Работилница за онлајн новинарство со Дејвид Бруер, некогашен уредник на онлајн изданија на Си-Ен-Ен и Би-Би-Си

Reading time: 1 minute(s)

David Brewer PicМакедонскиот институт за медиуми организира полудневна работилница посветена на најновите светски трендови во онлајн медиумите и онлајн новинарството, која ќе се одржи утре (7 декември 2010) во хотелот „Стоун Бриџ“ во Скопје, со почеток во 10 часот.
Работилницата ќе ја води британскиот експерт за нови медиуми Дејвид Бруер (David Brewer), истакнат новинар и уредник со речиси триесетгодишно искуство во весници, радио, ТВ и онлајн медиуми во Британија и на меѓународната медиумска сцена. Бил главен уредник задолжен за лансирање на BBC Online news во 1997, во 2000 се сели во CNN каде со тим на уредници ги поставува и лансира CNN.com EMEA и CNNArabic.com , а работел и како консултант на уредниците на Al Jazeera за лансирањето на програмата на Al Jazeera на англиски. За повеќе детали во врска со неговото искуство, кликенете го линкот кој води до биографијата:  http://uk.linkedin.com/in/mediaideas .
Работната средба ќе се одвива на англиски јазик во два дела. Во првиот, г. Бруер ќе ги презентира најновите глобални трендови во онлајн новинарството, а вториот дел ќе биде отворен за прашања од учесниците и дискусија. Ова е одлична можност медиумските професионалци да го искористат искуството на г. Бруер за да стекнат релевантни информации за успешни модели на онлајн медиуми од меѓународната сцена, но и да продискутираат / се консултираат околу технички и организациски решенија кои ќе им помогнат да ги направат нивните редакции поефикасни и пофункционални, а новинарската содржина подостапна и поатрактивна за корисниците/посетителите.

Овој настан  е дел од  втората од серијата обуки за онлајн медиуми кои ги спроведува МИМ годинава, а се однесува на уредувачките, организациските  и техничките аспекти во онлајн медиумите. Учесници на обуката ќе бидат уредниците на сајтовите/онлајн изданија, но и техничките уредници/администратори на 12 традиционални и онлајн медиуми, со што преку оваа обука сакаме да им помогнеме на медиумите во Македонија да постигнат синергија и подобра координација помеѓу содржинскиот и техничкиот оддел во онлајн редакциите.

Освен обуките, во рамките на проектот за онлајн медиуми МИМ спроведува и обемно истражување на состојбите со онлајн новинарството и онлајн медиумите во Македонија, кое ќе биде претставено на еднодневна конференција за онлајн медиумите која ќе се одржи во Скопје на 14 декември 2010, а за која ќе бидете дополнително известени.  Проектот се реализира со поддршка од Балканскиот фонд за демократија (БТД), Европскиот центар за новинарство и норвешката фондација Фрит Орд.