33 млади од цела Македонија ја стартуваа првата средношколска веб платформа

Reading time: 0 minute(s)

Multi

За време на петдневната работилница која се одржа од 15 до 19 декември во Охрид,  30-тина средношколци од повеќе етнички заедници и од сите краеви на Македонија ги објавија своите мултимедијални првенчиња на првата средношколска веб платформа multiviamedia.edu.mk. Во рамки на практичниот дел од работилницата беа произведени 16 фото стории и 17 видеа на теми поврзани со културното наследство, секојдневието, познатите охриѓани и местата во градот каде што младите луѓе спортуваат и се забавуваат.
На работилницата која е дел од проектот Мулти виа медиа, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, средношколците ги изучуваа основните алатки за создавање мултимедијални содржини и нивно поставување на веб страници, дискутираа за интеркултурните комуникации и за известувањето за различностите. 
Учествувајќи во сите фази на создавање на содржините, овие млади луѓе имаа шанса одблизу и практично да го запознаат Интернетот како слободен и едноставен простор каде може да го изразуваат својот креативен потенцијал, да комуницираат и да ги надминуваат меѓуетничките бариери.
Дружењето и забавата беа составен дел од оваа работилница, средношколците гостуваа на премиерната изведба на претставата “Европа“, а се организираa и вечерни излегувања, на кои учениците се забавуваа со своите омилени изведувачи и песни.
Овој проект се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија.