Какви се фамозните задачи на ПИСА на кои паѓаат нашите средношколци?

Се чита за 5 мин.

education 4796952 1280

Постигнувањата се резултат на знаењата што учениците ги стекнале во основното образование - нашиот систем ги навикнува на повторувачко учење, а тестовите на ПИСА бараат размислување и логичко поврзување на задачите

„Во пицерија може да одберете класична пица со два додатока: сирење и домат. Исто така, може да составите сопствена пица со дополнителни додатоци. Можете да избирате помеѓу различни додатоци: маслинки, шунка, печурки и салама. Марко сака да порача пица со два различни дополнителни додатока. Колку различни комбинации има Марко на располагање“?

Од ваков тип логички задачи се составени ПИСА-тестирањата на кои Македонија ќе учествува во 2021 година. Вкупно 3.000 средношколци од 50 училишта од земјава ќе бидат опфатени со тестирањето кое треба да покаже колку учениците на 15 години размислуваат критички и како го употребуваат стекнатото знаење во pisa 1 1секојдневни ситуации. Ова ќе биде четврто учество на Македонија на меѓународното тестирање кое го организира ОЕCD (Организацијата за економска соработка и развој). Првпат учествувавме во 2.000 година, па во 2015 и во 2018 година. Генерално, пласманот на нашите ученици е потпросечен, иако Државниот испитен центар лани соопшти дека Македонија и Турција постигнале најголем скок во сопствените постигнувања меѓу две тестирања. И покрај тоа, Македонија се позиционираше на 68. место (11. одназад) на меѓународнотo тестирање по јазична писменост, математика и природни науки. Прва на листата е Кина.

Зошто постигнувањата на учениците од Македонија се потпросечни? Дали ПИСА реално ги покажува способностите на учениците, каде потфрламе? Наставниците и педагозите велат дека постигнувањата се резултат на знаењата кои учениците ги стекнале во основното образование. Нашиот систем ги навикнува учениците на повторувачко учење, а тестовите на ПИСА бараат размислување и логичко поврзување на задачите. Дополнително, нашите ученици не го сфаќаат тестирањето сериозно бидејќи не им се пресметува во успехот. Па кога ќе наидат на потешка задача не се ни обидуваат да ја решат, туку веднаш се откажуваат. Со ПИСА се опфатени: мајчин јазик (за нашата земја македонски и албански), математика и природни науки (хемија, физика и биологија). 

Што покажа анализата на Државниот испитен центар

pisa elizabeta naumoska foto vlada 1Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) ја објаснува постапката како се избираат учениците што ќе бидат опфатени со тестирањето. Постапката е иста во секоја држава. Организацијата што го спроведува тестирањето добива списоци за училиштата, одделенијата и бројот на ученици. На денот на тестирањето соопштува кои редни броеви од одредено училиште ќе се тестираат.

„По случаен избор е, нема можност да се манипулира. Ниту тие, ниту ние ги знаеме децата. Две работи се клучни за ПИСА - литературната и математичката писменост. Треба да сме свесни дека нашите ученици нема преку ноќ да стекнат вештини за читање и разбирање. Но, мора да работиме на тоа. Сите развиени земји бараат млади луѓе кои своето знаење ќе можат да го применуваат во секакви ситуации. И затоа е многу важен методолошкиот пристап на наставниците - да им задаваат проблемски задачи кои учениците ќе ги решаваат. Во тој правец се насочени и реформите во нашето основно образование, вели Наумовска.

Бети Ламева, координаторка за меѓународни тестирања во ДИЦ, објаснува дека од учениците не се бараат факти кои се учат во училиште, туку како се применуваат во секојдневниот живот. ДИЦ направил длабинска анализа на сите досегашни тестирања, за да се утврди кои фактори влијаат на постигнувањата на учениците. Дошле до интересни податоци. Иако на светско ниво момчињата имаат подобри постигнувања од девојчињата по математика и природни науки, кај нас предводат девојчињата во сите три области.

pisa beti lameva foto vlada 1„Разликата е најизразена во читање со разбирање. Во овој период треба многу да се работи за да се намали оваа разлика што е можно повеќе“, вели Ламева.

Гимназијалците покажале најдобри резултати на ПИСА, а блиску се и учениците од средните уметнички училишта. Послаби резултати покажале учениците од средните стручни школи. Ова не се должи на тоа што го учат во средно образование, зашто ПИСА ги мери применливите знаења кои учениците ги стекнале во основно образование. Подобри резултати постигнале учениците чии родители им даваат поддршка на своите деца во процесот на образование, децата со самодоверба и кои во школо посетуваат воннаставни активности - спортски активности, хор, оркестар, дебатни секции, волонтираат.

„Кога веруваат во своите способности, тие постигнуваат подобри резултати. Интересно е што ¾ од нашите ученици на оваа возраст сметаат дека интелигенцијата е вродена, а не дека е нешто што може да се гради и подобрува. Во држави во Азија е обратно - ¼ мислат дека учениците се раѓаат предодредени. Затоа ние мора да работиме на мотивацијата и истрајноста во тешки ситуации. Треба да ги подготвиваме да не се откажуваат, да истраат кога им е најтешко, да вложат дополнителен напор и ќе постигнат подобри резултати“, вели Ламева.

Мора да се смени пристапот на учење

Милена Манчиќ-Пауновска е наставничка по македонски јазик во скопското основно училиште „Вера Јоциќ“. Нејзиното искуство покажува дека мал дел од учениците читаат со разбирање.

„Тоа е така веројатно затоа што така сме ги научиле ние наставниците во основно. По читањето, учениците обично го репродуцираат она што им останало во сеќавање употребувајќи факти и зборови од прочитаното. Не се трудат да го разберат тоа што го читаат, затоа што ретко од нив се бара критичко мислење. Мислам дека на тоа треба да се поработи. Треба да се инсистира на критичко мислење, логичко поврзување на прочитаното со предзнаењето на ученикот и изразување свое мислење или став. И да се бара потврда за ставот во секојдневниот живот, односно во практиката. За сето ова е потребна поголема ангажираност на наставникот и правилни насоки за читање“, вели Манчиќ-Пауновска.

pisa 3 1

Зорица Лешевска е професорка по биологија во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Ова е нејзино трето вклучување во обуки за ПИСА-тестирањето. Таа вели дека досега било предвидено наставниците да одржат по еден час во полугодие со прашањата од ПИСА, а од годинава треба да направат дневен план како содржини од ПИСА да се вметнат во самите часови.

„Во ова полугодие немам теми што се опфатени во ПИСА, но ќе направам корелација со 9. одделение, кога ќе имаме повторување и ќе ја изработам таа задача. Должни сме да им го доближиме ПИСА-тестирањето на учениците. Некои од нив можеби и немаат слушнато за што станува збор, па треба добро да им се објасни што претставува тестирањето. Многу е важно да ги убедиме дека треба да го сфатат сериозно, иако не влегува во просекот или не влијае на оценката. Има ученици кои воопшто не ги погледнуваат прашањата, не го читаат тестот, се појавуваат, оставаат празен или полупразен тест и уживаат во остатокот од слободниот ден“, објаснува Лешевска.

Таа работи со две паралелки од околу 30-тина деца, насоки - келнер и готвач. Лешевска е децидна дека подготовките на ова тестирање треба да почнaт уште во погорните одделенија во основното образование, а во средно да се прошируваат знаењата. 

pisa 4 1 1

„Во средно некои струки не ги учат природните науки. Сѐ што применуваат на ПИСА е знаење што им останало од основно. Ние не сме клучен фактор. Можеме да потрошиме некој час за да ги подготвиме, но не можеме да ги научиме логички да размислуваат. Откако ќе почнат да учат хемија, физика, природни науки, треба да се стави акцент на сите тие предмети што се опфатени во ПИСА. Типот на прашања и задачи што ги има на ПИСА треба да станат нормален начин на логичко размислување“, вели Лешевска.

pisa aleksandra markoska tomoska 1Александра Маркоска-Томоска е професорка од гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Таа првпат е вклучена во обуките за ПИСА. Со оглед на слабите досегашни резултати, сега засилено се работи тие да се подобрат.

„Нашата цел како професори е да ги научиме учениците да ги читаат, да размислуваат, да ги разбираат математичките задачи и да ги решаваат. Тоа се задачи кои можат да најдат примена во секојдневието и така учениците да се оддалечат од шема-решавањето. Овие математички проблеми сѐ повеќе ги вметнуваме и во секојдневната настава иако знаеме дека сега часовите се скратени на 35 минути. Би требало во 8 и 9 одделение да се почне со подготовка за ПИСА-задачите“, вели Маркоска-Томоска.

 


Раниот детски развој многу влијае врз постигнувањата на учениците

Статистички нема значајни разлики меѓу училишта во урбана или рурална средина во Македонија, покажала анализата на ДИЦ. Но, раниот детски развој има големо влијание врз постигнувањата на учениците. Највисоки резултати на светско ниво постигнуваат ученици кои 2-3 години оделе во градинка.

„Бројот на книги во домашни услови е важен фактор. Ученици кои дома имаат од 200 до 500 книги, кои имаат ресурси за поттикнување на учењето, постигнуваат подобри резултати. Најдобри резултати постигнале ученици чии родители се со високо или средно стручно образование. Кај нас има уште голем процент на ученици кои имаат 15 години, чии родители се без или само со основно образование“, вели Ламева.


 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.