Новости

T Poseta 2

Претставници од медиумите и граѓанските организации на студиска посета во Брисел

Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми, од 27 до 30 ноември, организираа студиска посета на европските институции во Брисел наменета за претставници од медиумите и од граѓанскиот сектор во Северна Македонија. Целта на посетата беше учесниците да се информираат непосредно од претставници на европските институции за главните политики на Европската Унија во борбата против дезинформации и процесот на проширување, скринингот, преговарачкиот процес,  како и за други актуелни прашања. Во рамки на посетата, новинарите се сретнаа и разговараа со високи претставници на Европската служба за надворешна услуги („EEAS“), Работната група за Западен Балкан (Western Balkans Task Force) и други органи во рамки на Генералниот директорат, како што се „CNECT“ и „NEAR“.На состаноците  беа презентирани и два нови документа кои се особено релевантни за медиумите на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати, и се однесуваат на дигиталните услуги во ЕУ и слободата на медиумите. Групата имаше можност да го посети и претставништвото на Република Северна Македонија во НАТО и Европскиот парламент, кадешто се сретна со заменик-амбасадорот Дејан Велковски и известувачот на Европскиот парламент за нашата земја, Илхан Ќучук.
Using Laptop

Повик за доставување понуди за истражување на ставовите на младите во врска со погрешните информации

Македонскиот институт за медиуми објавува јавен повик за доставување понуди за спроведување истражување на ставовите на младите во врска со погрешните информации и манипулации во јавната сфера, особено на интернет. Понудувачот треба да спроведе телефонска анкета на репрезентативен случаен примерок за перцепциите на младите луѓе (15-34 години) од Источниот и Југоисточниот дел од земјата. Истражувањето треба да се спроведе најдоцна до крајот на годинава. Понудата треба да вклучува: Развивање и подготовка на прашалник. Истражувачката агенција во соработка со тимот истражувачи на МИМ ќе развие и ќе подготви прашалник; Дизајнирање репрезентативен примерок (број на испитаници, возраст на испитаниците, утврдување на времетраењето на анкетата); Спроведување на истражувањето на репрезентативен примерок. Истражувањето треба да се спроведе во текот на првата половина на декември 2022 година; Подготовка на извештај за наодите од истражувањето и вкрстување на податоците. Критериуми и рок за доставување на понудите На повикот може да учествуваат агенции за истражување кои имаат искуство со дизајнирање и спроведување телефонски анкети. Заинтересираните понудувачи можат да испратат понуда до МИМ исклучиво по електронски пат на следната е-пошта:  povici@mim.org.mk. Понудите треба да се испратат најдоцна до 30 ноември 2022 година (до 17:00 часот) и треба да содржат опис на услугата и цена. МИМ ќе одлучува врз основа на квалитетот на понудата, брзината на изработка, понудената цена и искуството на понудувачот. Kонтакт За повеќе информации: тел. 02 30 90 144 или на е-пошта: povici@mim.org.mk. Скопје, 16 ноември 2022  
Rovarot Iskustvoto Web 3

Документарен филм „Товарот на искуството“

„Товарот на искуството“ е документарен филм посветен на различните форми на вознемирување и закани врз новинарките при извршување на професионалните задачи. Преку личните приказни на новинарките Вања Стокиќ, Наташа Ковачев и Сербезе Хаџиај дознајте со што се соочуваат медиумските работници кога отвораат тешки теми, кога поставуваат провокативни прашања, кога го истражуваат системот, кога упатуваат на неправди. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Web Iz 1

Отворена изложбата „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

Во „Европска куќа“-Скопје/Europe House Skopje, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, синоќа ја отвори изложбата „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата претставува атрактивна и едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, коишто може да се постават во изложбени простори и да се посетат онлајн. Настанот го организираа Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми. Изложбата им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и корисничките навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување. Како дел од поставката подготвено е и Упатство за детоксикација од податоци, вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Како надополнување на изложбата ќе бидат организирани и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои ќе бидат опфатени теми поврзани со Упатството за детоксикација. Поставката во Скопје ќе биде достапна за посетителите во следните три месеци, а во текот на 2023 година ќе биде поставена и во просториите на „Европска куќа“/Europe House во Крива Паланка и во Струмица. Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн. Отворањето на изложбата беше завршен настан на Деновите на медиумска писменост 2022, во организација на Мрежата за медиумска писменост. На овој начин, нашата земја четврта година по ред се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, оваа година под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“. Детални информации за тимот и изложбата може да најдете на следниот линк.    
P D 1 26 10

Медиумска писменост - механизам за справување со предрасудите и стереотипите меѓу младите

Како образованиот систем и медиумите можат да придонесат во справувањето со стереотипите и предрасудите меѓу младите беше тема на панел-дискусијата „Преку медиумска писменост образуваме млади генерации без предрасуди и стереотипи“ што ја организираа Македонскиот  институт за медиуми и ИРЕКС. Наставници, новинари и активисти кои беа учесници на панелот споделија нивни искуства од работата со ученици, студенти и други групи млади кои се справуваат со стереотипи на најразлична основа, во реалноста и онлајн. Наставниците, професорите и граѓанските активисти зборуваа за механизмите во рамки на образовниот систем, додека новинарите дискутираа која е улогата на медиумите и на медиумската писменост во разобличувањето на овие феномени. Повеќе студенти и ученици присутни на настанот ја истакнаа важноста на медиумската писменост за личниот и професионалниот развој на младите, што е особено значајно за новата медиумска реалност во која живееме, но и за создавање кохезија во мулитиетнички општества како нашето. Присутните панелисти и гости ја нагласија потребата од вклучување на медиумската писменост во формалното и во неформалното образование, како еден од начините за справување со овие негативни феномени. Овој настан е дел од активностите на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, а се организираше во рамки на Деновите на медиумска писменост 2022.
JUNK FOLDER Cover

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – Филм за фабрикуваните содржини кои немаат крај

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) e документарен филм на режисерот Ален Шимиќ, во продукција на Медиацентар (Сараево), кој го обработува прашањето за тоа колку дезинформациите му штетат на професионалното новинарство, како професионалните истражувачки новинари и проверувачи на факти се борат со дезинформациите, како изгледаат лажните вести и кој стои позади нив. Дезинформациите се без граници, а темата на „Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – ширење дезинформации на Западен Балкан – го покажува токму тоа, но исто така покажува колку недоволната медиумска писменост е причина за ширењето дезинформации и за неможноста да се препознаат фабрикувани содржини. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Web Vest

Преку координираност и меѓусекторска соработка до зголемување на свесноста за имунизација и справување со дезинформациите

Потребна е стратешка комуникација на здравствените институции со јавноста и новинарите, подобра меѓуинституционална поврзаност и меѓусекторска соработка со цел да се подигне свесноста и информираноста за имунизација и за адресирање на дезинформациите. Неопходно е да се поттикне поголема вклученост на медиумите во едукативни активности за значењето на имунизацијата кај децата и кај општата популација и континуирано да се зајакнуваат капацитетите и информираноста на новинарите и на уредниците од оваа област. Ова се некои од препораките кои произлегоа од дискусијата во рамки на настанот „Справување со дезинформациите околу вакцинацијата – потреби и предизвици“, што го организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а со финансиска поддршка од УСАИД. Овој настан го означува почетокот на повеќе активности преку кои новинарите и претставниците на здравствените институции и други релевантни чинители треба да ја унапредат комуникацијата и да разменуваат искуства со цел зголемување на свесноста и мотивираноста на граѓаните за потребата од имунизација, како и за справување со дезинформациите од областа на здравството. Активностите ќе траат до ноември 2022 година и во нив ќе бидат вклучени новинари од најрелевантните медиуми во земјава, како и претставници од Министерството за здравство, Националната комисија за имунизација, Комисијата за заразни болести, педијатри, експерти за вакцини и експерти за медиуми и комуникации.
Teamwork Meeting

Предмет: Барање за понуда за подготовка и испорака на храна и пијалоци за обуки

Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Бирото за развој на образованието, во периодот од 22 август до 9 септември 2022 година организираат дводневни обуки за наставници (бројот на наставници, термините и градовите на одржување на обуките се дадени во прилог на барањето понуда). Понудувачот е дожен да подготви и обезбеди до утврдената локација наведена во анексот,* пакет намирници за секој учесник на обуката: Ладен сендвич (лепиња, кашкавал, говедска/пилешка салама, сезонска салата)/(или) пециво (пита, баничка) од 200 грама Безалкохолен пијалок од 500 мл Кафе *Називот на конкретните училишта во кои ќе се спроведуваат обуките и контакт личност ќе бидат обезбедени откако ќе биде избран понудувачот. Храната треба да е спакувана согласно стандардите за безбедност на храна, да има обезбедено хартиени/пластични чаши, спакувано кафе, шеќер и прибор за јадење. Понудената цена треба да ги вклучува сите трошоци на добавувачот (подготовка, пакување и дистрибуција на храната до наведената локација). Цената на понудата треба да биде изразена во денари (со одделно изразен ДДВ) и да се однесува на поединечен оброк за учесник. Понудите да бидат доставени на електронска адреса mim@mim.org.mk, најдоцна до 5 август 2022 година. АНЕКС176.67 KB
Prg 1 1

Новинари и уредници на студиска посета во Прага

Десетина новинари и уредници од Македонија, Србија и Косово беа дел од студиската посета во Прага од 13 до 16 јуни што се реализираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ во кој Македонскиот институт за медиуми е еден од партнерите. Целта беше преку посета на професионални и истакнати редакции во Прага, новинарите и уредниците да разменат искуства, информации и добри примери, што ќе можат да ги применат во редакциите во коишто работат. Учесниците се запознаа со процесот на производство на вести во неколку истакнати медиуми во Чешка, како што се неделниот магазин „Respekt“, дневниот весник за политика, економија и финансии „Hospodárske noviny“, националното чешко радио „Český Rozhlas“ и редакцијата на Радио Слободна Европа „Radio Free Europe/Radio Liberty”. На средбите се разговараше за уредувачките политики, како и за функционирањето на уредничката независност. Претставниците од медиумите зборуваа и за начините на кои медиумите се справуваат со дезинформациите и говорот на омраза, а се осврнаа и на механизмите преку кои се остварува интеракција со публиката. Во рамките на престојот во Прага, новинарите и уредниците имаа можност да се запознаат со концептите на конструктивно новинарство и медиумска критика како комплементарни и иновативни начини за зголемување на квалитетни содржини во медиумите.