Не е важно колку, туку како младите го поминуваат времето онлајн

Се чита за 4 мин.

glavna 690x440

Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка што е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. – вели комуникологот Бојан Кордалов

Да се биде млад човек во дигитална ера, полна со безброј можности, опции и понуди, а истовремено да се живее во сиромашна земја како Македонија е вистински предизвик. Реално, денес младите го живеат судирот на „претходните генерации“, кои се родиле, живееле и функционирале главно во време без толку брз технолошки напредок и дигитализација, а кои денес иако ги ползуваат сите придобивки од интернетот, често сметаат дека порано се живеело многу подобро – вели Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Да се поттикнува критичкиот дух

Како денес се манипулира со младите на интернет? Како да препознаат што е вистина, а што е лажна вест? Кордалов вели дека возрасните треба многу да внимаваат кога комуницираат со младите, особено од позиција на јавни институции – треба да бидеме многу потолерантни и полни со разбирање и поддршка.

Bojan Kordalov1 2

 

– За да ја надминеме ваквата состојба, многу е важно да разбереме една клучна работа: дали дигиталните технологии и дигитализацијата ги ползуваме за корисни активности или, пак, таму залудно си го трошиме времето. Или со други зборови, денес, особено за младите, е помалку важно колку време поминуваат туку како го поминуваат времето онлајн. Младите природно се бунтовни, незадоволни од позициите статус кво и секогаш бараат повеќе. Тоа е и треба да биде одлика на секоја млада генерација. Она што возрасните треба да го прават е да се поттикнува ваквиот дух, но истовремено да се канализира, со цел младите да развиваат вистинско критичко и креативно размислување, што ќе биде влог за секоја единка за целиот негов или нејзин живот – вели Кордалов.

Според него, критичкоо размислување што се гради од најрана возраст е клучно особено за дигиталното созревање на младите генерации. Колку е повисок степенот на дигитална писменост и критичко размислување кон интернет и другите содржини, толку се помали шансите за злоупотреба или за манипулација на младите во дигиталниот свет.

Кордалов посочува дека на оваа тема, не се обрнува доволно внимание во образовниот процес.
– Не толку дека се нема волја, туку повеќе поради фактот што недоволно се вложува во дигитални вештини и бесплатни дигитални алатки какви што се компјутери, таблети и брз интернет за потребите на целокупниот образовен процес. Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка која е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. Без инклузивност на процесот, а особено без високи стандарди и услови за сите (брз интернет, уреди и стекнување дигитални вештини), само ќе го будиме стравот кај голем дел од популацијата и ќе останеме статус кво или ќе имаме делумна успешност во новините што ги спроведуваме – вели Кордалов.

Бленди Ходаи: Да се бориме против манипулации

Средношколците се жалат дека политичките партии се обидуваат да ги манипулираат на различни начини, и тоа најчесто користејќи ги социјалните мрежи. Бленди Ходаи, кој до пред некоја недела беше претседател на Сојузот на средношколците, вели дека многу често бил сведок на тоа колку политичките партии сакаат да се идентификуваат со нивната организација.
– Пропагандата е видлива, а и многу влијае врз нас младите. Никогаш не треба да дозволуваме злоупотреба на нашиот глас и на нашите права како средношколци од ваквите појави. Ние, сите заедно треба да се бориме против различните групи во општеството што преку манипулации сакаат да ги натераат младите да се борат за нивните тајни интереси – вели Ходаи.

Blendi Hodai 1Типичен пример на манипулација се случи кога во април годинава средношколци добиваа СМС-пораки со повик да ја бојкотираат наставата поради воведувањето дигитални учебници во основното образование.
– Случајот со бојкотот е само пример на пропаганда и манипулација. Пред ние да го организираме бојкотот како сојуз, средношколците бојкотираа – а голем дел од нив не знаеја ниту за што се бојкотира.

Средношколците беа изманипулирани преку една фејсбук-група што го организираше бојкотот. Овие примери треба да нè научат како да дејствуваме во иднина за да не се појават слични работи. Земајќи го предвид фактот дека никој не може да го контролира протокот на информации во време на дигитализација, важно е средношколците да бидат образовани за оваа тема. Препознавањето и контролирањето на информацијата, доколку тоа е лажна вест, е многу важно за иднината на нашата земја – вели Ходаи и додава дека пандемијата покажа дека треба да почнеме да се фокусираме на теми поврзани со овие појави како и со другите животни вештини.

Бојкот? Каков бојкот? Од кого е пораката?

Родител на средношколец од скопската гимназија „Орце Николов“ сведочи за непријатна и збунувачка ситуација во која се нашол нејзиниот син, ученик во прва година.
– По полноќ син ми добил порака во која пишувало дека следниот ден сите ученици не треба да се вклучат на онлајн наставата. Пораката ја видел следниот ден, половина час пред да почнат часовите. Не знаеше што да прави, ништо не му беше јасно. Во СМС-пораката пишуваше дека ќе ја бојкотираат наставата поради бојкотот на другите класови. Бојкот? Каков бојкот? Кои други класови? Од кого е пораката? Кој ја пратил? Кои училишта ќе бојкотираат? Дали е ова од Унијата на средношколци? Дали само „Орце“ ќе бојкотира? А другите гимназии и средни училишта? Дали да се вклучам? Што да правам? Тоа беа прашањата на кои тој немаше одговор. Јас го затрупав со дополнителни прашања, на кои тој не знаеше да одговори бидејќи ништо не му беше јасно – раскажува мајката на средношколецот.

Таа објаснува дека претходно никој не им се обратил на учениците, особено на тие од прва година, кои практично не се ни познаваат.
– Ја почнаа учебната година онлајн, се видоа вкупно два-три пати во годината. Никој не им кажал кој го организира бојкотот, зошто, кои се нивните ставови, никој не разговарал со нив. Од она што го знаев, пораката ја пратил потпретседателот на класот до учениците и до класната раководителка. Тие се придружија на бојкотот, иако бев убедена дека никој не знае зошто го прават тоа. По третиот час, сите се вклучија. За ученици од 15 години беше најважно дека губеле три часа. Следниот ден сите се вклучија во наставата – вели мајката на средношколецот.
Ова е типичен пример на манипулација на 15-годишни ученици, на кои најважно им беше што губеле часови. Секое чудо не за три дена, кај нас беше за три часа, завршува таа.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 
Насловна фотографија: Pixabay

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).