд појаснува дека периодот на рана адолесценција (12, 13 и 14-годишна возраст) е познат по високиот степен на конформирање со групните барања и норми, па адолесцентите честопати не покажуваат конзистентно морално однесување.  Тоа во практика значи дека кога се во група и под влијание на врсниците, склони се да го прават тоа што сите го прават, дури и кога е во прашање однесување што авторитетите не би го одобриле и кое самите не би го манифестирале кога не би биле под будното око на врсниците. Исто така, периодот помеѓу 10-тата и 12-тата година, познат како предадолесценција, се карактеризира со значајни транзиции во развојот на мозокот и во продукцијата на хормоните на среќа (окситоцин и допамин), поради што почнуваат поинтензивно да бараат социјални награди, кои честопати се мерат преку бројот на лајкови добиени на поставените содржини на социјалните мрежи, вели д-р Фрицханд. Оттука, дополнува таа, не е исклучено да повторуваат ризични постапки (познати како „предизвици“) и да ги поставуваат онлајн за да го проценат степенот на сопствената популарност преку бројот на добиени лајкови. Притоа, според нив, колку е поголем бројот на лајкови, толку е поголема популарноста и социјалната награда. Имајќи го сето ова (и уште многу други фактори) предвид, јасно е зошто децата и адолесцентите се ранливи и полесно подложни на манипулација во интернет-просторот. Токму затоа, клучен е квалитетниот однос со родителите/старателите, исполнет со доверба, меѓусебна почит, искреност и квалитетна комуникација во насока на превенција и заштита од ризиците по психичката благосостојба, кои извираат од неселективното и несоодветно користење на социјалните мрежи и интернетот воопшто, посочува таа. Фрицханд вели дека доколку некритички и неселективно се пристапи кон прифаќање на сè што се презентира на која било социјална мрежа, тоа може да влијае штетно и негативно врз секој што ја користи. Тоа може да ги насочи размислувањата, верувањата, чувствата и ставовите кај дел од луѓето и да влијае врз одлуките што ги носат и однесувањето што го манифестираат. Притоа, колку се корисниците помлади, поради што се соочуваат со низа когнитивни ограничувања што ги носи достигнатиот степен на развој со возраста, последиците се дотолку поштетни. Кај возрасните поединци се очекува дека степенот на критичко мислење и корпусот на знаења и информации што се поседуваат е поголем, па оттука можат поподготвено да ги селектираат содржините што ги прегледуваат на социјалните мрежи и тоа што избираат да го читаат, гледаат и слушаат, вели таа. Во однос на препораките, Фрицханд вели дека треба да се да се следат проверени и релевантни извори на информации, а потоа и да се проверуваат консултирајќи повеќе и различни релевантни извори, бидејќи на тој начин ќе се изгради пообјективна информираност за темите од интерес за поединецот. Кога станува збор за помладата популација, посебно децата што се во интензивен процес на развој, со сѐ уште неоформена структура на личност и идентитет, родителите/старателите треба да обрнат внимание на тоа за која цел тие ги користат електронските уреди, колку време поминуваат пред екраните и дали и кон какви содржини пристапуваат кога се онлајн, вели таа. Фрицханд потенцира дека е особено важно децата да бидат добро информирани за негативните последици од изложеноста на содржини несоодветни за нивната возраст и за начините како да ја заштитат сопствената безбедност во интернет-просторот. Покрај ова, треба да имаат достигнато одреден степен на сознаен развој и на емоционална зрелост пред воопшто да пристапат на која било социјална мрежа.  Сето ова бара посветеност од родителите/старателите, како и нивна активна и континуирана вклученост во процесот на квалитетна комуникација со децата, преку која ќе им објасни кои се ограничувањата поставени пред нив и зошто се поставени соодветните ограничувања – смета таа. Имајќи ги предвид штетните влијанија какви што се зависност, дезинформации, безбедност, ментално здравје и заштита на податоци, апликацијата е забранета за употреба од страна на вработените во државната администрација во 34 (од 50) земји во САД како и во повеќе држави во Европа. Во мај 2023 година, Монтана стана првата држава што го забрани Тикток на сите лични уреди во државата.  Автор: Ангела Рајчевска   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Cover Regional Doc

Регионални документарни филмови за медиуми и за новинарство што мора да ги гледате: Што е добар документарец?

Филмскиот теоретичар Бил Николс пишува за шест вида документарни филмови – поетски, толкувачки, рефлексивни, набљудувачки, перформативни и партиципативни – секој со свои разнолики карактеристики. Станува збор за начинот на кој ја раскажуваш приказната. Пишува: Мирза Ајнаџиќ Поетскиот документарец говори првенствено преку визуализации, со малку или без интервјуа и без нарација. Со други зборови, товарот паѓа на директорот на фотографија, кој треба да создаде впечатливи слики способни самите да ја раскажат приказната. Рефлексивниот документарец креира директна врска меѓу режисерот и публиката, во кој режисерот зазема улога во самиот филм. Веројатно еден од првите и сè уште најдобрите рефлексивни документарци е филмот на Џига Ветров „Човек со филмска камера“ од 1929 година. Набљудувачките документарни филмови се донекаде слични на поетските во тоа што и двата вида се, пред сè, фокусирани на детално набљудување, во кои камерата доминира со долги сцени. Кај перформативните документарци режисерот го претвора филмот во забавна претстава. Авторот често има близок, личен интерес во темата и затоа во ваквите филмови се искажани многу силни мислења. Партиципативниот вид е кога режисерот учествува во приказната наместо да ја набљудува. Режисерите се пред камерата и поставуваат прашања. Не влијаат врз темата, но ја кажуваат својата верзија на вистината или како гледаат на неа. Најдобрите примери се филмовите на Луис Теро, британско-американски документарист и новинар. Најчестиот вид документарен филм е толкувачкиот. Ваквите филмови едуцираат или објаснуваат одредени проблеми, трендови или настани. Во нив се прикажуваат интервјуа, нарација, различни видови архивски материјали, визуализирани податоци... сè со цел темата да ѝ биде појасна на публиката. Повеќето документарни филмови што ќе ги споменам овде спаѓаат во овој вид. Да разјаснам, барав документарни филмови за новинари, а не нужно направени од новинари. Значи, темите што ги опфаќаат филмовите што ги издвоив овде се: работата на новинарите, тешкотиите со кои се соочуваат, приказните што ги проследуваат. „ОДГОВОРНОСТ“ – улогата на медиумите и на новинарството во ширењето пропаганда „Архител продукција“ од Србија е основана во 1993 година, оставајќи печат најпрво со серијата „Слики и зборови на омраза“. Нивната главна цел е да се борат против цензура и злоупотребата на медиумите при справувањето со минатото. Едночасовниот филм „Одговорност“ од 2022 година, напишан од Ивана Лалиќ и режиран од Горан Ковачиќ, покажува како медиумите беа употребувани како алатки за пропаганда во деведесеттите години на минатиот век во Србија. Се состои од интервјуа со новинари и од архивски снимки за медиуми, монтажери и новинари што тогаш биле дел од машинеријата за ширење пропаганда. „Одговорност“ е класичен наративен толкувачки ТВ документарен филм, кој ги објаснува проблемите и ја едуцира јавноста, во случајов како и зошто медиумските професионалци завршуваат како алатки за пропаганда. Филмот употребува едноставен, но веројатно најуспешниот метод за раскажување на ваквите приказни: наративот го носат серија интервјуа на луѓе што говорат директно во камерата. „СИЛА ВРЗ СЕДМАТА – СЛУЧАЈОТ ВО ЦРНА ГОРА“ – „Во основа – мрачна слика за атмосферата во која на медиумите не им е дозволено да работат слободно и да ја имаат можноста да ја коригираат власта и да бидат еден од столбовите на демократијата“ – цитат на нараторот во документарецот. Продуциран во 2018 година, „Сила врз седмата – случајот во Црна Гора“ е едночасовен документарен филм за напади врз новинарите. Ја доловува мрачната слика на општество во кое истражувачкото новинарство има цена. Во филмот има новинари од цела Црна Гора, кои известувале за случаи со корупција и биле нападнати, а во некои случаи и убиени поради тоа. Она што ја прави атмосферата во филмот уште помрачна е тоа што ниеден од случаите не е разрешен од полицијата, обвинителите и од судиите. Тоа што криминалните случаи врз новинари поминуваат неказнето, велат авторите, води кон повеќе напади врз нивните колеги и оттука се поставува и прашањето: дали надлежните органи се соучесници во овие напади? Овој наративен документарец користи интервјуа, архивски снимки и одглумени сцени како инсерти. „ОПАСНА МРЕЖА“ – „65 % од онлајн нападите кон новинарите се против новинарки“ – цитат од документарецот Овој 12-минутен документарен филм „Опасна мрежа“ од РС Македонија е за онлајн нападите кон новинарките. Се темели на истражување направено од ПИНА (Платформа за истражувачко новинарство и анализи). Документарецот балансира помеѓу видеорепортажа, филм и промотивно видео. Авторите користеа компјутерско-генерирани слики (CGI), интервјуа и инсерти од секојдневниот живот на учесничките, што придонесува за филмското искуство. „JUNK FOLDER“/ТОВАРОТ НА ИСКУСТВОТО/ЦЕНАТА НА ВИСТИНАТА – серија документарни филмови во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар Сараево Овие три документарни филмови се во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар како дел од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“. „Junk Folder“, режиран од Ален Симиќ, беше емитуван за првпат во септември 2021. Филмот ја раскажува приказната за лажните вести што влијаеја врз Западен Балкан во последниве години. Овој 30-минутен филм нуди свеж стил на раскажување. Авторите употребија многу добро осмислени компјутерско-генерирани слики како инсерти за да создадат огромно стовариште за отпад, според мене, сугерирајќи дека е тоа вистинското место за лажните вести. Особено впечатлива беше сцената со гулаби што се хранат на стовариште за отпад – повторно паметно раскажување што опишува општество што „јаде тоа што му се сервира“ иако е отпад. Одличните интервјуа исто така му помогнаа на Симиќ да направи забавен документарец за оваа важна, но не и вродено филмска, тема. „Товарот на искуството“, режиран од Сабрина Чориќ, беше објавен во Ноември 2022. Судејќи по раскажувањето, визуализациите и режијата, овој филм, според мене, е најдобриот од сите споменати. Ја раскажува приказната за три новинарки од Босна, Косово и од Србија на многу едноставен начин. Заснован е на разговор во поткаст студио помеѓу трите протагонистки. Тие разговараат за заканите со кои се соочуваат секојдневно поради работата и како тоа им влијае врз секојдневниот живот, важна тема раскажана на едноставен, но ефикасен начин. „Цената на вистината“ е последниот документарен филм во серијалот, објавен онлајн овој февруари. Се фокусира на напади врз новинари во Србија. „Во центарот на вниманието се новинарот Милан Јовановиќ, кој ја изгуби куќата при подметнат пожар, Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита веќе 18 години, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ“ – се вели во синопсисот на филмот. Филмот започнува со наративно сведоштво на Милан Јовановиќ додека гледачите ги сведочат визуелните последици од нападот врз него и сопругата при подметнатиот пожар. Потоа следува приказната на новинарот Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ. Секоја од приказните може да биде документарен филм сама по себе, што донекаде и го посакував. Како и да е, добро се дополнуваат една со друга и создаваат еден документарец со добро визуелно раскажување од авторката Валентина Делиќ и затоа мора да се погледне. Она што ги прави овие три документарци интересни е синергијата помеѓу граѓанските организации фокусирани на медиумите, кои очигледно се заземаат за важни општествени проблеми, и филмските продуценти и режисери, чиј интерес е секако филмската страна на нештата. Види кратка видеокомпилација од сите документарни филмови од списокот овде. (Предупредување: Следново видео содржи сцени што може да бидат вознемирувачки!) НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК Новинарството и документарните филмови имаат многу заеднички нешта. Двете бараат приказни вредни за раскажување, особено оние што мора да се кажат. Трендот кај новинарите и кај медиумите да продуцираат документарни филмови за да раскажат приказна, расте. Новинарите вообичаено тешко се снаоѓаат со концептот „покажи, не објаснувај“, техника на филмското раскажување што се заснова првенствено на визуелни содржини. Она што можеби недостасува кај документарните филмови направени од новинари и од медиуми во регионот е свежиот пристап во визуелното раскажување. Тоа сепак не значи дека нема место за едноставен, наративен толкувачки документарец – некогаш е тоа најдобриот начин да се раскаже одредена приказна. Начинот на кој одбираме да ја раскажеме приказната некогаш е еднакво важен колку и самата приказна. Само погледнете го филмот од 2018 година „Валцер со Башир“ од Ари Форман. Станува збор за анимиран документарен филм во кој режисерот ги интервјуира своите пријатели воени ветерани за да ги пополни дупките во сеќавањето од настаните во Либан во 1982 година. Приказната би била интересна како и да е, но начинот на кој е раскажана го направи филмот одличен. Ако сте во искушение да помислите дека на филмовите за новинарство или на новинарските филмови им недостасува драма, тогаш гледајте го романскиот документарец од 2019 година „Колектив“ од Александар Нанау. Исто така, често се развиваат нови пристапи во снимањето филмови. Ја земаш камерата или мобилниот телефон и снимаш нешто што мислиш дека може да е добра приказна раскажана од твоја перспектива и потфатот може да прерасне во одличен филм, како што е „Камерман“ од Кирстен Џонсон од 2016-та, или дури и одличен колку и „За Сама“ од Ваад ал-Катаеб од 2019 година.   Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, се имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржина на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.