Реформите во основното образование се неопходни, но внимателно обмислени и спроведени

Се чита за 11 мин.

edu cover

Министерството за образование и наука веќе една недела ја претставува новата концепција, која ќе биде основа за големите реформи во основното образование. Наставниците велат: реформи мора да има, но темелно обмислени и спроведени.

Темелни реформи во образовниот систем ѝ се неопходни на Македонија. Децата учат од учебници полни со грешки, добиваат оценки што не ги заслужуваат, одлични ученици немаат елементарно образование. Имаме учебници по предметот Македонски јазик за второ одделение, период кога децата се описменуваат, полн со јазични и со технички грешки. Учебник за Ликовно образование за четврто одделение каде што автопортрет од Леонардо да Винчи е потпишан со името Микеланџело. Учебник по предметот Општество за петто одделение во кој периодизацијата на македонското минато почнува со крајот на 8 век пред новата ера и Пердика, а римскиот период е сосема изоставен. Учебници по Природни науки според „Кембриџ“, полни со прашања на кои нема одговор.

Резултатите од овој образовен систем се поразителни, велат сите показатели. Нашите ученици покажуваат слаби резултати на меѓународните тестирања, а според последниот извештај за индексот на човечки капитал на Светска банка, учениците од Македонија имаат јаз во учењето од 3,7 години. Односно, ако tabla1 1 1просечно од првиот ден во градинка до матура поминуваат 11 години во образовни институции, нивните знаења се како да поминале 7,3 години. Директните учесници во образованиот процес велат: реформи мора да има, но темелно обмислени и спроведени. Секое избрзување на процесот, може да има несакани последици.

Министерството за образование и наука веќе една недела ја претставува новата концепција, која ќе биде основа за големите реформи во основното образование. Документот веќе е достапен до јавноста за коментари, за критики и за препораки. Министерката за образование и наука Мила Царовска со претставници од работната група што ја подготвуваа концепцијата и од Бирото за развој на образованието велат дека анализирале образовни системи од десетина земји, чии ученици имаат високи постигнувања. Врз основа на тоа е создадена единствена национална, македонска концепција, која одговара на нашите потреби. На овој предлог реагираа институтите за историја, за географија, Македонската академија на науките и уметностите, Природно-математичкиот факултет, ликовни здруженија. Најавата предизвика бурни реакции во јавноста и во стручните кругови, најмногу поради интегрирањето на три предмети во еден – Историја, Географија и Граѓанско општество во предметот што во работна верзија е наречен Граѓанско образование, а дури по јавната расправа треба да добие конечен назив. Интеграцијата треба да придонесе учениците да го совладуваат материјалот со разбирање. Кога учат некој историски настан, да знаат географски каде се случил и какво било општеството во тој период. Најмногу врева се крена околу предметот Историја, затоа што голем дел од јавноста интегрирањето го поистовети со бришење на предметот. Многумина потенцираа дека овој предмет треба да продолжи да се изучува поединечно, како досега. Се отворија дилеми дали ќе се бришат делови од македонската историја во наставните планови. Од МОН категорично ги демантираат ваквите намери – по историја ќе се учи сѐ, само на поинаков начин. Во рамките на интеграцијата на овие три предмети, не е докрај дефинирано како ќе се изучува физичката географија, дел што повеќе им припаѓа на природните науки.

На што, всушност, се заснова новата концепција?

Царовска објаснува дека реформите ќе се одвиваат во фази во наредните пет години. Законот за основно образование налага прво да се постави рамката што ќе биде основа за сè понатаму. Во оваа почетна фаза се вклучени педагози и психолози, кои ги анализирале успешните системи на другите земји и ја поставија основната концепција. Откако ќе помине јавната расправа што допрва следува, Владата треба да го одобри документот и да почне подготовката на наставните mila 1програми. Според Царовска, нив ќе ги изработува Бирото за развој на образованието, а ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници и експерти во сите области – историја, географија, хемија, физика, математика, лингвисти, уметности... Ниту еден предмет нема да биде отстранет, туку по неколку предмети ќе бидат групирани, а ќе се изучуваат и поединечно и интегрирано.

Деветгодишното образование останува поделено во три сегменти: од прво до трето одделение, од четврто до шесто и од седмо до деветто одделение. Ќе се подготвуваат нови учебници за сите години, но класични учебници како што се користеа досега, ќе има само за одделенијата од првата група. Класични учебници по ликовно и по музичко образование нема да има во ниту една година. Досегашните учебници по сите предмети ќе бидат заменети со материјали што ќе произлезат од наставната програма, а ќе ги подготвуваат експерти од секоја област. БРО ќе објави повик на кој ќе можат да се пријавуваат експерти и да учествуваат во подготвувањето на наставните единици. МОН ќе ги откупи и ќе биде сопственик на авторските права за учебниците. Всушност, материјалите ќе бидат дигитални, ќе може да се умножуваат во секое време, а секој наставник ќе треба да биде креативен и самиот да го осмисли часот според дефинираната наставна програма.

Според динамиката, откако Владата ќе ја одобри концепцијата, ќе се подготвуваат наставните програми, материјалите и обуките за наставниците. Според најавите од Министерството, новиот образовен систем треба да почне да се спроведува веќе од учебната 2021/22 година во прво и во шесто одделение во сите основни училишта во земјава.

Групирање на предметите

Според нацрт-планот, предметите ќе бидат поделени во четири групи: задолжителни предмети - А, задолжителни предмети - Б, изборни предмети и други активности. Во првата група се мајчин јазик, математика, англиски јазик, природни науки, општество во пониските и граѓанско образование во повисоките одделенија. Во втората група се техника, технологија и информатика, музичко, ликовно и физичко образование, во третата се други јазици и изборни предмети, а во четвртата група е општествено-хуманитарна работа.

Царовска вели дека реформите треба да овозможат учениците да се развиваат во возрасни личности што ќе можат логички и критички да размислуваат, а на наставниците ќе им овозможи да напредуваат во својата кариера. Ќе бидат воведени наставници-ментори, кои ќе се грижат соодветно да се спроведува програмскиот дел од наставата. За првпат се воведува можноста албанскиот јазик да се избира како втор изборен јазик, покрај италијански, германски, француски или руски јазик.

Бројот на часови по математика и по мајчин јазик останува ист. Наставниците велат дека е добро што ќе имаат по 3 часа неделно Физичко и здравствено образование во текот на сите одделенија и го поздравуваат зголемувањето на вкупниот број часови по Природни науки.

Новата концепција ја критикуваат и ликовните и музичките педагози, кои велат дека уметностите ќе трпат големи последици, а тоа ќе се одрази врз учениците. Предметите ликовно и музичко се обединети во еден предмет Уметничко образование, кое од прво до петто е застапено со два часа неделно, а понатаму со по еден час неделно. Од МОН објаснуваат дека ова може да се надополни со изборен предмет, па ако некој ученик е талентиран за музика или за ликовна уметност, ќе може да го зголеми бројот на часови. Досега секој од двата предмета беа застапени со по два часа неделно.

Во однос на природните науки, секој предмет ќе се обработува поединечно, а ќе има и четврти интегриран модул.

beshka 1 1 2„Во предметот Природни науки ќе се интегрираат хемија, физика и биологија. Секој наставник ќе предава поединечно, но кога има тема ‘Заштита на животната средина’, по биологија ќе учат за влијанието на човекот врз средината, по хемија – какво загадување предизвикува, а по физика за обновливи извори на енергија. Така учениците ќе учат да поврзуваат и логички да размислуваат“, објаснува д-р Виолета Петроска-Бешка, професорка на Институт за психологија, која беше дел од работната група што ја подготви концепцијата.

Секој ученик ќе треба да реализира 20 часа општествено-хуманитарна работа во текот на учебната година. Учениците во пониските одделенија секој ден ќе престојуваат по 5 часа во училиште, од кои 3,5 часа ќе бидат во ефективна настава, а останатото време во други активности. Во повисоките одделенија учениците ќе поминуваат по 6 часа, од кои 4,5 на настава и 1,5 час во други активности.

Фотографија, јога, пилатес, планинарење – како изборни предмети

Царовска вели дека со интеграцијата се намалува бројот на предметите, но се продлабочува тематската обработка на наставните содржини.

„Секој ученик ќе има избор од два предмета годишно, по еден во прво и во второ полугодие. Така секој ученик ќе може да го достигне максималниот потенцијал, затоа што не постои еден калап за сите. Според својот интерес и афинитети, ученикот ќе може да избира предмет“, вели Царовска.

Воннаставните активности се всушност поранешните секции што постојат и во актуелниот систем, но само на хартија. Петроска-Бешка вели дека сега ќе бидат обврзувачки за сите и ќе се избегнат дополнителните трошоци на родителите, кои плаќаат за да одат децата на фудбал, кошарка, драмска секција или во ликовен клуб.

„Нема да бидат понудени само класичните активности, фудбал или кошарка. Ќе може да учат за фотографија, јога или пилатес, планинарење, часови по готвење и слично“, вели Петроска-Бешка.

Од БРО велат дека преку интегрираното учење, наставниците заеднички ќе ја планираат наставата и интердисциплинарно ќе го пренесуваат материјалот на учениците. Ништо од содржините нема да се брише, туку ќе бидат инкорпорирани во новите наставни програми. Во меѓувреме, наставниците ќе добијат дополнителни обуки за интегрирано планирање и реализирање на наставата.

obrazovanie ivanka mijikj 1Според м-р Иванка Мијиќ, советничка од БРО, учениците за првпат ќе се сретнат со содржини од хемија и од физика во седмо одделение, каде што досега учеа само биологија. Во рамките на предметот Природни науки секоја наука ќе биде организирана во посебен модул - биологија, хемија и физика.

„Овие предмети ќе се изучуваат синхронизирано и паралелно во текот на целата година. Наставите програми ќе понудат современ концепт – учење што се базира врз истражување и примена на експерименти во природните науки и ќе се учи со разбирање“, објаснува Мијиќ.

Според Петроска-Бешка, многу наставници досега негодувале дека немаат автономија. Сега, вели таа, може и да се изненадат од автономијата. Во процесот на трансформација не се предвидени еднодневни обуки за наставниците како досега, туку обуки што ќе траат подолго за да можат да ги подобрат своите вештини.

„Ќе имаат автономија, но од нив ќе се бара и одговорност. Ќе профункционира кариерниот развој на наставниците, кои во практика ќе може да стекнуваат различни звања и степени. Наставникот нема да работи индивидуално, ќе мора да се усогласи со колегите. Ќе бидат растоварени од административните задачи што ги имаа досега, заеднички ќе планираат и ќе сносат одговорност“, објаснува Петроска-Бешка.

Како да се оценат природните науки?

Д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, професорка на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет и претседателка на Македонското биолошко друштво, го поздравува зголемувањето на бројот на часови по природни науки. Сепак, вели таа, пологично е прво да се креира наставната програма за сите одделенија, па врз основа на тематските единици да се креираат часовите, особено што сега се интегрирани во еден предмет.

„Но, треба да се дефинира како ќе се оценуваат учениците по овие предмети во погорните одделенија. Добро е ако за секој модул има посебна оценка. Но, ќе биде проблематично ако се формира една оценка по предметот Природни науки. Ако еден ученик е добар по биологија, не значи дека е исто толку добар по хемија или по физика. Тоа мора добро да се разграничи. Многу напредни образовни системи што ги интегрираа овие предмети, сега ги раздвојуваат“, вели Диневска-Ќовкаровска.

Според неа, во реформите неопходно е да се надгради знаењето на наставниците. Не преку обуки, туку преку едукација и доедукација.

„Ова особено важи за наставниците од пониските одделенија, кои имаат завршено Педагошки факултет. Тие имаат големи проблеми со предметот Природни науки и мора да се доедуцираат. Одлична е идејата за учење преку истражување и анализа, но тоа е невозможно без сериозна инвестиција во кабинети за биологија, хемија, физика и природни науки во секое основно училиште во земјава“, вели Диневска-Ќовкаровска.

obrazovanie marina stefova 1Истата забелешка во однос на кабинетите и опремата ја има и професор д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија при ПМФ, која ја поздравува реформата и зголемувањето на часовите по природни науки.

„Ако се прави ваква темелна реформа, за тоа мора да има буџет. Сите се согласуваме и ги поддржуваме реформите, но да не се брза и да се внимава. Интегрираноста е добра, но во повисоките одделенија треба да се зачува посебноста на предметите. Естонија и Словенија високо котираат на ТИМС и ПИСА. И кај нив физика, хемија и биологија се одделни“, вели Стефова.

obrazovanie aida petrovska 4Аида Петровска е наставничка по физика во скопско училиште повеќе од 20 години. Таа вели дека нема некој во образовниот процес што би бил против реформирање на сегашниот систем, но реформите треба добро да се испланираат и да се постават на здрава основа. Петровска се навраќа пред 13 години кога се воведе деветтолетка и на последната Стратегија за образование 2018–2025.

„Знаењето стана секундарен приоритет, се предизвика ловење на оценки наместо на знаење. Добивме ученици со недостиг на елементарна писменост, а се со сите петки. Не располагаме со капацитет за реализација на олку сериозен и витален проект. Потребни ни се повеќе од осум месеци подготовка“, вели Петровска.

За уметности се неопходни повеќе часови

Првично воведување пилот-програма е најдобра опција за Петровска. Со неа би ги откриле предностите и недостатоци на реформите. Потребна е усогласеност на повеќе нивоа, особено со високото образование – создавање соодветни кадри и доедукација на постојните кадри, организациски подготовки на училиштата, изготвување нови програми, учебници, нагледни средства и др.

„Во спојувањето на предметите во Природни науки треба да се воведат и асистенти. Додека на одредена тема има соодветен предавач, другите да асистираат и во зависност од темата наставниците би се менувале од предавачи во асистенти и обратно. Не само што би се учело тимски, туку и би се работело тимски и би имале многу поголеми постигнувања на ниво на паралелка, училиште и држава. Ако сакаме здрави реформи, потребно е да се изработат според мерките на наставниците кои се носители на образовниот товар“, вели Петровска.

obrazovanie ilco stojanovski 1Бурни реакции има кај педагозите од областа на уметностите. Тие велат дека се нудат премалку часови за креативност, кои не можат да се надополнат со изборните предмети. Илчо Стојановски е наставник по ликовно во „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. Тој вели дека визуелната култура треба да биде стандард за целото општество.

„Ако учениците немаат ликовно образование, нема да можат да бидат продуктивни во проектната настава која во новиот концепт толку многу се потенцира. Ученикот нема да може да изработи обична презентација или плакат по кој било друг предмет без креативноста што ја учат на часовите по ликовно. Реално, сѐ што нѐ опкружува е поврзано со ликовната култура. Ако за странски јазик ученикот има 3 часа во неделата, тогаш за ликовниот му се потребни 2 блок-часа неделно“, вели Стојановски.

Наставникот по музичко Александар Панајотов вели дека во „финскиот модел“, часовите по музичко и по ликовно образование се по два часа во прво, второ и деветто одделение, и четири и пет часа во трето, четврто, петто и шесто одделение.

obrazovanie aleksandar panajotov 1„Западот посериозно ги поима креативните предмети. За голема образовна реформа е потребна интензивна анализа и експериментален период, консултирање на наставниците и експерти од образовната сфера. Ние, музичките педагози, веќе подолго се обидуваме да ги преземеме часовите по музичко образование од прво до петто одделение, бидејќи тие два предвидени часа по музика во повеќето случаи не се одржуваат. Стручните наставници би им биле од голема помош на одделенските наставници и ќе се постигне поквалитетна настава и музичка писменост на децата“, вели Панајотов.

Според него, прво мора да се подобри ситуацијата со нагледните средства и основните услови во училиштата. „Чуда би создавале наставниците по музика доколку имаат инструменти“, вели тој. Придобивките од свирењето инструменти се огромни – подобра координација, регулирање на негативните емоции, читањето ноти го подобрува читањето генерално, свирењето дувачки инструменти го подобрува респираторниот систем, ја подобрува концентрацијата, ги намалува симптомите при многу ментални нарушувања.

„Многубројни институти и научни установи од психологијата и од сонологијата правеле истражувања и анкети за ефектот на музиката врз децата. Таа ја намалува анксиозноста, развива емпатија, ги подобрува когнитивните способности и капацитет, говорот и креативноста, подобри резултати во математика. Тоа доволно кажува“, вели Панајотов.

Наставникот по музичко В. Ј. од скопско основно училиште го надополнува – кога ќе стане една активност изборна, децата по линија на помал отпор ја избегнуваат. Пред да се воведе каква било нова реформа, треба да се реши проблемот со наставата во смени. Така заинтересираните деца ќе се посветат на воннаставни активности.

„Учениците се преоптоварени со многу други предмети, имаат многу тестови, испрашувања, сѐ помалку време им останува за музиката. И мандолинските оркестри веќе изумираат. Порано речиси секое школо имаше таков ансамбл, а сега во цела држава ги има околу десет. Вистинска реформа е да бидеме растоварени од преобемната администрација. Спојувањето на ликовно и музичко ќе биде погубно за децата“, смета наставникот.


Ментори-наставници што ќе станат советници

Со реформите ќе бидат воведени наставници-ментори, кои ќе се грижат соодветно да се спроведува програмскиот дел од наставата. Тоа ќе бидат најдобрите, најквалитетните наставници, кои ќе ги подучуваат другите.

„Предвидени се од еден до три ментори, во зависност од училиштето. Веќе во 2021/2022 година ќе можат да конкурираат за ментори, ќе излезат од класичната настава и ќе добијат повисока плата. Во 2022/23 сите што покажале одлични резултати ќе може да конкурираат за наставник-советник. Тоа е врвот“, вели Мила Царовска.


Опремување на кабинетите ќе чини околу 30 милиони евра

Опремувањето на сите основни училишта во Македонија со кабинети по хемија, физика, биологија и природни науки (од прво до шесто одделение) ќе чини околу 30 милиони евра. Тоа подразбира во секое училиште да има паметни табли, пинцети, ножици, епрувети, дрвени штипалки, скалпели, модели на органи на човечко тело, мензури и пипети, електроскопи и галванометри, осцилоскопи, тегови, отпорници, лабораториски ваги, динамометри, плакари за чување хемикалии, колби, мензури, стаклени цевки, термометри, модели на атоми... Професорите и наставниците велат дека ако не се опремат училиштата, реформите ќе бидат залудни.


 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.