Известувањето за претседателските избори задоволително, за локалните скромно

Reading time: 1 minute(s)

Наспроти фактот дека во Македонија се одржуваат „двојни избори”, и прет­се­дателски и локални, како и тоа дека изборите во Македонија отсекогаш се сметале за медиумски најзначаен политички процес, овојпат највлијателните национални електронски медиуми на изборите не им го дадоа она значење, како што се очекуваше од нив. Ова е дел од првичните сознанија добиени од медиумскиот мониторинг што Македонскиот институт за медиуми го спроведе од 8 до 20 март, а беа презентирани на прес конференцијата одржана на 2 април 2009. Во мониторингот беа вклучени 6 национални и 6 локални ТВ станици, како и 4 дневни весници. Прелиминарните резултати ги образложија проф. д-р Весна Шопар и Петрит Сарачини, раководител на проектот.

Истражувањето покажа дека националните радиодифузери понудиле релативно задоволителен прос­тор во информативните емисии за прет­се­да­тел­с­ки­те избори, но повеќето од мо­ни­то­ри­раните медиуми, со исклучок на Алсат М и Македонската те­ле­ви­зија, по­т­фр­лиле кога станува збор за специјализираните емисии, како што се дебатите, интервјуата итн. Скромен простор, според резултатите, бил отс­та­пен на изборите за гра­­до­на­чал­ник на Град Скопје, а информации за локалните из­бори во другите гра­дови во Македонија речиси и да немало.

Според истражувањето, мониторираните локални телевизии во ин­фор­ма­­тивните емисии се фокусирале на локалните избори, но и кај нив, понудата во однос на другите типови емисии била скромна. Отстапување од оваа констатација е забележано кај охридската ТВ М,  и делумно кај ТВ Вис од Струмица

Што се однесува до печатот, истражувањето покажа „скромна” изборна понуда, жан­ров­с­ки доминантно информативна, наспроти слабата застапеност на ин­тер­п­ре­та­тив­но-аналитичкиот пристап. Исклучок од овој тренд е забележан кај весникот Дневник.   

Првичните сознанија покажуваат дека во известувањето преовладувале извештаи од изборните активности на пар­тии­те и кандидатите, но тоа претежно биле штури информации од ка­те­го­ри­ја­та “промоција на кандидатите”, т.е информациите фактографски ја следеле дневната агенда на кампањата на кандидатите, набројувајќи кои места кан­ди­датите ги посетиле и со кого се сретнале.

Според истражувањето, доминантни теми во претседателската кампања биле спорот за името и евроатланските интеграции, а делумно и меѓунационалните односи, до­дека, пак, во локалната кампања - урбанизмот и инфраструктурата, де­цен­т­рали­за­цијата, економијата.