Кај нас сè се пишува со голема леснотија, што е поразувачки

Се чита за 4 мин.

Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјални мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски – вели актерот Сашко Коцев

Денес веќе никој не може да се заштити од дезинформација, затоа што протокот на информации со технолошките достигнувања е многу брз, нивото дури и на жолтиот печат е веќе надминато. Денес се случува инстант информација и вест, без никаква етика и никаква регулатива. Дури и да не е медиум, денеска информацијата лесно и брзо ја пренесува самиот читател со еден статус, а уште полесно друг читател стигнува до таа вест/информација – вели актерот Сашко Коцев, кој неретко бил мета на дезинформација. Како тој се справува со таквите ситуации, како возвраќа, дали демантира?

sasko1Сашко Коцев

Живееме во полусветови

Како што вели популарниот актер, лажни вести или дезинформации за него има на „сосема нерелевантни портали (ако воопшто може да се наречат така)“.

Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјалните мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски. Со еден збор – тоа се полусветови – вели актерот Коцев, еден од стожерите на Македонскиот народен театар.

Тој вели дека некои од објавите не ги ни дочитува, туку само се насмевнува, но на некои знае и да испаничи, па ги известува најблиските дека не станува збор за вистина, а на некои им бара објаснување како се родила самата информација и го бара изворот.

Ретко реагирам јавно со демант, а само еднаш сум реагирал бурно и тоа многу одамна. А, еве, како одминуваат годините, реагирам сè помалку, затоа што го разбирам и го согледувам опкружувањето и борбата за читаност. Најстрашна случка беше кога пред 5-6 години беше објавена вест дека телото на човек со кого го имавме истото име и презиме и кој трагично загинал, ќе биде пренесен во Македонија за два дена. Немаше никакво дополнително објаснување во медиумите, туку само стоеше истото име и презиме. Беше многу стресно, признавам, за сите најблиски. Сочувство до најблиските на лицето со исто име и презиме како мене – споделува Коцев.

Според него, најважно е да се освести консументот на информации, да ги проверува изворите и да почека релевантен медиум за истата информација.

Кого го интересира кој се развел, кој се скарал

За неговата колешка Весна Петрушевска, демантирањето не е решение и таа најчесто прави своја процена каде воопшто нешто е објавено и со каква намера.

vesna bejbi 2Весна Петрушевска

Тоа е време што јас си го почитувам, а и ќе им се даде многу повеќе кликови (читај) пари – се шегува актерката.

Таа вели дека се труди да не паѓа на „прва топка“ и проверува една информација на повеќе веб-страници.

На крајот од денот, информациите од типот: кој со кого е, кој се развел, кој се скарал... кого тоа го интересира? Мене, не! Но, многу е значајно да се доведе до ред кој може да има портал, кој ги задоволува информативните стандарди и треба да има казни за сите повреди, како што е углед и достоинство. Кај нас сè се пишува со таква леснотија што е поразувачки. Нема никаков етички и човечки однос! – категорична е Петрушевска.

За водителот и новинар Марко Марк, денес не мора да се занимавате со професија што е од јавен карактер за да бидете нечиј предизвик и мета за лажна вест, дезинформација и слично, „доволно е да имате корисничко име на која било социјална медиумска платформа споделувајќи нешто суптилно и лично и потоа веднаш без пардон можете да се најдете во инспирацијата на некој непознат автор“.

Иако најдлабоко во себе верувам дека во универзумот се случуваат настани за кои ни нашата најбујна фантазија не може да потврди дека ние сме ги создале или поттикнале. Никогаш не можеме да го промениме надворешното случување, тоа што е неопходно е промена само на нашето доживување или да го наречеме патот кон умешноста на живеењето, дури и во најситните детали… Секогаш ќе постојат креатори на стории, содржини за кои ни самите нема да бидеме свесни дека некој ќе нè поистовети со нешто, ќе нè обвини непотребно, не можејќи и немоќни секојпат да ги спречиме овие „настани“, дури на момент ќе ни го заматат умот, за миг со непријатната вистина… Вистина, со почетокот на технологијата започна и конкретната дехуманизацијата зад тастатурата – вели Марк.

Марко Марк: Секогаш да се чита изворот, авторот

„Во светот не постојат жртви и злосторници. Ниту сте жртва на туѓите избори. На некој начин сами сте го создале она што велите дека го презирате, а бидејќи сте го создале, значи сте го избралe“ – оваа мисла од Нил Доналд Волш поместена во книгата „Разговори со Бога“ му е водилка на темата.

marko 1Марко Марк

Бидејќи повеќето од нас се дневни консументи на приказните, опсервираме сѐ околу, мораме само да знаеме дека во огромен дел денес сѐ се прави за поголем рејтинг, монетизацијата е секаде присутна, па самите наши кликови, посети, дегустирања, читања, некому му носат личен профит и додавање уште некоја монета во личниот трезор. Неопходна е дигиталната писменост, присуството на менталната дијареја… За почеток, мојата препорака е секогаш да се чита изворот, авторот, релевантноста на текстот… Нека биде мал предуслов за да не бидеме повторно нечија жртва на измиени мозоци или мета на пазарот на маркетингот – вели водителот.

Според него, кога постојат состојби, ситуации, сценарија каде што навистина е загрозено личното право или, пак, е загрозена нечија животна приказна, некогаш е неопходно да се преземе конкретен чекор.

Постои и дирекција за заштита на лични податоци каде што би се пријавила повреда на правото на заштита на личните податоци или за посериозни интервенции во МВР. Но, цврсто верувам дека на крајот присуството на мудрото, свесното, рационалното, нашата трезвеност е интелигентната реакција и одговор на која било ниско свесно упатена провокација до нас и агресијата, гневот, нетолеранцијата, нетрпеливоста нема да ни донесе спокој. На крајот, простувањето, според мене, е најдобрата одлука – завршува тој.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска



Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).