Обуки на наставниот кадар за онлајн настава – клучни за ефикасно образование во време на пандемија

Се чита за 9 мин.

cover 1 obr

Пандемијата со коронавирусот во нашата држава на виделина уште еднаш го извади „крпениот“ образовен систем. На неколку дена пред официјалниот почеток на учебната година не се дефинирани основите за учење на далечина, а нема ниту развиена подолгорочна стратегија, иако се планира најголемиот број од учениците да учат онлајн.

Училиштата во државава со уредба на Владата беа затворени пред речиси шест месеци. Во второто полугодие сите вклучени страни во образовниот процес беа затекнати од вонредната ситуација што ја наметна Ковид-19 - наставниците кои не беа потковани за онлајн настава, учениците кои учеа од дома и родителите кои ја добија улогата на „домашен учител“.

Новата учебна година, според последните информации ќе почне на 1 октомври. Училиштата ќе добијат уште еден месец за подготовка на наставниот процес со оглед на тоа дека наставниците изминатиот период не поминаа низ суштински процес на обуки за онлајн настава. Сепак, и натаму постојат стравувања дека учењето од дома ќе биде само импровизација и далеку од вистинскиот концепт по кој треба да се одвива наставата онлајн.

Во оваа анализа ги пренесуваме ставовите на наставниот кадар од земјава, како и искуствата и очекувањата на професори и експерти од соседните држави за предизвиците во претстојната учебна година.

Наставниците во очекување на насоки од надлежните институции

1 m sajkovaВо претстојната учебна година единствено учениците од прво до трето одделение, односно нивните родители ќе имаат можност да одберат дали ќе посетуваат настава во училиштата или ќе се одлучат за учење од дома. Сите други ученици во основните и средните училишта ќе имаат онлајн настава.

Магдалена Сајкова е предметен наставник по македонски јазик во ОУ „Стив Наумов“ во Битола. Таа вели дека непосредно пред 1 септември наставниците немаат доволно информации како ќе се одвива образовниот процес.

„До денес нема јасни насоки за почетокот на новата наставна година од Министерството за образование и наука, ниту од Бирото за развој на образованието. Извесни препораки дојдоа од Општината како основач на учиштата, кои се однесуваат на протоколите за безбедност на учениците и одржувањето хигиена во училиштата, ако се стартува со физичка настава“, вели Сајкова.

И наставникот по математика Игор Богданоски во ОУ „Блаже Конески“ во Прилеп потврдува дека немаат добиено информации, ниту упатства за програмите по кои ќе се работи:

„Доколку се скратува бројот на работни денови, мора и програмата да се скрати. Но, ние кои сме директни извршители треба тоа да го знаеме и соодветно да се подготвиме за комплексниот карактер на годината која ни претстои“, вели Богданоски.

3 m dimovskiСпоред директорот на СУГС „Орце Николов“ во Скопје Митко Димовски моделот на учење не може да се генерализира за сите училишта на државно ниво и потребно e да се направи селекција според просторните можности и опременоста на училиштата.

„Наставата во нашето училиште најверојатно ќе се одвива онлајн судејќи по бројот на ученици во паралелки, иако сметам дека за учениците од прва година може да се организира и настава со физичко присуство. Тоа значи дека по 6-7 ученици од прва година би доаѓале во училиште почитувајќи ги сите мерки за заштита од Ковид-19, а за тоа време останатите би ја следеле настава од дома преку алатките за учење од далечина. На тој начин сите ученици барем еднаш неделно ќе може да следат настава во училиште, директно ќе се запознаат со нивните професори и ќе ја почувствуваат училишната атмосфера барем делумно“, објаснува Димовски.

Наставниците не се обучени за онлајн настава

Во нашето законодавство не е предвидено учење од далечина во време на пандемија, поради што се појави правен вакуум како тоа нормативно да се регулира. Неколкумесечното искуство извади на виделина многу проблеми. Во образовната сфера недостига стратегија на која може да се базира наставата на далечина и која ќе  обезбеди стандардизиран приод во нејзиното реализирање. Целиот образовен кадар, почнувајќи од наставниците, преку директорите, се до инспекторите немаат доволно знаења за организирање и спроведување онлајн настава. Дополнителен проблем е лошата информатичка и комуникациска инфраструктура на училиштата, наставниците и на учениците.

На крајот на јули МОН изготви „Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта“. Во документот јасно е нагласено дека нашата држава досега речиси да немала искуства со учењето од дома. Од вкупно 119 училиштни објекти, во 63 има интернет што го обезбедува МОН, а во многу училишта кои се наоѓаат во руралните средини нема таква можност. 

„Во изминатите години предвидени се значаен број мерки во кои се ‘насетува’ учењето од далечина, но во ниту еден документ нема предвидено конкретни активности и мерки за реализација на систем за учење од далечина во формалниот образовен систем, ниту е воспоставена национална платформа за поддршка на целиот образовен систем за основно и за средно образование“, пишува во Концептот.

Во очекување на натамошни насоки од БРО и МОН, како и на унифицирана платформа, наставниот кадар и самоиницијативно се снаоѓа и се подготвува за првиот училишен ден.

„Сѐ се сведува на ентузијазмот и мотивираноста на наставниот кадар да работи со дигиталните технологии. Притоа, станува збор за користење на приватен интернет, сопствени компјутери или лаптопи, камери за снимање на часови. Речиси и да нема услови во училиштата тоа да го направат со користење на интернет од училиштето, со камери или микрофони, со оперативни системи кои би го поддржале тоа, оти повеќето се на Linux и Edubuntu“, вели наставничката Сајкова. 

nastava cover 1

Во битолското училиште „Стив Наумов“ од март до јуни годинава за интеракција се користела платформата Google Classroom, Zoom, Messenger, e-mail и разни групи на социјални мрежи. Според Сајкова најверојатно ќе продолжи да се применува Google Classroom.

„Наставникот треба да има пристап до стабилен интернет, дигитален уред, компјутер или паметен мобилен телефон, таблет, добра камера и микрофон. Наставниците треба да се спремни да споделуваат часови со колегите и меѓусебно да се надополнуваат. Во моментов многу колеги споделуваат, но содржините не се проверени, кај дел се забележувааат материјално и технички недостатоци, а има и особено вредни примери кои треба да се земат како модел“, смета Сајкова.

Директорот на скопската гимназија „Орце Николов  вели дека се подготвени да спроведат онлајн обука првенствено за наставниците, а потоа и за учениците.

„Нашиот избор е Office 365 која вклучува Microsft Teams. Сметам дека оваа платформа нуди многу можности од формирање онлајн класови, презентации, директна видео комуникација до онлајн тестови, анкети, како и солидна база на податоци кои меѓусебно може да ги споделуваат. Секако за реализација на оваа комуникација потребен е компјутер (лаптоп), таблет или паметен телефон“, вели директорот на „Орце Николов“.

Во државава има 18.272 наставници во основното образование, 7.476 наставници во средните школи, а од нив 1.000 предаваат информатика и сродни предмети. Наставникот Богданоски од Прилеп вели дека секој наставник треба да вложува во својот професионален развој. Но, за жал нема желба за тоа.

2 i bogdanoski„Правев обиди да држам обуки низ годините со моите колеги. Во последните 3 години одржани се повеќе од 20 интерни работилници најчесто по активи. Но морам да констатирам дека посетеноста на обуките беше скромна - присуствуваа 10-15 од 68 наставници. Но, тоа не ме спречуваше да држам обука и на 5 присутни колеги кои сакаа да научат нешто“, рече Богданоски.

Повеќе наставници посочуваат дека засега немаат насоки за ИТ-часови, добри пракси, посочени примери, немаат ниту стандарди, како ни подготвени училишта со распоред за онлајн часови, за предавања, за консултации, за домашни задачи, каде лесно ученикот ќе се организира и нема да му биде потребна помош од родителите. Сепак, тоа што наставниците го очекуваат од Бирото за развој на образованието е освен програма и насоки, да обезбеди електонски адреси кои можат да ги користат, база со готови часови, презентации, квизови, проекти кои Бирото ги одобрило и се вредни да се користат, литература на која треба и може да се повикаат.

Од Бирото за развој на образованието велат дека од почетокот на август на нивиот сајт, преку т.н. Learning Menagement System наменет за професионален развој на наставниците, е поставена онлајн обука на тема „Реализација на наставата со користење на различни ИКТ средства за учење“.

„Во тек е и процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале наредниот период и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата“, дополнуваат од Бирото. Тие се во преговори со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организирање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина, со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа.

Од Бирото за развој на образованието информираат дека активно работат на подготовка на видео содржини за првите два месеци од учебната 2020/2021 година заедно со дел од наставниците, кои ќе бидат поставени на порталот ЕДУИНО.

„Прогресот на нивна изработка е следен: во основно образование изготвени се 70% од назначените содржини, во средно гимназиско образование 60% и во средно стручно образование 40% изработени/снимени видео лекции/содржини за далечинско учење/он лајн настава“, објаснуваат од Бирото. Оттаму посочуваат дека на порталот ЕДУИНО се поставува и нова алатка за Е-распоред преку кој може да се изработи распоред за настава од далечина на сите училишта коишто на тој начин ќе ја реализираат наставата.

Во основното и средното образование има 257.220 ученици кои речиси едно полугодие го поминаа во „виртуелна училница“. Дополнителен проблем е што многу од нив доаѓаат од социјално загрозени семејства, немаат компјутери и интернет, па онлајн наставата дополнително ќе биде предизвик за Министерството за образование да обезбеди еднаков пристап и услови за сите ученици во државава. Ова особено важи за учениците кои имаат некаков вид попреченост. Последната недела Министерството спроведува „скенирање“ на информатичко-компјутерската опременост на учениците, при што наставниците се задолжени да ги анкетираат родителите кои имаат ученици и во основно и во средно образование дали имаат комјутер или лап топ, како и интернет конекција во нивните домови. Во текот на септември МОН ќе ги анализира податоците и ќе информира за натамошните планови.

Како медиумската писменост им помага на учениците за време на пандемијата

Ситуацијата со коронавирусот покажа дека е потребно училиштата да се фокусираат и на медиумска писменост, бидејќи имаше многу случаи кога некои лажни вести станаа вирални, особено митови поврзани со коронавирусот.

4 dubravkaДубравка Валиќ Недељковиќ, професорка на Новинарската школа во Нови Сад од Србија вели дека всушност квалитетната онлајн настава за време на пандемијата е резултат на медиумската писменост. Во Србија во прва и втора година во гимназија е воведена медиумска писменост како изборен предмет.

„Новинарската школа од Нови Сад во изминатите две години одржа многу семинари за медиумскат писменост на кои присуствуваа околу илјада просветни работници. Дел од медиумското описменување на тие семинари беше посветен на можностите на онлајн настава и користење на дигитални алатки“, вели Валиќ Недељковиќ.

Валбона Сулче, медиумски и комуникациски експерт од Албанија објаснува дека за време на карантинот одржала неколку вебинари за ученици од 9-то до 11-до одделение за медиумска писменост.

5 valbona„Можам да посведочам дека тие не знаат како да ги филтрираат информациите, да препознаат „фејк њуз“, да проверат дали е лажна фотографијата. Апсолутно дека треба да се воведе медиумска писменост во училиштата уште од пониските одделенија“, категорична е Сулче.  

Медиумската писменост е проткаена во секој предмет, вели наставничката Сајкова од Битола, според која во предметот по македонски јазик планирани се неколку часови кои се многу корисни како за наставникот, така и за учениците.

За да го подготви својот час, наставникот, а и ученикот, ќе мора да ја потврди веродостојнаоста на информацијата, изворот на информациите и фотографиите, како и критички да размислува“, вели Сајкова.

Континуирани обуки на различни теми се неопходни за сите наставници за тие да го одржуваат темпото на знаење со нивните ученици, што е особено поврзано со дигиталните технологии. Според Сајкова, за се мора да има обуки, бидејќи не е доволно само стекнатото образование на наставниот кадар, а процесот на учење не смее да заврши со вработувањето на наставникот и добивањето на определен фонд на часови. „Тој е одговорен за својот час и покажаното знаење, но системот е одговорен за неговото напредување, да го прифати и да го насочува кон реалните текови, да следи модернизација на секое ниво, промени кои генерациски се неминовни, со развој на технологии, со намалување на растојанието, со брзината на споделување на информациите, со богатството на информации“, смета Сајкова.

Во Словенија сите во школски клупи, во соседството онлајн настава

Во Словенија учебната година ќе стартува на 1-ви септември, а наставата ќе се одвива со физичко присуство. Надлежните институции развиле четири сценарија, а се одлучија за т.н. Б-модел.

7 tanja„Според Б-моделот училиштата редовно ќе се чистат и дезинфицираат, а утврдени се протоколи како ќе се постапува ако некој ученик или наставник покаже симптоми. Маските не се задолжнителни во училница, но ќе се држи дистанца од 1,5 до 2 метри“, ни изјави Тања Таштаноска од Дирекцијата за квалитет и развој на образование на Словенија.

Во Србија, каде учениците исто така се враќаат во клупите на 1 септември, има можност за избор за присуство во училница или онлајн настава со скратени часови.

„Одлуката е донесена, но во јавноста и натаму се дебатира како ќе се спроведе, а особено се загрижени просветните работници. Засега нема унифицирана платформа која ќе се користи во секое училиште. Досега се работеше најмногу на Зум, Гугл-училница, Вибер, а имаше и часови на јавниот сервис кои сите ученици можеа да ги гледаат“, вели професорката Валиќ Недељковиќ од Нови Сад.

Таа додава дека наставниците во Србија стравуваат од зголемување на работното време поради комбинираната настава, како и поради фаворизирањето одредени предмети, како мајчин јазик и математика. Дилема е и како ќе се постигне дезинфицирање на училниците помеѓу одморите. 

Во Албанија училиштата почнуваат на 14 септември со комбинирана настава. И таму, како и кај нас, немало посебна подготовка на наставниот кадар.

„Немаше никакви организирани обуки за наставниците за онлајн настава. Ниту пак се планирани обуки во наредната учебна година. Секако дека за наставниците се неопходни обуки поради различниот пристап при предавање од далечина. Некои наставници користеа Зум, други Cisko Webex платформа, а трети Google Meeting Rooms“, вели медиумскиот експерт Валбона Сулче.

Настава со физичко присуство ќе има во Хрватска и во Бугарија, каде учебната година почнува на 7-ми, односно на 14-ти септември.

Автор: Маја Јовановска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.