Раствор од магнезиум хлорид за подобро здравје, варова вода лекува рак… (зло)употреба на науката во ширење лажни вести

Се чита за 7 мин.

fake news foto 1

Борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните – таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење – вели проф. д-р Боце Митревски

Капки што лекуваат рак, чипувани вакцини против ковид-19, гел од полжав што лекува остеопороза, капа од алуминиумска фолија против 5Г-зрачење. „Науката вели“ дека сево ова помага, а кога „научниот факт“ е поткрепен со сведочење од паталец и комерцијално прикажан на телевизија, стигнува до широката публика. Влијанието е особено големо во време на пандемија од ковид-19, кога науката и лекарите се борат со противник што постојано ги изненадува и немаат доволно одговори на клучни прашања. Светската здравствена организација ова го опиша како „масовна инфодемија“.

„Науката вели, науката потврди…“ – зборови на кои луѓето им веруваат. Медиумите со леснотија ги пренесуваат, често преземени од регионални интернет-портали, зашто се полесни за превод. Во трката за информации малкумина го бараат основниот извор, а и да дојдат до него, ретко кој проверува дали треба да му се верува. Како се проверува кредибилен научен извор?

Spisanie Hemija 1

Едно од најреномираните научни списанија во Македонија

Д-р Миха Буклески е вонреден професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вели дека отсекогаш постоела дисеминација на непроверени информации, но со достапноста на интернетот и користењето на социјалните медиуми, пристапот до нив е многу поедноставен.

– Од друга страна, брзината со која се шират е молскавична. Сите текстови што се достапни на интернет, а немаат здрава основа на која ги темелат тврдењата или изложените факти, треба да се прифатат со резерва. Во голем број научно-популарни текстови се соочуваме со апсурдни тврдења и „факти“, во кои авторите се повикуваат на науката. Кај нас таков пример е минералот лорандит и рудникот „Алшар“, за кои се појавија низа написи со проблематична содржина. Слично беше и со рецептот за пиење раствор од магнезиум хлорид што требаше да ја подобри целокупната здравствена состојба кај луѓето, потоа следуваше пиењето варова вода за уништување на ракот итн… – објаснува Буклески.

И во реномираните научни списанија се протнуваат грешки

Во науката е малку поинаку. Изворот на идните информации мора да биде проверен и се следат определени правила за да може информацијата да стане дел од научната литература.

– Научните истражувања се спроведуваат во научни институти и во високообразовни институции, кои се регистрирани како вршители на научноистражувачка дејност. Добиените резултати се оформуваат во вид оригинална научна статија, која се праќа до уредувачкиот одбор на научното списание. Уредникот е првиот филтер за критериумите на иновативност, оригиналност и компетентност. Потоа, уредникот го доставува трудот до стручни рецензенти од соодветната област. Откако ќе биде одобрен, се објавува во научното списание. И меѓу научните списанија постои градација за реномето и за квалитетот. Едно од мерилата за квалитетот на списанието е факторот на влијание и класификацијата во базите на податоци како Scopus и Clarivate Analytics – објаснува Буклески.

Miha Bukleski

Тој вели дека единствените веродостојни извори на информации (примарни извори) се статиите (трудовите) објавени во научните списанија. Тие го имаат поминато патот на верификација на информациите во нив, од врвни светски експерти во научната област на која ѝ припаѓаат. Кон нив се придружуваат и учебниците и стручните книги (монографии), како релевантни извори (секундарни). Нивната содржина треба да се базира на објавените научни трудови и на веќе познатите факти.


– Но, сепак, постои мала веројатност и за провлекување грешни информации како во примарните така и во секундарните извори. Оваа веројатност е значително помала кај реномираните научни списанија. Познати се случаи кога некои списанија имаат објавено апсурдни трудови, со што се укажува на пропустите во уредувачка политика. Најпознат пример на измама во науката од поново време е лажното откривање на елементите со реден број 116 и 118 во 2001 година. Станува збор за физичарот со бугарско потекло Виктор Нинов, кој работел во Националната лабораторија „Беркли“ во САД. Овој случај бил голем срам за лабораторијата, но воедно бил и повод за воведување построги критериуми при објавувањето на научните резултати. Оттука се гледа дека голем удел имаат моралот и етиката на научникот, а цената за објавување неточни податоци е преголема од аспект на репутација и углед – вели Буклески.

Значењето на зборот „електрон“, од предисторијата до денес

Д-р Боце Митревски, вонреден професор на Институтот за физика при ПМФ, објаснува дека глобализацијата во современото општество се базира на три столба: информација, знаење и иновации. Така, во сè покомплексното општество во кое вредноста на информацијата расте брзо, императив е индивидуите да ги базираат своите заклучоци и одлуки врз основа на промислени, проверени и точни докази. Тој вели дека порано промените се случувале бавно. Пред нашата ера, од откривањето на својствата на килибарот (на старогрчки „електрон“) да привлекува ситни предмети, преку актуализирање на електричните и магнетните заемнодејства од Вилијам Гилберт во 16 век, подоцна идентификацијата на електронот како составен дел на атомот од страна на Џозеф Томсон при крајот на 19 век и сè до работата на Тим Бернерс Ли при крајот на 20 век. Во 21 век придавката „електронски“ станува симбол на промените, а информациите – претворени во модулирани проектили за инвазија врз луѓето.

– Луѓето, особено младите, лажните вести често ги прифаќаат како вистина и стануваат посредник во пренесувањето, а неретко цел или жртва на пропаганда, заблуда, измама. Во оваа смисла, борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните. Таа борба ниту е едноставна ниту победата може да се добие за кратко време. Таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење, развивање способности, дејствување во когнитивното, но истовремено и во афективното подрачје на ученикот – вели Митревски.

Nauka Spisanija Foto Pixabay

Фото: Pixabay

Според него, аналитичките процеси на расудување и критичкото мислење како активност најблиска до научниот метод, во суштина се напорни затоа што се потпираат на ресурсите на работната меморија на индивидуата. Учениците што критички размислуваат, преземаат проактивен пристап кон она што им се сервира, тие се поселективни кон информациите што ги прифаќаат, одржуваат неопходно ниво на скептицизам. Тие можат да ги идентификуваат карактеристиките на лажните вести.

– Иронично но вистинито, човекот не е само единственото разумно суштество, туку и единственото неразумно суштество. Размислува, користи идеи, концепти, прави аналогија, предлага модели, создава теории, контролира, предвидува, објаснува и образложува. Истовремено негира, одрекува, се самозалажува, создава погрешна претстава, ги извртува работите, има предрасуди, подложен е на стереотипи и погрешни верувања. Исто така, неговите мисловни процеси и продукти може да ги обележиме како јасни, прецизни, точни, релевантни, доследни, темелни, праведни. Но, често тие може да бидат нејасни, непрецизни, неточни, ирелевантни, неодредени, површни и пристрасни. Оваа парадоксална дихотомија на рационално-ирационално, односно логично-нелогично е во природата на човекот. Тој е склон на грешки и на самозалажување, понекогаш тврдоглав, ригиден, пристрасен и инертен, полн со предрасуди, подложен е на разни видови манипулација и често запаѓа во ирационалност, ментална фиксираност и разни видови интелектуално слепило. Таквата природа на човекот го прави ранлив, лесен плен во мрежата на многу ловци, па и во сопствената – анализира Митревски.

Во природата на човекот е тој да не се однесува критички

Тој смета дека природна одлика на човекот е да бара мотиви во пријатните чувства, да се задоволи со објаснување што на прв поглед има смисла, навидум изгледа правилно. Односно, во природата на човекот е тој да не се однесува критички.
– Во основа луѓето не се склони критички да мислат. Низ еволуцијата човекот научил толку да размислува, колку што е доволно за опстанок и за приспособување на околината и на условите. Така, нашиот когнитивен систем функционира врз база на два основни принципа – изнаоѓање соодветен образец и наративен начин на мислење – вели Митревски.

BoceMitrevski Photo 01 1

Според него, критичкото мислење од социјално-психолошки и културен аспект е исто така битно за поединецот, за негово битисување, борба и напредок во современото општество. Секој поединец, граѓанин, ученик, мора критички да мисли кога ќе се најде меѓу информациите, моќта на медиумите, значењето на интересите, медиокритетот, конкуренцијата на пазарот на трудот.
– Секој од нас има прилично стабилен систем на уверувања, во кој длабоко се всадени некритички, егоцентрични и социоцентрични начини на мислење и гледање на работите, а низ кои се процесира и се интерпретира искуството. Општеството има потреба од луѓе со изразена автономност во размислувањето, кои поправо градат сопствен став, прават критичка евалуација, преиспитување и вреднување, отколку некритичко прифаќање и преземање готови знаења, информации, туѓи ставови и уверувања. Размислувајќи критички, луѓето се дистанцираат од сопствените убедувања и предрасуди, ги препознаваат техниките на манипулација и пропаганда, изградуваат личен критички однос кон изворите на информации, прават разлика меѓу факти и толкување, теза и аргументи, претпоставки и доказ – објаснува Митревски.

Клучот е во образованието

Сево ова укажува дека формалното образование, неговата поставеност, организација, креаторите на образовната политика, училишната администрација, родителите, а најмногу наставниците можат преку разни форми на одлуки, активности и соодветни методи и техники да придонесат за развивање критичко мислење кај учениците, било во доменот на предметно специфичните области или низ процесот на воспитното дејствување. Покрај формалното, во справувањето со лажните вести може да даде придонес неформалното и информалното образование.

Fake News Foto Pixabay

Фото: Pixabay

– Физиката и општо природните науки со своите карактеристики се плодно поле за развивање на критичкото мислење кај учениците. Една од најчестите активности во кои се манифестира критичко мислење е решавањето проблеми, активност што се практикува во природните науки, но и во други области или предметни подрачја. Затоа, решението на проблемот со лажните вести не треба да се бара наоколу, туку едноставно треба сериозно да се свртиме и да се посветиме на образованието. Тоа, пак, е произлезено од науката, односно од научните области, кои дидактички се трансформирани во наставни предмети или наставни подрачја. Од друга страна, науката продуцира научни информации, информации што се објавени во научни списанија, прегледни списанија, зборници на трудови, докторски и магистерски трудови. На крај, сите овие релевантни извори на информации (примарни, секундарни, терцијарни) содржат информации произлезени од интелектуалната работа на поединци, кои поминале низ системот на формално образование и се посветиле на науката и на научната вистина. Во тие извори нема лажни вести – завршува Митревски.

Дигиталната еволуција ги забрза лажните вести

Во брзите промени, еден дел од информациите почнаа да се сервираат како лажни вести. Така добиваме нов феномен на лажни вести, па набргу почна и борбата против продукцијата и ширењето лажни вести.
– Лажните вести ги искривуваат, ги манипулираат и ги фалсификуваат фактите за да ја направат темата понереална, бизарна, изненадувачка и контроверзна, а секако, овие аспекти го мотивираат споделувањето од корисниците. Мотивите за изнесување лажни вести најчесто се финансиска корист, политички или идеолошки придобивки, и сето тоа некој го прави и го поттикнува на сметка на правичноста и вистината. Во брзите промени, лажните вести ја следат дигиталната еволуција, со што добиваат нови формати. Посредниците што ги шират лажните вести, во најголем дел или речиси во целост се луѓе што не се свесни за придавката ‘лажни’, па вообичаено тоа го прават без манипулативни или малициозни цели. Верувањето во лажни вести е поврзано со заблуда, догматизам, верски фундаментализам, низок степен на образование, намалено аналитичко размислување и отсуство на критичко мислење – дециден е проф. Митревски.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

 
Насловна фотографија: Pixabay

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).