Сеопфатно сексуално образование и дезинформации: Табуа наспроти придобивки

Се чита за 2 мин.

„Да е искрен, паметен, доверлив, да има разбирање. Да е интелигентен, учтив, трпелив, да е грижлив“. Ова се дел од заклучоците од вежба на час на околу 15 ученици од деветто одделение во скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“. Тие го слушаат изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование. Училиштето е едно од неколкуте во земјава каде што во септември почна да се спроведува пилот-програмата по предметот што сè уште предизвикува низа реакции во јавноста. Секакви. Каква врска имаат овие разумни, промислени ставови на 14-годишни деца, девојки и момчиња, водени низ материјалот од нивните наставници, со сите оние вулгарни содржини промовирани на социјалните медиуми во врска со воведувањето на ССО во образовниот процес?

Во земја во која голем процент од возрасните објаснуваат дека штркот ги носи бебињата, а грмотевиците ги толкуваат со „Дедо Боже се лути“, за случајно да не ги уплашат децата со зборовите „размножување, природна појава/електрично празнење“, веќе подолго тапкаме во место со еден предмет, кој во суштина треба да ја издвои оваа тема од предметот Биологија и на тој начин да ѝ се посвети посеопфатно внимание – не само биолошко туку и социолошко.

Но, во земја во која владеат табуата, во која секој ден црните хроники објавуваат по некој случај за полов напад врз дете, гневот се насочува во погрешен правец, во образовниот систем каде што детето во некоја форма би било дури и едуцирано да препознае и да избегне ваква ситуација.

Посебен случај за анализа се социјалните медиуми и групите што со дезинформации се обидуваат да го спречат воведувањето на предметот во редовното образование. Додека се вадат од контекст поединечни елементи: ученици во прво одделение ќе учат како се ставаат кондоми, се поттикнува абортусот, и мажите ќе може да раѓаат деца, болни реформи... обрнете само внимание на речникот во коментарите. Вулгарни, прости, фрустрирачки, навредливи, омаловажувачки, аргумент дека токму тие требало да посетуваат настава по Сеопфатно сексуално образование додека биле ученици.

По дефиниција табу е социолошки или религиозен обичај за забрана или спречување одредена практика. Ако зборот „секс“ сè уште е табу во нашето општество во првата и основна социолошка клетка – семејството, логично е прашањето постои ли семејство изолирано од секојдневни пцости со зборови што повеќе од сликовито имплицираат на табуизираниот збор? Но, ние сме докажани по двојните аршини во сè – одиме во црква, а на враќање дома вршиме прељуба, го сакаме ближниот свој, додека му забиваме нож в грб, ги штитиме децата од ССО, па ги лекуваме од сексуално преносливи болести. И додека дома е табу да се разговара со децата за основите на човековата природа, за репродуктивните органи, за заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, се забавува и процесот на воведување на овие содржини во образовниот систем.

Од многубројните коментари очигледно е дека најпроблематични се оние, социолошките теми, кои отворено укажуваат на различностите. Во актуелниот образовен систем репродуктивните органи кај човекот се застапени во теми од предметот Природни науки за шесто одделение: семеници (тестиси), мочен меур (уретра), пенис, семеводи, јајчници (овариуми), јајцеводи, матка (утерус), вагина, а шестоодделенци се деца на 11-12 години. Каде се иницијативите #СтопзаПрироднинаукизаШестоодделение на социјалните медиуми?!

Од друга страна, колку од сите поддржувачи на дезинформации имаат увид и контрола што гледаат нивните деца на дигиталните уреди, каде се информираат, како ги дознаваат темите за кои дома едноставно не се зборува? Колку време имате да им посветите на своите деца, да чуете што ги мачи, да ги прашате што прават на голем одмор, дали се жртви на врсничко насилство, како се справуваат со своето секојдневие? Што значи за нив една погрешна фотографија споделена на мрежата? Што размислуваат тие за предметот Сеопфатно сексуално образование?

За среќа, деветтоодделенците со своите наставници разговараат за етиката во една врска, за почит, за грижа, отворена комуникација и искреност, наспроти љубомора, изневера, нечесност, непочитување, уцена. Отворено зборуваат за вредности, за различности. Ако дома сте си ја завршиле работата како родители, сте им објасните на децата дека секој е различен на свој начин и дека тоа треба да се почитува, ССО нема да влијае врз родовата определба на вашето дете. Исто како што во шесто одделение се учи и предмет Етика/Историја на религиите, па не видовме некое дете да се преобрати од христијанство во ислам и обратно.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

Насловна фотографија: freepik.com