Анализата на МИМ и ВШ за состојбите во јавната радиодифузија искористена за расправа во Собранието

Reading time: 1 minute(s)

„Каков радиодифузен сервис и е потребен на Република Македонија“  беше тема на која на 14ти октомври 2010 се водеше јавна расправа во Собранието на Република Македонија, во организација на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Клучен документ кој беше предмет на оваа расправа беше анализата на јавната радиозифузија на Македонија во контекст на европската медиумска политика,  што неодамна ја изработија Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Високата школа за новинарство и односи со јавност(ВШ).

Според анализата којашто ја претстави професорката од ВШ, Снежана Трпевска,  јавниот сервис на Македонија е во криза поради системски и внатрешни причини: голем број комерцијални медиуми и силна конкуренција, фрагментирање на публиката, непостоење ефикасен модел на финансирање, политичко влијание, лошо менаџирање,  недоволни технички и продукциски ресурси... Се препорачува државните институции да ги обезбедат сите механизми за  собирање на радиодифузната такса, а со промена на законската регулатива да се гарантира институционална автономија и уредувачка независност на МРТ.

Очекувано, главен акцент на дебатата беше ставен на моделите и начините за финасирање на јавниот сервис и на законскиот предлог на Владата за наплата на радиодфузна такса од страна на Управата за јавни приходи, но и за други можни решенија кои би обезбедиле финансиска, а со тоа и поголема уредувачка независност и поголем квалитет на програмите на јавниот сервис. Повикувајќи се на препораките на Советот на Европа, Билјана Петковска од МИМ истакна дека висината на радиодифузната такса не смее да се определува според она што политичарите сметаат дека е прифатливо за нивниот електорат, туку износот да ги одразува реалните потреби на јавната радиодифузија, за што, потсети Петковска, никој се уште не подготвил темелна анализа.  Решението радиодифузната такса да ја наплаќа УЈП пратениците од опозицијата го оценија како погрешно, и како нешто што ќе создаде голем проблем за самата управа поради преголемиот обем на работа со испорачувањето на фактурите, а ќе поттикне незадоволство и кај граѓаните. Од друга страна, СРД потсети на својот предлог за наплаќање на таксата преку зголемување на акцизата. Според претседателот на ова регулаторно тело, Зоран Стефановски, на овој начин финансиското оптоварување за граѓаните и фирмите би било помало, за разлика од  актуелниот предлог на Владата за наплата на радиодифузната такса од УЈП, кој според Стефановски само ќе ја усложни постапката.

Според професорката Весна Шопар, дел од тимот што ја изготви анализата, државата се уште нема демократски капацитет да создаде услови за функционирање на успешен јавен радиодифузен сервис, а решението на финансирањето нема да ги реши останатите проблеми.  Нема држава која не се обидела да го наметне своето влиание врз јавниот сервис. Дури и Би-Би-Си е на удар на такви влијанија, но има демократски капацитет да се избори со тоа, посочи Шопар.

Дел од учесниците на расправата порачаа и дека јавноста не треба да го изедначува плаќањето радиодифузна такса со плати за вработените во МРТ бидејќи тие финансии се наменети за развој и одржување на целата радиодифузна мрежа и за нејзина регулација. Претстојната дигитализацијата на радиодифузијата беше истакната како процес на кој треба да му се посвети големо внимание, а за тоа во анализата се препорачува да се обезбедат дополнителни средства од Буџетот.