Тркалезна маса за состојбите и предизвиците за новинарството и медиумите онлајн

Reading time: 0 minute(s)

On Trkalezna

Утре (вторник, 14 декември 2010, управна зграда на Скопски саем, почеток 10 часот) Македонскиот институт за медиуми организира тркалезна маса посветена на состојбите со онлајн медиумите и онлајн новинарството во Македонија. 
Во рамките на настанот ќе се одржат две работни сесии. На првата сесија ќе биде претставено најновото истражување на Институтот за состојбата со онлајн медиумите и онлајн новинарството во Македонија, кое ги опфаќа аспектите на содржината, ресурсите, публиката и финансиската одржливост на онлајн изданијата во земјава. Во втората сесија истакнати професионалци и експерти од новинарството, маркетинг агенциите и организации кои го мерат однесувањето на публиката ќе ги изнесат своите видувања и ќе дискутираат за клучните предизвици за онлајн медиумите во однос на подобрување на содржината, привлекувањето и задржувањето на публиката и зајакнување на маркетингот онлајн. 
Овој настан е дел од проектот за зајакнување на онлајн медиумите и онлајн новинарството во Македонија кој го спроведува МИМ годинава, и вклучува активности насочени кон подобрување на уредувачките, организациските и техничките аспекти во онлајн медиумите. Освен оваа средба, во рамките на проектот се спроведоа три обуки со истакнати странски експерти, една полудневна работилница за светските трендови во онлајн медиумите, како и обемно истражување на состојбите со онлајн новинарството и онлајн медиумите во Македонија. Проектот се реализира со поддршка од Балканскиот фонд за демократија (БТД), Европскиот центар за новинарство и норвешката фондација Фрит Орд.