Вирусот го „умртви“ спортот, но ги оживеа спомените од нашите врвни дострели

Се чита за 6 мин.

292880 koga makedonija ja gazeshe grcija na evropskoto vo kosharka

 Спортот застана, но спортското новинарство не, во ниту еден миг, затоа што ова се моменти во кои не постои никаков вид на Ковид, кој може да нè спречи да пишуваме, да се потсетиме и на моменти да ни се запотат рацете на тастатура од возбуда, особено кога ги гледаме на Јутјуб безвременските спортски блесоци на нашите јунаци.

На 26 март 2020 година, Градскиот стадион требаше да „крца“ и да еруптира, а 20 дена претходно, веројатно како никогаш претходно во историјата на репрезентативниот фудбал, се случи масовна и екстра брза распродажба на карти за натпревар на македонската фудбалска репрезентација. Отидоа сите за рекордни три дена.

ФФМ објави банер на кој со големи букви пишуваше „SOLD OUT“, а многумина останаа шокирани од фактот што историскиот натпревар Македонија - Косово ќе мора да го гледаат од дома, бидејќи карти повеќе немаше ни за лек.

Само четири дена подоцна од Италија пристигнаа вести кои на нашата фудбалска власт и создадоа крупен проблем. Доаѓањето на Пандев, Елмас и Несторовски стана комплицирано, па и неизводливо. Ковид-19 почна агресивно да напаѓа и да ги условува луѓето кои ќе патуваат со 14-дневна изолација.

Тоа беше еден вид најава, дека оваа пролет ќе биде поинаква од сите други и на спортски план. Но, некоја мала надеж ми велеше дека фудбал сепак ќе има и дека ова брзо ќе помине.

Атмосферата на тој 26 март ја имав во глава уште претходно. Нашиот фудбалски храм покриен со знамиња во црвено жолта боја, фудбалерите мотивирани до даска и гордо исправени ја пеат македонската химна, а од трибините силно ехо на навивачки песни, особено во оваа прилика кога десетици навивачки групи се здружија и требаше да ја наполнат западната трибина.

Сонот на капитенот Пандев и соиграчите, на гледачите со карти и на оние кои задоцнија со купување, како и на нас новинарите, се одложи. Со тоа ни го скрати задоволството кое го чекаме скоро три децении. Да ја гледаме Македонија оддалечена овој пат на само 180 минути до еден историски настап на големо натпреврување. ЕП 2020.

И тоа она револуционерното, кое 60-годишнината требаше и треба да ја прослави за прв пат во 12 земји со 24 селекции. Јубилеј преместен за 2021 година.

И наместо ситно да броиме до соседското дерби на кое очекувавме победа и пласман во финалето на таа пуста Лига на нации која треба да се заокружи наесен, броевме по колку спортски настани се откажуваат дневно и кои спортисти се заразени.

Многу земји, вклучително и нашата се обидоа да продолжат со спорт зад затворени врати, но не бива натпревар без навивачи. Така салите и стадионите почнаа да фаќаат прашина, а фудбалерите преку видеа се натпреваруваа во жонглирање со тоалетна хартија.

Вонредната состојба со коронавирусот го замрзна спортот во цела планета, но не ми ја сопре желбата и креативноста за пишување. Напротив, ми ги одмрзна моите омилени теми за кои  претходно немав толку време да им се посветам темелно.

Тоа се најголемите фудбалски, кошаркарски и ракометни успеси кои ја кренаа цела нација на нозе и ја носеа на плоштад. Како уредник на спортската рубрика Офсајд на порталот Офф.нет, каде пишувам веќе осма година, читателите ги навратив низ спортскиот времеплов и на некои подзаборавени натпревари кои се нераскинлив дел од македонската, а и од југословенската спортска историја.

Доволно е што чепнав во ретро архивите околу три децении во минатото, бидејќи за подлабоко ќе не фати лето во кое сепак, според најавите, ќе има тековен спорт, кој почнува полека да се враќа на сцена.

ДАРКО ПАНЧЕВ, ФК ВАРДАР, ЈУГОСЛАВИЈА

Можеби најјакиот состав во историјата, Вардар го имаше во сезоната 1987/1988, кога предводени од Андон Дончевски екипата ја красеа имиња како Вујадин Станојковиќ, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Јовче Џипунов, Тони Савевски, Љупчо Марковски, Мирко Спасески, Дарко Панчев, Драган Канатларовски, Чеде Јаневски...

293135 kako shampionskata generacija na vardar ja dominirashe zvezda na gradski

Таа сезона ја доминираа Црвена Звезда во Скопје и ја совладаа 1:0 со голот на Јаневски. Тоа беше натпревар од првата југословенска лига, додека во Купот одиграа 1:1. И двата гола се празник за очи, а царот за архива по име Јутјуб, ги чува. Ги постигнаа Пикси и Панчев со волеј удар. Убавини за гледање.

Клупскиот фудбал за жал долго време ни е на ниски гранки и за испишување историја со златни букви чекавме долго. 30 години по онаа силна генерација на Вардар предводена од Панчев, се случи сензационална елиминација на фаворитот Фенербахче и пласман на Вардар во Лига Европа. Скопје беше во транс. Овој пат, Панчев се најде во функција на директор во клубот каде што некогаш ги кинеше мрежите.

Репрезентативниот фудбал со Југославија е приказна за себе за која говорат фотографии и видеа на кои Томислав Ивковиќ му брани пенал на Марадона. Зборуваме за култниот Мундијал Италија 1990 на кој настапија симболи како Барези, Малдини, Баџо, Ромарио, Клинсман, Гаскоњ, Ван Бастен, Гулит, Роџер Мила...

Југославија во квалификациите ја збриша групата без пораз и се пласираше заедно со Шкотска. Извиси една Франција предводена од Ерик Кантона, Жан Пјер Папин, Дидие Дешамп и Лорен Блан, слави имиња кои ги водеше славниот Мишел Платини.

За овој безвременски спој на југословенски легенди да можам би пишувал и по 100 години. Дејан Савичевиќ, Драган Стојковиќ Пикси, Роберт Просинечки, Среќко Катанец, Сафет Сушиќ, Давор Јозиќ, Фарук Хаџибеџиќ... и секако двајцата наши, а малку подоцна македонски репрезентативци: Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ.

292970 golemiot uspeh na jugoslavija na sp 1990 koja za vlakno ne ja skroti i argentina

За влакно не се пласираа меѓу најдобрите четири во светот. Пречката се викаше Аргентина која во четвртфинале славеше на пенали со 3:2. Сатисфакција беше што му одбранивме пенал на еден од најдобрите на сите времиња. Претходно во осминафиналето, јунаците на Ивица Осим ја елиминираа Шпанија со двата гола на Пикси. Прво го прати својот чувар по бурек, а во продолженијата изведе мајсторски слободен удар. Кобра даде два комада во групна фаза против ОАЕ. Југоносталгичарите кои ме читаат, солза ќе им потече од што им е убаво.

Само три години после ова Светско, последно за Југославија, добивме репрезентативен фудбал под палката на независна Македонија. Сите се потсетуваат на дебито во Крањ во таа 1993-та, но како да остана подзаборавен вториот меч и прв на Градски.

На интернет ќе пронајдете драгоцени 54 секунди, сосема доволни за да ви доловат каков фудбал играа момците на чичко Дончо кои се креатори на првата македонска селекција. Победа од 2:0 против Словенија и два гола од изградени акции во стилот на Барселона. Прво Жарко Серафимовски, а потоа Зоран Бошковски Чоко кој ја заби душмански на асистенција на Цапар.

СЕНЗАЦИЈАТА ВО ЛИТВАНИЈА И ЛУДИЛОТО ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Ако некој сака да направи документарец за македонската кошарка има задолжителна обврска да величи два незаборавни успеси, првиот клупски, вториот репрезентативен.

175908 najlegendarnoto video parche za makedonskata kosharka

На 6 ноември 1996, осумкратниот европски првак Реал Мадрид му гостуваше на МЗТ Скопје во рамките на Евро Купот. Кралскиот клуб го водеше големиот стратег Жељко Обрадовиќ кој го имаше во тим 23 годишниот Дејан Бодирога.

Страшна атмосфера во стариот Јане, како во котел, каде царуваа Врбица Стефанов, Мирза Куртовиќ, Тони Симиќ, Марк Дин, Перо Блажевски, Ѓорги Књазев и останатите предводени од Александар Књазев.

Само тој што нема поим од кошарка можеби не ги знае овие јунаци кои го урнаа славниот Реал. Видео снимките се уште повпечатливи за уживање, бидејќи коментира легендарниот Љубомир Николовски. Тишина е потребна, ќе рече мајсторот за преноси од НБА на последното слободно фрлање на Перо.

Во аналите на македонската кошарка ќе остане се разбира и успехот за кој асоцијација е коментарот на Владо: „Леле што направивме“. Четврто место на Евробаскетот во 2011. Творците на овој неповторлив успех се кажуваат и во 3:00 по полноќ.

292880 koga makedonija ja gazeshe grcija na evropskoto vo kosharka

Антиќ, Бо Мекејлеб, браќата Дамјан и Војдан, Чековски, Гечевски, Илиевски, Самарџиски... предводени од Марин Докузовски. Остварија скор од 7 победи и 3 порази. Во групна фаза падна Грција, а во четвртфинале домаќинот Литванија со најважната тројка во кариерата на Владо.

ТРИ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ ВО РАКОМЕТ

Тоа е посебна тема во која за да можам да елаборирам целосно, актуелните спортски вести ќе требаа да почекаат во карантин. Затоа одиме во најкуса верзија.

Видовме многу, уживавме, се гордеевме, се радувавме, но и се нервиравме со нашите јунаци. Ќе се потсетиме кога и како почна таа треска која потоа удри силно, со континуитет во машкиот репрезентативен ракомет.

Лентата ја мотаме наназад во јануари 2008, месец кој веќе по традиција е резервиран за ракомет и тресење пред телевизор дали ќе им тргне или не на Кире и дружината. Се работи за квалификациски меч против Португалија на кој се боревме да влеземе во бараж за Светското 2009 во Хрватска.

Дома ја совладавме со 5 гола разлика, резултат кој мислевме дека е доволен, но во Гимараеш бевме речиси елиминирани, затоа што домаќинот имаше пенал во последните секунди. Борко го одбрани и од тогаш - кога Македонија се појавува на ракометната сцена, продажбата на дијазепам се зголеми.

292441 nezaboravnata odbrana na borko po koja pochna makedonska rakometna bajka

Серијата веројатно ви е добро позната, а тоа се девет настапи на големите натпреварувања од можни десет. Пет учества на ЕП и четири на СП. Епски успех ќе остане оној во Србија каде на ЕП 2012 нашите ракометни јунаци завршија на петто место.

Со што ја забавував публиката на тема клупски ракомет? Кометал 2002 – европски шампион, Вардар 2017 – европски шампион, Вардар 2019 – европски шампион. Преполн плоштад, огномет, „бакљада“, шампионски автобус под Триумфална, химни, солзи, река од народ накај аеродромот. Ежење.

Спортот застана, но спортското новинарство не, во ниту еден миг, затоа што ова се моменти во кои не постои никаков вид на Ковид, кој може да не спречи да пишуваме, да се потсетиме и на моменти да ни се запотат рацете на тастатура од возбуда, особено кога ги гледаме на Јутјуб, безвременските спортски блесоци на нашите јунаци.

А, сега дајте ни го плејофот од Лига на нации кој најверојатно ќе се игра наесен. Пандев и другарите го чекаат со нетрпение, затоа што во кариерата имаат еден вистински сон, а тоа е да ја однесат Македонија на Европско првенство.

Го чекаме и ние кои сме инфицирани од фудбалски и општо спортски вирус. Да гледаме, да пишуваме, да се радуваме, ама на стадион.

 

Автор: Филип Нацоски, уредник на спортската рубрика Офсајд на порталот Офф.нет.

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.