Одржана тркалезна маса за уредувачката етика во онлајн медиумите

Reading time: 0 minute(s)

На тркалезната маса беа претставени Препораките за уредувачка етика во онлајн медиумите, подготвени од Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), како дел од проектот што беше спроведуван во изминатата година од Медиа Центар Сараево, една од осумнаесетте членки на СЕЕНПМ. Овој документ се базира на основните правила во новинарското известување, од каде се извлечени критериумите за етичките стандарди во онлајн новинарството, како што се: 1) рамнотежа и објективност; 2) интегритет и независност; 3) точност; 4) разноликост на мислења; 5) вкус, пристојност и навреда, како и 6) правда приватност и дозвола. Во Препораките може да се најде детално образложение за значењето и примената на сите овие начела, поткрепени со студии на случаи од повеќе држави во Југоисточна Европа.   

Во дискусијата која се отвори на тркалезната маса, уредниците од повеќе онлајн медиуми препорачаа дека интернет изданијата на традиционалните медиуми треба да имаат класични уредници, наместо технички систем - администратори, бидејќи онлајн медиумите стануваат значаен фактор во технолошко - комуникациската сфера. Во врска со онлајн коментарите на читателите, беше нагласено дека на нив треба да се гледа како на дел од содржината на самиот текст, кој може да отвори нови аспекти на новинарската приказна. Поради тоа, и коментарите кои читателите ги оставаат на онлајн изданијата и медиумите, треба да бидат предмет на етичко разгледување.