|
меѓународна конференција Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Мрежата од југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) на 16ти и 17ти мај во хотелот Холидеј Ин (Сала Милениум), во Скопје ќе ја организираат меѓународната конференција „Известувањето на медиумите за состојбата во Косово“. На конференцијата ќе учествуваат новинари, медиумски експерти, универзитетски професори од дваесетина земји од Европа. Во текот на двата конференциски денови тие ќе ги разменат своите видувања за начинот на кој медиумите во различни земји ги покриваа настаните кои се однесуваа на Косово, се до прогласувањето на независноста во февруари оваа година. Во рамките на овој проект ќе бидат спроведени и истражувања во 11 земји од југоисточна Европа кои ќе покажат како медиумите во тие земји известувале за чинот на прогласување на независност, но и за настаните поврзани со Косово во последниов период. Овие истражувања, од кои дел ќе бидат презентирани на Конференцијата, МИМ ќе ги објави во средината на оваа година. Конференцијата на 16ти мај ќе ја отвори Министерот за образование, Г-нот Сулејман Рушити кој ќе ги поздрави домашните и странски гости. Официјален јазик на конференцијата ќе биде англискиот јазик. Дневен ред
ОБУКА Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Европскиот центар за новинарство (European Journalism Centre) организираат тридневна обука за 12 новинари на тема „Истражувачкото новинарство и користењето на компјутери во новинарството“. Добрите новинарски стории денес често зависат од вештото пребарување, прибирање и анализирање на податоците во електронска форма. Збирот на вештини кои го вклучуваат користењето на интернет за собирање податоци и нивното анализирање со помош на компјутерски програми при изработката на новинарската приказна, се нарекува Computer Assisted Reporting или скратено CAR (Известување со помош на компјутер). Користењето на компјутерите е клучно и во истражувачкото новинарство и затоа CAR може да Ви помогне да направите значајни истражувачки приказни. На тридневната обука научете: • Што е истражувачко новинарство и зошто е битно • Како да ги најдете изворите • Техники на интервју • Како да креирате сопствена база на податоци и архива • Што е CAR и зошто е битно во новинарската работа • Авторски права на интернет Обуката ќе ја водат двајца долгогодишни новинари од Норвешка со големо искуство во користењето на техниките на CAR - Jan Gunnar Furuly, новинар од најголемиот норвешки дневен весник „Afterposten“, и Per Anders Johansen, главен уредник во вестите во Норвешкиот РТВ сервис (Norwegian Broadcasting Corporation). Обуката ќе се одржи од 9 до 11 мај 2008 во просториите на МИМ. Пријавувањето е до 24 април (четврток) 2008. Обуката е бесплатна, а МИМ ќе ги покрие трошоците за храна за сите учесници. За учесниците надвор од Скопје, ќе бидат покриени трошоците за пат и за престој. Сите заинтересирани новинари треба да пратат мејл на dandonov@mim.org.mk или да се јават на тел. 02 30 90 004. Со оглед дека бројот на учесници на обуката е ограничен, ќе бидат прифатени пријавите на новинарите кои први ќе се пријават.
ЗАКЛУЧОЦИТЕ ОД ТРКАЛЕЗНАТА МАСА На тркалезната маса: (НЕ)РЕГУЛИРАНОСТ НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ВО МЕДИУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, во организација на Македонскиот инстиут за медиуми (МИМ) на 10 април 2008 година, присутните новинари, уредници и сопственици на медиуми се согласија во неопходноста од формирање независен новинарски синдикат за заштита на работничките права во медиумската сфера. Дискусиите уште еднаш ја потврдија потребата за потпишување колективен работен договор од страна на работодавачите и медиумските работници со кој ќе се регулира најниската плата, работните односи, ќе се утврдат нормативи за определување на должината на работното време имајќи ја предвид специфичноста на новинарската професија, авторските права, можностите за до-обуки, со цел за професионализација на новинарите.Како една од опциите беше и донесување Закон за медиуми и спроведување на процесот на само-регулација во медиумите. Општ заклучок беше дека исклучиво од самите новинари зависи дали ќе се изборат за своите права. Претставниците на државниот инспекторат за труд потенцираа дека досега немаат ниту една претставка од новинар кој се пожалил на прекршувања на Законот за работни односи, додека претставниците на сопствениците на медиуми изразија подготвеност да преговараат за овие прашања по формирањето синдикат на новинари. Се наметна и потребата за едно подетално истражување за работните односи во земјава во кое освен новинари, ќе бидат вклучени сопственици на медиуми и останати медиумски работници. Исто така, беше истакнато дека МРТВ како јавен сервис е единствената медиумска куќа во која работниците имаат колективен договор, но поради моменталната финансиска состојба, правата на работниците недоследно се почитуваат. Оваа тркалезна маса е дел од активностите на Мрежата на Југо-Источна Европа за професионализација на медиумите (SEENPM). Како дел од овие активности е и истражувањето: „Работните односи и медиумите во Македонија“ што во име на МИМ го спроведе Институтот за демократија Societas Civilis Скопје. Истото истражување по иста методологија беше спроведено и во 11 земји-членки на регионалната мрежа на медиумски центри. Истражувањата „Работните односи во медиуми во Македонија“ ќе го најдете ТУКА. Целото истражување „Работните односи и медиумите во Југо-источна Европа“, можете да го најдете на следниов линк: http://ijc.md/Publicatii/resurse/Labor_Relations_and_Media.pdf
ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО ХОЛИДЕЈ ИН На 10 април, 2008, со почеток во 10 часот, Македонскиот институт за медиуми организира тркалезна маса за состојбата со работните односи во медиумите во Македонија. На средбата во хотелот Холидеј ин во Скопје ќе учествуваат сопственици на медиуми, уредници, новинари и други медиумски професионалци, кои ќе дебатираат за состојбите и слабостите во регулирањето на работните односи во медиумите во земјава, како и можностите за подобрување на ситуацијата. На тркалезната маса ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето: „Работните односи и медиумите во Македонија“, што МИМ го реализираше како дел од регионалните истражувачки активности на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ).
Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите за Најдобра истражувачка сторија за 2007 година. Годинава наградите ги добија следниве новинари: Најдобра истражувачка сторија за 2007: Борис Георгиевски, новинар од дневниот весник Утрински весник со темата „Случајот Ибраим Сулејмани“. Овој повеќедимензионален текст ни претставува една болна слика на македонското општество каде е многу лесно да се стане жртва, да се биде осуден под дискутабилни околности и во спротивност со законската регулатива. Сторијата ни открива едно судење кое се одвивало во тајност, судење во кое пресудата е донесена врз сомнително толкување на законите. Тое е случајот на Ибрахим Сулејмани, првиот осуден за воени злосторства во Македонија, кој веќе пет години е во затвор иако за експертите и од највисоките судски органи е се уште мистерија како е тоа можно, имајќи го предвид законот за амнестија од 2002 година. Целиот текст може да го најдете на следниве линкови: http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=A998BE349921524AA4F3A4CC223C3F0C http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=28734DAAFE7F6A47A65405EBA2936FFD http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=8B7DCA4F422AA743A465668BEAAFCFB0 http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=249C17848F280649A5337F0BDDDAC17F http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=34873AE5DB5CFD4BA0225521B44ECBC3 http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=0EBB0BBB9284714EAF5C52B673D1FA6E http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=D112D7B2A0264048814294C1BE687910 http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=284881F7507DD24685B472A8ABFE7A14 Втора награда: Маја Блажевска, А1 телевизија, за сторијата „Бездомник наместо милионер – приказна за Идриз Идризи од Мала Речица“. Маја Блажевска ни раскажува приказна за несудениот милионер од Тетово, истовремено правејќи паралела и парадигма за нефункционирањето на државните институции кои со децении одбегнуваат да ја видат голготата на обесправениот Идриз Идризи. На овој старец на кого државата пред четириесет години му ја одземала куќата во центарот на Тетово, никогаш не му била дадена соодветна компензација. Авторот успева од оваа приказна да направи прилог кој е и топол и горчлив и интензивен, оставајќи не самите од оваа неправда да извлечеме свои заклучоци за еден сериозен општествен проблем. Сторијата можете да ја најдете тука: http://media.a1.com.mk/members/prikazi80WM.php?klip=kod/kod-17-03.asx&naslov=%CA%EE%E4 Трета награда: Џелал Незири и Марјан Николовски за сторијата објавена во дневните весници Факти и Вечер „По трагите на корупцијата во верските институции во Македонија“. Џелал Незири и Марјан Николовски темелно разработуваат една мошне чувствителна тема, корупцијата во верските институции. Тие во својата сторија ни ги предочуваат сите сомнителни зделки на најголемите верски институции во Македонија МПЦ и ИВЗ, тргајќи го од нив превезот на недопирливост. Пораката која ја испраќа оваа сторија е дека во борбата против корупцијата никој не смее да биде поштеден. Сторијата ќе ја најдете на следниве линкови: http://www.vecer.com.mk/?ItemID=0345DCF5FD25B94DB3F69AEDC1973325 http://www.vecer.com.mk/?ItemID=06AABFDB1CFE654F8A4632FBAB9DEE96 http://www.vecer.com.mk/?ItemID=7B91B308F89ECA409AE64D08C5E5A175 http://www.vecer.com.mk/?ItemID=9516177948BC5F4D880497C65D42E437 Комисијата годинава одлучи да додели и Плакета за исклучителен придонес во развојот на истражувачкото новинарство во Македонија на информативната емисија КОД на А1 телевизија. Оваа емисија годинава остави посебен печат и отвори нова страница за македонското истражувачко новинарство. Линк до емисиите на КОД: http://media.a1.com.mk/members/kategorija.php?id=13 Одлуката за овогодинешните награди ја донесе независната комисија во состав: Александар Чомовски, уредник во телевизија А1; Љупчо Поповски, главен и одговорен уредник на дневниот весник Утрински весник; Назим Рашиди, радиодописник на БиБиСи; Фатос Муслиу, извршен уредник во МТВ на програмата на албански јазик и Зоран Андоновски; одговорен уредник на дневниот весник Нова Македонија. Комисијата во својата работа ги следеше следниве критериуми: Критериуми за истражувачка сторија. Оваа година на конкурсот кој беше отворен од 15-ти јануари до 15-ти февруари 2008 година, се пријавија вкупно 38 новинари и редакции со вкупно 64 стории објавени во медумите во Македонија во текот на минатата година. Наградата се доделува веќе седма година по ред со цел да го поттикне и промовира истражувачкото новинарство во земјава. Доделувањето на наградите годинава во целост го финансира Македонскиот институт за медиуми. Медиумската промоција беше помогната од Време, Дневник, Утрински весник, Вест, Шпиц, Факти, Радио Слободна Европа и ТВ Тера, Битола. Реализацијата на манифестацијата ја помогна Скопски саем.
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 25 март (вторник) во 11 часот, во Дипломатик салата на Скопскиот саем во Скопје, ќе ги додели новинарските награди од конкурсот „Најдобра истражувачка сторија - 2007“. Наградите се во висина на: I. Награда: 30.000 денари II. Награда: 20.000 денари III. Награда: 10.000 денари На конкурсот „Најдобра истражувачка сторија - 2007“, аплицираа 38 новинари и редакции со вкупно 64 стории објавени во медумите во Македонија во текот на минатата година. Наградата се доделува веќе седма година по ред и има цел да го поттикне и промовира истражувачкото новинарство во земјава. Годинава, доделувањето и организацијата на наградата, во целост е финансирана од Македонскиот институт за медиуми. Медиумската промоција беше помогната од Време, Дневник, Утрински весник, Вест, Шпиц, Факти, Радио Слободна Европа и ТВ Тера, Битола. Реализацијата на манифестацијата ја поддржа Скопски саем.
На 21 март (петок) во 11:00 часот, во Хотелот “Best Western“ во Скопје, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ќе го промовира најновото издание од Едицијата МИМ, прирачникот за новинари: „Полицијата и судството како извори на информации “ Aвтори на овој прирачник се судиите во Врховниот суд, д-р Драган Тумановски и Агим Мифтари, Горан Павловски од Министерството за внатрешни работи и новинарот Сашко Димевски. Изданието го уреди Билјана Петковска, програмски раководител во МИМ. Оваа публикација претставува практичен водич со информации кои му се неопходни на секој професионален новинар што известува за работата на полицијата, на обвинителите и на судиите во Република Македонија. Прирачникот е испечатен во 500 промероци, кои бесплатно ќе им бидат доставени на сите легално регистрирани медиуми и редакции во Р.Македонија. Издавањето финансиски го поддржа Британската амбасада. Ги покануваме сите заинтересирани медиумски професионалци да присуствуваат на настанот. Прирачникот можете да го симнете ТУКА.
ЕДНОГОДИШНА ШКОЛА ЗА НОВИНАРСТВО Зошто Македонија треба да се дигитализира и што добива македонскиот гледач/слушател со овој задолжителен процес, беше дел од излагањето на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески пред студентите на Едногодишната школа за новинарство. Тој им ги предочи тековните активности на ресорното министерство, Советот за радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации за спроведување на дигитализацијата која што се очекува во Македонија да заврши до 2012 година. Стана збор и за очекуваното зголемување на медиумскиот пазар, па оттука и можноста за специјализација во различни сфери во новинарството. На крајот од средбата, студентите и министерот Јанакиевски отворено дискутираа за актуелната состојба во медиумите во земјата, предизвиците со кои се соочуваат новинарите во секојдневните обврски, како и неопходноста за подигнување на нивото на професионалност и објективност.
горе
|