Ниту е до политиката ниту е до короната - до новинарскиот карактер е

Се чита за 7 мин.

zitcover

Пандемијата Ковид-19 ги откри, поточно ги потврди сите вредности и сите маани на актуелното македонско новинарство. Вредности во генерално високото ниво на квалитетот на известувањето и на создавањето новинарски продукти од лепезата журналистички жанрови, од една страна, и недостатоците евидентирани во веќе традиционалната политичко-партиска поделеност на македонската медиумската сфера аналогно на политичко-партиската поделеност во општеството.

Но, нели, новинарството не е во карантин. Убаво би било одвреме навреме самото да се самоизолира во насока да се дистанцира од актуелната, непартиска сцена и од силните влијанија што партиите помалку или повеќе јавно или исто толку прикриено ги вршат врз медиумите и новинарите. Да се преиспита однатре за своите постапки, за сопствената новинарска совест.

Новинарството по дефиниција би требало да е најслободната професија

Секако, во плурално општество и новинарството е плурално. Никој и не очекува и би било крајно лошо и за новинарството и за демократијата тоа да е унифицирано. Тогаш прво страда вистината, таа вредносно најелементарна новинарска категорија. Но жалното е што во вакво веќе тридецениско плурално општество и плурално  новинарство, тоа сè уште ниту од далеку не е на висината на својата сопствена задача за самоодговорно професионално практикување на новинарската професија. Ваквата генерална констатација не е докрај објективна ако не се додаде и дека напати, на бранови, во циклуси, новинарството во земјава има и свои ѕвездени моменти. И посебно што во континуитет одредени медиуми, едно мало медиумско малцинство, е секогаш на висината на професионалноста проткаена со неминовната новинарска етика како основен столб на професијата.

Оттаму и дозата иронија дека би било добро одвреме-навреме, македонското новинарство да се става во карантин. Да се соочи со самото себе, да се осознае во генезата на неговиот карактер. Горната иронија во превод би била во насока на тезата дека новинарството по дефиниција би требало да е најслободната професија. Самата дефиниција за новинарството ја подразбира безграничната слобода и независност на новинарите, на редакциите, на медиумите. И во такви услови да ја извршуваат својата елементарна функција без какви било странични влијанија. Да ја уживаат слободата самостојно и исклучиво врз сопствената одговорност да ја извршуваат својата новинарска задача и медиумска улога во општеството. Во средиштето на таа журналистичка улога се новинарските и медиумските правила и расположивите алатки како што се вистината, непристрасноста, потрагата по фактите и нивната неселективност како база, како елементарна суштина на новинарската професија.

Политиката и медиумите го партизираа и коронавирусот

Македонската новинарска практика во континуитет, еве и сега и во ова актуелно чувствително, пресензибилно, трауматично, па и кризно и опасно време, не е баш на потребното ниво на својата одговорна професионална задача. Пандемијата од Ковид-19, епидемијата со коронавирусот, настаните што се рефлексија на тој амбиент, како да не се доволен предизвик. Не за сите во редакциите во насока на одговорно новинарско однесување.

Примесите на политика се вткаени во бројните извештаи, јавувања, прес-прашања, медиумски анализи, во евидентниот селективен избор на соговорници во дебатните видео-емисии. Тоа е последица на перманентното влијание на разните центри на моќ во македонските медиуми. Секако, примарни се партиските, преку нив и разни други, особено од сферата на бизнисот. Ова посебно сега преку спротивставените ставови на политичките актери поврзани со предвремените закажани, па поради епидемијата прекинати изборни процеси.

Грижејќи се за својот рејтинг во беспоштедната борба за власт, за контрола врз државниот буџет, адекватно на тоа и за моќта во државата, а не за сопствените граѓани и за нивното здравје, како што проѕирно декларираат, повторно со своите познати коруптивни алатки ги вјаснуваат медиумите. Окупираат цели редакции. Под изговор за здравјето на граѓаните, секоја тргнувајќи од своите најтесно партиски цели, едните притискаат за избори, други се противат. И едните и другите и третите, наводно само во името на здравјето на граѓаните, преку таа чувствителна матрица ги насочуваат уредувачките политики на влијателните медиуми. За возврат јавноста е сведок на редукција на вести, на неадекватно редење факти, на селекција на соговорници во дебатни емисии, на непринципиелно монтирани извештаи, изјави и интервјуа.  

И во ова корона-време е евидентна медиумската партиска поделеност

Суштината е дека македонските медиуми, со нив и редакциите и новинарите, нивното децениско работење во услови на стигма од партиските политики, токму поради таквата зависност од центрите на моќ, еве и во услови на оваа пандемија со Ковид-19, појава која загрозува се и ги загрозува сите, не успеваат докрај да се ослободат и да се издигнат над стекнатите зависности. И не сите и не докрај од една таква слободна и независна позиција пред македонската јавност да се прикажат со сета своја професионална објективност.

И сега, и во ова актуелно пандемиско време, евидентна е медиумската партиска поделеност напати непримерно манифестирана во уредувачките политики. Посебно недозволиво за највлијателните медиуми, за националните и другите телевизии кои наместо епидемијата да ги обедини врз принципите на непристрасно трагање по објективностите кои и политиката и јавноста ќе ги обедини во борбата со вирусот и со неговите последици, евидентната медиумска поделеност проткаена со партиските изборни амбиции, добива на интензитет.

Ова корона-време, уникатно за нас во Република Северна Македонија, е време обременето и со сите контроверзи поврзани и со предвремените парламентарни избори. Тоа е моментот плус што актуелната медиумската ситуација ја прави уште покомплицирана.

Актуелново новинарско време е принуден микс од страв од последиците од вирусот и од страст од партискиот изборен предизвик. Сиот тој изборен коронавирус-амбиент во јавноста манифестира конфузност. Наспроти елементарната улога на редакциите и очекувањата на граѓаните за нивната професионалност, веќе видена медиумска слика од партиско уредувачки политики во повеќето влијателни македонски медиуми. Медиумските консументи, граѓаните, ТВ-гледачите, радио-слушателите, читателите на весниците и на порталите, во ова корона-време повторно се ставени во ситуација на дози сомнежи во објективноста на новинарските продукти.

Партиско навивачкиот уреднички пристап со негување стил на негирање на сè што предлага и прави власта и на форсирање на сè што критикува и предлага опозицијата, или обратно, сеедно, медиумите не ги отсликува како центри на кои треба јавноста безрезервно да им верува. И таа, токму преку медиумите и нивните не секогаш принципиелни уредувачки политики, е вовлечена во општиот навивачки медиумски галиматијас во кој по правило страдаат вистината и новинарската објективност.

За да дојдат до вистината медиумските консументи ќе треба самите да си ги   подредуваат фактите собрани од повеќе медиуми   

Новинарството би требало да е најслободната, најнеоптоварената, најимуната професија од странични влијанија поради странични интереси. Новинарството единствено треба да им служи, практично да им слугува на граѓаните. Тие од новинарството ја очекуваат вистината и објективноста. Очекуваат презентирање на сите факти и нивно принципиелно редење според строгите новинарски правила, а во духот токму на објективното информирање.

Информирањето на граѓаните од страна на новинарството е елементарната новинарска,  основната медиумска функција. Се друго, секако во поинакво излегување од таа магистрална обврска на новинарите, на новинарството и на медиумите и нивните уредувачки политики, е отстапување од елементарните обврски на основите на новинарската професија. Попрецизно, за неслободата на македонското новинарство или за илузијата за слободно македонско новинарство гледано низ превртен диоптер, дури може да се констатираат и некои позитиви, ако воопшто може така да се наречат.

Партиската навивачка поделеност на медиумите, телевизиите и порталите посебно, секој од нив одделно катадневно прикажуваат некаква полуисправна, полувистинска, полу објективна слика за настаните, за процесите и за темите што ги третираат. За консументот на медиумските информации да ја добие целата слика на објективната стварност, треба да фрли поглед и на медиум, дефинирано условно, и од другиот табор. Да ја провери автентичноста на вестите од едниот и да ја компарира со другиот медиум. Оваа алатка која всушност е извлечена од основните методи за детектирање на лажни вести, е елементарна можност да се добие пообјективна слика за одреден настан, за нечија изјава, за нечиј став или коментар. Своевидно упатство за следење вести и за нивноo објективизирање со цел да се елиминираат монтажерските уредувачки еквилибристики. Да се подредат фактите собрани од повеќе од еден медиум, да се подредат според значењето на моментот и ТВ-гледачот, радио-слушателот или читателот на весници и портали, да дојде до вистината што ја очекува од секој медиум одделно.    

Сопственик на новинарството се граѓаните

И во овие корона-услови, медиумите останаа оковани од партиски интереси кои со новинарството немаат ама баш ништо блиско. Напротив, единствен сопственик на новинарството се граѓаните. Од таа позиција интересите на медиумите и на партиите им се дијаметрално спротивставени. Поради сопствени интереси партиите и други центри на моќ ги притискаат медиумите главно преку методите на егзистенцијалната зависност, па во нивна корист медиумите ја прикриваат, често и ја извитоперуваат вистината. Граѓаните пак, од нив ја очекуваат чистата вистина, информацијата соголена од какви било примеси на странични влијанија мотивирани од нечии тесни интереси.

Оттука, карактерот на новинарството во буквална смисла на зборот, карактерот на сопствениците на медиумите, на уредниците и на новинарите е примарниот стожер за објективно новинарство. Корона новинарските услови не успеаја до крај да ги обединат медиумите на линијата на нужното елементарно дистанцирање од центрите на моќ. Напротив, генерално, преку зависничката-застапничка позиција, уредниците и уредувачките политики не успеаја и во време на вонредни состојби во државата и во време на најголемата загриженост на граѓаните поради епидемијата, да се издигнат над своите дневни зависности и целосно да се ослободат од боите на политиката. Инерцијата во редакциите од пред корона-кризата продолжи и за време на пандемијата. Инерција на поделеност во која се насетуваат партиски дресови.

Не е до писменоста и образованието, туку до карактерот е

Епидемијата со коронавирусот беше и уште е добра можност уредувачките политики да се подредат на општите активности за сузбивање на епидемијата, на афирмација на мерките кои водат во таа насока, на критика и на разобличување на злоупотребите од секаков вид политизација и партизација на пандемијата и нејзино користење како алатка за предизборни партиски политики, за пумпање рејтинзи. Да ги искористат времето и приликата и конечно или барем времено, да се ослободат од партиско- навивачката медиумска мантра. Секако, одложените избори и сета меѓупартиска битка околу нивното одржување и одложување во периодов беше и е клучниот медиумски разединувачки фактор кој директно удира по целата вистина и по сета објективност во сите видови журналистички продукти и на темите поврзани со коронавирусот и со неговите последици.

Оттука, тргнувајќи од пораката во насловот на текстот, дека не е до писменоста зашто денес сите што активно учествуваат во високо одговорниот општествен процес наречен новинарство, се доволно писмени, доволно медиумски образовани. Клучот би требало да се смести кај новинарскиот карактер. Кај карактерот на новинарот, на репортерот, на водителот, на уредникот, на сопственикот на медиумот. Пресудното е во овој хиерархиски редакциски ланец да бидат вткаени професионалните карактерни новинарски скрупули. Да се вградат свесноста, свеста и совеста за одговорноста на секој актер во најјавната професија воопшто. Да се разбере дека новинарството е мошне, мошне одговорна професија и дека новинар - тоа не може да биде секој.

Автор: Зоран Иванов, новинар

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.