Соопштение за јавноста во врска со вчерашните случувања поврзани со А1 Телевизија

Reading time: 1 minute(s)

А1 Телевизија синоќа беше злоупотребена заради интересите на сопственикот на телевизијата и во политички цели. Сопственикот на телевизијата има обврска да и објасни на јавноста зошто дозволи новинарите во А1 да бидат ставени во функција на неговите лични  интереси. Недозволиво е еден медиум да биде искористен за создавање  медиумска реалност со која се шири атмосфера на вознемиреност и несигурност, особено поради тоа што во програмата имаше говор на омраза и нарушување на професионалните  и етичките стандарди.  

Факт е, исто така, дека граѓаните не добија навремена информација од  институциите  на државата зошто полицијата беше присутна пред влезот на телевизијата А1, со што се создаде дополнителна вознемиреност во јавноста. Присуството на полицијата пред еден медиум може да се толкува како обид за притисок врз слободата на медиумите и обид за попречување на работата на новинарите, што е недозволиво во едно демократско општество. Надлежните институциите треба да објаснат кој и зошто дозволи да се случи тоа. Државните институции при вршењето на своите законски надлежности не смеат да ја попречуваат работата на новинарите и нивното слободно движење. Сите обвинувања за физичко малтретирање на новинарите треба  веднаш  да се проверат и доколку тоа се потврди, сторителите најостро да се санкционираат.  

Вчерашните случувања се последица на состојбата во медиумскиот сектор што трае со години наназад и не е првпат, сопствениците на медиумите да ги стават медиумите во служба на личните интереси, интересите на политиката или на бизнис интересите.  

Ги повикуваме новинарите да не дозволат овој настан дополнително да го усложни  започнатиот процес на консолидирање на македонското новинарство и да биде повод за понатамошни делби меѓу колегите. Единствен начин да се стопира деградацијата на новинарската професијата е доследното почитување на професионалните и етичките стандарди и здружување на новинарите заради заштита на професијата од сите видови притисоци.