Одржана трибина „Како медиумите информираа за изборите 2009“

Reading time: 1 minute(s)

Dscn0563 Неопходноста од измени во изборното законодавство што ја регулира работата на медиумите во предизборниот период, како и потребата од организирање почести дебати помеѓу медиумите и политичарите, но и во програмската понуда на редакциите,  се меѓу поважните заклучоци упатени од трибината „Како медиумите информираа за изборите 2009,“ што се одржа на 30 април 2009 во организација на Македонскиот институт за медиуми, а по повод одбележувањето на 3 мај, Меѓународниот  ден на слободата на печатот.

На настанот присуствуваа 50-тина претставници од влијателните национални и локални медиуми, од политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ЛДП и НД, како и претставници од Советот за радиодифузија и од Државната изборна комисија.

Во рамките на настанот, проф. Др. Весна Шопар го презентираше финалниот Извештај на МИМ во кој се анализира содржината на информативната програма кај 16 национални и локални телевизии и дневни весници во последните две недели од кампањата пред првиот круг на претседателските и локалните избори.

Во извештајот се нагласува дека  од програмско-содржински аспект, информирајќи за изборните случувања, улогата на слободен и критичен инструмент на демократската дебата, која подразбира преиспитување на партиските и идеолошките ставови, анализа на програмските приоритети и анализа на можностите за реализација, како и социјалните последици на предложената политика, наместо самите да ја одиграат,  медиумите им ја препуштија на политичките актери во кампањата (и кандидатите, и политичките партии и нивните лидери).

Наспроти задоволството на политичките партии од начинот на кој медиумите информираа за изборните активности,  најголемиот дел присутни уредници и новинари ја посочија некооперативноста на дел од претседателските и градоначалничките кандидати и нивното одбивање да се соочат на јавна дебата во медиумите, што значително влијаеше врз можноста медиумите сеопфатно да ги претстават и да ги дебатираат и анализираат нивните ставови и размислувања.

Од страна на СРД беше истакнато дека поради слабостите кои произлегле од имплементацијата на последните измени во Изборниот законик во делот на медиумското покривање на изборите, ова регулаторно тело веќе подготвува предлози за идни поефикасни законски решенија.