Медиумската писменост, како нов пристап при предавањето на наставните содржини, и како начин за развивање на критичките и аналитичките способности на младите луѓе, ќе биде тема на конференцијата „Медиумска писменост – поттикнување на учеството на младите во демократските процеси“, што ќе се одржи на 11 мај 2010 година во хотелот Холидеј ин во Скопје, со почеток во 10 часот. Овој настан е дел од проектот „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“ што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје и Европскиот центар за новинарство од Холандија, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија и Бирото за развој на образованието.
Целта на конференцијата е да собере врвни експерти од земјава и од странство кои ќе разменат знаења и искуства за медиумската писменост и на тој начин да го популаризира овој современ пристап кон образованието меѓу пошироката научно-образовна и медиумска јавност. За таа цел се поканети експерти од Светската асоцијација на весници и новински издавачи, претставници од холандскитe невладини организации Кениснет и Крант ин де Клас, коишто години наназад работат на полето на медиумската писменост, како и видни медиумски професионалци, наставници, претставници на владини институции, на невладниот сектор и експерти од оваа област од Македонија.
На конференцијата ќе бидат промовирани „Прирачник за наставници за изучување на медиумската писменост во наставата по мајчин јазик“ што ќе биде достапен на македонски, албански, српски и турски јазик, како и интернет-страницата за медиумска писменост на која сите заинтересирани за областа на медиумската писменост ќе може да најдат повеќе информации, содржини и материјали.
Инаку, досега во рамки на проектот беа одржани 20тина обуки за медиумска писменост, од вкупно предвидени 55, за сите наставници по мајчин јазик од основните и од средните училишта низ Македонија.
Проектот е финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, преку програмата МАТРА.