Отворена изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“
Новости

Отворена изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“

Во следните два месеци во „Europe House“ Скопје, сите заинтересирани посетители ќе може да ја погледнат мултимедијалната изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет - стапица за вашите лични податоци“. Изложбата се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет. На отворањето на изложбата, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, истакна дека е многу важно корисниците да бидат свесни како ги споделуваат своите податоци онлајн и додека ги користат дигиталните уреди. „Пораката не е дека не треба да ги користиме дигиталните уреди, туку како да бидеме свесни дека треба попаметно да ги користиме“, посочи амбасадорот Гир. Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел - да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн. Посетителите на изложбата ќе можат да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци. Изложбата ја организираат Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

Се чита за 0 мин.
Медиумски клубови во 40 основни и средни училишта
Едукација

Медиумски клубови во 40 основни и средни училишта

Четириесет основни и средни училишта ќе добијат поддршка за основање и функционирање на медиумски клубови преку Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Медиумските клубови ќе почнат да работат од ноември, а целта е учениците да научат како да создаваат веродостојни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот, ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Со цел успешно да се реализираат активностите, на 10 и 11 ноември 2023 година беше спроведена дводневна обука за наставниците кои ќе ги водат медиумските клубови. Притоа, им беа презентирани теми и активности кои што се дел од предлог-програмата што ќе можат да ја користат при работа во медиумските клубови. Обуката ја водеа тројца обучувачи за медиумска писменост - Тамара Ќупева, Драгана Ѓореска и Сефер Тахири, со долгогодишно искуство во областите на образованието, новинарството и медиумската писменост. Оваа активност во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ ја спроведуваат ИРЕКС, МИМ и МОФ.

Се чита за 0 мин.
Кога ни 304 милиони евра не нѐ „дразнат“
Активизам

Кога ни 304 милиони евра не нѐ „дразнат“

Јавниот долг на државава се намалил на 55,8% од бруто-домашниот производ. Оваа вест на 31 октомври 2023 година, кога беше објавено соопштението на Министерството за финансии, ја пренесоа само пет онлајн медиуми. И добро, ќе рече некој, зошто би нè интересирало тоа. Секако должиме многу, па дали се намалил долгот за 2,1 процентен поен во однос на вториот квартал, не ни значи ништо. Непренесувањето во повеќето медиуми, се совпадна со моето мислење дека на оваа тема малку се пишува во последно време. Чат-пат некој економист ќе има некоја добра и издржана анализа, но авторски новинарски производи како да нема доволно. Секако, едно е да се мисли, а друго е дали тоа е точно. Пребарувајќи низ еден од најголемите агрегатори на вести во државава, колку пати јавниот долг е споменат во некој новинарски текст, утврдив дека од 1 јануари годинава до 2 ноември имало 280 текста, од кои 104 или 37,1 отсто биле за домашниот јавен долг. Најмногу текстови има кога или претставник на власта презентира колкав ќе биде јавниот долг и како планира да се намали, или кога опозицијата алармира дека нивото на задолженост е превисоко и се загрозува економијата, но и економската иднина на државава. Значи, кога политиката ќе земе главен збор, има дузина вести за јавниот долг. Но, по информацијата за намалување на јавниот долг во третиот квартал, молк. Ем опозицијата молчи, што е и разбирливо бидејќи ѝ оди во прилог на власта, ем и власта нешто не се фали. А ако некој го отвореше сајтот на Министерството за финансии, не верувам дека ќе му побегнеше еден податок. Тоа е дека во третите три месеци од годинава, односно во јули, август и септември, првпат по 2008 година, вратени се пари кон кредиторите. Едноставно, исплатени се 304 милиони евра и долгот е намален за овие реални пари. Значи, последен пат ова се случило пред 15 години кога имавме реално намалување на јавниот долг. Извор Министерство за финансии (октомври 2023) Во оваа деценија и пол имало намалување на долгот, но тоа се засноваше на растот на бруто-домашниот производ во однос на задолжувањето. Односно, долгот не паѓаше во апсолутните бројки, напротив се зголемуваше, но БДП во некои од годините растеше и учеството на долгот процентуално се намалуваше. Едноставно, не се враќаа пари, а јавниот долг се намалуваше во 2017, 2022 и во првиот квартал од 2023 година. Ова враќање 304 милиони евра е апсолутен рекорд досега. Во периодот кога реално сме враќале пари односно сме се раздолжувале, од 2005 до 2008 година сме вратиле вкупно 434 милиони, но за три години. Вратен долг по години Година Износ во милиони евра 2006 174 2007 248 2008 12 ----------------------- ВКУПНО: 434 Сево ова ни отвора неколку прашања и проблеми. Прво. Дали е можно никој од колегите да не го забележал ова? Можно е. Едноставно, здраво за готово е земено соопштението на Министерството за финансии и е пренесено интегрално. Веројатно добар дел од колегите, преоптоварени од дневни ангажмани и настани, не ни забележале дека некако сме вратиле 304 милиони евра. Можно е и дел од уредниците да процениле дека оваа тема и не е така важна, бидејќи кого таму интересира јавниот долг или бидејќи е добра вест, нешто се намалило, а не се цените на храната, па нема што да се бара дополнителна информација. А дека требаше да се праша, требаше. Зошто? Едноставно, од каде толку пари да се вратат. Досега јавниот долг се рефинансираше, односно ако доспева некоја обврзница или треба да се врати рата од кредит, се задолжувавме со истата сума и долгот во апсолутен износ си остануваше. Овде имаме враќање, што значи дека на некоја сметка имало 304 милиони евра. Дали тоа бил некој неискористен кредит, па само сме го вратиле? Односно парите биле земени, непотрошени, па вратени бидејќи немало ништо од проектот? Кој е тој проект? Дали сме платиле камати за нешто што не сме успеале да потрошиме? Има многу прашања за кои од соопштението на Министерството за финансии, не може да се дадат одговори на овие дилеми. А може сево ова е привремено и повторно ќе се задолжиме со 304 милиони за да се покрие оваа дупка? Затоа одговорите требаше да ги побараме ние, новинарите. Тоа го можевме, но не го сторивме. А имавме пенал за шутирање. На 2 ноември министерот за финансии имаше брифинг за новинарите каде што можеше да се постават сите прашања. Но, на тој брифинг беа само шест новинари од пет медиуми. Неверојатно. На брифинг на министер за финансии, во време кога се подготвува буџетот за 2024-та, кога имаме борба околу „солидарниот данок“, па околу платите во самото министерство што се оспорени пред Уставниот суд и ред други актуелни прашања, меѓу кои и јавниот долг, да дојдат само шест новинари од две национални телевизии, два портала и од Македонската информативна агенција, до пред пет-шест години беше незамисливо. Но, еве, сега е неверојатно реално. Второ. Дали целта на новинарството остана да информира? Сево ова нè носи можеби кон главниот проблем што се детектира, а тоа е дека македонското новинарство во моментов ја напушти својата основна функција, а тоа е да информира. Да обработи и да пренесе основна информација. На публиката да ѝ соопшти што се случува и зошто е тоа така. И ова е сериозен проблем. И не само околу јавниот долг. Ние трчајќи зад нашата претстава, многу често и непрецизна, што го интересира гледачот, не ја креваме рачната кочница и не си велиме, ало бре, пред да анализираме, дај да информираме. Да прашаме јасно и гласно и одговорот да го пренесеме. Ова многу добро се виде и на 26 октомври, кога на еден настан на кој беше присутен министерот за економија Крешник Бектеши и многу претставници на фирми што произведуваат, дистрибуираат и продаваат храна, требаше доста време да се утврди дека во маркетите смее да има акции на сите производи, освен на оние на кои им истекува рокот. Сè што беше нејасно речиси цел месец, се разјасни за помалку од еден час. Ама со посветено барање одговори. Во овие два настана освен ние новинарите, кои во брзањето и дневното толчење од многубројните ангажмани немаме време да ги седнеме министрите и како на мали деца да ни објаснат за сè, потфрлаат и самите институции. Министерот за финансии Бесими имаше можност пред новинари да објасни за јавниот долг и без да биде прашан, но не го искористи тоа. Но тоа е далеку помал пропуст од тоа што ние новинарите не ги користиме настаните да дојдеме до вистинските одговори. Трето. Дали во суштина станува збор за таканаречено „мрзливо“ новинарство? Пред да го пишувам текстов, мислев дека ова се должи на таканареченото „мрзливо“ новинарство или известување по линија на помал отпор. Но, на брифингот со Бесими, сфатив дека не е до новинарите. Едноставно, прегреани се. Мојот новинарски пример, човекот како кој би сакал да бидам како новинар, беше на настанот. Тој точно знае што значи јавниот долг и од него сум учел што е тоа. Но, кога ми спомна што сè работел дента и колку обврски има, а и кога ги видов и другите многу ценети колешки и многу драг помлад колега што сè треба да сработат и какви обврски и грижи имаат, едноставно нема ништо од „мрзливото“ новинарство. Денот нè меле. Нè толчи. И затоа имаше само шест новинари. Другите ринтаа други прилози. Поголем дел од нив знаеја колку е важен брифингот, за што зборува колку објави имаше на тема Буџет 2024 година. 28 објави. Решение? Дали може реално да се подобри информирањето во областа на економијата? И да и не. Вистинско решение, формирање економски редакции со цела структура на поделба по ресори, веќе е анахроно. Барем кај нас. Но, може да се најде сурогат решение, што ќе премости дел од слабостите. Основно е креаторите на уредувачката политика, значи уредниците што решаваат што ќе има во вестите, а кои, за жал, ретко се економски новинари, далеку повеќе да се потпрат врз судот на новинарите што следат економија. И по цена дента да немаат прилог, и по цена во вестите да се нема она што се има кај другите медиуми или она што се појавува на агрегаторот на вести, колегите нека одморат. Тие нека предложат тема. Да не се сосечуваат во корен ако нивното не се поклопува со идејата на уредникот. Нека имаат свој агол на денот, на економијата. Нека добијат порив за да работат. Верувајте, ефектите брзо ќе се почувствуваат. Исто така, мора да се градат новинари со специфични знаења. По сектори. Тоа мора да се врати. Ова би биле брзи, какви-такви решенија. А за крај, одговорот кои се тие 304 милиони евра... Па од буџетот, што значи дека во наредниве два месеци ќе имаме ново задолжување од цирка 200 до 300 милиони евра што значи дека јавниот долг ќе се врати на старото ниво. Но, за ова веќе требаше да информираме. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.

Се чита за 6 мин.
Убиствата што таблоидизираа одредени професионални медиуми
Активизам

Убиствата што таблоидизираа одредени професионални медиуми

Известувањето на регионалните медиуми за двата сериозни случаја - трагедијата во Цетиње, Црна Гора и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Скопје и Велес, Северна Македонија, посочува на сериозна таблоидизација на Западниот Балкан. Меѓутоа, истражувањето направено од Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје) покажува дека црногорските етаблирани медиуми покажале капацитет за професионална воздржаност, додека, пак, Северна Македонија се борела со сензационалистички тенденции. Пишуваат: Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје) ПРЕДИЗВИЦИ ЗА МЕДИУМИТЕ Најголемата трагедија во поновата црногорска историја се случи во Цетиње на 12 август 2022 година, кога во масовно убиство беа убиени десет лица, а единаесеттиот - убиецот Вук Бориловиќ беше усрмтен од полицијата. Во престрелката која траела околу 40 минути биле ранети шест лица. Според податоците на медиумските тела и здруженија, етаблираните медиуми во Црна Гора известувале професионално, потпирајќи се на официјални извори и податоци, без да изнесуваат непроверени информации. Веднаш по првите истрели во престолнината (поранешниот главен град) на Црна Гора, медиумите објавија информација дека пукањето е во тек, а со оглед на тоа дека се случува невидено масовно злосторство, регионалните медиуми ја пренесоа информацијата што ја објавија колегите од Црна Гора. Новинарите и уредниците на медиумите кои известуваа за злосторството имаа голема одговорност бидејќи граѓаните беа многу вознемирени. Ова особено е важно поради тоа што службените лица ѝ се обратија на јавноста само неколку часа подоцна. Сепак, медиумите не се натпреваруваа за тоа кој прв би објавил некаква информација, дотолку што во првите часови не објавуваа ни вести на нивните Фејсбук-профили, што посочува на тоа дека се грижеле за ширењето контроверзен говор. Од друга страна, во случајот со двократното убиство во Скопје и Велес, социјалните мрежи беа преплавени со лажни профили кои посочуваа дека ја знаат локацијата на младата жртва, како и политичари кои лажно тврдеа дека имаат инсајдерски сознанија за сторителите. Во трагичен пресврт на настаните, властите ги открија телата на двете жртви набрзо неколку дена по одекнувањето за трагедијата во јавноста. Жртвите беа идентификувани како 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше пријавена за исчезната и 74-годишниот Панче Жежовски, пензиониран бербер од Велес, кој исчезнал неколку дена пред Ѓорчевска. Главниот осомничен, Љупчо Палевски, бизнисмен и десничарски активист, беше уапсен во Турција. Заедно со Палевски, осомничени беа уште неколкумина други. Дезинформациите и шпекулативните теории почнаа да кружат речиси веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Ѓорчевска на 27 ноември. Еден политичар од мала македонска политичка партија, објави провокативна порака на социјалните мрежи. Тој тврдеше, еден ден пред да бидат откриени телата, дека осомничените биле ослободени од полициски притвор и им било дозволено да избегаат во Косово. Оваа објава инсинуираше дека виновниците се етнички Албанци, тврдење кое подоцна се покажа како неточно. Тогаш полицијата само потврди приведување на пет лица и извлекување на возило. Ваквото тврдење беше преземено од српски онлајн-медиуми, а чиишто написи веќе не можат да се најдат на нивните веб-страници. Со оглед на етничкиот состав на Северна Македонија, каде Албанците се втора по големина етничка група, ваквите непроверени тврдења имаа потенцијал да разгорат етнички тензии. Следствено, Министерството за внатрешни работи постапи брзо за да ги отфрли овие неосновани наводи, имајќи на ум дека веднаш ваквите теории беа прифатени и во српските медиуми, кои пак, извршија влијание врз македонските. Српските, а и босанските медиуми имаа опсежни анализи (особено телевизиски емисии), со времетраења и над еден час, со разни експерти, криминолози, психолози и уредници на интернет-портали, од кои повеќето имаа заеднички зборови во насловите: „мистериозни нешта“, „чудни околности“, „несфатливи чекори“ и слично. „ЛАЈКОТ“ - ПОВА ЖЕН ОД ПОСЛЕДИЦИТЕ Експертите како проф. д-р Жанета Трајкоска – директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, укажаа на потребата од основна новинарска етика во образованието и практиката. „ Никогаш не може да генерализаме . Тие што се сметаат за професионални медиуми ги почитуваа препораките и ги почитуваа станда р дите за известување за ваков тип настани, посебно кога е во прашање малолетно дете . Другите, за жал , се фокусираа на лајкови и кликови не мислејќи на последиците и печатот што го оставаат врз јавноста, но пред сè на блиските роднини и пријатели на двете жртви. “ – рече таа. Таа потенцираше дека трендот на таблоидизација не е ограничен само на Македонија, туку дека со воочило како тоа влијаело и на регионот: „ … па дури и ценетион „ Утрински “ (н.з. „Јутарњи“) кој ги пренесе и „чаршиските“ муабети и теории на заговор и што зборувале лу ѓ ето на пазар, таксистите итн... тотално непотребно и некорисно за известување за овој грозоморен случај. “ . Таа посочува дека за медиумите проблем е молкот на институциите, но, сепак мора да се земе предвид и спецификата на злосторствата - киднапирање, убиство и најстрашното - убиство на малолетно девојче. „ Правилата се јасни - не објавуваш непот в рдени информации, не креваш паника со своите написи, не дозволуваш родителите прво да дознаат од медиумите , но и ја почитуваш нивната болка и специфичноста на случајот. Сè е напишано и регулирано од професијата - треба само да се применува и почесто да се потсетуваме на правилата. “ – појасни Трајкоска . Кога станува збор за трагедијата на Цетиње, главно таблоидите од Србија, но и српски телевизии со национална фреквенција беа тие кои главно објавуваа непроверени и сензационалистички информации. Поради ова, Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ) на Црна Гора донесе одлука да ја замре ТВ „Пинк“ на шест месеци, поради емисијата која во Србија ја води популарната водителка Јована Јеремиќ, а во која гостин ѝ беше приватниот детектив Браца Здравковиќ, кој зборуваше за наводните причини за трагедијата во Цетиње. Агенцијата посочи дека со ова емитување е прекршена Конвенцијата за прекугранична телевизија, во делот што се однесува на обврската за почитување на човековото достоинство и основните права на другите. Советот на АЕМ заклучи дека во оваа емисија радиодифузерот „недвосмислено ја потврдува намерата да го привлече вниманието на гледачите на сензационален и провокативен начин, без причина да го загрози достоинството и приватноста на жртвите и членовите на нивните семејства“ . Јеремиќ на 27 август 2022 разговараше со својот гостин за наводните вистински причини за масакрот, кои ги дознале од соседите на жртвите и убиецот од Цетиње. Водителката изнесуваше заклучоци за мотивите на убиецот, а „приватниот детектив“ детали за семејството на злосторникот и неговите жртви. Истата водителка, година дена подоцна, на 9 декември 2023 ги шокираше гледачите во Северна Македонија и во Србија, кога во утринската програма ја донесе својата малолетна ќерка во сегментот од емисијата каде тема беше убиството на Вања. Истражувањето покажа дека најмногу непроверени и сензационалистички информации за случајот со трагедиите во Црна Гора и Македонија објавувале истите таблоиди. Таблоидите ширеле теории на заговор, објавувајќи залажувачки наслови. ЗЛОСТОРСТВАТА – ХРАНА ЗА ТАБЛОИДИТЕ Аналитичарот Марко Бановиќ од Центарот за дигитална форензика (ДФЦ) во Подгорица, кој се занимава со дезинформации и лажни наративи, како и со странски влијанија врз медиумите, посочи дека медиумите во Црна Гора интензивно известувале за масовното убиство и за трагедијата во Цетиње, и иако имало одредени пропусти во известувањето, сепак во содржината во најголема мера не бил забележан сензационализам, релативизирање или говор на омраза. „Повеќето медиуми се обидуваа навремено и објективно да известуваат за сите случувања, пренесувајќи официјални соопштенија од институции и изјави, како и реакции на претставници на институции, политички актери и организации.“ - рече тој. Забележано е таблоидно и пристрасно известување од одредени медиуми во Србија („Информер“, „Курир“, „Блиц“) - сензационалистички наслови за настанот, описи од местото на настанот, карактеризација на напаѓачите. „Српските медиуми селективно ги презентираа фактите, односно истакнуваа информации кои поткрепуваат одредени тези кои би предизвикале поголема реакција кај јавноста, а со тоа и поголема читаност и гледаност. Информациите што не ги потврдија нивните тези и наративи, тенденциозно беа изоставени. Тука се воочуваше и емотивен начин на известување, кој може да биде особено опасен во такви ситуации.“ - истакнува Бановиќ . На прашањето за да го искоментира фактот дека во Црна Гора нема таблоиди и дека нема такви што биле основани за на долг рок, тој одговара дека е точно, но дека е забележливо дека има портали кои известуваат и пласираат содржини кои имаат таблоиден карактер. „Најочигледни примери за тоа се „Борба“ и „ИН4С“, кои многу често пласираат наративи и известуваат на сензационалистички начин со кликбејт-наслови. „ИН4С“ и „Борба“ се препознаени како портали кои генерираат и дистрибуираат дезинформации, а со тоа го манипулираат јавното мислење во Црна Гора. Тие портали се поврзани со портали од Србија и ги пренесуваат нивните таблоидни содржини. Координирано делување на тие портали има за цел да ја измами јавноста, да создаде поделби и да ги подигне тензиите во општеството.“ - смета Бановиќ . Тој нагласува дека во Црна Гора често се игнорираат таблоидните и несоодветните содржини кои се објавуваат преку социјалните мрежи и другите онлајн платформи. „ Конкретен пример е У тринската програма на Телевизија „ Пинк “ , која извесен период доби забрана за емитување поради несоодветно известување за трагедијата во Цетиње. Кабелските оператори ја почитуваа одлуката на регулаторот, но граѓаните на Црна Гора можеа да ја следат утринската програма на „ Пинк “ на социјалните мрежи и на ЈуТјуб-каналот на таа телевизија. Дури и ем исијата поради која што беше забран ета „ Пинк “ сè уште е достапн а на ЈуТјуб . Ист е случајот и со ТВ „ Хепи “ чија У тринска програма исто така беше забранета шест месеци. Ова е нешто на што мора да се посвети особено внимание, имајќи предвид дека сè поголем број млади ги користат онлајн - платформите како средство за информирање .“ - апелира тој. Ранко Вујовиќ , извршен секретар на Советот за саморегулација на медиумите од Црна Гора, вели дека големите трагедии и злосторства често се „храна“ за многу таблоиди во светот. Тој нагласи дека Црна Гора нема класични таблоиди, што не значи дека нема повремено таблоидно известување во медиумите. „ Трагедијата во Цетиње во 2022 година е едно од најголемите масовни убиства во Црна Гора. Мониторингот на медиумите не утврди поголемо прекршување на Кодексот на новинарите од страна на медиумите кои известуваа за оваа трагедија. Но, медиумите од Србија, како и обично, се натпреваруваа што побрзо да објават информации за ова злосторство, што доведе до објавување неточни и непроверени информации. Во тоа п редводеа „ Курир “ , „ Информер “ и „ Блиц “. “ - изјави Вујовиќ . Вујовиќ рече дека таблоидните медиуми споделуваат најниски човечки страсти и нагони, обидувајќи се да заработат пари од тоа. „Тие го воведуваат принципот дека во медиумите сè е дозволено, со што се губи основната човечка улога на медиумите. Кога станува збор за конкретна трагедија, тука таблоидите се појавуваат во улога на мршојадци кои се хранат со туѓи несреќи и се обидуваат да заработат од нив. Трагичните приказни се детално искористени и на тој начин ужалените членови на семејството се доведуваат во ситуација повторно да ја преживеат трагедијата на своите најблиски. Идентитетот на жртвите се објавува без резерва, спротивно на принципите на Кодексот на новинарите. “ - рече Вујовиќ . На прашањето за тоа зошто таблоидите никогаш не успеале да опстанат во Црна Гора, тој одговори дека тоа е поради тоа што ова е сè уште мала патријархална заедница и фактот што луѓето, скоро и да се познаваат сите меѓусебно. „ Етичките принципи во Црна Гора сè уште се силни, така што таблоидн ото роварење н из животите на жртвите би предизвикал колективен бунт на заедницата. Да се потсетиме дека неодамна во Белград беа организирани неколкудневни протести против одредени таблоиди и нивниот начин на известување .“ - објасни Вујовиќ . ОНЛАЈН-ПРОСТОРОТ Е ЧЕСТО БЕЗ ИНТЕГРИТЕТ Новинарот Саше Димовски , кој е и претседател на Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) посочува дека за таблоидизацијата на медиумите треба да се бара внимание и од државата, како и промена на законите за медиумите. „Мора да се знае кој стои зад онлајн-медиумите. Сега, во морето на нерегулиран простор, за жал, никнуваат секојдневно разни медиуми, без новинари, без сопственици, а кои најчесто се користат за политичка пресметка.“ – вели тој. Со оглед на напливот на сензационализам и дезинформации во случајот на двократното убиство, Димовски ги проблематизираше неподнесувањета претставки за новинарските написи, посочувајќи конкретни мерки за зајакнување на новинарскиот интегритет и довербата на јавноста. „Советот на честа при ЗНМ, како саморегулаторно тело веднаш реагираше со соопштение кога забележа дека одредени портали објавија дека „девојчето е живо и се наоѓа во џамија во соседна земја“, без да направат елементарна проверка на информацијата. Одговорноста на медиумите во вакви случаи е голема и не смее да се преземе сè што ќе се објави на Фејсбук без да се провери, и ги повикавме сите граѓани, доколку забележат прекршување на Кодексот во известувањето за овој случај да поднесат претставка.“ – истакнува тој. За жал, како што додава, Советот не добил претставки, што би значело дека граѓаните или не ги препознаваат сензационализмот и дезинформациите - или се рамнодушни кон сè што се случува или објавува и немаат желба, преку личен пример, со посочување на овие појави да се подобри медиумското известување. Димовски вели дека шпекулациите и сензационализмот како трка за кликови во вакви случаи се погубни за сите нас и мора да се внимава и на презумпцијата на невиност и на другите законски ограничувања за да не ѝ се наштети на истрагата. „Имаше многу емоции од страна на новинарите, кои подоцна се извинуваа дека биле понесени од случајот, но, новинарите мора да се свесни дека за да бидат на висина на задачата, мора да ги совладаат своите емоции и да бидат професионални. Не се дозволени испади кон осомничените, ниту плачење пред камера, независно од тежината на случајот. Медиумите на вакви случаи треба да проценат кого испраќаат да известува. Етичката дилема што останува е дали и натаму треба да се објавува фотографијата од Вања, без заштитен лик, дури и откако се утврди дека таа не е жива. Бидејќи жртвата има и семејство, помлада сестра, на која како да заборавија сите.“ – рече Димовски . ПРОМЕНА НА ЗАКОНСКИТЕ РАМКИ Ширењето дезинформации во случаите во Цетиње, Скопје и Велес го отвори прашањето за тоа кои промени на законските рамки може да влијаат на зајакнувањето на етичкото новинарство. Новинарот Васко Маглешов кој е и претседател на Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија вели дека дезинформациите главно беа дисеминирани во т.н. „информациско окружување“, односно во сферата на социјалните мрежи. „Таму е најголемата „загаденост“. Зад тастатурата секој може да сподели информација, секој може да биде „експерт“ за одредена област. Сметам дека нема потреба од законска интервенција, бидејќи тоа е „лизгав терен“. Но, неопходна е проактивната улога на истражните органи преку редовно информирање за случаите кои ја интересираат јавноста за да се спречи креирање паника кај граѓаните. Во ера на масовно користење на социјалните мрежи, можеби треба да се размисли за тоа институциите од правосудството своите соопштенија да ги пласираат токму таму. Онаму пак, каде што е евидетно дека има намера и некому да се наштети или да се шири говор на омраза, би требало промптно да реагира Министерството за внатрешни работи.“ – подвлекува Маглешов . Кога станува збор за Црна Гора, ширењето дезинформации и лажни вести кои предизвикуваат паника и неред е кривично дело според Кривичниот законик. Неодамна усвоената медиумска стратегија предвидува формирање на мрежа, автономна институција, која според замислата треба да се бори против дезинформациите, говорот на омраза и вознемирувањето на интернет. Неѓељко Рудовиќ , директор на Дирекцијата за медиуми во црногорската агенција МИНА, рече дека мрежата ќе следи, ќе ја информира јавноста и ќе презема чекори против оние чии адреси шират дезинформации и дека тие што се занимаваат со тоа ќе бидат јавно посрамотени. Тој објасни дека мрежата е пробно конципирана така што универзитетите ќе бидат носители на активноста, а заедно со невладиниот сектор, медиумите, медиумските здруженија, обвинителството и судството ќе формираат управен одбор. Рудовиќ посочи дека традиционалните медиуми кои ја добиле довербата на граѓаните се најчитани и најгледани во Црна Гора. „Затоа што чесно се однесуваат кон својата работа, го почитуваат новинарскиот Кодекс и не дозволуваат новинарите да бидат злоупотребени. Во Црна Гора највлијателни медиуми се оние кои се придржуваат до Етичкиот кодекс.“ - рече Рудовиќ . Дополнува дека таблоидите во Црна Гора не создаваат јавно мислење, но дека оние од регионот, како и социјалните мрежи претставуваат голема опасност. Во Црна Гора одамна не постои единствено тело за саморегулација, а истражувањето на Институтот за медиуми покажа дека саморегулаторната практика е слаба. Со таблоидизацијата, се согласуваат нашите соговорници, сериозно ни се заканува поткопување на интегритетот на сите медиуми. Ако ваквите случаи нè не освестат да креираме посериозен пристап во информирањето, не можеме да зборуваме за доверба во медиумите, додава Претседателот на Советот на честа при ЗНМ, Димовски. „Во иднина, можеби треба да се размисли за покренување постапки по службена должност од саморегулаторните тела, како начин на посочување „со прст“ кон сите кои го прекршиле Кодексот на новинарите, кој забранува сензационалистички пристап при известување за несреќи и судски постапки. Саморегулаторните тела мора да го прошират својот домен на постапување, со формирање на секретаријат во рамки на овие тела, професионално тело што ќе прави мониторинг и ќе посочува на повредите, сè додека не се подобри медиумската писменост генерално, за да можат граѓаните да разликуваат на кого може да му веруваат.“ – сподели тој. Иднината бара засилена посветеност на етичкото новинарство, силни образовни стратегии и ефективни регулаторни рамки за борба против сензационализмот и таблоидизацијата, како и поддршка на кредибилитетот на медиумите во регионот. Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ). Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на СЕЕНПМ и НЕД.

Се чита за 11 мин.

Најново видео

Галерија

Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ 20230321-16 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ 20230321-20 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ 20230321-104 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“ 20230321-106 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2022“

Тековни проекти