Новости

Web Vest

Преку координираност и меѓусекторска соработка до зголемување на свесноста за имунизација и справување со дезинформациите

Потребна е стратешка комуникација на здравствените институции со јавноста и новинарите, подобра меѓуинституционална поврзаност и меѓусекторска соработка со цел да се подигне свесноста и информираноста за имунизација и за адресирање на дезинформациите. Неопходно е да се поттикне поголема вклученост на медиумите во едукативни активности за значењето на имунизацијата кај децата и кај општата популација и континуирано да се зајакнуваат капацитетите и информираноста на новинарите и на уредниците од оваа област. Ова се некои од препораките кои произлегоа од дискусијата во рамки на настанот „Справување со дезинформациите околу вакцинацијата – потреби и предизвици“, што го организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а со финансиска поддршка од УСАИД. Овој настан го означува почетокот на повеќе активности преку кои новинарите и претставниците на здравствените институции и други релевантни чинители треба да ја унапредат комуникацијата и да разменуваат искуства со цел зголемување на свесноста и мотивираноста на граѓаните за потребата од имунизација, како и за справување со дезинформациите од областа на здравството. Активностите ќе траат до ноември 2022 година и во нив ќе бидат вклучени новинари од најрелевантните медиуми во земјава, како и претставници од Министерството за здравство, Националната комисија за имунизација, Комисијата за заразни болести, педијатри, експерти за вакцини и експерти за медиуми и комуникации.
Teamwork Meeting

Предмет: Барање за понуда за подготовка и испорака на храна и пијалоци за обуки

Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Бирото за развој на образованието, во периодот од 22 август до 9 септември 2022 година организираат дводневни обуки за наставници (бројот на наставници, термините и градовите на одржување на обуките се дадени во прилог на барањето понуда). Понудувачот е дожен да подготви и обезбеди до утврдената локација наведена во анексот,* пакет намирници за секој учесник на обуката: Ладен сендвич (лепиња, кашкавал, говедска/пилешка салама, сезонска салата)/(или) пециво (пита, баничка) од 200 грама Безалкохолен пијалок од 500 мл Кафе *Називот на конкретните училишта во кои ќе се спроведуваат обуките и контакт личност ќе бидат обезбедени откако ќе биде избран понудувачот. Храната треба да е спакувана согласно стандардите за безбедност на храна, да има обезбедено хартиени/пластични чаши, спакувано кафе, шеќер и прибор за јадење. Понудената цена треба да ги вклучува сите трошоци на добавувачот (подготовка, пакување и дистрибуција на храната до наведената локација). Цената на понудата треба да биде изразена во денари (со одделно изразен ДДВ) и да се однесува на поединечен оброк за учесник. Понудите да бидат доставени на електронска адреса mim@mim.org.mk, најдоцна до 5 август 2022 година. АНЕКС176.67 KB
Prg 1 1

Новинари и уредници на студиска посета во Прага

Десетина новинари и уредници од Македонија, Србија и Косово беа дел од студиската посета во Прага од 13 до 16 јуни што се реализираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ во кој Македонскиот институт за медиуми е еден од партнерите. Целта беше преку посета на професионални и истакнати редакции во Прага, новинарите и уредниците да разменат искуства, информации и добри примери, што ќе можат да ги применат во редакциите во коишто работат. Учесниците се запознаа со процесот на производство на вести во неколку истакнати медиуми во Чешка, како што се неделниот магазин „Respekt“, дневниот весник за политика, економија и финансии „Hospodárske noviny“, националното чешко радио „Český Rozhlas“ и редакцијата на Радио Слободна Европа „Radio Free Europe/Radio Liberty”. На средбите се разговараше за уредувачките политики, како и за функционирањето на уредничката независност. Претставниците од медиумите зборуваа и за начините на кои медиумите се справуваат со дезинформациите и говорот на омраза, а се осврнаа и на механизмите преку кои се остварува интеракција со публиката. Во рамките на престојот во Прага, новинарите и уредниците имаа можност да се запознаат со концептите на конструктивно новинарство и медиумска критика како комплементарни и иновативни начини за зголемување на квалитетни содржини во медиумите.  
Web F5

Над 100 наставници од основните училишта го завршија првиот дел од обуката за медиумска писменост

Повеќе од 100 наставници од основните училишта од целата држава на 12 и 13 мај 2022 учествуваа на првата обука за наставници-обучувачи за медиумска писменост, што ја организираа МИМ и ИРЕКС во соработка со  Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.   Обуката за наставници-обучувачи ја водеа 25 предавачи-експерти за медиумска писменост кои работат како наставници, новинари и советници во Бирото за развој на образованието. Учесниците на обуката се запознаа со концептот „Учиме да распознаваме“, со методолошките пристапи и различни содржини поврзани со медиумската писменост, како што се промените во медиумската сфера, дезинформации, проверка на информации, анализа на медиумска содржина, говор на омраза, и конструирање претстави преку медиумите. Вториот дел од обуката ќе се одржи кон крајот на август 2022, при што низ практични активности наставниците ќе добијат конкретни знаења и вештини за имплементирање на медиумската писменост во наставните содржини. Почнувајќи од наставната 2022/2023 година наставниците-обучувачи ќе имаат можност да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Обуката на наставниците е во насока на тековните планови на БРО, МОН и на Проектот „Младите размислуваат“ со цел воведување на медиумската писменост во наставните програми за основно образование. Проектот „Младите размислуваат“ е финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), а го спроведуваат ИРЕКС во соработка со локалните партнери - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
3maj 2022 2

Соопштение од МИМ по повод 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите

Македонскиот институт за медиуми им го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите новинари и редакции кои и изминатата година, и покрај вонредните услови за работа, продолжија неуморно да работат и секојдневно да ги информираат граѓаните применувајќи ги највисоките професионални и етички стандарди и грижејќи се тие да добијат квалитетна и проверена информација. На 3-ти Мај го одбележуваме денот кога медиумската заедница и сите граѓани треба да бидат особено гласни и настојчиви во барањето повеќе слобода, поголеми права, подобра безбедност и услови за работа на новинарите, бидејќи тоа се неопходни предуслови за квалитетно извршување на новинарската работа и практикување на слободата на изразување. Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижат сите - властите, политичарите, државните институции, граѓанското општество, академската заедница и сите граѓани. Впрочем, пандемијата со ковид-19 најилустративно ни покажа дека точната и проверена информација може буквално да спаси живот.   Без професионални новинарство и слободни медиуми не може да има  демократијата, мир, просперитет и развој на ниту едно  општество! За жал, оваа благородна професија во глобални рамки се соочува со невидени предизвици и проблеми, кои го доведуваат под знак прашање нејзиниот опстанок во буквална смисла на зборот. Последниот извештај на УНЕСКО што ги детектира светските трендови во поглед на слободата на изразување и развојот на медиумите укажува токму на таа опасност и предупредува дека во изминатите 5 години, 85% од светската популација се соочува со пад на слободата на медиумите во сопствената земја. На оваа листа сега се наоѓаат и високо развиени држави со долга демократска традиција и слободни медиуми.    Најголемите предизвици се детектираат во областите безбедност на новинарите, вклучително и нивната онлајн безбедност, кадешто под најголем ризик се новинарките, потоа слободата на изразување и медиумските слободи, кадешто се опфатени законите, правилата и прописите што се однесуваат или влијаат врз оваа сфера, како и економската одржливост на медиумите, која како резултат на огромното влијание на социјалните мрежи врз пазарот на огласување, од корен ги промени бизнис моделите и начинот на финансирање на медиумите.  Овие глобални предизвици се евидентно присутни и во нашата медиумска средина. За жал, мора да констатираме дека нашето општество, а пред сè политичките елити, како креатори на политиките во оваа сфера, на медиумите и на новинарството сè уште гледаат како на алатки за освојување и одржување на власта, наместо да им дозволат да ја извршуваат својата природна улога - да бидат инструмент за еманципација на граѓаните и поттик на демократскиот и економскиот развој на општеството. Потребен е, не само декларативен, туку проактивен и суштински ангажман на сите релевантни чинители за да се адресираат бројните проблеми, но и да се постават приоритети за долгорочен развој на медиумската сфера. Неопходни се натпартиски, транспарентни, инклузивни и модерни медиумски политики што ќе ги земат предвид новите трендови и стандарди на европско ниво во оваа сфера, како и спецификите на нашиот медиумски пазар. Македонскиот институт за медиуми се приклучува кон меѓународното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите од страна на УНЕСКО под мотото  „Новинарството под дигитална опсада“, со кое повикува на поголема заштита на слободата на изразување, безбедноста на новинарите, пристапот до информации и заштитата на приватноста во дигиталната ера.
Nis21 Cover

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2021“

Новинарката Ирена Каревска ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2021“, за истражувањето на случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавено во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија. Преку серијал од 10 прилози спакувани во модерен телевизиски продукт, авторката умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници. Притоа користи едноставен, разбирлив и оригинален израз, но и храброст, одлучност и упорност во намерата случајот да добие институционална разрешница, што претставува  важен критериум во оценувањето на квалитетот на сториите. Пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија му беше доделена на новинарот Влатко Стојановски за серијалот текстови на тема „Офшор-компании“, објавени на интернет-платформата на СКУП Македонија. Во рамки на серијалот од 3 истражувачки стории, авторот демонстрира темелно новинарско истражување низ кое многу умешно ги разработува, категоризира и анализира сите правни субјекти во чија сопственичка структура се јавуваат други фирми регистрирани во таканаречени офшор-зони, а открива и информации за лицата кои се поврзани со нив или стојат зад нив, за нивните дејства и активности. Новинарката Катерина Топалова ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка“ објавена на интернет-платформата „Само прашај“. Низ оваа куса, динамична и креативна новинарска приказна, авторката на оригинален начин успева на јавноста да ѝ го претстави и актуелизира проблемот со милионските суми кои државната компанија ЕСМ  редовно ги троши за изнајмување машини за ископување јаглен и јеловина. Иновативниот и креативниот пристап во оваа новинарска анализа и мини истражување на тема од висок јавен интерес се состои во тоа што е раскажана на “Green screen” со помош на графика и 3Д-анимација. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“. Фотографијата доловува момент од справувањето со огнената стихија во близина на скопското село Дељадровце, за време на пожарите што се случија минатата година.  „Херојот“ на оваа слика, со кантичка вода, полугол се пробива низ чадот во обид да го изгасне огинот на пругата кај Дељадровце. Авторот Бансколиев преку оваа фотографија на најсликовит начин го претставува поединецот во борбата со огнената стихија, притоа демонстрирајќи креативност, висок естетски израз и чувство за композиција. На годинешниот конкурс пристигнаа: 29 стории обработени низ 88 текстови и видео-прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија; 13 стории во категоријата Најиновативен новинарски производ; 15 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.                                                                       Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Извештај од жири-комисијата796.01 KB
Povik Cover Lead Teacher

ЈАВЕН ПОВИК за поднесување пријави за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост

Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) во соработка со Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ и Македонскиот институт за медиуми објавуваат:    ЈАВЕН ПОВИК за поднесување пријави за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост Ги покануваме сите заинтересирани наставници и наставници-ментори од општинските основни училишта кои ги исполнуваат условите за аплицирање, да се пријават на овој јавен повик во предвидениот рок. Јавниот повик е дел од заедничките активности што МОН и БРО ги спроведуваат заедно со тимот на Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“, каде една од главните цели е воведување медиумска писменост во наставните програми за основно и за средно образование. Основна цел на проектот е да им овозможи на младите да се стекнат со вештини и свесност за медиумската писменост за да можат критички да им пристапуваат на информациите и да градaт отпорност кон дезинформации, мисинформации, говор на омраза, теории на заговор и други форми на манипулација. Наставниците-обучувачи ќе бидат вклучени во обуки за обучувачи преку кои ќе стекнат знаења и вештини поврзани со медиумската писменост, со критичкото размислување и со основните принципи и методолошки пристапи за поучување на содржините од оваа област. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Почнувајќи од наставната 2022/2023 година и во текот на следните неколку учебни години, наставниците-обучувачи ќе бидат ангажирани да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. Се предвидува што поголем број наставници да се стекнат со знаења и вештини поврзани со медиумската писменост за да може таа соодветно да се интегрира во различни наставни предмети. Обуките ќе бидат организирани, следени и сертифицирани од страна на проектот на УСАИД за медиумска писменост и Бирото за развој на образованието. Услови за учество на јавниот повик за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост се следните: најмалку пет години работно искуство како наставник; вработен на неопределено работно време; исполнување на професионалните стандарди за наставник или наставник-ментор и претходно искуство со држење обуки на наставници. Пријавата за Повикот може да ја најдете на следниот линк. Пријавата во електронска форма треба да се испрати до Македонскиот институт за медиуми на следната електронска адреса: povici@mim.org.mk , со назнака „Пријава за Повикот за наставници-обучувачи-<име и презиме>“. Сите прашања околу повикот може да се испратат на следната адреса: ivonae@mim.org.mk, не подоцна од 29 март 2022 година. Одговорите на пристигнатите ПРАШАЊА може да ги погледнете ТУКА. Комисијата за избор ќе биде составена од претставници на МОН, БРО и од Проектот на УСАИД за медиумска писменост. Рокот за поднесување на пријавите за наставник-обучувач е до 6 април 2022 година. Секое барање поднесено по овој датум нема да се разгледува и рангира. Повикот на Албански јазик е достапен на следниот линк: THIRRJE PUBLIKE për paraqitjen e aplikacioneve për mësimdhënës-trajnues në fushën e edukimit ***************************************************************************************************** Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е петгодишна програма финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) која ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).  
Anketa

Мапирање на состојбата со „фриленс“ новинарството во Европа

Фриленс новинарството во Европа значително придонесува кон квалитетното новинарство коешто промовира здрави демократии и информирани општества. Меѓутоа, тоа се соочува со многу професионални и индивидуални предизвици.   Европскиот центар за новинарство спроведува анкета со цел да се мапира тековната состојба со фриленс новинарството во Европа, предизвиците со кои тоа се соочува, како и можностите за негово зајакнување. Анкетата може да ја пополните на следниот линк: https://journalismassembly.com/survey?utm_source=multiplier+outreach+campaign&utm_medium=email&utm_campaign=fjasurvey_outreach_multipliers+%28ENG%29  
Panel1502022 2

Едукација, проактивност и доследна примена на (само)регулаторните механизми за успешно справување со дезинформациите и говорот на омраза

Унапредувањето на судската пракса и зајакнувањето на медиумската саморегулација  претставуваат клучен фактор во справувањето со говорот на омраза и дезинформациите во јавната комуникација. Ова е само еден од заклучоците од панел-дискусија „Ефикасноста на законските и саморегулаторните механизми за справување со говорот на омраза и дезинформациите во Северна Македонија“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На панел-дискусијата говореа претставници на регулаторни и саморегулаторни тела, како и претставници на медиумската заедница. Тие се осврнаа на актуелната состојба со говорот на омраза и дезинформациите во јавниот дискурс, особено од аспект на трендовите кои ги наметнуваат новите медиуми и друштвените мрежи. Како вовед во дискусијата, МИМ ја презентираше анализата „Регулаторна и саморегулаторна рамка за справување со говорот на омраза и дезинформациите во РСМ“, која претставува преглед на основните правни и саморегулаторни механизми што се однесуваат на овие теми. Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во своето излагање истакна дека регулаторот секогаш постапува во случаи на говор на омраза во медиумите согласно правилата дефинирани во Водичот за мониторинг на говор на омраза, во кој е преточена праксата на Европскиот суд за човекови права. „Кога треба да констатирате дека одреден медиум е одговорен за ширење или поддршка на говор на омраза вие всушност треба да донесете мерка да ја ограничите слободата на изразување и тоа мора да биде исклучително добро заснована и докажана одлука. Првиот чекор е да се утврди дали воопшто постои говор на омраза, затоа што не сѐ што не нѝ се допаѓа во јавниот дискурс е говор на омраза“, вели Петреска-Камењарова. Медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството, смета Марина Тунева, директорка на Советот за етика во Медиумите. „Во ниту еден случај медиумите не смеат да дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за ширење омраза, упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството итн.“, истакна Тунева. Согласно членот 10 од Законот за заштита од дискриминација, Комисијата го третира говорот на омраза како вознемирување, чија цел е повреда на достоинството и интегритетот на личноста, посочи Весна Бендевска, членка и доскорешна претседателка на Комисијата. „Во досегашното работење Комисијата постапувала по над 30 предмети кои се однесуваат на вознемирувачки говор, што секогаш е базиран на некоја од дискриминаторските основи наведени во Законот“, вели Бендевска. Таа додава дека зголемен број на случаи на говор на омраза се забележува за време на одредени општествени случувања, како што е „Парадата на гордоста“, или пак за време на изборните кампањи, кога цел на говорот на омраза е политичкото уверување. Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија истакна дека иако земјава доцни со судската пракса во однос на говорот омраза, сепак неодамнешната прва пресуда за говор на омраза на „Фејсбук“, изречена во полза на ЗНМ, дава надеж дека полека ќе се воспостави судска праска и за овие дела. „ЗНМ минатата година, во разговори со надлежните судски органи, како и со Министерството за правда, побара воспоставување посебно одделение во Основното јавно обвинителство, составено од обвинители кои ќе бидат обучени и стручни за дела поврзани со говорот на омраза, бидејќи станува збор за многу специфични дела, особено кога се во прашање вербалните онлајн деликти“, додаде Секуловски. Панел-дискусијата се организираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија.