Последиците на ковид-19 врз поединецот и врз општеството

Се чита за 7 мин.

posledici korona cover 1

Оваа криза очигледно го извади најлошото од нас и последиците ќе бидат долготрајни, генерациски, додека не израснат нови деца, нови емотивно зрели и општествено одговорни поединци и тоа е нашата најголема и најважна задача, вели проф. д-р Горан Јанев од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања

Напади на паника и страв, срцебиење, морници низ цело тело, стегање во градите, несоница. Еден месец по негативниот тест, многумина што прележале ковид-19 се соочуваат со овие симптоми. Несигурност, нервоза, нетрпеливост, сомнеж дека има здравствена причина за таквото чувство. Вирусот го прележаа цели семејства или поединци. Официјалните бројки велат дека околу 89.000 граѓани на Македонија се заразиле, најголем дел од нив оздравеле, а околу 2.700 болни ја загубија битката. Но, пандемијата се одразува на секој поединец. Живот со нови правила, заштитни маски, препорачано растојание, честа дезинфекција на рацете. Вакцинацијата почна во многу земји, додека вирусот мутира и се заканува опасност од нова пандемија. Додека сите си го поставуваат прашањето дали вакцината ќе биде ефикасна и против новите соеви на Sars-Cov-2, многумина валат дека допрва ни претстојат психолошки и социјални предизвици. Како ќе продолжи светот по пандемијата?

Александра Јуруковска, новинарка и литературна критичарка го помина премрежјето со сопругот и двата сина, 8 и 6 години.

„Бевме затекнати, секако. Не знам дали може некој да биде подготвен за ова чудо(виште)?!“, вели таа.

Иако цел пандемиски биле многу внимателни, ниту оделе на гости, ниту некој ги посетил сепак вирусот кон средина од октомври им дошол дома. Таа и децата поминале со полесни симптоми, но сопругот имал температура десет дена.

tema 5 aleksandra jurukovska„Беше омалаксан, истоштен, тешката антибиотска терапија не му помогна, па го задржаа на Инфективна клиника. Тогаш и јас покажав симптоми. Цело време мислата ни беше кој ќе ги чува децата?! Среќа, мојата клиничка слика беше полесна, па останав дома. Мислам дека дури тогаш доживеав шок. Симптомите не ми се влошија, ама мислам дека многу долго ми траеја. Комплетна истоштеност. Имаше моменти кога се обвинував и себеси што се случило, па моменти дека губам контрола врз сѐ... Постојано бев на телефон, постојано со страв како е Александар, се смирував кога ќе ми кажеше дека лекарите и целиот персонал одлично се грижат за него или како што тој вели - ,гинат’ за секој пациент...“, раскажува Јуруковска.

Таа вели дека на децата им било најтешко. Обидувајќи се да следат онлјан-настава, цело време слушале и гледале сѐ што се случува, исплашени, тажни што не одат надвор, што не ги гледаат другарчињата, бабите и дедото не можат да дојдат. Кога ја фаќало паника и страв се обидувала да ги гледа позитивните нешта.

„Имаме дом, услови за живеење, во град, опкружени со луѓе кои ни беа најголемата поддршка. Во тие моменти сфаќаш кој ти е родина и судбина. Имавме голема помош од семејството, од соседите, колешките од работа, од другар(к)ите со кои сум од дете. Без да се јават доаѓаа пред зграда да ни донесат нешто или само да нѐ видат под тераса, други се грижеа да му ги однесат на Александар во болница основните работи. Некој постојано се јавуваше или носеше појадок, ручек, овошје, занимации за децата. Вирусов бара постојана будност, информации, логистика, па и финансии. Некој да оди по рецепти, по лекови, по витамини. Бара армија од добрина. За нас таа армија беше и голема емотивна помош. Тешко на тие што ја немаат“, вели Јуруковска.

Отворена капија за страв, параноја, ултравнимателност

Десет месеци по почетокот на пандемијата целиот свет живееше во неколку различни фази. Од целосна затвореност и полициски часови (во многу земји), запрена економија, до порелаксирано лето и многу посилен бран на зараза во текот на есента. Имаше земји како Шведска кои не се затворија и се потпреа на совеста и свесноста на граѓаните.

Доц. д-р Ана Чучкова, психолог, психотерапевт, продекан на Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ вели дека на почетокот на пандемијата, информациите биле прифатени како делумно вистинити, па со тоа луѓето биле поопуштени во прифаќањето на денешната реалност.

tema 5 ana chuchkova 1Сликата и разбирањето нагло се променија. Сведоци сме на можеби најголемата ‘послушност’ на народот, на која се повикуваат властите во своите држави за да ја исконтролираат оваа појава. Придружено со комплетна медиумска покриеност насекаде во светот, овозможија многу пристапна средина за сузбивање и контролирање на оваа појава. Но, оставија и капија која го засили тивкото провлекување на стравот, паранојата или ултравнимателност. Тоа зазема битно место во менталната состојба на човештвото во ова време. Институциите се обидуваат да се снајдат најдобро што умеат, но се случуваат и лапсуси и грешки. Луѓето тие ,авантури’ почнаа да ги гледаат не како обид, ами како некомпететност, а со тоа и засилено ја демонстрираат својата недоверба кон институциите. Колку од тоа е издржано, времето ќе биде клучниот сведок“, вели Чучкова.

Според неа, освен врз физичкото здравје, кризата остава големо влијание и врз економската стабилност, особено изразена во земјите како нашата. Овој аспект веќе предизвикува сериозна нестабилност кај населението и остава трајна лузна врз менталната состојба, посебно изразена преку депресијата.

„Секој од нас има своја индивидуалност. Она што за еден е мир, за другиот може да е битка. Во психологијата и психотерапијата тоа е константната потрага по личното ‘Јас’, преку развојот и растот на сопствената личност. Треба да си признаеме дека оваа состојба, освен негативните последици, создаде и нешто ново за нас. Еден генерален ресет, каде многу луѓе се открија повторно себеси, а некои дури и успеаа да се ресоздадат. Кога ни треба помош, доволно е да ја побараме, но мора силно да веруваме дека ќе успееме. Денес има сѐ повеќе индивидуалци и професионалци, спремни да помогнат во секое време. Тоа не беше толку присутно пред оваа криза. Стравот, освен што е состојба на умот, донекаде е и важен чувар на нашата благосостојба. Треба да ги препознаеме границите на контрола и ќе бидеме на добар пат кон закрепнување“, вели Чучкова.

Според неа, колку повеќе ја имаме контролата врз себе, со своите емоции и менталната стабилност, толку повеќе можеме разумно да носиме и прифаќаме одлуки кои се наменети за нашето здравје. Психолошката поддршка е само една од алатките кои можат да помогнат. Во соработка со останатите гранки секој би открил нови начини на помош и самопомош, за што побезболен премин на оваа криза. За кој било проблем не постои магично стапче, ниту решение. Мора сите заедно да се поддржиме и да го сочуваме нашето ментално здравје.

Теории на заговор – новата религија на 21. век

Д-р Горан Јанев е професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Тој вели дека човештвото и порано било соочено со пандемии, но некако оваа се чини како најлоша, а тоа е така за секоја генерација која ги минувала и болестите и другите катастрофи, природни и оние создадени од човекот, пред сѐ војни.

„Специфично за оваа пандемија е што се одвива во момент кога се учиме, очигледно сѐ уште невешто, како да ги користиме, управуваме и контролираме информациите во компјутерски посредуваната комуникација. Безредието во оваа област дозволува безброј простачки, наивно глупо (не)аргументирани теории на заговор да го поткопуваат авторитетот на државните органи, всадуваат несигурност, неверица и сето тоа е со крајно негативни последици, бидејќи граѓаните престануваат да соработуваат за општото добро. Веќе наголемо се зборува за вториот вирус, кој потекнува од нашите глави, вирусот на дезинформации и подготвеноста да се голтаат логички контрадикторните тврдења кои ги подриваат општествата. Основите на заедништвото се најголемата жртва на оваа пандемија“, вели Јанев.

Според него, теориите на заговор се новата религија на 21. век. Оперираат на ист начин како традиционалните религии, хранејќи ја гладта за објаснување на големите мистерии на животот, создавајќи и истовремено закрпувајќи логички процеп, лажно задоволувајќи ја потребата за објаснение за комплексните, а особено животозагрозувачките појави.

tema 5 goran janev 1„Објаснувањето, кое посочува на некакви виновници таму негде, инстантно ја задоволува потребата да се изгони стравот, претворајќи го во некаков гнев, со чувство на триумф кај оној ‘што му текнало’. Но, но на долги патеки ги прави овие граѓани зависници од овие објаснувања кои лесно се претвораат во оправдание за личните неуспеси. ‘Вирусот е пуштен од лабораторија, кинески вирус, нѐ прскаат со алуминиум, има микрочипови во вакцините’, до негирањето на болеста кое е друга крајност, создава несигурност и поделба во заедницата. Неодговорните, неуки и неспособни политички елити дозволија да се трансформира едно биолошко прашање во политичко. И потоа мерките кои се од хигиенско/санитарна природа, од доменот на медицина и на здрава логика се префрлија во полето на политички препукувања. Надоврзувањето на неодговорните манипулации со верските чувства ја претвори кашата во грозна и смрдлива мешаница. Таа поделеност на заедницата е најголемата опасност за човештвото. Се чини дека најспремна да ги плодоужива овие состојби е радикалната десница која доста успешно ги регрутира своите следбеници во вака подвоените општества. Тие наративи брзо патуваат од земја во земја и се прилагодуваат на новите состојби, па така од мигрантите, сега се прејде на вештачкиот вирус, кој го поврзаа со 5Г антените и се здружија со антиваксерите. Во секоја комбинација, сејачите на страв и неверица функционираат добро, а потоа се нудат како спасители. Ќе биде тешко да се спасиме од ваквите спасители“, смета Јанев.

Тој стравува дека обновувањето на раскинатото заедништво ќе биде макотрпно и повторно и постојано ќе биде разградувано закрпеното. Кога некој не верува во институционалната медицина, зошто би верувал во која било друга општествена институција, образовна, судска, полициска... Еднаш кога ќе почне да копка црвецот на сомнеж, тој не застанува и како болест се шири во сите општествени пори.

Тоа е состојба на општествена аномија, како што увидел таткото на социологијата, Емил Диркем. Многу порано, Платон говори за етос на државата, односно вредносен и морален систем на заедницата, усвоен и почитуван од сите членови на заедницата. Таму удираат сејачите на страв и недоверба, ја кинат природнaта човечка разнолика заедница и наместо тоа нудат ексклузивна заедница и така се расцепкуваат сите наднационални и внатре-национални сојузи на заедништво. Европската Унија е во длабока криза, Обединетите Нации и нивните институции се одамна девалвирани и маргинализирани и расте лажниот национализам и расизам. Од сето ова директна корист имаат новите господари на капиталот. Се чини дека никогаш во светот не сме сведочеле на ваква класна поделеност, само што сега, во глобалните текови на капитал и идеи, тоа поумешно се прикрива и релативизира“, вели Јанев.


Последиците ќе бидат далекусежни

Пред помалку од еден век класната поделеност резултирала со триумф на фашизмот. Се чини дека го сведочиме повампирувањето на најопасната болест на човечките општества, наметнувањето на поделбите како основа за владеење, вели Јанев.

„Ни се случува умртвување на идејата за здружување преку солидарност и алтруизам, доброволно и ненансилно. Наместо тоа, ни се наметнува принудно здружување во толпата самопрогласени исправни приврзаници. Ако на ова се дополни загубената взаемна почит што се јавува при постојаните препукувања на деперсонифицираната комуникација на социјалните мрежи, која се прелева во директната комуникација, катастрофата е уште поголема. Векови на хуманизиран општествен прогрес се урнисуваат со неверојатна брзина и ќе бидат потребни огромни усилби за повторно воспоставување на унапредени хумани односи во сферите на стопанисувањето, политичото уредување, јавната комуникација и меѓучовечките односи. Оваа криза очигледно го извади најлошото од нас и последиците ќе бидат долготрајни, генерациски, додека не израснат нови деца, нови емотивно зрели и општествено одоговорни поединци и тоа е нашата најголема и најважна задача пред нас“, дециден е Јанев.


 

Автори: Сребра Ѓорѓијевска и Весна Ивановска-Илиевска

-----------------

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.