Институционалната отпорност кон дезинформациите и малигното странско влијание е клучна за зачувување на демократската структура на Северна Македонија. Применувајќи сеопфатен пристап што вклучува силни политики, технолошки напредоци, јавен ангажман и меѓународна соработка, земјата може да ја засили својата заштита против овие сложени закани.
Пишува: Џенур ИСЕНИ
Дваесет и првиот век век ја означува ерата кога информациите, односно дезинформациите, станаа едно од најмоќните оружја на глобалните суперсили и различни интересни групи, и кога институциите, особено оние што се занимаваат со надворешната политика на државата, се соочуваат со предизвици без преседан. Како што појавата на социјалните мрежи значително влијаеше врз брзината на обработка на информациите, така и популарноста на дигиталните платформи што сѐ повеќе доминираат во онлајн комуникацијата, направи отпорноста на институциите на дезинформациите и на малигното странско влијание да стане едно од најважните прашања за земјите на Западен Балкан, особено за Северна Македонија. Северна Македонија, позиционирана на раскрсницата на источните и на западните геополитички интереси, се соочува со уникатни предизвици во оваа област. Зајакнувањето на институционалната отпорност на малигните влијанија не е витално само за националната безбедност, туку и за зачувување на демократскиот интегритет и на јавната доверба. Овaa статија има за цел да ја истражи ситуацијата со дезинформациите и со странското влијание во Северна Македонија, отпорноста на институциите кон малигните влијанија и потребните следни чекори за зајакнување на отпорноста кон овие влијанија.
ЗЛОНАМЕРНОТО (МАЛИГНОТО) СТРАНСКО ВЛИЈАНИЕ ПРЕКУ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Стратегиските аспирации на Северна Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО ја направија централна точка за малигно странско влијание, особено од Русија и од Кина. Овие земји имаат интереси во обликувањето на политичкиот и на економскиот пејзаж на Балканот во согласност со своите стратегиски цели.
Русија, на пример, е вклучена во ширење дезинформации за да поттикне скептицизам кон НАТО и ЕУ. Истовремено, во истражувањето „Поттикнувачи на измама: Како начините на кои размислуваме поттикнуваат дезинформација“ на „Националниот фонд за демократија“ (National Endowment for Democracy – NED), Русија е идентификувана како главен извор на дезинформации на Балканот. Авторите на истражувањето истакнуваат дека Русија има сериозна улога во ширењето лажни вести во Северна Македонија, а како пример ја наведуваат пропагандата што беше распространета пред и за време на референдумот во 2018 година. Исто така, во истражувањето се истакнува дека „во месеците пред референдумот, страници на Фејсбук и на Твитер се појавија повикувајќи на бојкот на референдумот и ширејќи лажни информации за НАТО и за Западот, поттикнувајќи меѓуетнички тензии во земјата, која има голема албанска етничка заедница (најголемо малцинство во РСМ)“. Страшни слики кружеа од жена претепана од полицијата затоа што била против референдумот, што имаше цел да ги запали страстите на народот, споредувајќи го гласањето на референдумот со учество во фашизам или нацизам. Канцеларката Ангела Меркел со Хитлерови мустаќи и порака: „Го бојкотираме геноцидот на македонскиот народ“.
Ова ни покажува дека преку промовирање наративи што ги доведуваат во прашање придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО, Русија се обидува да го одржи своето влијание во регионот и да го спречи понатамошното присуство и влијание на западните институции.
Исто така, поранешниот министер за надворешни работи на РСМ Буjaр Османи во изјава за Евроњуз истакна дека Русија користи кампањи за дезинформација со специфични цели – вклучувајќи ширење лажни вести преку интернет-тролови – за, како што вели тој, „да ја распадне социјалната структура на општеството“ во земјата и на Западен Балкан, како и да го забави нивното приклучување во ЕУ.
Од друга страна, пристапот на Кина, иако различен, е исто толку моќен. Преку значајни економски инвестиции и инфраструктурни проекти, Кина има за цел да прошири позитивна слика на својот модел на управување, често придружена со деликатни кампањи на дезинформации што ја истакнуваат претпоставената супериорност на кинескиот систем.
Во изјава за Гласот на Америка, Ана Крстиновска, експерт за односите Кина – ЕУ – Западен Балкан, истакнува: „Кинеската пропаганда има повеќе цели. Една од најважните е портретирањето на Кина во исклучително позитивна светлина. Затоа, акцентот се става на кинеските економски достигнувања, кои несомнено се на високо ниво во последните 40 години. Сè повеќе акцентот се става на кинеската технологија и на технолошкиот напредок. Има тенденција да се елиминираат, минимизираат или да се релативизираат сите критики што можат да ѝ бидат упатени на Кина“. Во контекст на Северна Македонија, таа нагласува дека „според филозофијата на кинеската надворешна политика, нема големи или мали држави. Секоја држава има важност. Особено во контекст на Северна Македонија, ние сме членка на НАТО, членка на ОН, на Светската трговска организација, на Светската здравствена организација, на УНЕСКО и на низа други меѓународни организации каде што нашиот глас има иста тежина како гласовите на големите земји во светот“.
Иако Кина не користи исти методи на влијание и манипулација како Русија, таа се обидува преку пропагандни алатки да создаде позитивна слика пред јавноста во регионот на Западен Балкан.
ИНСТИТУЦИОНАЛНА ОТПОРНОСТ КОН ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ И МАЛИГНИТЕ ВЛИЈАНИЈА
Градењето отпорност на овие повеќекратни закани, бара сеопфатен пристап што вклучува развој на политики, технолошки иновации, јавен ангажман и сл. Северна Македонија постигна значителен напредок во овие области, иако се потребни континуирани напори за да се приспособи на новите предизвици.
„Справувањето со дезинформациите може да оди преку два начина: активна транспарентност и постојано инвестирање во професионален кадар. Кога една институција самоиницијативно ќе објавува информации за својата работа, за начинот на кој се донесуваат одлуки, политики, како и зошто се предлагаат законски решенија, се намалува просторот за шпекулации и ширење лажни вести, односно нема да се доведеме во ситуација кога има институционален молк, па јавноста сама да ги пополнува информациските празнини. Другиот начин е постојано унапредување на капацитетите на институциите, односно инвестирање во вработените и во алатки за работа. Речиси две децении работев во домашна и во странска јавна служба и искуството ми покажало дека кога имате професионалци што се ангажирани за односите со јавноста, или лица што се во институцијата подолго време и им се овозможува постојана обука и напредување, тогаш и справувањето со дезинформациите е полесно. Тие се кадарот што знае од кои центри доаѓаат нападите, кон што се најчесто насочени и добро ја знаат институцијата во која работат за да знаат каков одговор е потребен“ – изјави Билјана Радева, која работеше и во кабинетот на поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Меѓутоа Џенис Сулимани, новинар и член на кабинетот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, нагласува дека лажните вести станаа тренд. Според него, ова е благодарение на динамичниот развој на технологијата, односно на социјалните мрежи. „Институциите во најголем број случаи ја губат битката поради брзината со која веста стигнува до граѓаните. Единствениот заштитен механизам на институциите, сметам јас, е нивната транспарентност, отвореноста кон медиумите и граѓаните. Институциите треба да бидат повеќе кооперативни со новинарите, поотворени, со цел лажните вести да не добиваат замав. Недостатокот на отвореност на институциите создава простор за лажни вести и ги прави нив главни актери во јавноста. Честите средби на раководителите или на претставниците на институцијата со медиумите, преку брифинзи или конференции за медиумите, каде што има простор за одговор на секое отворено прашање, се добра одбрана против дезинформациите и малигните влијанија“, истакна Џенис Сулимани, новинар.
ПРЕДИЗВИЦИТЕ И НАСОКИТЕ ЗА ИДНИНАТА
И покрај значителниот прогрес, Северна Македонија продолжува да се соочува со неколку предизвици во своите напори за изградба на институционална отпорност против дезинформациите и малигните странски влијанија. Брзиот развој на тактиките на дезинформација значи дека институциите мора да се приспособат и постојано да бидат иновативни за да создадат отпор кон овие закани. Обезбедувањето одржливи фондови и политичка поддршка за иницијативите против дезинформациите е од витално значење. Владите треба да им дадат предност на овие напори, прифаќајќи дека отпорноста на дезинформациите е клучна за националната безбедност и за демократската стабилност.
Михајло Лахтов, експерт за медиуми и комуникација, вели дека дезинформациските кампањи станаа вообичаена појава во денешниот глобален информациски простор. Големи мултинационални компании, различни политички актери, па и цели влади користат најразлични средства и алатки да ги контролираат и да манипулираат со гледиштата и ставовите на граѓаните. „Годинава организацијата Фридом хаус го објави најновиот свој извештај за Слобода на интернет 2023, загрижено констатирајќи дека 13-та година по ред, слободата на интернет е намалена. Според овој извештај, кој опфаќа 70 земји, 78 отсто од популацијата живее во земји каде што луѓето кривично се гонат и се затвораат за работи објавени на интернет, а во 67 отсто од земјите има луѓе што биле нападнати или дури и убиени поради ставови што ги искажале на интернет“, истакна Лахтов. Тоа што е исто така многу важно, а произлегува како согледување од овој извештај, е дека владите во 47 земји (од вкупно 70 земји колку што опфаќа истражувањето), користеле или користат провладини коментатори на интернет или ботови и тролови за да манипулираат со јавното мислење. „Оваа бројка е двојно зголемена за само една декада, што упатува на алармантни трендови. Можностите што ги нудат дигиталните медиуми, а особено развојот на вештачката интелигенција, се огромни, а очигледно е дека тоа го сфатија и политичките актери насекаде во светот и сè повеќе почнаа да ги користат овие алатки за манипулација. Според ова истражување, користењето цели трол-фабрики, стотици луѓе што администрираат илјадници различни лажни профили и шират најразлични дезинформации и пропаганда, стана една од главните пропагандни алатки на некои држави и влади, и тоа е мошне сериозен проблем“ – потенцира тој. На крајот тој вели дека справувањето со ваквите проблеми, за жал, не е едноставно и опфаќа серија различни активности што едно општество мора да ги спроведува, почнувајќи од образованието, едукативната улога на традиционалните медиуми (особено јавниот сервис), едукација на сите категории граѓани, спроведување заштитни мерки против пропагандни активности од други земји итн.
„Државата мора да размислува и да креира стратегија како ќе се постави кон предизвиците на новото дигитално време, а таа стратегија ќе мора да ги вклучи сите сегменти во процесот, пред сè образованието“, - изјави Лахтов.
Институционалната отпорност на дезинформациите и на малигните странски влијанија е суштинска за одржување на демократската структура на Северна Македонија. Со усвојување сеопфатен пристап, кој вклучува силни политички рамки, технолошки напредоци, јавен ангажман и меѓународна соработка, земјата може да ја засили својата заштита против овие сложени закани. Додека предизвиците остануваат, колективните напори на владата, на граѓанското општество и на меѓународните партнери треба да понудат силна основа за одржлива и сигурна иднина.
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).