Започна обуката за подобрување на квалитетот на онлајн новинарството

Reading time: 1 minute(s)

Со првата обука предвидена со овој проект, која се одржа од 4 до 6 ноември во Скопје, беа опфатени создавачите на медиумската содржина – новинари и уредници на сајтовите на 12 медиуми од земјава, од кои едната половина работат во он-лајн изданија на традиционални медиуми, а другата во нови медиуми кои се родени на глобалната мрежа.

Обуката ја водеа Пер Андерс Јохансен, Јан Гунар Фурули и Петер Марковски, уредници и истакнати новинари од угледниот норвешки весник „Афтенпостен“, кои имаат огромно искуство во сферата на онлајн новинарството, и Зоран Ричлиев, предавач за нови медиуми на Високата Школа за новинарство и односи со јавноста, чијашто улога беше да ги стави знаењата споделувани на обуката во локален контекст.

Во рамките на обуката беа опфатени повеќе значајни теми, како што се пишувањето онлајн, користењето на мултимедијални алатки во онлајн новинарскиот производ, користењето на Интернетот за прибирање податоци и истражување,  а значаен дел на дискусијата се водеше околу начините како од сериозна информација да се создаде производ кој ќе биде атрактивен и ќе придонесе за зголемување на посетеноста на сајтовите и мобилизирање на корисниците и читателите.  

Со другите обуки кои ќе се спроведат во рамките на проектот во почетокот на декември, ќе бидат опфатени и техничките оддели на онлајн медиумите, сопствениците и маркетинг одделите, кои ќе имаат можност да работат со видни меѓународни експерти и да ги подобрат своите технички, организациски  и маркетинг вештини, со што ќе се придонесе за поголема ефикасност и функционалност и финансиска одржливост на онлајн редакциите. Во рамките на проектот се спроведува и истражување за актуелната состојба во е-информативната сфера кај нас, кое ќе биде претставено во рамките на конференцијата посветена на онлајн новинарството, што ќе ја организира МИМ на 14 декември годинава.