Сите чинители и механизми да функционираат одговорно и посветено за унапредување на политичкиот плурализам

Се чита за 2 мин.

Политичкиот плурализам во медиумите е комплексно прашање и неговото поттикнување зависи од вклучување на повеќе релевантни чинители и различни механизми. Заради тоа треба да се овозможи доследно применување на законската регулатива, сите институции и тела кои имаат надлежности во областа треба да функционираат и доследно да ги спроведуваат своите обврски, саморегулаторното тело треба да продолжи со својата ангажираност, а медиумите треба да ја зголемат поддршката за неговата работа. Медиумските и граѓанските организации треба да вршат притисок и да се залагаат за промовирање на оваа цел, а ова прашање треба да се интегрира и во образовниот систем, како вредност за која ќе се залагаат новите генерации новинари и медиумски работници. Особено важно е да се зајакне свеста кај медиумите и медиумските сопственици, уредници и новинари, како и кај политичките елити кои треба да покажат демократски капацитет и да ги остават медиумите да функционираат независно.

Ова се некои од клучните поенти на конференцијата „Политичкиот плурализам во медиумското известување во период надвор од изборна кампања“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа.

Во македонското законодавство не се предвидени правила и норми во однос на обезбедување на политичкиот плурализам надвор од избори, додека во периодите на изборни кампањи ова прашање е регулирано со Изборниот законик. „Надвор од избори, најголемиот товар, односно најголемата одговорност паѓа на уредниците и на сопствениците на медиумите. По промената на власта (во 2016 година) имаше промени во начинот на известување кај медиумите. Но, останува да лебди прашањето дали во иднина, при некоја следна промена на власта, медиумите би фаворизирале повторно одредена политичка партија,“ вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, состојбата со политичкиот плурализам во медиумите во моментов малку е подобрена, но не и доволно: „Телевизиите со национални концесии се трудат да бидат внимателни кон почитувањето на политичкиот плурализам, но тоа докрај не им успева. Се' уште може да се зборува дека врз работата на медиумите влијаат нивните сопственици во спрега со главните уредници, а лукративно поврзани со некоја од политичките партии. Се' уште има изразена политичка поларизација на медиумите во зависност од тоа кои се нивни сопственици /.../ Посебна приказна во (не)почитувањето на политичкиот плурализам во медиумите е јавниот сервис. Тој отсекогаш бил диригиран од партиите на власт. Токму затоа, таму се потребни драстични промени.“

Експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг, предавач на Биркбек Универзитетот од Лондон, рече дека, во однос на состојбата во неговата држава, тој би можел да препорача да се основа независна комисија за плурализам, која би ги разгледала длабински сите прашања кои имаат влијание врз политичкиот плурализам во медиумите: „... Не само оние кои се однесуваат на непристрасност или недостиг од непристрасност, туку и на одржливоста, на различните типови медиуми, различните гласови во медиумите, треба да се осигура дека публиките во целост се изложени на различни мислења изразени во медиумите.“ Според него, таа комисија би дала препораки до владата и до собранието што треба да се промени во поглед на сите прашања специфични за еден национален контекст, како на пример – како се финансира и конституира регулаторот, кои му се надлежностите, во врска со неутралноста, субвенционирањето за непрофитните медиумите итн.

Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија.

Во прилог може да ја погледнете презентацијата на експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука.

 pdfJustin_S_Regulating for political pluralism on television553.33 KB